Почетна » пишување и читање » библиотека » О писменех (за буквите) – текстот

О писменех (за буквите) – текстот

О писменех

Црноризец Храбар

Порано Словените немаа книги, туку се служеа со рески и цртички, читаа и гатаа, исто како и многубошците.
А кога се покрстија, беа принудени словенските зборови да ги пишуваат со римски и грчки букви, без некое посебно правило.
Но како може добро да се пишува со грчки букви: бог, или живот, или ѕелов или црков, или человек, или широта, или штедроти, или јуност, или јаду, или јазил или јад, и слични на овие?
И така се продолжуваше многу години.

Потоа човекољубецот Бог, којшто го создаде и не го остави човечкиот род без разум, туку сите луѓе ги доведува до разум и спасение, се смили на словенскиот род, па им го испрати св. Константина Филозоф, наречен Кирил, праведен и вистинољубив маж, кој им приготви 38 букви, едни по образец на грчката азбука, а други според словенскиот јазик.
Таа (грчката) започнува со алфа, а оваа (словенската) со аз.
И така обете започнуваат со аз. И како што Грците ги направија своите букви подражавајќи ги еврејските, така и тој по образец на грчките.
Како што Евреите, кога воведуваат дете во училиште му велат: „Учи се!“ – како што она алеф значи, така и Грците го примија она алфа.
По тој начин правилото во еврејската реченица стана заповед во грчкиот јазик, којашто се дава на детето!
„Во училиштето барај алфа, бој се, вели од грчкиот јазик!“
Слично на тоа и Кирил ја направил првата буква аз. И како, прва буква аз дадена од Бога на словенското племе, за да се отворат устите на децата при учењето на разумот преку буквите, таа се произнесува со послабо отворање на устата.

Некои велат: „Зошто создал 38 букви? Може да се пишува и со помалку како што прават Грците кога пишуваат со 24“.
Но тие не знаат точно со колку букви пишуваат Грците.
Има, навистина 24 букви, но не ги исполнуваат со нибв книгите, ами додале уште 11 двогласки и три знака за броевите 6, 90 и 900, та се збираат 38 букви.

Или пак некои што зборуваат :„Зошто словенски букви? Ниту Бог ги создал, ниту архангелите, ниту се отпрвин оформени и примени од Бога како што се еврејските, римските и грчките?“ А трети мислат дека сам Бог ги создал буквите.
А, не знаат кутрите што зборуваат дека на три јазика Бог наредил да се пишуваат книги, како што пишува во евангелието:„Имаше таму штица напишана на еврејски, римски и грчки“ А словенски таму немаше, та заради тоа словенските букви не се од Бога.
На тоа што да кажеме и што да им речеме на такви безумни? Да им кажеме како сме научиле од св. Писмо, и дека пред се по ред си иде од Бога, а не од друг некој. Не го создал Бог прво еврејскиот јазик, ниту римскиот, ниту грчкиот, туку сирискиот, на којшто зборувал Адам, и од Адама до потопот кога Бог ги разделил јазиците при Вавилонската кула (столпотворение): „размешани беа јазиците“. И како што се размешаа јазиците, така се размешаа наравите и обичаите, наредбите и законите и искуствата (науките): на Еѓипќаните – геометријата, на Персијците, Калдеите и Асирците – астрономијата, гатањето, врачањето, маѓесувањето и секаква човечка вештина; на Евреите пак светите книги, а во нив е пишано дека Бог го создаде небото и земјата и се на неа и по ред како што пишува; а на Грците – граматиката, реториката и филозофијата.
Но пред тоа Грците немаа букви на свој јазик, а ги пишуваа своите зборови со феничански букви.
Така беше многу години. После се јави Палмид, што почна со алфа – вита и им изнајде на Грците само 16 букви.
Кон нив Кадам Милетски додаде уште три букви. Со овие 19 букви пишуваа многу години.
А после Симонид изнајде и додаде уште две букви; писателот Епихариј изнајде три букви и се собраа 24.
По многу години Дионисиј Граматик изнајде 6 двогласки, после друг пет, и друг три за броевите. И така мнозина за многу години одвај собраа 38 букви.
После пак, кога поминаа многу години, се најдоа по божја повела 70 мажи, што го преведоа од еврејски на грчки јазик (светото писмо).

Свети Константин, наречен Кирил, сам и словенските букви и книги ги преведе за малку години, а оние мнозина и за многу години: седум души ги создадоа нивните букви, а седумдесет души преводот.
Затоа словенските букви се посвети и подостојни за почит, зашто свет маж ги сторил, а грчките пак букви многубошци.

А пак некој рече дека не ги донаправил добро бидејќи и сега се доправаат, и на тоа ќе одговориме: „Исто така и грчките многу пати се поправани од Ахила и Симаха, а потоа и од мнозина други.
Оти подобро е да се создаваат постепено, отколку одеднаш да се направат.

Ако ги запрашаш пак грчките книжевници:„Кој ви ги создал буквите и превел книгите? – тоа малцина од нив и ретко знаат за тие работи.
Ако пак ги запрашаш словенските книжевници: „Кој ви ги создал буквите и превел книгите? – сите знаат и одговарајќи ќе кажат:
„Свети Константин Филозоф, наречен Кирил, тој нам ни ги создаде буквите и книгите ги преведе, заедно со брата си Методија.
Уште се живи оние кои ги виделе нив“.
И ако прашаш во кое време, знаат и во одговор ќе речат дека тоа станало во времето на грчкиот крал Михаил, бугарскиот кнез Борис, моравскиот кнез Растица и блатенскиот кнез Коцел – во годината од создавањето на светот 6363 (863).

Има и други одговори и на друго место ќе ги кажеме зашто сега нема време…
Таков разум браќа, им подари Бог на Словенците, Кому му припаѓа слава, чест и држава сега, порано и во сите векови, амин.

 

Прочитај ја анализата на текстот „О писменех“

Scroll to Top