Почетна » литература » Фјодор Михаилович Достоевски

Фјодор Михаилович Достоевски

Фјодор Михаилович Достоевски (1821-1881)
Фјодор Михаилович Достоевски
(1821-1881)

Фјодор Михаилович Достоевски (1821-1881) е претставник на реализмот од Русија. Роден е во Москва, каде го поминал поголемиот дел од детството.

Кога имал 16 години се запишал на Воено-инженерската академија во Петроград. Тоа не му се допаѓало, па почнал да се занимава со литература. На 25-годишна возраст го напишал својот прв роман.

Се вклучил во кружокот на Пeтрашевски, кој бил револуционерен, па тој и сите членови биле затворени и осудени на смрт. Смртната казна веќе почнала да се извршува, пушките биле вперени во нив, кога дошло помилувањето од царот и преиначување на казната во робија (прогонство во Сибир).

Достоевски бил помилуван во јануари 1850 година и бил испратен на присилна работа во работничкиот логор „Каторга“ во Омск, во Сибир. Во овој период, тој бил погоден од бројни епилептички напади.

Во1854 година бил пуштен од затвор и следните пет години ги поминал како поручник во седмиот баталјон, стациониран во тврдината во Семипалатинск, во Казахстан.

Овој период се смета за пресвртница во неговиот живот. Достоевски веќе претходно ги напуштил револуционерните политички ставови и им се вратил на традиционалните руски вредности. Станал христијанин и голем противник на филозофијата за нихилизмот. Во тоа време ја запознал Марија Димитриевна Исеава, вдовица на некој пријател од Сибир, со која потоа и се оженил.

Имал многу несреќен живот. Бил болен од епилепсија, му починале братот, жена му и двете деца и најдобриот пријател. Иако многу пишувал, никогаш материјално не бил во добра состојба и постојано бил во долгови.

Творештвото на Достоевски

 

Достоевски е еден од најгенијалните писатели кој длабоко проникнува во човековата душа. Негови најпознати романи се: „Бедни луѓе“, „Записи од мртвиот дом“, „Понижени и навредени“, „Злосторство и казна“, „Идиот“, „Браќа Карамазови“ и др.

Достоевски е ненадминлив во начинот на разоткривањето на човековата душа и тој е претставник на психолошкиот реализам. Исто така, се смета за творец на романот на многугласието (полифоничниот роман). Во него рамноправно се вклучени општествената и социјална реалност и психичката стварност на поединецот (текот на неговите размислувања, сонот, кошмарот, халуцинациите и ирационалните одлуки при изборот).

 

Прочитај повеќе за романот „Злосторство и казна“

 

Scroll to Top