„Ана Каренина“ (покрај „Војна и мир“) е најпознатиот роман од големиот руски реалист Лав Толстој.
Романот содржи 8 дела, а во мотото стои познатата реченица:
„Сите среќни семејства прилегаат едно на друго, сите несреќни семејства се несреќни на свој начин.“
Ова јасно укажува дека романот е семеен, фокусиран на неколку семејства, не само на Каренини, но и роман кој реално го прикажува руското општество во 19 век.
Ликови во романот „Ана Каренина“:
Ана Каренина
гроф Алексеј Каренин – нејзин сопруг
Серјожа – нејзин син
кнез Стива Облонски – нејзин брат
Доли (Дарја) Облонска – негова сопруга
Кити (Катерина) – сестра на Доли
Костја Левин – другар на Стива
гроф Алексеј Вронски
и други.
Прочитај за ликовите во романот „Ана Каренина“
Содржина
1 дел
Романот започнува со братот на Ана Каренина, Стива Облонски. Тој ја изневерил својата сопруга Доли со гувернантата. Заради тоа, таа и целото семејство страдаат. Стива, пак, ги известува дека од Петербург, кај нив во Москва, доаѓа неговата сестра Ана. Таа доаѓа за да зборува со Доли и да се обиде да ја убеди да му прости на Стива и да го спаси семејството.
.
Во меѓувреме, Константин (Костја) Дмитриевич Левин, пријателот на Стива од детството, пристигнува во Москва. Тој дошол за да ја запроси најмладата сестра на Доли, принцезата Катарина Александровна Шчербачки (Кити).
Левин е страстен, немирен, но срамежлив аристократски земјопоседник, кој за разлика од неговите пријатели од Москва, избира да живее на село на својот голем имот. Тој дознава дека има ривал за бракот со Кити, грофот Алексеј Вронски, воен офицер.
.
Чекајќи ја Ана Каренина на железничката станица, Стива го запознава Вронски, кој е таму за да ја пречека својата мајка, грофицата Вронска.
Ана и грофицата Вронска патувале заедно во исто купе. Откако секој ќе се најде со своите, а Вронски ја гледа Ана за првпат, умира железничар, ненамерно паѓајќи пред возот. Ана тоа го толкува како „лош знак“.
Вронски е фасциниран од Ана, која, пак, е загрижена, бидејќи за првпат е разделена од малиот син Сергеј (Серјожа).
.
Во куќата на Облонски, Ана емотивно и отворено разговара со Доли за аферата на Стива и ја убедува дека Стива сè уште ја сака и покрај неверството. Доли е трогната од говорот на Ана и решава да му прости на Стива заради децата.
.
Кити, која доаѓа да ги посети Доли и Ана, има само осумнаесет години. Ова е нејзина прва сезона кога родителите ѝ дозволуваат брак и очекува дека наскоро ќе се омажи за маж од нејзината класа. Вронски ѝ покажува значително внимание и таа очекува да танцува со него на балот таа вечер. Кити е многу импресионирана од личноста и убавината на Ана и станува опседната со неа, исто како Вронски.
Кога Левин ја запросува Кити, приватно во нејзиниот дом, таа непријатно го одбива, верувајќи дека Вронски се заљубил во неа и дека ќе ја запроси. Таа се решава на тој чекор под влијание на нејзината мајка, која е убедена дека Вронски е подобра можност за Кити, за разлика од таткото на Кити, кој го фаворизира Левин.
На балот што се одржува во чест на Кити, Ана Каренина на изненадување на сите се појавува во црн кадифен фустан, со црна проѕирна тантела. Таков фустан воопшто не ѝ доликувал на Ана како на угледна жена, сопруга и мајка.
Кити е убедена дека Вронски дефинитивно ќе ја запроси, но тој игра со Ана цела вечер, избирајќи ја за партнерка во танцот пред шокираната и скршена Кити.
