Ацо Караманов – живот и творештво

 

Александар — Ацо Караманов (1927 — 1944)

.

Ацо Караманов е роден на 31 јануари 1927 година во Радовиш како најстаро дете во семејството на Софија и Васил Караманови. Кога имал само три месеци, семејството го напуштило родното место поради службата на таткото и отишло прво во Белград, а потоа и во други места низ Србија, за во с. Велико Орашје да се задржи повеќе години. Таму, Ацо го завршил основното образование и благодарение на способниот учител кај малиот Караманов рано се јавила љубовта кон литературата.

.

Своите први стихови тој ги сочинува уште во второ одделение, но за жал тие први поетски обиди не се сочувани (самиот подоцна ги уништил). Согледувајќи ги предиспозициите на Ацо Караманов, неговиот учител лично го одвел да го полага приемниот испит во гимназијата во Смедерево кој го положил со одличен успех.

Во прво време, тој живеел сам со мајка му во Смедерево, а потоа кога таткото добил служба во Скопје се преселиле тука.

При крајот на учебната 1937/38 година се запишал во Првата машка скопска гимназија.

Покрај редовното образование, Ацо самостојно систематично работел врз своето книжевно образование. Совладувал огромен фонд од светската литература, а забелешките и сопствените критики за прочитаното си ги запишувал во тетратка, т.н. „Лектира“.

Татко му, иако семејството имало крајно скромни приходи, купил на отплата голем број книги од југословенската и светската класика. Така, Караманов уште на 12-13-годишна возраст силно се приврзал за „Одбраните дела“ на Достоевски, а ги читал и филозофите: Кант, Ниче, Хегел, Шопенхауер, итн.

.

Дотогаш неговото образование се одвивало на српски јазик. Но, со почетокот на Втората светска војна и бугарската окупација, тој образованието го продолжил на бугарски јазик.

Многу брзо го совладал јазикот и читајќи ги сега бугарските поети, но и на бугарски преведените светски поети. Уште 1941 се вклучил во СКОЈ и активно учествувал во растурање летоци и други акции.

Кон крајот на мај 1944 година семејството преминува да живее во родниот Радовиш. Таму Ацо продолжува со трескавото пишување и читање, секојдневно го води својот дневник, но истовремено се одвива неговата активност и во политиката. Во однос на неговиот став, сведочи Вера Христова која ги пренесува неговите зборови:
„Не сакам да ме врзувате за таму некави си состаноци. Јас сум си по природа напреден човек и комунист. И тоа го покажувам на дело, повеќе отколку вие.“
Таа му се лутела што тој учел германски, но тој реагирал:
„Добро, јас учам и руски, не само германски, но тоа го правам бидејќи постојат не само германски нацисти и окупатори, туку и писатели како Шилер и Гете и дека, за да ги почувствувам, морам да ги читам во оригинал, бидејќи Шилер и Гете не се фашисти“.

Всушност филозофите силно влијаеле врз неговите сфаќања за воените дејствија и затоа тој се колебал дали да им се придружи на партизаните, но сепак на крај моралниот аспект превладал, бидејќи тој не можел да замисли да го избегне ризикот на директното учество.

Така, на почетокот на септември 1944 се придружил на Тринаесеттата македонска народна бригада каде партизанувал само 32 дена, до неговата херојска смрт во ноќта меѓу 10 и 11 октомври 1944.

.

Поетско творештво

 

За време на својот прекраток живот од 17 години Караманов не успеал да издаде ни една збирка песни. Но, колку што сега е познато, од него се сочувани околу 280 поетски творби, како и неговите бележници, лектирски тетратки, дневнични записи и епистоларија (писма и дописки).
До сега, Караманов се разгледуваше и претставуваше само како поет на Револуцијата – „Дете на борбата“, употребен за дневнополитичките потреби на поранешната СФРЈ. Но, Караманов не е само тоа, тој е една отворена душа, едно дете – поет, поет кој иако многу млад, сепак има сосема изградена поезија.
Ангажираната песна „Поет“ е она што беше претставувано од него. Но, времињата се менуваат, а со тоа и вкусовите.

