Новелата „На полковникот нема кој да му пишува“ од Габриел Гарсија Маркес е приказна за бедниот полковник и неговата астматична жена.
Полковникот е ветеран од Војната од илјада дена, која се случила пред повеќе од 20 години, а чија ветена пензија тој упорно ја чека.
Уште со првите реченици на новелата е прикажана крајната беда во која живеат полковникот и неговата жена.
Утрото кога станува, полковникот вари кафе, но во кутијата останало само една лажица, па тој ѝ го приготвува на жената, а неа ја лаже дека тој веќе го испил своето.
Иако за нив нема ништо за јадење, полковникот му носи храна на петелот, му ја менува водата и со своето внимание кон него покажува дека петелот е единствената и најголемата вредност во куќата. Тоа бил навистина убав петел за борби, кој освен што им претставува надеж за егзистенција е исто така петел на нивниот загинат син. Оставен им е како аманет, како спомен, како поврзување со него. И полковникот без разлика на сè, не може да се оддели од него.
Сиромаштијата е очигледна во нивната куќа која се наоѓа на крајот од селото, со покрив од палмини лисја, со ѕидови од испукана вар, каде покрај тоа што веќе нема ништо за јадење, нема речиси никаков мебел.
На почетокот е прикажан полковникот кој се подготвува за погреб на музичарот кој бил врсник на нивниот убиен син. Тој е првиот во селото кој по подолго време умира со природна смрт. Полковникот се бричи без да се гледа зашто немаат огледало, облака стар костум и изнаоѓа чадор кој го добиле на томбола во циркусот кога син им Агустин имал 8 години. Жената го набљудува неговото подготвување и сфаќа дека тој се облекол како на денот на нивната свадба и во тој момент гледа колку многу остарел.
На погребот полковникот се сретнува со својот кум, дон Сабас, кој му препорачува да оди на лекар зашто изгледал лошо и кој живеејќи во богата куќа не ја сфаќа бедата на полковникот. А полковникот едвај чека церемонијата да заврши и повторно да се прибере дома, да го соблече незгодниот костум и да му се посвети на петелот.
Во новелата постојано се врти една те иста работа: петок – доаѓањето на бротчето со поштата и петелот. Сè е еднолично, сè е исто – никогаш ништо не се менува. Староста и болеста на сопружниците, дождот и влагата само го надополнуваат тој амбиент.
.
„– Во што е брзањето да се излезе на улица – праша.
– Поштата.
– Изумив дека денес е петок – прокоментира таа враќајќи се во собата. Полковникот беше облечен, но без панталони. Таа се загледа во неговите чевли.
– Тие чевли се веќе за фрлање – рече. – Облечи ги лачените чизми.
Полковникот се натажи.
– Прилегаат на сирачки чевли – одврати. – Секогаш кога ќе ги обујам се чувствувам како бегалец од сиропиталиште.
– Ние сме сираци на нашиот син – рече жената.
И овојпат го наговори. Полковникот се упати кон пристаништето пред да засвират сирените од бротчињата. Лачени чизми, бели панталони без ремен и кошула без јака, затворена кај вратот со бакрено копче. Го набљудуваше маневрирањето на бротчињата од дуќанот на Сириецот Мојсес. Патниците слегуваа, здрвени по осум часа неподвижност: кираџиите и луѓе од селото кои беа заминале минатата недела и сега се враќаа.
Последно беше бротчето со поштата. Полковникот го набљудуваше неговото пристанување со болна напнатост. На покривот, врзана за парните цевки и заштитена со восочно платно, ја пронајде поштенската вреќа. Петнаесет години чекање ја имаа изострено неговата интуиција. Петелот го имаше изострено неговиот копнеж. Од моментот кога поштенскиот чиновник се качи на бротчето, ја одврза вреќата и ја префрли на грб, полковникот не го испушташе со погледот.“
И истово ова, опишано во извадокот се повторува постојано и постојано – 15 години.
Владата ветила пензии за воените ветерани и полковникот упорно го чека своето писмо во кое ќе биде известен дека ја добил пензијата. Движејќи се низ селото тој се среќава со докторот, со пријателите на синот кои ветуваат дека ќе се обложуваат на петелот во следните борби кои треба да се случат за два месеца, и сето тоа движење е како низ магла, за повторно да дојде во реалноста на својата куќа и својата беда.
.
„ – Мозокот ми е здрвен како стап.
– Секогаш ти бил таков – рече полковникот, потоа погледна во жениното тело сето покриено со разнобојни парталчиња. – Прилегаш на клукајдрвец.
– Уште малку па ни клукајдрвецов нема да може да те облече – рече таа. Рашири една кошула составена од три различни бои, со исклучок на јаката и манжетната што беа од иста боја. – На поклади ќе треба да го соблечеш само палтото.
