Венко Марковски

Венко Марковски (1915 — 1988)

 

Венко Марковски (1915 - 1988)

Велјан (Венијамин) Миланов Тошев, познат како Венко Марковски е роден во Скопје 1915 година, во сиромашно, скромно семејство. Татко му, Милан, бил курир во општината, а мајка му, Љубица, продавала ситници на тезга. Освен Венко, тие имале уште три ќерки.

Основно училиште завршил во Скопје, а образованието го продолжил во скопската машка гимназија, каде 1931 година, заедно со неколку свои соученици го формираат Литературниот кружок.

Таму се воделе дискусии за создавање на македонскиот литературен јазик, како и за подобро запознавање со македонската историја, традиција и фолклор.

Овој кружок, по приемот во Комунистичката партија прераснува во илегална организација Македонска ослободителна револуционерна организација (МОРО), подоцна преименувана во Македонска младинска револуционерна организација (ММРО).

Матурата

 

Пред матурирањето на Венко Марковски, организацијата ќе биде разбиена, а нејзините членови затворени. Венко поминал 31 ден во затвор, а потоа бил отстранет од училиштето и не му било дозволено да полага матура.

Се обидувал да го заврши своето образование и низ другите градови во Србија, но не успеал и бил прогонуван. Тогаш, ќе избега во Софија, Бугарија, каде го примаат на Филолошкиот факултет, Словенска филологија, без положена матура, па дури му даваат и стипендија.

Но, откако ќе ги објави своите првонапишани песни на македонски јазик во 1938 година во збирките „Народни бигори“ и „Огинот“, стипендијата му ја укинуваат.

Во Софија, Венко Марковски ќе се приклучи во Македонскиот литературен кружок во кој членувале: Никола Јонков Вапцаров, Ангел Жаров, Кирил Николов, Ѓорѓи Абаџиев, Митко Зафировски, Стефан Нанов, Коле Неделковски и Димитар Митрев.

Тогаш, тој веќе бил афирмиран, со своите две збирки песни кои имале многу позитивен одглас кај критиката која го сметала за напреден млад човек кој пишува на македонски јазик.

Потоа ја пишува поемата „Бие дванаесе“ за која ќе биде затворен во концентрационен логор, а таму ќе ја напише поемата „Орлицата“ (на бугарски јазик) која ќе стане химна на Бугарската комунистичка партија.

Бегство од заробеништво

 

Истата, 1938 година се оженил со Филимена, а прв сведок им бил Коле Неделковски.

Во логорот се разболел од туберкулоза, но со помош на Тодор Павлов, кој бил негов пријател и прв возвишувач на неговите песни, бил успешно лекуван со санаториумот „Искрец“. Таму му било предложено да бега, но тој сакал да замине во Македонија, па затоа ќе избега дури 1943 година. Тогаш, по покана од Кузман Јосифовски-Питу, заедно со Методија Андонов-Ченто, во придружба на Кемал Сејфула, преку Охрид, заедно со семејството (сопругата Фила и синот Миле), ќе пристигне на слободна територија, во селото Врбјани каде тогаш се наоѓал Глевниот штаб на ЦК КПМ. Наскоро тој станал член на Главниот штаб.

Политички успеси

 

Пред крајот на 1943 бил создаден Иницијативен одбор за свикување на заседание на АСНОМ, каде претседател бил Ченто, секретар Страхил Гигов, а членови: Михајло Апостолски, Цветко Узуновски, Борко Темелковски и Венко Марковски. На 2 август 1944 година Венко Марковски бил избран за народен претставник од АСНОМ за пратеник во АВНОЈ и предложен за член на президиумот на АВНОЈ.

 

 

По ослободувањето работел во сите три комисии за кодификација на македонскиот јазик.

Бил противник на прифаќањето и примената на Вуковата азбука за македонскиот јазик. Ја предложил употребата на буквата Ѕ и бил застапник за употребата на  ъ (големиот ер).

Прогонот

 

Оттогаш започнува неговиот судир со власта. Подоцна, ќе биде исклучен од партијата заради „предавање партиски тајни“, односно зашто зборувал дека Македонија се србизира, а за време на Информбирото, 1948 година, поддржувајќи ја политиката на Сталин, бил затворен, а неговото семејство интернирано во Кичево.