Поет
 
Јас сакам да станам поет-динамит,
поет на борбата
                       со рафал во душата,
устремен напред
                        кон утрешниот ден,
со душа прекалена во тешки борби
во кои само љубовта кон робот татни.
 
Јас сакам да станам поет на трудот
и зад барикадите,
                        со пролет во душата
да пеам развиорен
                         со пушка в раце.
 
И пламен, во злите утроби на бедата
да стане барут  на мојот стих
и виор бурен на моите мечти.
 
Јас сакам да станам поет-работник,
со песна груба
                         како плускавиците
на моите раце,
со моќен пламен на срцето.
 
Во него да пее великиот копнеж
и нашиот устрм
                          цврст како челик…
Јас сакам да станам поет-динамит,
со јарост во градите, со пролет во мечтите,
слбоден и силен и за борби жеден
буен,
          бестрашен,
                         со глас бојна – труба,
јас сакам да станам поет на трудот,
                         на песна груба.
 
Затоа те љубам само тебе
о бурна борбо, о вриежу силен;
во твоите пазуви нека ме погребат
мене, синот и поетот огнолик на трудот.
 
И на барикади моќни кога ќе стапнам
среде дожд куршуми,
                      среде јаросен дим,
под јаркото сонце
                           ќе пеам
                                     среќен!
 
И во мене денес љубов безмерна ечи
во бурната борба, во вриежот тој,
срцето денес нека ми биде пламен рафал
душата бура,

                       а рацете – меч.

.

Фази во поетското творештво

 

Поетското творештво на Ацо Караманов е поделено на пет периоди: први обиди, рана фаза, лириката во 1942, поетски остварувања во 1943 и последна творечка фаза.

.
Првите обиди да твори стихови Караманов ги прави уште како дете во основно училиште, но за жал, подоцна, незадоволен од нив или во момент на душевна криза самиот ги уништил.

.
Раната фаза го опфаќа периодот од почетокот на 1941 година, на негова 13-14-годишна возраст. Тогаш прави рекапитулација на своето дотогашно творештво и составува збирка без наслов од над 70 песни. Тука спаѓаат песните: „А тој леташе понатаму“, „Мравка на големиот црвен трендафил“, „Утринска песна“, како и, во последно време многу популараната „Псалм за m-lle Lili“.
Уште во воведната песна на овој циклус „А тој леташе понатаму“ иако само кус катрен, се гледа сензибилитетот на младиот поет, неговата способност за сликовито изразување, како и поврзувањето на птиците со него, односно желбата на „малиот човек“ да ги досегне височините, да се ослободи од тесниот простор на животот и да го достигне бескрајот.

А тој леташе понатаму
 
Под него остана денот како распеаните пердуви
на модрите гулаби. Раздвиженото пченкарно зрно.
Под него се изгуби земјата.

И беа само, тој, небото и сонцето.

 

.

Најубавата песна во оваа рана фаза е „Псалм за m-lle Lili“ која зрачи со младешки револт, пркос и неприфаќање на општеството во кое богатото конвенционално, накитено, напарфемирано „високо друштво“ само надворешно убави „со нашминкани усни и душа“, всушност се само „цилиндри“ под кои се кријат „празни мозоци“, „дебели черепи“, и кои кажуваат празни фрази и „раскокодакани зборови“. Тој не само што не ги прифаќа, туку и ги навредува тие лицемери, ги презира и се гордее што не е како нив – што неговите зборови се „потопли од козјо млеко“, „што улиците на неговата душа се ширум отворени“, што неговиот глас „ѕвони како селска камбана“. Па, ниту заради љубовта која гори во него кон Лили тој нема да им се придружи, нема ни да им прозбори, туку само ќе го испрати својот презир, заедно со своето кученце во форма на лаеж, во форма на песна…

.

Псалм за m-lle Lili
.

