Прилошки определби се додатоци на прирокот за околностите во кои или под кои се врши (се вршело, ќе се врши) дејството. Се даваат податоци за тоа: кога, каде, како, колку, зошто, со каква цел, под кој услов се врши дејството.
Како прилошки определби најчесто се јавуваат:
– прилозите, на кои ова им е основна функција;
– именките или цели именски групи со предлози;
– глаголскиот прилог.
Разликуваме повеќе прилошки определби:
- Прилошка определба за место – дава податоци за местото на вршење на дејството и го добиваме со прашањата: каде, од каде, на каде?
Се изразува со прилози (тука, таму, горе, внатре, дома итн.) и со именки или именски групи со предлози (в училиште, покрај Вардар, до клупата, од зградата итн.).
- Прилошка определба за време – дава податоци за времето на вршење на дејството и го добиваме со прашањата: кога, од кога, до кога?
Се изразува со прилози (сега, тогаш, денес итн.) како и со именки или именски групи со предлози (во петок, следната година, на крајот од полугодието итн.).
- Прилошка определба за начин – дава податоци на кој начин се вршело дејството и се добива со прашањата: како, на кој начин?
Се изразува со прилози (вака, така, некако, лесно, тешко итн.), со именки или именски групи со предлози (со радост, со ракоплескање итн.), со глаголски прилог (викајќи, молејќи итн.) и со споредба со како (Живее како крал.)
- Прилошка определба за количество и степен – дава податоци за тоа колку, односно во колакав степен е извршено некое дејство. Се добива со прашањата: колку? Во колкав степен?
Се изразува со прилози (многу, малку, повеќе итн.) и со именки или именски групи со предлози (до крај, дваесет години итн.).
- Прилошка определба за причина – дава податоци за тоа од кои причини се врши дејството и се добива со прашањето: зошто? од која причина?
Се изразува со именки со предлози: поради болест, заради друг човек итн.
- Прилошка определба за цел – дава податоци со каква цел се врши дејството, се прашува со: со која цел? и се изразува со именки и именски групи со предлози (отиде по креда).
- Прилошка определба за услов – одговара на прашањето: под кој услов? И се изразува со именки или именски групи со предлози.
- Прилошка определба за допуштање – дава информација дека дејството се врши спротивно на очекувањата (најчесто со: и покрај, при итн.)
На пр.:
Марија чита книга во кревет. (каде? – во кревет ) – додаток за место;
Марија денес чита книга. (кога? – денес) – додаток за време;
Марија ја чита книгата со особено внимание. (како? – со особено внимание) – додаток за начин;
Марија многу чита книги. (колку? – многу) – додаток за количество;
Марија чита книга заради мајка и. (зошто? – заради мајка и) – додаток за причина;
Марија ја чита книгата за да (со цел) ја напише лектирата. (со каква цел? – за да ја напише лектирата) – додаток за цел;
Без лектирата Марија нема да добие петка. (под кој услов ? – да ја напише лектирата) – додаток за услов;
И покрај лектирата, Марија не доби петка. – додаток за допуштање.