Почетна » литература » Драмски видови

Драмски видови

Драмски видови се:

1. трагедија:
античка;
ренесансна;
псевдо-класична.

2. комедија:
комедија на карактери;
комедија на нарави;
комедија на интрига;
комедија дел арте;
фарса;
гротеска.

3. трагикомедија:
трагична комедија;
комична трагедија.

4. драма во потесна смисла на зборот:
романтична;
општествена (граѓанска);
антидрама (драма на апсурдот).

Трагедијата е драмска творба во која се прикажува несреќната судбина на јунакот кој трага по некоја возвишена, но недостижна цел. Во трагедијата се прикажуваат мрачни, жестоки и тажни настани, ненадејни промени од среќа во несреќа, немоќта на човекот да ја промени својата зла судбина и речиси секогаш завршуваат со смртта на јунакот. Јазикот во трагедиите обично е возвишен. Најпознати автори на трагедии се: Софокле, Есхил, Шекспир и др.

Комедијата е драмска творба во која се прикажува смешното во животот, односно се подложуваат на потсмев негативните особини на луѓето или негативните појави во општеството. Јазикот во комедиите е пообичен, погруб, вулгарен. Во зависност од она што се исмева во комедијата, разликуваме:
Комедија на карактери е комедија каде смешното се однесува на карак-
терот на главниот лик. Најчесто се исмева вообразеноста, скржавоста, мрз-
ливоста, лицемерието, љубомората, лекоумноста итн.
Комедија на нарави е комедија во која се исмеваат наравите и обичаите на одредени општествени групи или професии.
Во комедија на интригата смешното произлегува од ситуациите во кои се вплеткуваат ликовите и на кои им се случуваат неочекувани пресврти и недоразбирања.
Комедија дел арте е една слика од целата комедија која се одвива под маски, а ја содржи само интригата, недоразбирањето. Најчесто е претставен судирот меѓу млади и стари; сиромашни и богати; паметни и глупави итн.
Фарса е кратка комедична слика чија цел е да предизвика смеа. Фарсата се појавила во средниот век, служела за разонода и се играла на плоштади, пазари и панаѓури.
Гротеска е комедија во која смешното се постигнува со пренагласување на некоја карактерна особина на ликот, односно е претставен како карикатура. Во гротеската има и фантастика, хумор, сатира и метафорика.

Трагикомедијата е драмска творба во која се испреплетуваат комични и трагични елементи. Драмските дејства и заплетот се сериозни и со возвишен стил, но расплетот е комичен.

Драма (во потесна смисла на зборот) како посебен вид не е ниту трагична, ниту комична, туку реална. Во неа доминираат теми и мотиви од секојдневниот живот. Тука преовладува внатрешниот свет на ликовите, нивните дилеми, маки и страдања. Овде разликуваме неколку вида:
Романтична драма, во која се меша возвишеното и гротескното, а на преден план се чувствата на ликовите. Се појавува во време на романтизмот и не се придржува кон општите норми на драмата, туку се прокламира слобода во пишувањето.
Општествената драма дава поцелосна слика на граѓанското општество во деветнаесеттиот век кога се појавува. Темите што се обработуваат се: парите, политиката и семејството. Кај нас оваа драма се појавува во облик на битово-социјална.
Антидрама или драма на апсурдот е современа драма која ги отфрла утврдените законитости на класичната драма. Преку симболични, гротескни ликови и парадоксални, алегорични ситуации се обидува да ја прикаже апсурдноста на постоењето. (Бекет – „Чекајќи го Годо“).
Со појавата на радиото и телевизијата се појавуваат нови видови драми:
Радиодрама е специјален вид драма наменет да се емитува преку радио што значи може само да се слуша, а не и да се гледа.
Телевизиската драма е наменета за прикажување на телевизија. Секоја драма може да се адаптира во телевизиска драма. Овие драми може да бидат единечни или во циклуси, односно серии.

Задачи:
1. Обработка на лектирата „Вујко Вања“ од А. П. Чехов.
2. Да се потенцираат сите елементи на драмата во конкретниот пример.

Scroll to Top