Никола Јонков Вапцаров (1909. - 1942)

Никола Јонков Вапцаров (1909—1942)

 

Вапцаров е роден во Банско, Пиринска Македонија (денес Бугарија) на 7 декември 1909 година во протестантско семејство, семејство кое било посветено на македонското ослободително движење. Татко му, Јонко (Иван) уште за време на турското владеење зема учество во револуционерното движење, а неговата мајка, Елена Вапцарова (род. Везјова) била учителка која неколку години се школувала во американскиот колеџ во Самоков. Така, неговите родители му всадуваат љубов кон татковината, луѓето и книгата.
За човештината на Никола, интересно е кажувањето на Елена Вапцарова:„Багажот го качивме на колата, а ние – баба Милана, тетка Марија, јас и Никола, тргнавме пополека по неа. Од двете страни на патот Срби – пленици, чукаа чакал. Никола ги гледаше со очи полни љубов и сожалување. Особено еден од нив му направи силен впечаток – ја имаше врзано раката со бела крпа, по која се забележуваа траги од крв. Никола се запре пред него и со нажален глас ѝ рече на баба си:
— Зошто, бабо, овој чичко, штом го боли раката, продолжува да чука чакал?! Нека си оди дома и откако ќе му оздрави раката, тогаш пак нека работи.
Баба му Милана го галеше по главата и се мачеше да му објасни:
— Тоа се Срби, бабино, и робови се. Не им даваат да си одат дома, та тука гладни и парталави работат.
Никола почна да повторува:
— Срби, робови, бабо! Колку е жално! Нели е жално, бабо?
Потоа пак се обрна кон Србинот со врзаната рака, сосема решително ги испрчи своите градичиња и сериозно рече:
— Јас ќе го ослободам, бабо. Ќе станам силен како чичко Коста и сите ќе ги ослободам.
Помина повеќе време, но тој не ја заборави оваа слика и често ја повторуваше:
— Ами зошто бабо, едни се робови а други ги тераат да работат? Нели сите се луѓе и сите треба да се еднакви?
Баба му Милана се чудеше како да му ја објасни таа житејска неправда и му велеше:
— Така одредил господ чедо, едни да имаат а други да гладуваат. Едни да не работат ништо, а други да не исправаат грб.
— Тогаш бабо, господ не е добар! Тој лошо работи со луѓето.“
(„Спомени за мојот син“, Софија 1960, Елена Вапцарова).Никола, завршил основно училиште и шести клас гимназија во Разлог. Тој тогаш го прекинал образованието во гимназијата и се запишал во Морнарско-машинското училиште во бугарскиот пристанишен град Варна, каде се сретнал со марксистичко-ленинистички кружок и станал активист на кружокот. Овде го публикува своето прво поетско дело — стихотворбата „Кон светли идеали“. По завршувањето на школувањето во 1932 Вапцаров станал машински техничар и отпрвин работел на еден брод со кој патувал по северниот брег на Африка, а потоа се вработил во селото Кочериново како техничар во фабрика за хартија и мукава. Таму ја сретнал својата идна сопруга – Бојка, дете на доселени Македонци од Грција, со која ќе го помине својот живот до својот трагичен крај. Во 1933 година на патот од Горна Џумаја за Кочериново бил извршен неуспешен атентат врз него, поради што Никола напишал писмо до Ванчо Михајлов, прашувајќи го зашто сакаат да го убијат.Со големата криза во 1935 година во Бугарија, се затворила и фабриката во која работел и иако успеал со организирање на работниците да издејствува нејзино повторно пуштање, тој бил отпуштен од работа.
За овој период впечатливи се зборовите на неговата сопруга, Бојка:

