Јоаким Крчовски

Јоаким Крчовски живеел и работел на преминот од XVIII во XIX век. Немаме податоци за неговото раѓање, времето и местото, како ни за смртта. Се претпоставува дека презимето го добил според турскиот назив за Кичево – Крчово и дека најверојатно бил родум од таму. Учителствувал во Паланка и Кратово и со тоа, тој е еден од првите наши манастирски учители.

Крчовски отпечатил пет книги:

оаким Крчовски Повест ради страшнаго и втораго пришествија Христова
Jоаким Крчовски Повест ради страшнаго и втораго пришествија Христова

1. „Слово исказаное заради умирание“, печатена 1814 г. во Будим и е анонимна, но според стилот и јазикот, му припаѓа нему. Тоа е првата книшка на народен македонски јазик, составена од проповеди наменети за воспитување во христијански дух.

2.„Повест ради страшнаго и втораго пришествија Христова“, отпечатена исто 1814 г. во Будим. На насловната страна е даден податокот: списана от хаџи Јоаким даскала – од каде дознаваме дека бил учител во едно од манастирските училишта каде наставата се одвивала на македонски народен јазик.

3. „Сија книга глаголаемаја митарства“, 1817 г. во Будим. Тука дава уште податоци за себе – дека е монах и дека неговото презиме е Крчовски. Митарства е поголемо дело од 62 страници каде има апокрифни текстови за патувањето на човечката душа по смртта за да стигне во рајот. Оваа книга има верско-морализаторски карактер.

4. „Чудеса пресвјатија Богородици“, 1817 г. во Будим.

5. „Различна поучителна наставленија“, 1819 г. во Будим. Оваа книга е најголема, со 310 страници и претставува зборник од различни слова со религиозно-поучен карактер.

Крчовски користел текстови од „Евангелието“ и „Стариот завет“ за да ги поучи луѓето да го поправат својот карактер и да живеат според христијанскиот морал. Според него, пијанчењето е најголем грев, но и другите пороци: лакомството, суеверието, лажењето, крадењето итн.

Тој е револтиран од социјалната нееднаквост на луѓето и ја велича наобразбата и учителите.

Книгите на Јоаким Крчовски одиграле важна улога во верската и моралната просвета. Зацврстувањето на верата значело и зацврстување на националната свест.

Неговите текстови не се со оригинална содржина, тоа се преводи или преработки на христијански текстови, но важно е тоа што се напишани на народен македонски јазик – на кратовско-кривопаланечки говор, со примеси од западните говори, и црковнословенски елементи. Затоа тие претставуваат почеток на новата македонска литература.

Слово заради завист
(од „Различна поучителна наставленија“)
Прочитај го текстот „Слово заради завист“

 

Темата на текстот е зависта како негативна човекова особина, а идејата – да се искорени тоа човечко зло.
Композициски текстот има: воведен дел, изложување и заклучок.

Во воведниот дел авторот го изнесува своето размислување за зависта, кое според него е лошо, одбивно и погубно чувство. Зависта ја нарекува – проклетија, мрска и погана, затоа што е извор на секое зло, не само на земјата туку и на небото.

Изложување – во овој дел ќе образложи каде, кога и како се појавила зависта земајќи примери од „Библијата“.
Според библиската легенда, таа прво се појавила меѓу ангелите. Еден ангел што светел како сонце му завидел на Бога, сакајќи и тој да поседува чудотворна моќ, но бидејќи не можел, од завист потемнел и станал црн ѓавол. За казна Бог го исфрлил од рајот и го фрлил во пеколот вечно да се мачи. Така се родила зависта, односно ѓаволот кој е нејзин симбол. Но, зависта не мирувала.

Ѓаволот им завидел на Адам и Ева зашто уживале во рајот и за да им напакости се престорил во змија. Така, ја наговорил Ева да не го слуша Господ и да касне од плодот на сознанието. Тие биле казнети од Бога, протерани од рајот и станале смртни.
Зависта била причина и за првото братоубиство на земјата – Каин го убил својот брат Авел заради завист. Оттогаш почнала да се лее крв на земјата.

Во завршниот дел, Крчовски ги коментира овие примери и дава заклучоци, велејќи: „…Она учи да се не слуша заповед божја, братоубиствена мајка, смерти ходатаица, корен на сичко зло. Завист не е друго што, салт на срце печал, жалба…“

Scroll to Top