Почетоци на словенската писменост

Почетоци на словенската писменост

Во историскиот развој на македонскиот јазик, под почетоци на словенската писменост ги подразбираме старословенскиот и црковнословенскиот период.

Писмената активност на Словените опфаќа два периода: старословенски (IX – XI век) и црковнословенски (XII – XVIII век).

 

Старословенски период

 

Словенската писменост се создала во втората половина на деветтиот век, односно во 863 година кога Кирил ја составил првата словенска азбука – глаголицата (или една година пред тоа, 862 – пред Моравската мисија).
Јазикот на старите Словени се нарекува прасловенски јазик, а јазикот по создавањето на азбуката се нарекува старословенски јазик.

Причини за создавање на словенската писменост:

 

1. Политички причини

Словените биле пагани (многубошци) кои живееле во родовски заедници. При допирот (соседството) со моќните држави (Византија и Германските Кралства) постоела опасност Словените да се претопат. Односно, на запад да се германизираат, а на југ да се елинизираат. Таа опасност прв ја согледал кнезот Ростислав, владетелот на Велика Моравија, првата словенска држава. Затоа, тој побарал од Византија мисионери кои ќе го шират христијанството, но на словенски јазик. Византија, пак, го прифатила тоа за да го спречи ширењето на германските држави и за да се заштити себеси.

2. Религиозни причини

За да се проширува христијанството меѓу Словените, наједноставно било тоа да се направи на нивниот јазик, бидејќи тие не ги знаеле тогашните од Бога дадени: грчки, латински и еврејски јазик.
Целта на Кирил и Методиј била ширење на христијанството. Залагајќи се за верата, Кирил успева со својата моќ на оратор и филозоф да го убеди Римскиот папа официјално да го признае словенскиот јазик. Така, во 869 година словенскиот јазик станува рамноправен со латинскиот, грчкиот и еврејскиот и можел да се употребува во богослужбата.

Старословенскиот јазик е првиот литературен јазик на сите Словени.
Старословенски јазик е јазикот на Словените кои живееле во околината на Солун во деветтиот век.
Глаголицата е првата официјална словенска азбука која има 38 букви и е создадена од Кирил.

Кирилицата е создадена малку подоцна, врз основа на грчкото писмо и има 44 букви.
Словенската писменост се остварувала преку книжевните школи:
Охридската и Лесновската во Македонија, каде се пишувало со глаголица, и Преславската во Бугарија, каде се употребувала кирилицата.
Зачувани текстови од овој период во Македонија се: Зографското евангелие, Асемановото евангелие и Мариинското евангелие, сите пишувани со глаголица.

 

Црковнословенски период

 

Во периодот од XII до XVIII век, старословенскиот јазик ја задржал основната функција – за богослужба. Но, со текот на времето говорниот јазик се менувал и елементите на таквиот изменет јазик навлегувале и во црковнословенскиот. Така, во овој период се јавуваат варијанти на старословенскиот јазик: македонска, српска, руска, полска итн.

Меѓу XV и XVIII век се појавуваат текстовите наречени дамаскини. Има околу 200 дамаскини кои водат потекло од Македонија. Именувани се според грчкиот проповедник Дамаскин Студит кој велел дека треба да се пишува на едноставен и разбирлив јазик. На тој начин народниот јазик уште повеќе навлегува во црковнословенскиот.

Со текот на времето, јазикот почнал стилски да се раслојува на: висок стил-црковнословенски (во богослужбата) и низок стил – народен јазик (што се употребувал во преписки и правно-административни текстови наречени грамоти).


Прочитај и за:
  1. Почетоци на словенската писменост
  2. Македонскиот јазик во семејството на јужнословенските јазици
  3. Погледите за македонскиот јазик на Пејчиновиќ, Синаитски, Крчовски, Пулевски и Џинот (избор текстови) – прва половина на 19 век
  4. Македонскиот јазик во средината на 19 век (Учебникарската дејност)
  5. Македонскиот јазик во втората половина на 19 век
  6. Лозарите – претходници на Мисирков
  7. Погледите на К. П. Мисирков за македонскиот јазик — „За македонцките работи“ (почеток на 20 век)
  8. Македонскиот јазик меѓу двете светски војни
  9. Македонскиот јазик за време на НОБ
  10. Улогата на Блаже Конески во кодификацијата на македонскиот јазик
  11. Развој на македонскиот гласовен систем
  12. Развој на македонскиот граматички систем

Scroll to Top