Почетна » македонски јазик » лексикологија » Лексиката според сферата на употреба

Лексиката според сферата на употреба

Лексиката според сферата на употреба се дели на: општонародна лексика, дијалектна, професионална, терминолошка и жаргонска.  

 

1. Општонародната лексика ја сочинува основата на зборовниот состав.  

Разликуваме:  

а) разговорна лексика – зборови кои се употребуваат во усната форма на стандардниот (литературниот) јазик. При говорот не се нарушува нормата, но звучи неофицијално, неприсилено.  

 

б) книжна лексика – основата на писмената форма на јазикот. Ја употребуваат писателите со свесен избор на зборови за создавање на уметничко дело.  

 

в) поетска лексика – се одликува со поголема експресивност и сликовитост (На пр.: лаежот на кучињата, ѕвонежот, златоврв…).  

 

2. Дијалектна лексика – дијалектизми се зборови што се употребуваат на определена територија и од ограничен број луѓе (На пр.: соба – одаја; печка – ќумбе, пампур, соба; чамец – кајче).  

 

3. Професионална лексика – професионализми се зборови што им се познати само на луѓе што се занимаваат со иста професија.  

 

4. Терминолошка лексика – термини – служат за точно именување поими, појави или предмети од науката, техниката или културата. Тука преовладуваат странски зборови бидејќи обично директно се преземаат од друг јазик.  

 

5. Жаргонска и арго – лексика – жаргонизми и арготизми.

Оваа лексика ја употребуваат професионална или социјална група луѓе за да се разликуваат од другите.
Жаргонот е јазичен израз кој е неразбирлив поради својата неправилност и често има обележје на таен јазик. Порано го употребувале мајстори, трговци, крадци, скитници, но денес го употребуваат уметници, студенти, ученици, групи луѓе поврзани со начинот на размислување и сфаќање на животот.

Јазичниот израз создаден од овие заедници е познат како сленг.  


Од темата ЛЕКСИКОЛОГИЈА прочитај ги следните написи:

  1. Лексички значења на зборовите
  2. Лексиката според потеклото
  3. Лексиката според процесот на обновата
  4. Лексиката според сферата на употреба
  5. Стилска вредност на зборовите

Вежби  за лексиката според сферата на употреба

 

1. Пронајди ги дијалектизмите во следните реченици:

а) Најубоо дејче е Стојаноото.

б) — Здраво другачке,— рече Лефтер.

в) Не се думај, тргнувај.

2.Пронајди ги професионализмите во речениците:

а) Си купи нова трска, си ги намести окцата, го стави омиленото пајче и очекуваше добар улов.

б) Либретото на операта „Риголето“ е според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“.

3. Напиши неколку термини од лексикологијата!

4. Состави краток дијалог со жаргонска лексика.

 

Одговори:

  1. дијалектизми:

    а) Најубоо, дејче, Стојаноото.

    б) другачке

    в) думај

  2. професионализми: трска, окцата, пајче; либрето, опера.
  3. синоними, хомоними, дијалектизми, жаргонизми…
  4. – Кај си бе пеер? – Ее, со мојата цура.
Scroll to Top