Развојот на граматичкиот систем

Развојот на граматичкиот систем на македонскиот јазик се одвивал постепено, преминувајќи од синтетички во аналитички тип.
Старословенскиот јазик бил изразито синтетички – односно имал развиени падежни форми (деклинација) и развиен систем на глаголски форми. Со текот на времето овој систем многу се изменил и упростил, па македонскиот јазик се трансформирал во јазик од изразито аналитички тип – односно јазик без падежи и изразување на односите со предлози.
Развојот на граматичкиот систем одел постепено, почнувајќи од 10 и 11 век, но веќе во 15 век во народниот јазик се зацврстил современиот тип на македонскиот јазик.
.

Именки

.
1. Стариот јазик разликувал седум падежи со кои се изразувале различни односи:
– номинатив – го означувал подметот во реченицата;
– генитив – означувал дел од нешто, посвојност, оддалечување и др.;
– датив – означувал намена, индиректен предмет, посвојност и правец;
– акузатив – го означувал предметот во реченицата;
– инструментал – повеќе значења – средство, друштво и сл.;
– вокатив – означувал повикување;
– локатив – означувал време и место на дејството.
Падежите се употребувале со и без предлози. Но, постепено, во нашиот јазик падежите ја губеле својата функција за сметка на предлозите кои ја зајакнувале. (И денес ја имаме истата тенденција кај преостанатите форми на падежите кај заменките – често погрешно се употребува: на него, место нему).
На пример, индиректниот предмет во стариот јазик бил: рекох чловјаку (датив), а денес имаме аналитичка форма со предлози: му реков на човекот.
.

Придавки

.
И кај придавките се загубиле падежните форми, како и старите синтетички форми за компаратив и суперлатив. Па од: богат – богатјаи – најбогатјаи, денес имаме: богат – побогат – најбогат.
Исто така се загубиле посебните форми за компаратив образувани од други основи (велик – болии; голем – поголем).
.

Заменки

.
Единствено кај заменките се зачувале форми од падежите и тоа: дативни форми за изразување индиректен (мене ми) и акузативни форми за изразување директен предмет (мене ме).
Од старите показни заменки: овој, оној, тој во македонскиот јазик се развил членот (раб т – работ).
.

Глаголи

.
Кај глаголите се загубила инфинитивната форма, но се зачувале минато определено свршено и несвршено време (аорист и имперфект), кои во другите словенски јазици се загубиле; и исто така се јавиле нови глаголски конструкции образувани со помошните глаголи сум и има.
Во нашиот јазик, за сметка на упростување на именскиот систем, глаголскиот се усложнил.
.

Прочитај и за:

  1. Почетоци на словенската писменост
  2. Македонскиот јазик во семејството на јужнословенските јазици
  3. Погледите за македонскиот јазик на Пејчиновиќ, Синаитски, Крчовски, Пулевски и Џинот (избор текстови) – прва половина на 19 век
  4. Македонскиот јазик во средината на 19 век (Учебникарската дејност)
  5. Македонскиот јазик во втората половина на 19 век
  6. Лозарите – претходници на Мисирков
  7. Погледите на К. П. Мисирков за македонскиот јазик — „За македонцките работи“ (почеток на 20 век)
  8. Македонскиот јазик меѓу двете светски војни
  9. Македонскиот јазик за време на НОБ
  10. Улогата на Блаже Конески во кодификацијата на македонскиот јазик
  11. Развој на македонскиот гласовен систем
  12. Развој на македонскиот граматички систем
Scroll to Top