Кити сфаќа дека Вронски се заљубил во Ана и нема намера да ја запроси и покрај неговите отворени флертувања. Вронски ги сметал своите односи со Кити само како извор на забава и претпоставувал дека Кити била мотивирана од истите причини.
Ана Каренина, иако со задоволство танцувала со Вронски цело време на балот, потресена од скршеното срце на Кити, истата вечер решава да се врати во Санкт Петербург. Но, и Вронски патува со истиот воз. За време на патувањето, во некое време од ноќта, двајцата се среќаваат и Вронски ѝ ја изјавува својата љубов на Ана. Таа го отфрла, иако неговото внимание не ја остава рамнодушна.
.
Левин, навреден и разочаран од одбивањето на Кити, се враќа на својот имот, напуштајќи ја секоја надеж за брак.
Ана, пак, се враќа во Санкт Петербург кај својот сопруг Алексеј Александрович Каренин, висок владин функционер, и кај својот син Серјожа. Гледајќи го својот сопруг за првпат по средбата со Вронски, таа сфаќа дека тој не ја привлекува, дека ѝ се гади од него, иако и самата вели дека е добар човек.
2 дел
Семејството Шчербачки е загрижено и се консултира со лекар поради здравствената состојба на Кити, која се влошила откако таа се разочарала од Вронски. Младиот специјалист советува Кити да оди во странство, во бања, да се опорави. Доли ѝ кажува на Кити дека го разбира нејзиното страдање поради Вронски и Левин, кои залудно ги повредила. Кити, чувствувајќи се понижена од Вронски и измачувана од нејзиното отфрлање на Левин, ја навредува својата сестра повикувајќи се на неверствата на Стива, велејќи ѝ дека никогаш не може да сака маж кој ја изневерува. Во меѓувреме, Стива го посетува Левин на неговиот селски имот за да ја продаде шумата во близина на парцелата, поради лошата финансиска состојба на семејството Облонски.
.
За тоа време, во Санкт Петербург, Ана Каренина почнува да поминува повеќе време во кругот на принцезата Бетси, модерна богаташка и братучетка на Вронски. Вронски продолжува да ја следи Ана. Иако на почетокот таа се обидела да се ослободи од него, сепак му го посветува своето внимание. Каренин ја потсетува жена си дека не е во ред јавно да му обрнува премногу внимание на Вронски, бидејќи тој станува предмет на озборувања. Тој е загрижен за својот и угледот на неговата сопруга, иако се надева и сака да верува дека не треба да се сомнева во Ана.
.
Вронски, инаку страствен коњаник, учествувал во трките, прекумерно напрегајќи ја својата кобила Фру-Фру. Неговата неодговорност предизвикала несреќната кобила да падне и да го скрши ‘рбетот. Ана, гледајќи сè од трибините во толпата, не можела да ја скрие вознемиреноста за време на несреќата. Непосредно пред тоа, Ана му кажала на Вронски дека е бремена и дека го носи неговото дете. Каренин е присутен на трките и сфаќајќи дека однесувањето на Ана е непримерно, ја опоменува по трките. Ана, во излив на екстремен стрес и емоции, му ја признава аферата на својот сопруг. Каренин ја замолува да го спречи тоа, да избегне понатамошни озборувања, верувајќи дека нивниот брак може да се зачува.
.
Кити и нејзината мајка патуваат во германски бањи за да го подобрат здравјето на Кити. Таму ја запознаваат Мадам Стал во инвалидска количка и нејзината посвоена ќерка Варењка. Варењка остава силен впечаток на Кита помагајќи им на болните во бањата, читајќи им го Евангелието и со нејзиното однесување во целина. Под нејзино влијание за време на дружењето, Кити станува исклучително побожна, но и разочарана од критиките на својот татко, кога дознава дека Мадам Стал ја лажирала својата болест. Набргу потоа се враќаат во Москва.