Сега сум сам во својата соба и затоа ви пишувам.
Мојата соба е мрачна, мојата соба е тажна,
и само моето жолто перо шумоли по хартијата
радосно, како вљубено врапче.
Затоа, mademoiselle чујте ги моите стихови,
иако не се доволно испеглани
да капнуваат
како eau de cologne,
во вашето нежно, плус тоа, музикално уво.

Можеби ќе ви бидам толку прост
како чкрипањето на селска кола,
а вие толку убави
со нашминкани усни и душа
како портокал грчки.
Вие што имате 32 заба и фустан со боја на `рѓосано злато,
вие, чиишто гради се премногу тесни да го
пропуштат сонцето,
вие, чијшто глас ѕвони како три хавајски мандолини,
чијшто глас е сладок како mocca torta,
слушнете ги сега моиве зборови, потопли од козјо млеко:
јас ли сум виновен што улиците на мојата душа се
ширум отворени
за оние што сакаат повеќе леб, повеќе сонце и небо.

Гледајте, моите очи имаат блесок на вашите
лакирани чевли,
моите уши се црвени од радост, како социјалистичкото
знаме,
зашто јас сум пијан од вашиот глас и поглед.

— Како се осмелувате?
— Но, mademoiselle,
та вашиот глас ми донесува три и пол кила радост,
и, иако сте поздодевна од стилот на Хорацие,
јас ве сакам повеќе од своите цокули, црни како
мртовечки коли,
па дури и повеќе,
повеќе од моето кученце што се вика Bubi
и грациозно лае: ав, ав, ав!

Mademoiselle, јас сум сам во собава
и ве прашувам:
зошто вашиот поглед е посладок од бонбоните Nestley,
зошто мојот глас, што ѕвони како селска камбана
трепери како беззаб и белобрад старец
кога ќе ве видам и поздравам:
Bonjour, m-lle Lili!

Но, вие не сте сама. Кај вас има журка.
Кај вас има 15 гости, 1253 раскокодакани зборови,
15 ,,добредојдовте“ и 15 ,,како сте“,
15 цилиндри, + 15 празни мозоци, + 15 дебели черепи,
кај вас се: баталјон фрази готови за старт,
кај вас се 15 * 2 = 30 бели ракавици,
кај вас е: журка, журка, журка.
Но јас нема да дојдам кај вас,
зашто немам цилиндер, ракавици, ,,Благодарам на
прашањето, арен сум“
Затоа чујте:
Нема да дојдам кај вас, туку ќе ви напишам едно писмо,
добродушно, како магарешки уши.
А ако вие не ми одговорите,
тогаш од жал и кивавица
ќе се најадам конзервирани сардини,
Франсис – Жамови елегии
и Андерсенови бајки.

И смртно ќе се разболам од љубов,
па ќе го земам своето кученце Bubi,
ќе го бакнам во муцката
и заедно ќе залаеме од жал и љубов,
вака:
Ав, ав, ав!
Ау, ау, ау!

.

Следната фаза во творештвото на Караманов ја сочинува лириката создавана 1942 година и од која до сега беа познати само десетина песни, но од архивскиот материјал се утврдија 164 поетски текстови. Тие се напишани на новиот јазик за Караманов, на бугарски и импресионира неговото брзо совладување.

Во овој период Ацо влегува во пубертетот, па во песните се гледаат големите осцилации на расположението, душевните кризи во кои запаѓал, а во неговиот дневник и помислите за самоубиство.

Мотивски и тематски песните се многу различни, но во сите се чувствува длабокиот психички немир и неспокојство. Можеби најмногу може да се долови состојбата на неговата душа во песната „Копнеж и кошмар“, состојба на полусон, халуцинација, привидување – кое покрај во содржината на зборовите го гледаме и во формата на стиховите, како сенките од неговата душа да шараат по ѕидовите на неговата мала соба.

.
Копнеж и кошмар

.

