За животот на Едгар Алан По
За да се разбере Едгар Алан По, секако треба да се познава неговата биографија, неговиот трагичен живот, неговата реалност постојано опкружена со смрт. Не влегува тој во мрачните, депресивни темнини за да биде интересен и поинаков – не е смртта илузија за него, таа е реалност, здодевно присутна во неговиот живот.
Уште речиси бебе, на двегодишна возраст се соочува со смртта – и тоа на мајка си.
Во младоста се соочува со првото разочарување кога неговата љубена од детството – Сара Елмира Ројстер која по барање на нејзините родители ја свршуваат за богат бизнисмен. Тогаш, анонимно (под псевдонимот „Бостонец“), во 1827 година издава еден памфлет од младешки Бајроновски поеми Тамерлан и други песни.
Неколку години тој живее кај тетка си Марија Клем и се вљубува во својата братучетка Вирџинија Елајза Клем со која се венчава кога таа имала 13 години.
Следниот период е творечки богат, ги пишува своите раскази, детективски, мистични и фантастични, го пишува и романот „Авантурите на Артур Гордон Пим“, работи како ко-уредник и уредник на списанија, но пиењето е едно од неговите проклетства кои не ги криел, но му пречеле во кариерата.
На 20-годишна возраст негоава жена Вирџинија се разболува од туберкулоза и тој почнува поинтензивно да пие гледајќи ја секојдневно нејзината смрт.
Тие години (1845) По ќе ја напише својата најпозната поема „Гарванот“ со која станува славен. Оваа година ќе биде обележана со појавата на веќе заборавената поетеса Френсис Сарџент Лок Осгуд во Поовиот живот. Вирџинија не се противи, но Поовите јавни допишувања со неговата литературна љубов предизвикуваат голем скандал. Меѓу неколкуте поеми што По ѝ ги посветува на Френсис, „Валентајн“ е особено интересна. Таа во себе содржи загатка, чие решение е нејзиното име, добиено кога ќе се земат првата буква од првиот стих, втората од вториот итн. (акростих).
Неговата жена, Вирџинија, умира на 30 јануари 1847 година, на 25 години, а следната година По заминува во Провиденс, за да ја запроси Сара Хелен Витман, уште една поетеса. Кратко време тие биле свршени. По има кратки, но платонски врски и со Ени Ричмонд и со Сара Ана Луис, која финансиски го издржува. Пишува песни посветени на секоја од нив.
Во 1848 година, ја издава песната во проза – проповедта Еурека (Eureka), трансцедентално објаснување на универзумот, кое е разгледувано како ремек-дело од многу критичари, но и како бесмислица од останатите.
Во 1849 година оди на југ, има дива пијанка во Филаделфија, но безбедно се враќа во Ричмонд каде конечно се свршува со Елмира Ројстер, неговата љубена од детството, сега веќе вдовицата Шелтон, и поминува среќно лето со само еден или два испади. Ужива во друштвото на своите другари од детството, но и во полуромантичното пријателство со младата поетеса Сузан Арчер Тели.
По ја претчувствувал својата смрт уште кога го напуштил Ричмонд и заминал за Балтимор. Таму, повеќе немал контрола врз алкохолот.
По е пронајден во полусвесна состојба на една клупа во Балтимор. Го однеле во болницата на Вашингтонскиот Колеџ, каде умрел на 7 октомври.
По не бил доволно свесен во ниту еден момент за да објасни како се нашол во неговата состојба и носел алишта што не му припаѓале нему.
Песна
Те видов в твојот свадбен ден –
Ти беше ликот поруменет!
Ко божем среќата ти беше в плен
А твоја љубов – сиот свет:
Во твојот поглед чист и благ,
(штогоде тоа можеше да е)
Ја видов иако преполн јад,
Љубовта како среќна сјае.
Тој румен лик сал момин срам
Ли беше? Кога цути тој?
Но, чинам оганот се роди в плам
Од срцето на оној страдник, кој
Те виде в твојот свадбен ден,
Со свенлив лик, поруменет!
Ко божем среќата ти беше в плен
А твоја љубов – сиот свет.
Анабел Ли
Беше пред лета ред, беше одамна, знам,
В кралство кај морски крај во молк се свил,
Таму цутеше цут, толку допадлив нам,
Што го викавме Анабел Ли;
Една сал мисла скри, мисла – потаен плам,
Дека љубовта в нас гнездо сви!
Јас бев млад, беше млада и таа,
В кралство кај морски крај в молк се свил,
Љубов разгоре в нас, љубов која ја знаат
Само јас, само Анабел Ли,
Љубов силна по која чмаат
И на небото рој ангели.
Па се случи пред повеќе лета,
В кралство кај морски крај в молк се свил,
Да разулави виорен ветар,
Да ја убие Анабел Ли!
Како втрештени луѓето беа,
Ковчег мртвенски млада ја скри,
Потем в гроб ја положија неа,
В кралство кај морски крај в молк се свил.
Колку безочна зависта е
И на самите ангели!
Ех, тоа причина е, и се знае
Низ крајморските предели,
Та развиори виор, ах, проклет да е,
Убивајќи ја Анабел Ли!
