Композиција на песните

Песните имаат специфична композиција (конструкција).
Основен елемент на песната е стихот. Стихот претставува еден ред од песната, кој е покус од редот во текстот и се забележува со голо око.

Стиховите се стегнати изрази со специфична звучност, значење и ритмика.
Повеќе стихови оформуваат строфа.

 

Строфа

Строфа е целина од одреден број стихови со ритам и интонација (може и рима). Таа претставува мисловна целина.

Според бројот на стиховите, разликуваме:

Моностих е строфа со еден стих.

Дистих е строфа составена од два стиха.

Денови ли се — денови
аргатски маки големи!
(Денови – К. Рацин)

Терцет, терцина е строфа од три стиха. Тука најчесто се римуваат првиот и вториот стих, а третиот се римува со третиот од следната строфа.

Сега сме само спокој,
сонуван сакан спокој
самотија и свежина —

Празнично пркни пеперуго,
пепелава пеперуго,
по полската полежина —
(Сонатина – Г. Тодоровски)

Катрен е строфа од четири стиха и е најраспространета.

Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.
(Везилка – Б. Конески)

Пентина (квинта, квинтила) – строфа од пет стиха; секстина – строфа од шест стиха; септима – од седум стиха; октава – од осум стиха; нона – од девет стиха.


Песните според организацијата на строфите може да бидат:

1. Астрофични, песни кои немаат строфи, односно стиховите се подредени еден под друг;
2. Строфични, песни кои имаат строфи со ист број стихови;
3. Хетерострофични, песни кои имаат строфи со различен број стихови (на пример песната од Србо Ивановски „Градот на принцезата Пастрмка“).

Ритам

 

Ритамот е основно обележје на песната. Тој се постигнува со метриката (бројот на слоговите во стихот), ритмичките стапки (нагласени и ненегласени слогови), со повторување исти зборови и гласови, со римата, со инверзијата на зборовите итн.

Ритам е специфичното звучење на стихот.

Метрика

 

Метрика е должина на стихот, односно го означува бројот на слоговите во еден стих. Во стихот има и вообичаени паузи наречени цезури. Нив ги среќаваме кај подолгите стихови.

Стиховите го добиле името по бројот на слоговите:

Четверец е стих со четири слога, со кратка пауза на крајот од стихот. Најчесто, тоа е стих од два двосложни збора, но не мора, како што е на пример песната „На чужина“ од Константин Миладинов:

…Ах миленце,
Ти пиленце!
Как си била
Златокрила…

Стиховите во оваа песна се со четири слога: ах – ми – лен – це (4) / ти-пи-лен-це (4) / как-си-би-ла (4) / зла-то-кри-ла (4) и затоа е четверец.

Петерец е стих со пет слога и кратка пауза на крајот. Вакви песни не се многу вообичаени во нашето творештво, но се среќаваат петерци во комбинација со други (со седмерец, на пример). Во народната песна „Македонско девојче“ е комбиниран седмерецот и петерецот:

Македонско девојче,
китка шарена,
во градина набрана
дар подарена…

(ма-ке-дон-ско-де-вој-че / кит-ка-ша-ре-на: 7 / 5)

Шестерец е стих со шест слога и го среќаваме во македонската народна поезија. Седмерец е стих со седум слога и цезура (пауза) најчесто по четвртиот слог.
Осмерец е стих од осум слога со цезура по четвртиот или по петтиот слог. Осмерецот е еден од најзастапените во нашата народна поезија.

Што ми е мило ем драго

На Струга дуќан да имам
Оф леле леле либе ле
Срцево ми го изгоре…
(од „На Струга дуќан да имам“ – народна песна)

Деветерец
е стих од девет слога. Ретко се среќава во нашата народна поезија, но сепак го има. Во народната песна „Нели ти стига“, првите два стиха се деветерци, а потоа песната продолжува со вообичаените десетерци:Откако те млада заљубив
и по тебе памет изгубив.
(од „Нели ти стига“ – народна песна)

Десетерец е стих од десет слога и е најраспространет во народната песна. Го има и во лирските и во лирско-епските, а најзастапен е во епските. Затоа е познат уште и како јуначки десетерец. Цезурата може да биде по четвртиот, по петтиот или по шестиот слог.

Туѓината пуста да остане
Која од либето ме раздели
Што го чекам време три години…
(од „Туѓината пуста да остане“ – лирска народна песна)

Тога рече Марко Кралевиќе:
– Бог те убил црна Арапино!
Ал се смееш, ал вистина маваш,
ал од кожув правот ми го тресеш?
(од „Марко Крале ја одметнува свадбарината“ – епска народна песна)

Единаесетерец е стих од единаесет слога, со можност за две цезури во еден стих – по третиот и шестиот слог. Дванаесетерец е стих од дванаесет слога и се јавува со цезура во средината по шестиот слог или со две цезури: по четвртиот и по осмиот слог.

Распукала, распукала Шар Планина,
(Ајде) распукала, распукала Шар Планина,
Ми поклопи, ми поклопи три овчара,
(Ајде) ми поклопи, ми поклопи три овчара.
(од Распукала Шар Планина – народна песна)

Тринаесетерец
е стих од тринаесет слога. Ова всушност е десетерец во кој по петтиот или по десетиот слог е вметнат еден збор од три слога кој се повторува како рефрен.

Ќе те опитам, Јано ле, што црно носиш?

Ал татка жалиш, Јано ле, ал мила мајка?
Ни татка жалам, лудо ле, ни мила мајка,
Тук си го жалам, лудо ле, лудото младо…
(од Зборникот на Миладиновци – народна песна)Четиринаесетерец е стих од четиринаесет слога кој се добива по истиот принцип како тринаесетерецот. Стихот може да се подели на два седмерци или на осмерец и шестерец каде се вметнуваат зборови кои служат како рефрен и за продолжување на стихот.

Топи, топи, мила мајко, мојве љути рани,
Топам, топам, мили синко, твојте љути рани.
Кажи, кажи, мили синко, што грех си сторило?
Да ти кажам, мила мајко, што грех сум сторило…
(од Зборникот на Миладиновци – народна песна)

Петнаесетерец е стих од петнаесет слога. Овој стих е редок во нашата народна песна, но се среќава, исто така со повторување на зборови.

Бог да убиет, Милкано мори, твојата мајка,
Што ми те изми, Милкано мори, и те промена,
И ти нареди, Милкано мори, дронано сребро,
Дробноно сребро, Милкано мори, на бело грло…
(од Зборникот на Миладиновци – народна песна)

Шеснаесетерец е стих од шеснаесет слога, кој всушност е составен од два осмерца. Го има во нашата народна поезија под чие влијание се јавува и во поезијата на Константин Миладинов.

Голапче мало хубаво, голапче златокрилесто,
Кога ти дојде при мене? И кога в часот побегна? —
Ушче ја глас ти не слушнаф: ушче те харно не видоф,
Дан ми се, мило, наљути? Дан ми се, добро насрди!
Зашч не ти хубост пофалиф, зашч не ти крилја помазниф?…
(од Голапче – Константин Миладинов)

1 thought on “Композиција на песните”

  1. Благодарам,Ова ми беше од голема корист

Comments are closed.

Scroll to Top