Почетна » пишување и читање » библиотека » Библија (строхебрејска литература)

Библија (строхебрејска литература)

Најзначајно дело од старохебрејската литература е „Библијата“.

Таа всушност претставува зборник од религиозни творби создавани во огромен временски период од XII век пред наша ера до II век од наша ера.

Оваа литература се создавала на повеќе територии и на јазиците хебрејски (иврит) и јидиш.

Библијата се состои од два дела: Стар и Нов завет.

 

Стариот завет се дели на три дела:

1. Петокнижие (составено од петте книги Мојсиеви);

2. Пророци, и
3. Писанија (кое содржи псалми, приказни на цар Соломон, песни – „Песна над песните“).

Во Стариот завет е опишано создавањето на светот, начинот на живеење на старите Евреи, нивните верувања, нивните сфаќања на доброто и злото, начинот на однесување итн.
Стариот завет е свето писмо на Јудеите (Евреите) и христијаните.

 

Новиот завет го почитуваат само христијаните. Бил напишан на старогрчки јазик и завршен 364 година. Во него преку четирите Евангелија на: Матеј, Марко, Лука и Јован е прикажано раѓањето, животот, учењата, смртта и воскреснувањето на Исус Христос.

Приказни од Стариот завет

Создавањето на светот

Во почетокот Бог ги создал небото и земјата. Првиот ден ги создал денот и ноќта, вториот ден – копното и водата, третиот ден – зеленилото и дрвјата, четвртиот – ѕвездите, сонцето и месечината, петтиот – сите животни и во морето и на копното и на небото. Видел дека е добро и шестиот ден рекол: „Да создадеме човек според нашиот образ и според подобието наше. Тој ќе владее над сите животни и над целата земја“. Така и сторил. Го направил човекот според својот лик од земја и му вдахнал животен дух. Потоа пред него ги донел сите животни за да им даде имиња и да си избере другар кој ќе му помага во сѐ. Но, од сите животни таков не се нашол, па Господ му пратил на човекот тврд сон, му земал едно ребро и од него ја создал жената. Оттогаш човекот ги остава своите родители и живее со својата жена, а двајцата стануваат како еден човек. Видел Бог дека е добро тоа што го создал за шест дена, па седмиот го благословил и осветил.

Протерување од рајот

На исток, на посебно место, Господ направил рајска градина, каде течеле реки и растеле дрвја. Меѓу сите убави дрвја имало две посебни: едно – Дрво на животот и друго – Дрво на спознанието. Човекот можел да јаде плодови од сите дрвја, освен од Дрвото на спознанието на доброто и злото. Но, змијата, најитрата од сите животни ја поттикнала љубопитноста кај жената. Таа не можела да издржи и пробала од забранетиот плод, потоа му дала и на мажот. Тогаш сѐ се изменило. Тие станале свесни за својата голотија, а мажот за првпат почувствувал страв од Бога. Биле казнети и протерани од рајот. Мажот со мака да го заработува лебот, жената во маки да раѓа, а змијата вечно да ползи. (Според некои преданија адамовото јаболко – машкиот поизразен пршлен на вратот – се создал кога мажот го пробал забранетиот плод.)

Каин и Авел

Адам и Ева биле првото семејство на земјата. Времето минувало и им се родиле деца. Прво – синот Каин, а потоа Авел. Браќата пораснале и им помагале на родителите. Каин бил земјоделец и работел во полето, а Авел станал овчар. Една многу плодна година тие решиле да му се заблагодарат на Бога и да му принесат дарови. Каин принел од плодовите земни, а Авел едно младо јагне. Се случило Господ милозливо да погледне во дарот на Авел, а на Каиновите дарови речиси и да не погледне. Каин го опфатила силна завист и љубомора. Тој го повикал својот брат во полето и го убил. Кога видел Господ што направил Каин, го протерал да биде скитник по земјата, а за никој да не го убие му ставил знак на челото. Тоа било првото братоубиство.

Ковчегот на Ное

Минале многу години и столетија. Животот на земјата продолжувал, но луѓето почнале сѐ повеќе да се оддалечуваат од Бога и да прават сѐ полоши работи. Сепак, на земјата имало еден човек кој се разликувал од другите, кој бил праведен и се викал Ное. Бог склучил сојуз со него. Му кажал дека ќе ја потопи целата земја и ќе го уништи животот на неа зашто се исполнила со зло. Ное требал да направи за себе еден огромен кораб – ковчег каде ќе го смести целото семејство и по еден чифт од сите животни и птици и голема резерва храна. Ное направил како што му заповедал Господ и тогаш започнале големите дождови кои траеле 40 дена и 40 ноќи и ја потопиле целата земја. Откако изминале тие дни, ковчегот пловел уште многу време. По 40 дена Ное пуштил гавран кој одлетувал и долетувал додека не се појавило копното. Потоа тој пуштил гулаб, но тој не нашол сува земја и се вратил. По 7 дена кога Ное повторно го пуштил гулабот, тој се вратил со маслиново гранче во клунот. Ное излегол од коработ и му принел жртви на Бога за благодарност. Тогаш Господ рекол дека повеќе нема да ја уништува земјата со потоп и како завет за кажаното го направил божилакот (виножитото). Од тогаш божилакот е знак за сојузот меѓу земјата и Господ.

Вавилонската кула

Минале векови, луѓето се расселиле по целата земја, но зборувале на ист јазик. Тогаш тие решиле да создадат нешто големо, да си изградат град и во него огромна кула, висока до небото, за да си го овековечат името и да бидат поблиску до Бога. Но, Господ им ги измешал јазиците за да не се разбираат еден со друг, па не можеле да ја довршат својата градба. Луѓето ги растурил по целата земја. На градот му дале име Вавилон.

Scroll to Top