Две години поминал во домашен притвор, а 1956 година е осуден 5 години робија на Голи Оток заради пишување и дистрибуирање на памфлетот со поемата „Сувремени парадокси“ каде ја критикува власта.

За жал, и во Друштвото на писателите, неговите пријатели, го осудуваат и никој не застанува на негова страна.

По враќањето од робија, животот во Македонија му станува неподнослив. Од еден од најголемите поети на своето време тој станува непочитуван, необјавуван, отстранет од општеството, прогласен за граѓанин од втор ред.

Згора на тоа, бил принуден во весникот Нова Македонија да даде изјава во која се оцрнува себеси, а како награда му објавуваат збирка песни „Стихови“, а драмата „Гоце“ се поставува на сцената во Македонскиот народен театар.

 

Напуштање на Македонија

 

Hо, односот кон него не се сменил, тој во Македонија, односно СФРЈ бил непожелен и 1965 година, практично е екстерниран во Бугарија.

Првите две години, до 1967 тој продолжува да пишува на македонски, но оттогаш неговото творештво е на бугарски јазик.

Тогаш, повторно политички искористен, но сега од другата страна, го прогласуваат за поет број еден во Бугарија, добива разни признанија и привилегии, го именуваат за академик на Бугарската академија на науките, неколкупати е народен пратеник и добитник на највисоката награда за литература „Ѓорѓи Димитров“, прогласен за херој на Бугарија и јунак на социјалистичкиот труд.

Умира во Софија, 1988 година.

Четириестина години, од политички причини, е избришан од македонската (литературна) сцена.

Литературно творештво

 

Со своите две збирки песни „Народни бигори“ и „Огинот“ напишани на македонски јазик, а издадени во Софија 1938 година, Венко Марковски е еден од основоположниците на македонската современа поезија.

Познавајќи ја одлично македонската народна песна, собирајќи ја и анализирајќи ја, таа силно повлијаела врз неговите творечки почетоци. Во двете збирки, песните се во духот на народните, претежно љубовни песни, но и социјални, и револуционерни.

Освен нив, на македонски јазик ги напишал делата:
„Илинден“, „Луња“, „Елегии“, „Гоце“, „Чудна е Македонија“, „Гламји“, „Робии“, „Климе“, „Над пламнати бездни“, „Сказна за резбарот“;

На бугарски јазик ги напишал: „Орлицата“, „Вистината е жестока“, „Легенда за Гоце“, „Крвта вода не станува“, „Преданија заветни“, сонетните венци: „Бунтовни воштеници“, „Вековни врвулици“, и „Судбовни маченици“; „Голи Оток – островот на смртта“.

 

Избор песни од збирката „Народни бигори“

 

Меракот

 

Поминав вчера на пладне
крај ваш`та куќа голема,
по таа силна жештина
да си го смирам срцето!

Грозна ме треска тресеше,
Гоздано – кадро пишано,
Гроздано – фиданбојлија,
Гроздано – жива изгоро!

Меракот, моме м`изпече,
окото, моме, м`изтече,
срцето ми се парчоса,
снагата ми се прекина!

Кажи ми, моме убаво,
моме ле итро – врагово,
зошто ми моме не кажа,
да чекам зошто м`излага? –

„Еј гиди, младо – зелено,
низ пенџер што ти намигнав,
малце ли ти од мене
сред тоа пусто пладниште?“

Султана

– За кого цвети в бело ти лице
трендафил росен катмерен?
Кому ја чуваш, пролетна птицо,
рамната снага мермерна?

Смола ти коси, чија ли рака
галено ќе ги милуе?
Чие ли срце, пламена мака,
в очи ти црни ќе гаси! –

Султано, да би луснала, мори,
в поглед ми срце истече,
Султано, изгор – цвет да се сториш
окото што ми одвлече!

Кој ли ти срмен закопча елек
и сокри гради пламени?
Кој ли ти алтан целива чело
и пие устни румени? –

„Не лудуј лудо, лудо по мене,
не губи млади денови
трендафил в лице скоро ќе свене,
в срце ќе влезат јадови.“

Алтана

Кој не ја видел Алтана?
Кому не памет свртела,
Алтана – алтан на грло,
Алтана – жива приказна!

Една е мома Алтана,
на лице – пупка трендафил,
на снага – стројна калина,
на мерак – огин разгорен!

