Почетна » македонски јазик » правопис » Скратеници и скратување на зборовите

Скратеници и скратување на зборовите

Скратеници и скратување на зборовите

 

Во македонскиот јазик под скратеници се подразбираат акронимите – изведени зборови кои се добиваат со скратување на зборовите кои влегуваат во состав на повеќекомпонентни имиња, наслови и називи. Како такви, тие треба да се разликуваат од скратувањата на зборовите, т. е. абревијациите – кратења на одделни зборови кои често се употребуваат заради заштеда на време и на простор.

 

Скратеници

 

Најголемиот број скратеници се добиваат од почетните букви на составните делови на називот:

ВМРО – Внатрешна македонска револуционерна организација

ЕУ – Европска Унија

ЈСП – Јавно сообраќајно претпријатие

МНТ – Македонски народен театар

ОН – Обединети нации

САД – Соединети Американски Држави

Скратениците по правило се пишуваат со големи букви и без точки, а се читаат или буква по буква (АРМ, ЈСП, МНТ, МПЦ итн.), најчесто тогаш кога во нивниот состав нема самогласка, или се читаат како еден збор (АСНОМ, НОБ, МАНУ, САД, УЕФА итн.).

 

Скратувања на зборовите

 

Зборовите се скратуваат заради заштеда на простор и време. тие не се посебни зборови во македонскиот јазик, туку претставуваат скратени постојни зборови кои воопшто не се читаат во својата скратена форма. Со други зборови, скратувањата на зборовите функционираат само при пишувањето, а не и при зборувањето.

.

1. Најекономични и најчести се скратувањата сведени на првата буква на зборот. Такви се, на пример, следниве:

в. – век; види; весник

г. – година; господин

ж. – женски

л. – лице

м. – место; машки

о. – отец

р. – род

с. – село

Мерните единици што се користат често надвор од научната сфера на употреба се пишуваат со кирилски букви и без точка: м – метар, мм – милиметар, см – сантиметар и центиметар, км – километар, л – литар, мл – милилитар, г – грам, кг – килограм, т – тон итн.

.
2. Многу зборови се кратат пред првата самогласка:
бр. – број
вл. – влез
гр. – град
др. – друго
кн. – книга
мн. – множина
.
3. Некои зборови се кратат пред втората самогласка:
ал. – алинеја
арх. – архитект; архаизам
ас. – асистент
астр. – астрономија
.
4. Ретко се среќаваат скратувања кои завршуваат пред третата самогласка во зборот:
админ. – административно
геогр. – географија
зоол. – зоологија
.
5. Сосем ретко зборовите се кратат пред четвртата самогласка:
археол. – археологија
.
6. Поретко, скратувањата се добиваат со поврзување со цртичка на првата и последната буква или на првата буква и последниот слог во зборот и по правило не ја менуваат својата форма, особено пред имиња. Ако сепак треба да ја сменат својата форма, не треба да се кратат (на пример: ѝ се обратив на г-а Петровска; ѝ се обратив на госпоѓата што стоеше пред мене):
г-а – госпоѓа (неутрална форма за означување женско лице)
г-ца – госпоѓица (младо женско лице без оглед на брачен статус)
г-ѓа – госпоѓа (возрасно женско лице без оглед на брачен статус)
д-р – доктор на науки
м-р – магистер
.
7. Кај сложените зборови скратувањето се образува со примена на принципот кај секоја од компонентите на сложениот збор:
с.р. – своерачно
т.н. – таканаречен
ст.сл. – старословенски
Ако се крати полусложенка, цртичката останува:
зам.-мин. – заменик-министер
Кај овие скратеници, бидејќи станува збор за еден збор нема белина (празно место) меѓу двата дела.
.
8. Кога се кратат групи зборови, се почитуваат општите принципи и меѓу нив има празно место (белина):
заб. на прев. – забелешка на преведувачот
в. д. – вршител на должноста
и др. – и друго, и други
и сл. – и слично
ж. р. – женски род
м. р. – машки род
ср. р. – среден род
н. е. – новата/нашата ера
нар. поез. – народна поезија
пр. н. е. – пред новата/нашата ера
.
           
Scroll to Top