 
По жолтиот ѕид
на мојата мала соба
играат сенки
темјанужни
и
зелена светлина
одлетува
во аглите
со копнеж
и
кошмар
опкружени.
Пејзажи пластични
горат надвор од собава
во езероно шаренолико
од разни цутови
и
шуми надвор духот
на веќе будниот ден,
вдахнувајќи им надеж
на
безнадежните.
Моите мисли поцрнуваат
како
ноќни облаци
и
тревожно виснат
над
бодрава душа,
оросувајќи ми го челото
се спојуваат во далги,
плискајќи се
по дното
на
мојава душа
на
моево срце.
А таму само
копнеж
и
кошмар
танцуваат!
 
Таму, пак, само
тага владее
и
лелеци го кинат
срцево мразно.
Мир.
Тишина.
Утрото мазно
видикот го обгрнува.
 
Покој.
Само празнина морничава,
како
      волк
             граблив,
како
       хиена
               кобница,
молчи
и
ја пие крвта
на
душата
        бледа.
Копнеж.
Копнеж сеоддаен.
И
Кошмар.
Молчам
и
гледам
во
окното
          полускршено
                      како
          есента се клешти
Немам никакви сили вешти –
                         самата –
                              есента се клешти…
              Празнина.
Копнеж.
               Кошмар.
Копнеж
и кошмар
        танцуваат,
               викаат,
                     пеат…
 
Мир…
     Тишина…
           Покој…
 
Утрото
          мразно
                 го обгрнува видикот.
 
Јас
          сум
                    смртен:
– Копнеж
     сеоддаен!
            И
      кошмар!
Барам
    блаженство
            и
наслада
            во
збракава
       на
               животот…
        Живеам
                   како
                         лилјак
                               во
                        бесплодново
                      талкање
                  Нема
                за
               мене
        ништо
        на
    овој
свет:
                       Јас
                      излишен
                    сум.
                 Едно збогум!
    Едно догледање засекогаш!…
                  … Минути
                          минат…
                 … Стотици
                           часови
                              ојдоа
                                  во
                                    неврат:
во
        вечноста…
                   Деновите минат:
                                     излишни
                                   дни
                                  минат
                                небаре
                              гаврани
                             црни,
                            небаре
                    камења
                 тешки,
              црни
           минат
     одлетуваат,
          гракаат;
             небаре
                 ројаци,
                     небаре
                             пена
                                     на
                                          лудо
                                                  и
                                                     бесно
                                                              море,
                                                          морето
                                                                   на
                                                                        животот,
                                                           небаре
                                                                  одломки
                                                                                 од
                                                                               лелеци,
                                                                            воздишки,
                                                                          лаги,
                                                                        фантазии,
                                                                     одат тие
                                                                              во
                                                                          реката
                                                                                   Харон,
                                                                                        во
                                                                                   Ништото…
Чучулигите
               на
                  душава
                     се
                        престорени
                           во
                              крастави
                                 жаби.
                       А јас?
                               – И
                                    јас
                                       сум
                                    крастава
                                                жаба!
                                     Не!
                                        – Јас сум
                                                 комарец!
По жолтиот ѕид
на мојата мала соба
играат
           сенки
               темјанужни
                         и
             зелена
       светлина
             одлетува
                        во
              аглите
                         со
              копнеж
                         и
              кошмар

                         опкружени!

.

Покрај ваквите мрачни песни, во овој период, во текот на 1942 година, голем дел од песните се љубовни, но има и такви што се со патриотски и историски мотиви.

Еве неколку од љубовните:

.

И можеби ти ќе дојдеш тогаш

.

И можеби ти ќе дојдеш тогаш
за последен пат на морскиот срт
немоќен и студен каде спијам
прераната да ја колнеш смрт.
А моите усни насмевнати ќе бидат
и душата уште ќе живее велам
а очите верувај сами ќе видат
и пак со тебе се ќе делам.
Ќе бидам буден тогаш верувај
дури ќе излезам од темниот гроб
повторно да ја запеам моќната песна
на црниот и побунетиот роб.
Од моите очи ќе капат капки дожд
земјата да ја напојат родна
та и мртов ќе мислам на тебе и неа
ти среќна да бидеш, таа плодна. .
.
Тајна

.