Ја прекинаа камбаните за шесте часот. – Ангел господов и се јави на Марија, – почна да се моли гласно, упатувајќи се сосе алишта накај спалната. Полковникот разговараше со децата кои, враќајќи се од училиште, беа дојдени да го погледнат петелот. Потоа се сети дека нема пченка за утрешниот ден и влезе во спалната за да побара пари од жената.
– Мислам дека останаа само педесет сентавоси – рече таа.
Ги чуваше парите под рогозината од креветот, врзани во шамиче. Беа од машината за шиење на Агустин. Веќе девет месеци ги арчеа овие пари цент по цент, делејќи меѓу своите сопствени потреби и потребите на петелот. Сега имаше само две монети од по дваесет и една од десет сентавоси.
– Купи една либра пченка – рече жената. – Со кусурот купи кафе за утре и четири унци сирење.
– И еден позлатен слон за да го закичиме на портата – продолжи полковникот. – Само пченката е 42 сентавоса.
Се замислија еден момент. Петелот е животно и како такво може да чека – рече жената. Но изразот на нејзиниот маж ја натера да размисли. Полковникот седна на креветот, ги опре лактите врз колената тропкајќи со парите во рацете.
– Не е заради мене – рече по еден миг. – Ако зависеше од мене, истава ноќ ќе го ставев петелот в тенџере. Треба да е пријатна тежината од педесет песоси во стомакот. – Направи пауза за да смачка еден комарец на вратот. Потоа продолжи да ја следи жената со погледот по собата.
– Ме загрижува тоа што оние кутри момчиња штедат.
Тогаш таа почна да размислува. Направи цел круг со запрашувачот со инсектицид. На полковникот му се стори како да има нешто нестварно во нејзиното движење, како да ги повикува за совет духовите од куќата. На крајот го стави запрашувачот врз олтарчето со литографии и ги впери своите килибарни очи во килибарните очи на полковникот.
– Купи пченка – рече. – А нам господ нека ни е на помош. “
Без храна, снаоѓајќи се некако ја поминуваат и таа недела. Во куќата им останале само уште стариот часовник и сликата што би можеле да ги продадат. Жената веќе бескрајно загрижена го убедува мажот да оди да го продаде часовникот, а тој ја утешува дека утредента е петок – новата надеж за ветената пензија. Ужасно безнадежна надеж.
.
„ Пред да ги скине пликата докторот погледна во полковникот. Потоа во службеникот.
– Ништо за полковникот?
Полковникот премре од страв. Службеникот ја зафрли вреќата преку рамо, се упати кон кејот и одговори без да ја сврти главата:
– На полковникот нема кој да му пишува.
Спротивно на својот обичај, не се упати директно дома. Се напи кафе во шивачницата додека другарите на Агустин ги прелистуваа весниците. Се чувствуваше измамен. Претпочиташе да остане така до следниот петок за да не се појави оваа ноќ со празни раце пред жената. Но кога ја затворија шивачницата беше принуден да се судри со стварноста. Жената го чекаше.
– Ништо? – праша.
– Ништо, – одговори полковникот.
Следниот петок пак дојде кај бротчињата. И, како сите петоци, се врати дома без чеканото писмо. – Бесмислено е да се чека повеќе – му рече таа ноќ жената. – Треба да се има тоа биволско трпение што го имаш ти за да се чека едно писмо петнаесет години. – Полковникот легна во мрежата за да ги чита весниците.
– Треба да се чека на ред – рече. – Нашиот број е илјада осумстотини дваесет и три.
– Откако чекаме тој број двапати излезе на лотарија – одговори жената.
Полковникот читаше, како секогаш, од првата до последната страница, вклучително и огласите. Но овој пат не беше сконцентриран. Во текот на читањето мислеше на својата пензија што ја заслужи како ветеран. Пред деветнаесет години кога конгресот го објави законот, го започна процесот на докажување правото на пензија што траеше осум години. Потоа му требаа шест години да го заведат во архивскиот регистар. Тоа беше последното писмо што го доби полковникот.“
Во овој безизлез тој и понатаму е упорен и решава да го промени адвокатот. Пишува писмо, ги бара старите документи и почнува да живее со нова надеж. Но, времето се влошува, а со тоа и нивната болест – астмата на жената и стомакот на полковникот. Сè се распаѓа, гние во влагата и староста, во гладот и немаштијата. И петелот неколку дена останува без храна па и тој се подразболува. Полковникот го посетува кумот дон Сабас за да изнајде некаков излез, а тој му предлага да го продаде петелот додека сè уште не е доцна. Од големата сума пари што му ја кажува на полковникот му се стегнува желудникот од вознемиреност. Таква сума тој никогаш не видел. Со нова надеж се прибира дома, каде жена му го дочекува со топла каша направена од пченката на петелот, пченка што ја донеле другарите на Агусто за да го одржат во живот. Жената кажува дека петелот сакал да ја сподели со нив, со рамнодушен коментар:
.