3 дел
Левин продолжува да работи на својот имот, обидувајќи се некако да заборави на Кити и душевната болка преку физичка работа, во што речиси целосно успева. Наскоро, неговиот брат Сергеј Иванович Кознишов доаѓа да го посети. Контрастите меѓу двајцата браќа се особено нагласени овде. Додека Левин постојано работи на село, тој е вреден и едвај има време за одмор, Сергеј смета дека селото е место за одмор и релаксација. Левин ги развива своите идеи, кои се однесуваат на земјоделството, како и уникатната врска помеѓу земјоделскиот работник и неговата родна земја и култура. Смета дека нешто мора да се промени во системот, работниците да се грижат што прават и да развијат пријателски однос со земјопоседниците, што го покажува со својот личен пример. Тој смета дека европските земјоделски реформи нема да имаат ефект во Русија поради уникатната култура и личност на рускиот селанец.
Кога Левин, на барање на Облонски, ја посетува Доли во блиското село Јергушево, таа се обидува да разбере што се случило меѓу него и Кити и да го објасни и оправда однесувањето на Кити. Самиот разговор за Кити го исфрла Левин од рамнотежа и тој развива аверзија кон Доли.
После тоа, Левин одлучува дека ќе ја заборави Кити и ќе се ожени со селанка. Меѓутоа, следниот ден тој случајно ја гледа Кити во нејзината кочија и сфаќа дека е слободен да се откаже од споменатиот брак, бидејќи тој сè уште ја сака Кити.
Наскоро кај него доаѓа вториот брат, Николај. Тој е многу болен, раздразлив и Левин чувствува сопствена вина што на Николај му е тешко. Веќе вториот ден двајцата се скарале и иако знаеле дека Николај последен пат е тука поради болест, тој си заминал дома.
.
Во меѓувреме, во Санкт Петербург, Алексеј Каренин ѝ напишал писмо на Ана, барајќи од неа да се врати дома, но пред писмото да стигне до неа, таа му напишала дека со синот заминува за Москва. Ана му кажала на Вронски дека нејзиниот сопруг знае за нив двајца и дека сака да му побара развод. Кога Ана отишла дома, Каренин го одбил разводот, инсистирајќи нивната врска да продолжи. Тој бара таа да престане да се гледа со Вронски и ѝ се заканува дека ќе ѝ го одземе Серјожа.
4 дел
Ана и Алексеј Каренин продолжуваат да живеат заедно, а Вронски го гледа само надвор од куќата. Кога еднаш сопругот ги нашол во куќата, смета дека претерале и се консултирал со адвокат за развод. Во тоа време, развод во Русија можел да побара само невиниот брачен партнер, но било неопходно обвинетиот да ја признае прељубата или да биде фатен во прељуба. Каренин зел од Ана неколку љубовни писма од Вронски, кои адвокатот ги смета за недоволни докази за афера. Стива и Доли се исклучиво против разводот на Каренини.
.
Ана Каренина имала тешко породување. Породилната треска, од која умираат 99% од жените, ѝ траела три дена. За тоа време, таа бара покрај нејзиниот кревет, Каренин и Вронски да се помират и подавајќи ја раката, Каренин да му прости на Вронски за сè.
Меѓутоа, Вронски се чувствува непријатно од великодушноста на Каренин, се чувствува безвредно и понижено, дури се обидува да се самоубие пукајќи си во градите, но куршумот го погодил во рамото и тој преживува. Потоа следува пресврт.
Ана закрепнува и открива дека не може да поднесе да живее со Каренин и покрај неговото простување и неговата приврзаност кон новородената Ана, за која само тој се грижел. Кога дознала дека Вронски има намера да оди во Ташкент на воена служба, станала очајна и го натерала заедно да избегаат во Европа, земајќи ја малата Ана со себе, а оставајќи ја понудата за развод на Каренин, оставајќи го својот син Серјожа.
.
Во меѓувреме, Стива делува како спроводаџија со Левин. Тој договорил средба меѓу него и Кити, која води до нивно помирување и веридба.
