Почетна » светска литература » реализам » „Шинел“ од Гогољ

„Шинел“ од Гогољ

„Шинел“ е еден од најпознатите раскази на Гогољ.

Во него е прикажана суровата реалност за ништожниот, безвреден живот на еден ситен сиромашен службеник. Прикажана е слика на руското општество од почетокот на 19 век, слика на „понижените и навредените“ која ќе биде мотив и за другите руски реалисти.

Затоа Достоевски ќе каже: „Сите ние излеговме од под шинелот на Гогољ“.

 

Содржина

 

Главен лик во расказот „Шинел“ од Гогољ е ситниот службеник Акакиј Акакиевич Башмачкин. Тој целиот свој живот ја работел истата еднолична работа (препишувал акти) без амбиции и капацитет да напредува. Во канцеларијата воопшто не го забележувале, освен понекогаш, кога на помладите вработени им било здодевно, па се шегувале со него.

Акакиј живеел сиромашно, во мала и студена собичка, со средства кои едвај му стигале за затоплување, храна и основна облека. Целиот свој живот тој носел еден шинел, кој повеќе не можел да се крпи. Но, пари за нов немал. Решил уште повеќе да штеди, бидејќи нов шинел морал да купи ако не сакал да смрзне по студените петроградски улици.

Решението за нов шинел отпрвин му се чинело страшно, но полека тоа станувало единствена цел во неговиот живот:

„Да бидеме искрени, на почетокот му беше тешко да се привикне на овие ограничувања, но подоцна некако се навикна и работата тргна на подобро; сосем се навикна навечер да гладува; но затоа се хранеше духовно, живеејќи во своите мисли со идниот шинел.

Од тој миг како и самиот живот да му стана некако поцелосен, како да се оженил, како некој друг човек да беше постојано со него, како да не беше сам, како некоја пријатна сопатничка да се согласила да го мине животниот пат заедно со него – и таа сопатничка не беше никој друг туку шинелот со дебел памук и цврста, неизлитена постава. Стана некако пожив, дури и поцврст и поистраен, како човек кој веќе си избрал и си поставил цел на себеси.“

.

Цела година Акакиј одвојувал пари и барем еднаш месечно одел кај својот кројач да се посоветуваат каков материјал да купи и каква боја да биде шинелот.

За негова среќа, неочекувано добил поголем додаток на платата и парите за шинел побрзо ги собрал.

Кога конечно шинелот бил готов, Акакиј бил пресреќен.

Утредента отишол на работа и сите веднаш дознале за новиот шинел и му го пофалиле. Еден од надредените дури го поканил вечерта кај него дома на седенка, бидејќи му било именден. Акакиј немал избор, иако никогаш не одел на гости, под притисок на другите, морал да ја прифати поканата.

Тој за првпат се нашол во таква средина на богатство и раскош, барем според неговите стандарди.

Доцна вечерта, кога сам заминал накај дома, покрај некој мост, група силеџии го нападнале, го натепале и му го зеле шинелот.

Кога се освестил од студот, станал од земја и немоќно со расправал со чуварот кој не видел ништо. Се прибрал дома, смрзнат, бушав, премногу вознемирен. Утредента отишол кај полицискиот началник, каде со часови чекал да го примат, но не завршил работа. Потоа му препорачале да оди кај некоја „важна личност“ која штотуку станала важна. Тоа бил некој генерал кој во суштина бил добар човек, но мислејќи дека треба да се докажува бил премногу строг кон сите подредени.

Кога Акакиј дошол кај него, во канцеларијата на генералот имало некој негов пријател пред кого сакал да ја покаже својата цврстина и строгост. Затоа му се обратил на Акакиј со зборовите:

„ – Зарем вие, милостив господине – рече остро – не го знете редот? Зарем не знаете каде се наоѓате? Зарем не знаете како се води постапка? За тоа треба најпрво да поднесете молба до канцеларијата; таа оди кај шефот на отсекот, потоа кај началникот на одделението, па му се предава на секретарот, а секретарот ми ја доставува мене…“

Генеаралот продолжил со својата строгост, а Акакиј премалел од страв и немоќ. Изморен, премрзнат, разочаран и болен, тој легнал во постела и за два дена умрел.

.

Но, приказната не завршува тука, туку добива фантастичен крај.

Низ Петроград се прочуло дека кај мостот се појавил некој мртовец во лик на чиновник и барал од минувачите некаков шинел. Иако полицијата се трудела да го фати „жив или мртов“, не успевала во тоа. Мртовецот се изгубил дури откако на мостот, еден ден, дошол генералот:

„ – А, тука си најпосле! Најпосле те фатив! Токму твојот шинел ми треба! Не се погрижи за мојот туку уште и ме искара – дај ми го сега твојот!“

Генералот толку се исплашил што за малку не умрел од страв. Самиот си го соблекол шинелот и му го дал на мртвиот Акакиј.

Ова е среќната завршница на расказот.

Сиромаштија на Акакиј Акакиевич не се состои само во материјалната немаштија, туку и сиромаштијата на духот. Тој нема амбиции, нема цели во животот, нема пријатели, нема сопруга ни семејство, нема ништо.

Тој и за другите не претставува ништо. Не го забележуваат, немаат потреба од него.

Тој и за општеството не претставува ништо. Откако неколку дена не се појавил во канцеларијата, прашале за него и дознале дека умрел. Без чувства и без жалење, веднаш го замениле со друг службеник.

По смртта тој никому не му фалел.

Преку овој расказ Гогољ го искажува својот протест против понижувањето на „малиот човек“.

 

Scroll to Top