Седи ли – гори земјата,
Гледа ли – рани отвара,
Мине ли – лунја планинска,
Пее ли – мртви скорива?

Кога се Алтан родила,
Три пати зора зорила,
Три пати светот се менил,
Три пати рајот с`отворил.

Пролет и била постела,
горска ја срна доила,
ангели песни пеале,
над неа солнце греало!

Кој не ја видел Алтана?
Кому не срце однела? –
Женети венец фрлаат,
Ергени горат за неа.

Изгора

– Зошто ми, моме, намигна,
намигна, дури, запали,
запали, сиот изгоре,
изгоре, рани зададе?

Зошто ме така погледна,
погледна, луто прониза
со тие очи – филџани,
со тие стрели отровни?

Нели си, мори, разбрала,
оти сум веќе посвршен,
посвршен, комај оженет,
за таа Вела убава?

Да би те Господ проколнал
со тешка ула на глава,
со живи рани по снага,
та што ме вака измести?

– Туѓинче ли си некое
набргу овде дојдено,
ил моме бујно-улаво,
досега дома држано? –

„Не колни, лудо-трештено,
не ќе ти Господ поможе,
фанати му са раците,
земена му е силата.

Туѓинче не сум некое,
набргу овде дојдено,
ни моме бујно-улаво,
досега дома држано,

тук, море, блиско комшиче,
без мајка, море без татко,
без мило – пусто сираче,
со триста рани на срце:

Првите рани меракот
со анџар ми ги зададе
на тие луди години,
младоста кога развива.

Вторите рани мајка ми
со смртта ми ги отвори,
пред да ме стаса животот
со среќа да ме огрее.

Третите, море, народот,
везден што пишти крај мене,
исушен како ставелка
од својте „браќа“ – тирани.

Првите, море, згинаа,
штом друго солнце м`огреа;
вторите одвај минаа
со триста грдни тежини.

Третите, море, ал немат,
од се се, леле по-лути:
ни дното им се навоѓа,
ни крајот им се сврзуе.

Мајка

Коца ми рано станала,
од темни зори никои,
петлите пред да пропеат,
сина си да го испрати.

По-рано Мише преварил,
мајка си не ја дочекал,
излегол право отишол
при своите верни другари.

Не ли го Коца посака –
на спанје не го затече,
изтрча в гора зелена
у лице сета менета.

Се збрала страшна дружина,
се млади како фидани,
се лични како пишани,
се силни како арслани.

Со тие капи на страна,
со тие гунји ресачки,
со тие пушки берданки,
со тие бомби на појас!

Долго ми Коца стоеше,
горе ми доле гледаше,
дал ќе го Миша познае
у таа руба комитска.

Кога го, море, догледа
Сред таа бујна дружина,
Триста и солнца блеснаа,
Од радост силна извика:

– Застани, синко, почекај,
два збора да ти нарачам
уште еднаш да те прегрнам
и да ти дадам благослов.

Ако од врагот с`изплашиш
на ваа страшна маштина,
арам ти било млекото,
што сум те синко, доила.

Ако се, леле, предадеш,
проклонат да си довекот,
нигде да немаш гробнина
на ваа земја широка.

Со гради, синко, кинисај
јунашка борба да водиш
крваво ропство д`исфрлиш,
народот да го избавиш.

„Ејгиди стара мајчице,
за това ли ме чуваше
за това ли ме гледаше
низ тие гори зелени?

Носам ле глава ајдушка
на вие страшни раменја,
а срце силно – немирно
у вие гради јунашки.

Ќе чуеш утре задутре
од ваа мајко дружина,
син ти ни, бабо, загина
за народ и за слобода.

Ни солза, мајко, не пуштај
пред тие лоши тирани,
на жалот биди по-јунак,
се живо да ти заблази.

А сега, мајко, проштевај,
дај да ти рака целивам,
а ти ме ела прегрни,
прегрни веќе изпрати.“

Сите ги Коца прегрна,
прегрна со ред избаци,
а кога доде при него
од радост солзи зарони.

Дружина пушки нарами,
ајдушки песни екнаа;
зашуми гора борова –
јунаци чека на гости.


Напишано од Билјана Богданоска
Користена литература:
„Венко Марковски“ од Анка Арнаудова
„Народни бигори“ од Венко Марковски
Википедија

Scroll to Top