5 дел
Левин и Кити се венчале и започнале нов живот на нивниот имот. Иако биле среќни и се сакале, тешко се навикнувале еден на друг во првите неколку месеци. Но, постепено, бракот почнал да се подобрува. Тогаш Левин дознал дека неговиот брат Николај умира од исцрпеност од болест. Кити се нуди да одат заедно кај Николај и таму многу му помага на болниот. Гледајќи дека неговата сопруга ја презема контролата врз ситуацијата, љубовта на Левин кон Кити расте. Кити на крајот дознава дека е бремена.
.
Во Европа, Вронски и Ана Каренина се борат да најдат пријатели кои ќе ги прифатат. Додека Ана се чувствува среќна што конечно е сама со Вронски, тој се чувствува задушено покрај неа. Тие не можат да се дружат со Русите од високата класа и им е тешко да најдат начини да се забавуваат. Вронски, кој верувал дека Ана е клучот за неговата среќа, сфаќа дека сè му е досадно и дека е незадоволен од самиот себе. Почнува да слика, но нема талент, ниту страст. Станува сè понемирно, сè повеќе им здосадува и Ана и Вронски одлучуваат да се вратат во Русија.
.
Во Санкт Петербург, Ана и Вронски се сместени во еден од најдобрите хотели, но имаат земено посебни апартмани, наводно поради бебето Ана. Станува јасно дека таму нема место и дека не се прифатени во руското општество. Сите ги избегнуваат, дури и старата пријателка на Ана, Бетси. Ана има чести промени во расположението, напади на љубомора и изливи на гнев. Таа почнува да се плаши дека Вронски повеќе не ја сака. Во меѓувреме, Каренин наоѓа утеха во грофицата Лидија Ивановна, ентузијаст на религиозни и мистични идеи, модернизирани во повисоките класи. Таа го советува да го држи Серјожа подалеку од Ана и му кажува на Серјожа дека мајка му е мртва. Сепак, Серјожа, кој бил многу приврзан за својата мајка, одбива да верува дека тоа е вистина. Ана, маскирана, непоканета, оди да го посети Серјожа на неговиот деветти роденден, но Каренин ја наоѓа.
.
Ана Каренина, очајно обидувајќи се да врати барем дел од својата поранешна позиција во општеството, присуствува на претстава во театарот, на која присуствува целото високо општество во Санкт Петербург. Вронски ја моли да не оди, но таа е упорна. Во театарот, Ана е отворено отфрлена од нејзините поранешни пријатели, од кои еден намерно ѝ прави сцена, ја навредува и таа го напушта театарот. Ана е безнадежна зашто не може да најде место за себе во Санкт Петербург. Иако често се расправаат, Ана и Вронски се согласуваат да одат на неговиот селски имот.
6 дел
Доли со мајка си и децата летува со Левин и Кити. Животот на Левин е едноставен и недопрен, иако Левин е малку немирен поради присуството на толку многу луѓе. Тој станува крајно љубоморен кога еден од посетителите, полубратот на Кити, Весловски, отворено флертува со бремената Кити. Левин се обидува да ги надмине своите чувства, но на крајот им подлегнува и создава непријатна сцена, буквално истерувајќи го Весловски од неговата куќа. Весловски веднаш оди да остане со Ана и Вронски во нивниот близок имот.
.
Кога Доли оди да ја посети Ана, таа е импресионирана од контрастот помеѓу аристократскиот, но едноставен домашен живот на Левин и нескриениот луксуз и раскош на селскиот имот на Вронски. Таа, исто така, не може да биде во чекор со модерните фустани на Ана и екстравагантното трошење на Вронски за болницата што тој ја гради. Покрај тоа, Ана и Вронски не се во најдобри односи и Доли го забележува тоа. Гледа и дека Ана многу се променила, дека се вознемирила и дека отворено флертува со Весловски. Доли е засрамена поради тоа, а Вронски бара од неа да ја убеди Ана да се разведе од Каренин, за да може да се омажи за него и да живее нормален живот.
.
