Зборот есеј потекнува од францускиот essai кој значи оглед, осврт, обид, експеримент.
Есејот е краток прозен текст, со критички, филозофски и публицистички елементи, каде авторот со секојдневен јазик разработува актуелни културно-општествени проблеми за кои сè уште нема јасен став во јавноста или има многу различни ставови.
Во есејот доаѓа до израз личниот став на авторот, неговиот избор на проблемите кои ќе ги опфати, неговиот сопствен стил на изложување и заклучување, но мора да има мисловна разработка на проблемот, како и доследност во заклучувањето.
Во есејот се анализира, критикува, се дава заклучоци и сето тоа уметнички се обликува.
Есеите најчесто се посветени на книжевноста, инспирирани од литературни дела, па затоа се користат принципите на самата книжевност. Но сепак, темите на есејот може да бидат и од секојдневниот живот, политиката, историјата, географијата итн. итн.
Прочитај повеќе за различните видови есеи на следнава ВРСКА.
(Во последно време е префорсирана употребата на есеите во образованието, особено на Запад, па под тоа влијание и кај нас. Основната, првичната идеја е секако добра – учениците да ги изнесат сопствените ставови во врска со некоја тема. Но, за жал, тоа ретко се случува. Обично тие само копираат текстови од интернет кои не ги ни читаат, им ги носат на наставниците и мислат дека си ја завршиле работата.
Не! Есејот е труд. Вистинскиот есеј бара работа, истражување, читање, донесување сопствени судови, а потоа образложување на истите со аргументи. Само ако учениците се придржуваат на основните правила, ако самите го напишат својот есеј, тогаш може да има успех и од есејот да има ефект.)
Структура и композиција на есејот
Структурата и композицијата на есејот ги опфаќа неговата надворешна форма и поврзаноста на деловите од кои е составен.
Надворешната форма, изгледот на текстот е важен исто како што е важен изгледот на човекот. Ако човекот е измиен, дотеран, убаво облечен, со средена фризура, остава поинаков впечаток од оној кој штотуку станал од кревет.
Затоа, мора да се обрне внимание на изгледот на текстот. Ова особено важи за текстови кои се пишувани со рака (писмени работи, есеи за матура и сл.).
Надворешно – во есејот мора да се издвоени најмалку три пасуса – воведот, главниот дел и завршниот дел. Во главниот дел, во зависност од тезите што се обработуваат може да има повеќе пасуси.
Секој пасус започнува во нов ред, вовлечен, да се забележува како целина (или како што велат учителките во прво одделение – да се остават два прста!).
Се разбира и ракописот треба да е читлив, да не задава маки при читањето.
1. Пред да се започне со пишување есеј најдобро е да се направи концепт за темата што ќе се обработува. Во точки ги изнесуваме главните идеи/тези што ќе ги обработуваме, а во потточки споредните идеи – кои произлегуваат од главните, односно поттезите.
2. Есејот мора да содржи тези за да:
– си ги истестирме, провериме, сопствените идеи преточени во мисла/реченица;
– има подобра организација и изградување на аргументите;
– обезбедиме тек на мислата која ќе биде лесна за разбирање од страна читателот.
3. Есејот мора да има вовед кој треба да започне со општи податоци во врска со темата и полека да води до главната теза. Тезата треба да биде изложена во една, најмногу две реченици со поентата на нашето образложување, односно аргумент, и треба да наговести за што ќе се работи во понатамошниот текст.
Понекогаш воведот може да биде „бомбастичен“, предизвикувачки, изненадувачки за да се привлече вниманието на читателот.
Секако, воведот треба да биде таков што ќе го привлече вниманието на читателот и ќе го запознае со идеите кои понатаму ќе се образложуваат.
4. Во разработката (телото на текстот) мора сите тези и поттези да ги опишеме, аргументираме и докажеме. Во нов ред ја пишуваме секоја нова теза, па така, колку тези имаме – толку пасуси ќе содржи есејот.
5. Завршниот дел (заклучокот) треба да биде затварање на темата, сумирање на сите изложени тези, внимавајќи притоа да не се повторуваме и да се искаже конечениот став во однос на темата која се обработувала. Некоја поговорка, пословица или анегдота може понекогаш да биде добар заклучок.
Овој дел не треба да биде подолг од три до четири реченици.