Беше љубовта наша, каква
Не ќе може друг да измисли!
Нема нигде по светот таква,
Та ни небесните ангели,
Ни подводните демони зли
Да не разделат не можат и да сакаат
Од прекрасната Анабел Ли!
Поглеј, месечев лач плете венец, од плач
По прекрасната Анабел Ли;
А ѕвездениот рој, чиниш поглед е тој
На прекрасната Анабел Ли!
Така ноќ мине знам. В јад без моќ лежам сам,
Тежок бол срце свил, живот мој, образ мил,
Двајца ли ковчег сви, двајца ли в гроб не сви
Пуста смрт во пределите зли!
Ѕвона
1.
Слушни санки, слушни ѕвон –
Сребрен ѕвон!
Како слухот ни го сладат, како чувствата ги гладат!
Ѕвечат, фрчат, ѕвечно минат
Среде студот ноќен вон!
Дури в ноќта јасна, сина,
Рој од ѕвезди тоне в сон,
Чиниш ечи стаклен ѕвон –
Ѕингар – ѕингар! Чин! Чин! Чин!
Рудник реди ритам фин.
Ѕвонат ситно прапорчиња, ројат китно срмен сињак,
Како драг е овој ѕвон,
Ѕвон! Ѕвон! Ѕвон!
Слатка ѕвека, картка ека, ѕвечлив ѕвон.
2.
Слушни весел свадбен ѕвон –
Златен ѕвон!
Колку среќа ли ни нуди, колку нежности ли буди!
Преку ноќен опој благ
Од сладости слага траг –
Преку звукот сиот злат,
В красен, јасен, гласен склад
Колку чисто јури он,
Јури како грлицата, дури в мракот крилца мавта
Под месечев сребрен чолн!
Звучен ѕвон, ех широк ѕвон,
Како блик на песна мека в мракот никна бесна река!
Како ли се лее он,
Несопирлив, свиден ѕвон,
Иднината ли ја сони
Напред занес што го гони
Да се лула и да ѕвони –
Ех тој ѕвон
ѕвон! ѕвон! ѕвон! ѕвон!
ѕвон! ѕвон! ѕвон!
Што се румува и лее, што се ритмува и се е
Ноќ и сон.
3.
Слушни гробно-кобен ѕвон –
Бронзен ѕвон!
За тревога вреви, чука, та до бога крева бука!
Како звук на ужас сега, срцето го клука, стега!
Воздухот се тресе вон,
Дречлив, ечлив, сечлив ѕвон!
Прокоба и ужас збрал,
Низ ноќта се разлеал
Како вик и како крик
На немоќен зловолник,
Моли, вика да го трогне, милост, жал да има огнот,
Тој луд, тој лут ужас поган, тој глув, бесен, страшен оган
Високо што рипа, скока
Како очај мрачноока,
Низ бессилен напор докрај
Да го стигне барем в миг
И месецот бледолик!
Ех, тој ѕвон, тој бронзен ѕвон,
Погибел ни вести он,
Како татни, бучи, бие, како грми, трешти, рие,
Како ужас сипе вон,
Во воздухот растреперен сипе чад и темна прав,
Сипе страв!
Сепак воздухот, тој добро знае
И од ѕвекот
И од екот,
Та опасноста ја следи како слабее и бледи,
Како лета, како прета, како шета,
Како чмае,
Пред тој свиен, пред тој скриен, пред тој гневен, срдит ѕвон,
Пред тој ѕвон,
ѕвон! ѕвон! ѕвон! ѕвон!
ѕвон! ѕвон! ѕвон!
Таа бука ноќ што клука ко грд сон!
4.
Слушни железен ти ѕвон –
Тежок ѕвон!
Спомнува за крај ли тој преку едноличен пој?
Во ноќниот мир и спокој
Втренчил молкот будно око,
Закатанчен, злости полн, заканува овој тон!
Звук низ уплав извалкал,
В за`рѓано грло збрал
Само стон!
А народот коси кубе,
Сосем сам под вишно кубе,
Не буди нас зловест ѕвон,
Пригушен и монотон.
Врз градите тежи камен:
Почивајте вечен сон!
Нема маж и нема жена,
Жив створ, ѕверка исплашена,
(сеништа сал има…).
Кралот нивен сал дава тон,
Бие, бие, бие ѕвон –
Победница песна ѕвони,
Радост градите ги полни
Таква песна дур се лее
И пак тој ѕвон игра, пее:
Ѕингар-ѕингар! Чин! Чин! Чин!
Рудник реди ритам фин:
Бука, чукање на ѕвона –
Овој стон и овој ѕвон,
Погребален, жален ѕвон,
Ѕингар-ѕингар! Чин! Чин! Чин!
Без да чека носи он,
Рудник реди ритам фин
Во заледен стон и ѕвон,
ѕвон! ѕвон! ѕвон! ѕвон!
ѕвон! ѕвон! ѕвон!
Ѕвон што плаче, ѕвон што јачи, тежок ѕвон!
Напишано од: Билјана Богданоска
Користена литература:
„Избор песни“ од Едгар Алан По