Пак ли сакаш да ти го кажам тоа
што ти го го кажав вчера во сината ноќ
дека си за мене и смев и солза
дека си за мене и слабост и моќ.
Ах, остави ја веќе таа исповед
нека спие мирно во твоето срце
и мојата душа нека биде твоја
а мое да биде твоето лице.
.
Кога за последен пат те видам

.

 
Кога
            за последен пат те видам
и солзите твои
            ќе престанат да течат,
тогаш
            во мирен пристан
                   ќе се закотвам
и
завршен ќе биде
             мојот

земен пат.

.

Во текот на 1943 година, Караманов во својата поезија сè почесто опфаќа социјални мотиви, како и борбени, што се подразбира поради војната која е во тек. Во тие песни честа е заменката „ние“ – односно колективот, масите, обесправените: „Ние“, „Ние сме безбројни“, „Нашата вера“, „Новиот човек“, „Толпите“, „Утрешната жена“, како и „Деца на борбата“, „Детето на улицата“ итн. Тука е очигледно дека поетот се оттргнува од гледањето само на своето „јас“, на немирите во душата и дека започнува да се загрижува за поширокиот круг, за општеството, за иднината.

Сепак, во овој период, а и воопшто, според некои критичари, најдоброто што го оставил Ацо Караманов е поемата „Приказна“.

.

Приказна

.

 
                                 На мојот другар Мишко
 

1.
 
Во полусјај на денот, кога магла ледна
ги покрива видиците и врз градот паѓа,
чувствувам дека нешто во мене се раѓа,
тажно, како трепет на гранки што се веднат
под товар од снег, од мраз и од зима.
 
Излегувам тивко… Никој наоколу нема,
чекорите мои тонат во млечната пена.
Мир. Три врани само на оџакот дремат
Витка голи гранки ветрот што се кренал.
 
Чекорам. Ветрот и враните си го кажуваат јадот,
ко есенски шуштеж – во срцето тага.
Како мермер неподвижен молчи сега градот
Сосе радостите што одминале без трага.
 
Чекорам. Во срцето, како во храм сенест,
очајот слегува во овој свод темен,
а душата што пека по виножитен венец
го чувствува мракот не гроб црн и лемен
во кој лежи она што сакало полет,
што цутело тивко, како цвеќе в пролет.
 
Чекорам. А чекорот мој е само еден трепет
во снегот бел што со шуштење на свила
поздрави му праќа на мракот што шепне,
на бледите далечини, на птици што крилат.
 
Седнувам на клупа во паркот. Градот молчи
во мракот. Над мене тишината крилата ги шири
како бела птица што од далеку, без почин,
долетала и сега нема свој кат да се смири.
 
Ги креваат како раце безлисните дрвја
гранките кон небото што спокојно спие.
Гонети од ветрот темни сенки врват
и се раздиплуваат како клопче тие.
 
Под моите нозе е жолт лист во снегот,
кренат како дланка од замрзната рака,
копнежи и чекања го измориле него
и умира тој тивко од мраз и од мака.
 
Го земам. Низ шумот негов како да се слуша
нешто на јазикот со кој молкот збори.
Како гранка гола плаче душа моја,
копнежите нејзини зимата ги мори.
 
Душата ми плаче како гранка клета.
Успокој се душо, избриши си очи,
нека насмевка низ усните ти лета –
не сме сами веќе, не сме сами, почуј.
 
Успокој се, душо, – јас и листе мало
од една сме мајка, двајца браќа исти.
Успокој се, душо, и не плачи жално,
надежите уште се светли и чисти.
 
Усните ги веднам кон мртвиот син убав
на пролетта и сонцето, да му дадам бакнеж.
И мракот и студот од душата се губат
и сјајот на сините врвови пак јакне.
 
