Почетна » македонски јазик » правопис » Употреба на голема буква

Употреба на голема буква

Употреба на голема буква е дел од Правописот на македонскиот јазик.

Со голема буква се пишуваат:
1. Почетниот збор на реченицата.
             
На пример: Денес имав среќа.
 
2. Имињата, презимињата и прекарите, имињата на животните и фамилиите.
             
На пример: Моето име е Билјана, а моето куче се вика Арни.
3. Посвојните придавки изведени од лични имиња со наставките -ов, -ев и -ин.
             
На пример: Вчера го видов Игоровиот пријател Зоран.
На Милкиниот прозорец има најмногу цвеќиња.
4. Географските и топографските имиња. Ако се составени од повеќе зборови сите се пишуваат со голема буква.
 *заб. Во ниту еден друг случај не се пишуваат сите зборови со големи букви (освен ако не се лични имиња).
На пример: Македонија, Вардар, Скопје, Пелагонија,
       Шар Планина, Охридско Езеро, Ново Село,
       Соединети Американски Држави,
       Европа, Западна Македонија, Далечен Исток
5. Имињата на жители на континенти, држави, области, национална припадност, припадници на племиња.
             
На пр.: Европеец, Американец, Австалиец,
Германец, Македонец, Србин, Ром, Албанец,
Швајцарец, Мариовец, Горанец,
6. Имињата на институциите, улиците, кејовите, плоштадите, објектите, организациите, фестивалите, имињата на книгите, уметничките творби, весниците, списанијата, написите, законите, прописите, документите, како и називите на востанијата, војните, битките и мировите.
 *заб. Голема е само буквата на првиот збор (освен ако не е лично име).
            
На пример: Архитектонски факултет, Драмски театар, Партизански одреди, Арапска куќа, Младинска организација, Струшки вечери на поезијата, Крпен живот, Бисера, Време, Закон за работни односи, Разловечко востание, Втора светска војна, Версајски мир.
7. Имињата на небесните тела.
            
На пример: Венера, Марс, Сонце, Месечина, Земја.
 Кога не се употребени како име на небесно тело се пишуваат со мала буква.
             
На пример: Ја копаше земјата.
8. Кога по две точки (:) следува директен говор.
             
На пример: Дејан рече: „Многу ми е здодевно“.
9. Имињата на празниците.
             
На пример: Први мај, Нова година, Божиќ, Бајрам, Единаесетти октомври, Осми септември
  • Само првиот збор се пишува со голема буква.
             
Ако датумот е напишан со број, тогаш првиот збор што следува по бројот е со голема буква.
             
На пример: 8 Март, 13 Ноември, 11 Октомври.
10. Од почит заменките вие и ваш, како и други зборови.
             
На пример: Ја сретнав Вашата сопруга.
            Почитувана Директорке, сакам да Ве замолам…
Со мала буква се пишуваат:
1. Жители на населени места.
На пример: скопјанец, крушевчанец, драчевец, новоселец.
2. Придавки изведени од лични имиња и географски поими.
На пример: горкиевски (стил), езоповски (начин), скопски, македонски, албански, вардарски, охридски, шарпланински.
            *Често ваквите придавки учениците погрешно ги пишуваат со голема буква.
3. Имињата на месеците, деновите во неделата, годишните времиња.
На пример:  април, јануари, среда, сабота, лето, зима.
Scroll to Top