Вилијам Шекспир

За животот на Вилијам Шекспир

 

Шекспир

Шекспир

Вилијам Шекспир (1564-1616) е најголемиот драмски автор на светот и за сите времиња. Тој е претставник на ренесансата од Англија.

Иако живеел и творел пред четири века, неговите драми се уште се изведуваат во театрите ширум светот, а за актерите најголем престиж е да играат некој од неговите ликови.
Врз основа на неговите текстови се снимаат филмови и тоа во различни верзии. Речиси не постои (образован) човек на земјата кој не слушнал за Вилијам Шекспир.
Шекспир е роден во Стратфорд каде се стекнал со основно образование. Се претпоставува дека не бил многу образован бидејќи морал да му помага на татка си во работата.
На осумнаесетгодишна возраст се оженил со осум години постарата Ана Хатавеј со која имал три деца.
Во 1592г. заминува во Лондон каде животот му го посветува на театарот. Прво бил актер, потоа станал дотерувач на туѓи текстови, а откако стекнал искуство и самиот почнал да пишува драми. Подоцна станал косопственик на најпознатиот театар „Глобус“.
Во Лондон творел и работел 20 години (1592-1612). Напишал книга со 154 сонета, 36 драми и 2 наративни поеми.
Во драмите, кои се поделени на: историски, комедии, трагедии и идили, Шекспир меша проза и стих, комични и трагични елементи и создал безброј ликови со универзални чувства, стасти и страдања.
Во 1612 година купил нова куќа во родниот Стратфорд каде се повлекол и живеел до крајот на животот (1616). Починал на 52-годишна возраст, на својот роденден (23. април), а на неговиот надгробен споменик пишува:
„По мудрост Нестор, по генијалност Сократ, по уметност Вергилиј. Земјата го покрива, народот тагува, а Олимп го има.“

 

Творештвото на Шекспир

 

Шекспировото творештво обично се дели на три периода:

1. Ран период

 

Првиот период се карактеризира со сочен ренесансен хумор, буен јазик, политички теми или љубовни заплети и расплети. Во овој период Шекспир напишал неколку од најомилените драми на публиката, како на пример, „Ромео и Џулиета“, „Млетачкиот трговец“, „Хенрик Четврти“ и „Ричард Трети“ која е претходничка на неговите големи трагедии.

 

2. Зрел период

 

На преминот кон 17 век започнува големиот „трагичен период“ на Шекспировото творештво. Овие драми претставуваат духовно раѓање на модерниот западен човек. Шекспировата оригиналност пред се лежи во разновидноста на неговата инвентивност, во прикажувањето на фасцинантни индивидуи кои се видоизменуваат.

Меѓу најголемите трагедии се истакнуваат: „Хамлет“, дело кое повеќепати го преправал, а во кое е прикажан харизматичниот херој – интелектуалец и каде има изобилство на теми во текстот и подтекстот и заради тоа останува дело-темел на западната духовна култура; потоа „Отело“, во кое љубоморниот војник со херојски размери го засенува Јаго – отелотворениот Сатана; „Антонио и Клеопатра“, со фаталната Клеопатра која го надраснува реалниот историски лик; „Кралот Лир“, каде се обелоденуваат почетокот и крајот на човечките карактери и судбини итн.

Прочитај повеќе за „Хамлет“ од Шекспир.

 

3. Доцен период

 

Заедно со овие врвни трагедии се и т.н. мрачни комедии, каде нема големи, незаборавни ликови, туку само цинизам и гадење од човечката превртливост и подлост, од политичките махинации и воопшто од компромисниот карактер на општеството. (Овие драми се претходници на егзистенцијализмот кој се појавува во 20 век).

Својот творечки опус Шекспир го завршил во духот на помирувањето. Неговите драми „Цимбелин“, „Зимска приказна“ и „Бура“, се со фантастична содржина, со многу духови, необични случувања, заплети кои се разрешуваат на чудесен начин, а ликовите не се реални, туку наликуваат на ликови од бајките и народните приказни.

Заради ваквата поделба на творештвото, некои критичари сметаат дека вакво било Шекспировото созревање: по бурната виталност, комика и оптимизам во раниот период, следува тешкиот трагичен период во кој авторот одел по работ на лудилото на кој се надоврзува мачниот ироничен егзистенцијализам, за на крајот, Шекспир да се помири и прости и да го претстави животот како сон.

Scroll to Top