Бакнежот мој шуми врз листот што е свенат…
О, свилени шепотења, како радост врели,
во кои копнежите како птици пеат,
ми капнаа в срце, безгласни и бели,
ме бакнаа в лице со сончева смеа.
 
И како се слејуваме одеднаш јас сетив,
листето и јас, две капки на вечност бескрајна,
– два акорда на радости и на маки клети –
во псалм на љубовта и топла и сјајна.
 
2.
 
И некој ми шепна: „Чуј, треба да сакаш!“
Кој го рече тоа? Гранки што се сплеле?
Бесрајот на небото – таа мртва млака?
Листето? Или денот мртов се огласи со лелек?
 
Да! Треба сè да сакаш! Сè што живее, љуби,
што страда и пее,
сè што чува надеж и што сонце чека,
сè што солзи в радост и во болка лее,
сè што паѓа и се крева, што вика и пека.
 
Да! Треба да се сака! Сè: сите далечини
што во синилото надежите ги кријат,
чадот од оџакот, врвовите сини
и сончевите искри што во сјајот вријат;
и лизгавиот трепет на птичјото јато,
липотите на срцето, крикот на градите нежни,
и пурпурот блескав на утринското злато,
и снегулките што врнат врз полињата снежни.
 
Да, треба да сакаш! Сè, сè што носи живот,
и доверба имај кон сè што расте, лази, прета,
пеј со потокот, сонувај со полето диво,
шуми со класјето, со облакот летај.
Речи им ја болката и топлата радост
на синилото што низ небото тече,
на трепетот на утрото пролетно и младо
и на светулките од мајската вечер.
 
О, шумолење на гранки, о, бел сјај на снегот!
Чујте ми ја радоста но и јадот колнат:
снегулки сме на вечноста, во пад брз и бегол,
песната со болка и радост ни е полна.
 
О, снегулко сјајна, сестро моја бела,
топлина ти давам со рацете врели.
О, небо, бакни ни ги стушените чела,
разбуди ни во градите рој копнежи смели,
крени ги во лет, бестрашен и блескав,
над нашите глави, кон синиот бескрај!
 
3.
 
Браќа мои, луѓе, песна за вас пеам,
песна за снегулки, за сјај што се точи,
за лисја што шумат, за води што се леат,
за зора да самне во вашите очи,
да се смеша блесок со вашата смеа.
 
Песнава чујте ја, браќа мои,
и со срце полно со радости плипот,
со широчина на вашите распеани гради,
поздрав испратете низ песна и липот
до сè што со болка и радост се пои.
 
Пуштете го срцето смело нека летне
в дални далечини, со птиците, леко,
и вашата душа, како мало дете,
ќе ја пие радоста како чисто млеко.
 
Со срца, очи, гради замаеност полни,
ведри како спокој над житото младо,
ќе пеете со жар под небата волни,
среќни како сонце и луди од радост.
 
Ведри како пладне во пролетна тивкост,
ќе имате души престорени во химни,
распеани, топли, како ластовички цивкот,
со чудесен бел сјај како видиците зимни.
 
В живот, в живот бурен – ко реки што течат,
ко крената рака, ко пролетен крик гласен,
ко мечти за небо кога солзи течат,

а после, а после… ко свеќа да згаснеш.

.

Освен песни, Караманов пишувал и песни во проза, неколку раскази, роман, како и дневници во кои ги запишувал секојдневните настроенија.

.

Сини ноќи

.

Големи, добри, сини ноќи покриени со среброто на ѕвездената светлина; големи добри, сини ноќи шт чекорат со чекори исплетени од занес, грчеливост и неспокојство. Ѕвезди – мали, црвени делови на нечии срца, чија песна трепери низ вселената…
А, ти, запеј иако е скршена лирата во модрината на сакракот, во воздухот топол од човечките насмевки, тежок од човечките страдања.
И се се слева во победоносната песна на складот токму на сината ноќ.

.

Hа крајот, како се доживувал самиот себе, најубаво може да видиме од неговиот дневник, текст напишан по повод седумнаесттиот роденден:

.