Ана станала крајно љубоморна на Вронски и не можела да издржи кога тој одел дури и на многу кратки патувања. Кога Вронски заминува на неколку дена за време на покраинските избори, Ана се уверила дека мора да се омажи за него за да го спречи да ја напушти. Откако Ана му напишала писмо на сопругот Каренин, таа и Вронски го напуштаат селото и заминуваат во Москва.
7 дел
Додека ја посетува Москва, Левин брзо се навикнува на брзиот, скап и несериозен живот на градот во високото општество. Тој го придружува Стива во џентлменскиот клуб, каде што двајцата се среќаваат со Вронски. Левин и Стива ја посетуваат Ана, која слободните денови ги поминува грижејќи се за едно девојче, сираче од Англија. Левин на почетокот се чувствува непријатно поради посетата, но Ана лесно го шармира. Кога ѝ признава на Кити дека ја посетил Ана, таа го обвинува дека се заљубил во неа. Двајцата подоцна се помируваат, сфаќајќи дека живеењето во московското општество има негативен, корумпирачки ефект врз Левин.
.
Ана не може да разбере зошто може да привлече маж како Левин, кој има млада и убава сопруга, но повеќе не може да го привлече Вронски. Нејзиниот однос со Вронски е под зголемен притисок, бидејќи тој може слободно да се движи во руското општество додека таа е исклучена. Нејзиното растечко незадоволство, досада и љубомора предизвикуваат двајцата да се караат. Ана користи морфиум за да ѝ помогне да спие, навика што ја добила додека живеела со Вронски на неговиот имот. Таа станува зависна од тоа.
Во меѓувреме, по долго и тешко породување, Кити го раѓа синот Дмитриј (Митја). Левин е и исплашен и длабоко трогнат од глетката на малото, беспомошно бебе.
.
Стива го посетува Каренин и го замолува да ѝ дозволи на Ана да се разведе како невина странка (што ќе бара од него да признае непостоечка афера). Но одлуките на Каренин сега се управувани од Лидија Ивановна. Под нејзино влијание тој го одбил барањето за развод.
8 дел
Ана Каренина станува сè пољубоморна и нерационална кон Вронски, за кого се сомнева дека има афери со други жени. Таа е убедена и дека тој ќе попушти пред плановите на мајка му да го ожени за богата жена од високо општество. Тие имаат жестока расправија и Ана верува дека нивната врска е завршена. Тој почнува да размислува за самоубиство како бегство од неговите маки. Во нејзината ментална и емоционална конфузија, таа испраќа телеграма до Вронски барајќи од него да се врати дома кај неа. Потоа ги посетува Доли и Кити. Збунетоста и бесот ја обземаат Ана Кренина. Потсетувајќи се на смртта на железничарот кога првпат го запознала Вронски, таа со фатална намера се фрла меѓу тркалата на товарниот воз што минува покрај железничката платформа.
По нејзината смрт, Каренин го презема старателството над бебето на Ана, Ана.
Група руски доброволци, вклучувајќи го и самоубиствениот Вронски, ја напуштаат Русија за да се борат во православниот бугарски бунт против Турците, познат како Руско-турска војна (1877-1878).
.
На имотот на Левин се случува бура со грмотевици додека неговата сопруга и новородениот син се надвор. Плашејќи се за нивната безбедност, Левин сфаќа дека навистина го сака својот син, исто така и Кити.
Откако долго разговарал со еден селанец, Левин навистина се предомислил, заклучувајќи дека верува во христијанските принципи што ги научил како дете и повеќе не ја доведува во прашање својата вера. Тој разбира дека човекот мора сам да одлучи што е прифатливо во однос на неговата сопствена вера и верувања. Решил да не ѝ кажува на Кити за промената низ која поминал.
Левин првично бил незадоволен што неговото враќање во верата донела целосна трансформација во праведност. Сепак, на крајот, тој доаѓа до заклучок дека, и покрај новоприфатените верувања, тој сепак е само човек и ќе продолжи да греши. Неговиот живот сега може значајно и вистински да биде насочен кон праведноста.
.