„Таков ти е животот.
– Таков ти е – воздивна полковникот. – Животот е најубавата работа што се има измислено.“
.
Во ваква ситуација, од вакви луѓе, речиси е иронично да излезат вакви зборови: дека животот е убав! Но, така е, без разлика на околностите, полковникот не му се лути на животот – туку го сака и го живее со гордост. Но таа, жената е домаќинката, која повеќе не може да издржи и се обидува да ги преземе последните чекори:
.
„– Каде беше?
– Се зазборував онаму – рече таа. – Толку време немам излезено на улица.
Полковникот ја закачи мрежата за спиење. Ја затвори куќата и ја испрска собата против комарци. Потоа ја стави ламбата на земја и си легна.
– Те разбирам – рече тажно. – Најстаршното во немаштијата е тоа што го принудува човека да кажува лаги.
Таа длабоко воздивна.
– Бев кај поп Анхел – рече. – Отидов да му побарам заем за венчелните прстени.
– И, што ти рече?
– Дека е грев да се тргува со светите работи.
Продолжи да зборува од зад мрежата за комарци. – Пред два дена се обидов да го продадам часовникот – рече. – Никого не го интересира бидејќи продаваат на кредит едни модерни часовници со светлечки бројки. Може да се види часот в темница.
Полковникот се увери дека четириесетте години заеднички живот, заедничка глад, заеднички страдања, не му беа достатни за да ја запознае својата сопруга. Почувствува дека нешто имаше остарено и во љубовта.
– Уште помалку ја сакаат сликата – рече таа. – Речиси сите ја имаат истата. Бев дури кај Турците.
Полковникот почувствува горчина.
И така сега цел свет знае дека умираме од глад.
– Уморна сум – рече жената. – Мажите не ги знаат домашните грижи. Колку пати имам ставено камења да се варат за да не разберат комшиите дека многу денови немаме што да ставиме в тенџере.
Полковникот се почувствува навреден.
– Ова е вистинско понижување – рече.
Жената се извлече од под мрежата за комарци и се упати кон мрежата за спиење. – Решена сум да им ставам крај на лицемеријата и мудрувањата во оваа куќа – рече. Гласот почна да и зарипнува од лутина. – Преку глава ми е дојдена резигнацијата и гордоста.
Полковникот не помрдна ниту еден мускул.
– Дваесет години чекање на шарени врапчиња што тие ги ветуваат по секои избори и од сето тоа ни останува само еден мртов син.“
По ова полковникот решава да го преземе последниот чекор – да го продаде петелот. Оди кај кумот дон Сабас, но не знае да тргува, па тој од претходните понудени 900 песоси, сега му нуди 400, а полковникот прифаќа иако знае дека тоа не е реалната цена.
Иако земаат храна и чевли на вересија, полковникот на крајот сепак одлучува да не го продаде петелот. Повторно се наоѓаат во истиот безизлезен круг, никој нема да го купи часовникот, никој нема да ја купи сликата, никој не може да им помогне:
.
„ Зазоруваше. Прозорецот се оцртуваше во зеленото неделно светло. Му се стори дека има треска. Го печеа очите и требаше да направи голем напор за да се освести.
– Што ќе правиме ако не може да се продаде?
– Тогаш ќе биде 20 јануари – рече полковникот наполно освестен. – Дваесет отсто плаќаат истото попладне.
– Ако победи петелот – рече жената. – Но ако загуби. Не си помислил дека петелот може да загуби.
– Тоа е петел што не може да загуби.
– Но да претпоставиме дека може да загуби.
– Се уште има 45 дена за да може да се почне да се мисли на тоа – рече полковникот.
Жената очајуваше.
– И до тогаш, што ќе јадеме – праша и го зграпчи полковникот за јаката од фанелата. Го стресе силно.
– Кажи ми што ќе јадеме.
На полковникот му требаа75 години – 75 години од неговиот живот, минутка по минутка, за да дојде до овој миг. Се почувствува возвишен, јасен, непобедлив, во мигот кога одговори:
– Гомна.“
.
Новелета завршува без главните протагонисти да го најдат својот излез. Мрачната, влажна атмосфера, бедата, староста е во постојано траење без крај. Двајцата – полковникот и неговата жена се толку безначајни што дури авторот не им дал имиња. Минатите воени времиња, политиката, моменталните полициски часови во времето на „Насилство“, сето тоа ја надополнува ништожноста на животот. Но, без разлика на сè – тие не се предаваат, го сакаат животот, па дури на крајот полковникот ќе се почувствува возвишено – зашто веќе нема што да му се земе, нема што да даде, останат е само тој – горд што успеал да преживее, горд што може да ù возврати на жената дека тој ќе продолжи и дека никој нема да го скрши, па дури ни гладта.