31.1.1944, Радовиш

.

Денес полнам 17 години. Дали јас тоа полнам 17 години? О, не! Тоа ние, ние полниме, ние – деловите на едно битие коешто се вика А.К. – тоа сме ние: А.К. поетот, А.К. скептикот, А. К. човекот.

Си дозволувам да кажам нешто за себе.

Јас чувствувам дека во мене живеат тие тројца луѓе, три парчиња на моето битие. Од градите мои пее ритам не на едно, туку на три срца! Кои се тие тројца?

Еве ги:

А.К. поет. Тоа е петгодишно невино детенце со големи сини очи, босо, со разбушавена коса. И јас знам: тоа секогаш ќе остане дете. Во неговите малечки ноздри секогаш трепери силниот мирис на далечината, во неговите очи ги огледуваат своите лица пенливиот оган на румените утра и ведрите, пијани занеси на сините ноќи! Секоја ѕвезда оставила по еден блед, топол зрак во нив – затоа се толку топли. Тој сака да разговара со дрвјата, да пее и скока со ветрот, да плаче со липањето на жуборот на есенските матни води, да плете на зима радосно, радосно, заедно со снегулките и да се прпелка во снегот. Тој сака сè! Дали и него го сакаат сите? Тоа мало петгодишно детенце! Колку многу го сакам?! О, мало дете со сини очи, кажи ми зошто плачеш, гледајќи ги гладните треперења на вечно испружената рака на оние коишто страдаат? Зошто сакаш да шеташ по аглите на градот и да ги гледаш тие вечно гладни очи, тие измачени модри гради коишто ги испива глад, сите тие ранети раце, сите тие сини, искривени усни кои шепотат?

Ти мало петгодишно дете кое си добило срце само за да може да го раздадеш на другите, ти – брат на снегулките, ти – кој плачеш гледајќи ги оние кои страдаат, ти – кој ја сакаш и најмалата тревка, кој го слушаш разговорот на летот на ластовиците со жуборите на планинските поточиња, кажи ми –

