Почетна » пишување и читање » писмени работи » Писмена работа за „ Гилгамеш “

Писмена работа за „ Гилгамеш “

Ликот на бесмртниот Гилгамеш

 

Животот е убав. Животот е исполнет со сонце, со надеж, со стремеж кон убави цели. Животот е чукање на срцето кога сме среќни, земање длабок здив од чист воздух, полнење на окото со прекрасен поглед. Животот е најубавиот подарок од боговите, кој, за жал, трае само миг и потоа згаснува. Животот е убав, особено ако си богат крал кој има сè што ќе посака.

Гилгамеш, кралот на Урук, знаел вистински да ужива во животот. Тој господарел, се забавувал и пирувал денови и ноќи, другарувал, љубел, смело се борел, херојски убивал ѕверови, на боговите им се спротивставувал – зашто и самиот бил две третини бог, а само една третина човек. Најмногу од сè го сакал својот пријател, дивиот Енкиду, кој му бил рамен во сила и издржливост и со него ги споделувал убавите моменти од животот. Затоа, огромна била неговата болка кога Енкиду умрел. Шест дена и шест ноќи го оплакувал, ги корнел косите и облеката, рикал како лавица. Но, во тие денови, освен болката, го почувствувал и својот најголем страв – стравот од смртта. Тогаш Гилгамеш се соочил со краткотрајноста на животот и со сознанието дека еден ден и тој самиот ќе умре. Оттогаш тој има само една цел во животот – да ја пронајде бесмртноста! Со натчовечки напори поминува мориња и планини, се соочува со богови и со својот прататко Утнапиштим и заради својата упорност и издржливост ја добива тревката на бесмртноста. Тревката, која ќе посака да ја подели со сите луѓе, за сите да ги направи бесмртни! Боговски несебичен, бескрајно хуман, со спас за сите во рака, ќе мора повторно да очајува кога змијата ќе му ја изеде тревката. Разочаран и паднат во духот, беспомошен, тој ќе се врати во родниот град.

И во минатото и денес, и кралевите и обичните луѓе – сите имаат желба вечно да живеат. Гилгамеш, пак, иако на крајот се разочарал и се помирил со смртноста, сепак успеал да ја оствари својата цел. Со своите дела, градбите на Урук, со својот карактер, опеан во епот кој и денес го читаме, успеал да стане бесмртен!

 

(337 збора)

Scroll to Top