                                          зошто толку многу те сакам?
А. К. скептик. Уште кога имаше 15 години, тој имаше мозок на осумнаесетгодишен. Тој 17-годишен старец, со срце кое се крепи на штаки и со мозок кој сака да меле, анализира и уништува сè што ќе допре! Тој 17-годишен Мефисто!
Тој сака секогаш да е сам. Сам да се шета, гласно да разговара со себе, да гестикулира, да вика некому во себе и да си докажува нешто себеси.
Зошто треба да го носам во себеси и тој човек? Јас се плашам од него, многу ужасно. Јас се плашам нешто да кријам. Од него, од него, којшто уништува сè, кој се смее на сè, можеби затоа што сè разбира повеќе отколку што му е дозволено на еден човек. Тој не почитува ништо, не верува во ништо, ништо не сака, но, ништо и не мрази. Тој човек којшто е ладен и непристапен како гроб, којшто за сè има само една иронична насмевка, само едно ладно молчење. Тој го мрази занесот, чувствата и во сè гледа само попусто наместена поза, вештачка гримаса, ништожност во ефемерноста на се.
Тој мисли дека е демонски интелигентен, бидејќи во својата 11-та и 12-та година веќе го читал Кант и Бергсон, го критикувал Ниче и Шопенхауер, им се смеел на Хегел и Фауст. Тој А. К. којшто уште од својата дванаесетта година престанал да верува во Бога, тој скептик кој во трет клас, на свои 13 години, измислил своја филозофска теорија и врз основа на неа сакал да се убие сосема ладнокрвно. О, колку добро ја паметам таа ноќ! И да не беше А.К. поетот можеби веќе ќе скинев конци.
Затоа сè уште се плашам од тој А.К., сеќавајќи се на таа ужасна ноќ. Зошто?
Тој е оној кој со својот сомнеж ги уништува најдобрите моменти во мојот живот, кој со својата насмевка ги труе моите најсветли мечти, којшто со железното копје на својата студена логика ги убива моите најчисти восхити, кој со ножиците на својата иронија ги сече крилјата на моите најмеки чувства! И затоа го мразам и се плашам од него истовремено.
Но, тој, сепак, понекогаш е човек. Тој сака да се буди во 11 и пол и да остане буден до пет часот наутро. Тоа се моите најпламени моменти, бидејќи А.К. поетот и А.К. скептикот тогаш престануваат да се лутат еден на друг, таа вечна лутина меѓу нив престанува за момент и тие двајцата заедно со третиот човек кој е во мене формираат една целина, хармонична, ведра и дива како парче од камена карпа. И од нивните срца се раѓа песна понесена од огнот на создавањето и сите мечтаења, сите матни, нејсани како облици на предвечерјето, сомнежи и сите полуизвици и полупискоти повторно добиваат изглед на еден единствен хармоничен облик и се капат во светлото на еден единствен пламен, исполнувајќи ги со огнот на својот ритам распеаните катчиња на моето срце.
Но, тоа трае само миг, бидејќи веднаш потоа се одвојува една третина од моето битие, се облекува во иронијата на една недоверлива насмевка, во мрак, ладен гроб, во мрак на молчење.
А.К. скептикот е набљудувач, премногу добар набљудувач на другите и на себеси. Тој труе сè со своето набљудување кое сè врши од негова страна со непријатно ладна математичка точност. Како фотографска камера, како ладно кристално огледало тој го снима и најмалото движење на своето срце, најмалото бранче на некое возбудување на душата, само за да може потоа да го анализира со ладното око на скептикот, да му се насмее, да го подложи на потсмев, да ја претвори во студенило на рефлексија радосната и чиста топлина на чувствата кои проникнуваат во душата како зелено стебленце на цвеќе. Тој со груба рака на циник вади сè што поминува во потоците на ширум отворените сетила, го умртвува, го анализира распарчувајќи го, кинејќи го на составни делови така што на крај останува само прашина која неговата немилосрдна уста, растворена во студена насмевка, за миг ќе ја дувне од дланките.
Дајте ми нож да го убијам тој човек во себе, тој човек од кој толку се плашам и кој толку го мразам.
А.К. човек. Од сите тројца во мене, тој човек најмалку го познавам, можеби затоа што градењето на неговото битие не е довршено. И затоа сега, кога зборувам за него, ќе зборувам само за она мало делче на неговата душа и на неговиот ум, за коишто забележав дека навистина постојат.
Тој е пред се болно чувствителен човек, кога е сам сака да е меланхоличен, но сепак – тоа не е, иако така му се чини, меланхолијата не е вистинска меланхолија. Во самата суштина тој е еден Словен und niht mehr.
Дали е тоа еден човек? – тоа прашање ме измачува. Знам дека е Словен, дека сака јасни контрасти помеѓу светлината и сенката на животот, дека во светлината на животот и на своето битие ги бара најмрачните нијанси на неговата сенка. Тоа предавање, потполно, големо и светло себепредавање на предмет којшто го сакаме, таа бескрајна љубов којашто соединува сè и таа омраза насочена кон светот исто толку колку и кон себе – тоа се карактеристики на Словен. Тие јасни спротивности, крајности кои сепак се допираат, иако некогаш заемно се соединуваат – тоа се двете големи крилја на словенската душа.
Болно чувствителен, нервозен, кој сака да се плука себеси и другите – ете тоа е А.К. Тој е понекогаш Дон Кихот, понекогаш е шепот на ноќната трева, понекогаш е Санчо Панса. Всушност, во секое битие на овој наш космос струи барем една капка од неговата крв.

Ете толку знам за него. Кога ќе научам нешто повеќе – ќе го напишам пак овде.

.


Напишано од Билјана Богданоска
Користена литература: 
„Големата песна на Ацо Караманов“, приредил Милан Ѓурчинов, МАНУ, Скопје 2006
 
Scroll to Top