„Немаштини налегнаа врз нашето семејство. Беа тоа денови на тешки искушенија. Детето ни почина. Кољо падна болен. Без постојаната и самосвесна поткрепа на неговите другари, бездруго ќе потклекнеше под гнетот на мизеријата. Во почетокот на нашиот заеднички живот, годините 1936 – 1937 беа најтешки. Но ништо не успеа да ја прекрши неговата воља за борба. Тешкотиите и искушенијата продолжуваа: не можеше да најде работа. Најпосле, по долго барање, постапи како техничар во мелницата на браќата Бугарчеви во Софија, при најтешки услови: 12-часовен работен ден и тоа само ноќна смена а машината испушташе јаглен-диоксид. Со цената на одречување од својата секојдневна починка, од својот сон, од секојдневните радости на животот, тој не престануваше да пишува. Во прогресивните весници и списанија се среќаваа негови стихови. (…) Премногу скромен, секогаш поднасмевнат и бодар, тој никогаш не се оплакуваше. Да работи, да се бори против фашизмот, да пишува стихови, тоа го сметаше за свој долг. Неговите другари, гледајќи му ја тешката работа, му помогнаа да влезе на работа во општинските служби (кланицата). Тука работата исто така беше мошне тешка, особено одвратната миризба, но во споредба со поминатите беше релативно лесна, и најважното – располагаше со повеќе слободно време. Мене исто така ми се згоди да најдам работа за постојано, та веќе имавме достатно леб. Тоа му даде можност да ги збере и подреди напишаните песни во стихозбирката „Моторни песни“.
(„Кога воскреснуваат милионите луѓе“, Софија, 1961, Бојка Вапцарова)

Во ова време, Вапцаров е еден од организаторите на „Македонскиот литратурен кружок“ во Софија, а од членовите бил сметан за „срж“ на кружокот. 1940 година ја издал својата прва и последна поетска збирка „Моторни песни“, со сопствени средства и само под името Никола Јонков. Тој бил еден од создавачите на списанието „Литературен критик“ кое трпело неколкукратни цензури, а набрзо билo забранетo. Поради своите анти-фашистички активности и диверзантски акции Никола бил постојано следен и затваран. Бил интерниран три месеци во Годеч. По враќањето неговите активности уште повеќе се засилуваат. Станал еден од првите помошници на полковникот на советската армија Цветан Радојнов и работел активно како член на Бугарскта комунистичка партија. И така сѐ до 4 март 1942 година, кога полицијата го затвара. Бил подложен на жестоки измачувања и заедно со Антон Попов, член на Македонскиот литературен кружок, бил осуден на смрт без право на жалба, од страна на фашистичкиот воен суд.

На 23 јули 1942 година во 21 часот и 10 минути, заедно со петмина свои другари е стрелан.

Поетско творештво

За време на својот живот, Вапцаров објавил само една збирка поезија под наслов „Моторни песни“. По паѓањето на фашизмот во Бугарија била објавена збирката „Антологија“, како и книгата за деца „Пролет“.
Јазикот на кој Вапцаров ја пишува својата поезија е бугарски, но нејзината содржина е доминантно македонска.

Првиот циклус во збирката „Моторни песни“ е насловен „Песни за човекот“ каде обработува проблеми на работникот и на обичните луѓе. Тука се издвојуваат песните „Спомен“, „Писмо“, „Песна за човекот“ и др.

Спомен

Другар си имав,
другар добар,
кутриот, кашлаше лошо!
Огњар! Во огнот што тура
јаглен, преполнети кошој…
Потем, исфрлаше жгура
капнат, без моќ
дванаесет часа на ноќ.

Ги помнам очите
негови јас.
Колку жедуваа тие за зраците
коишто случајно,
преку капаците,
напати сосем без ред
влагаа в нашиот клед.

Колку понабргу
жед ќе се родеше
напролет,
кога в дворовите
лисјата шумат
кога в просторите
птичјите јата палавеат.

Чувствував јас
како неговите зеници молат
и како страдаат
и колку тешко страдаат.
Сакаа малку, сал малку да им дадат –
до пролетта,
до другата пролет…

Таа – другата пролет
дојде сета красна:
со сонце,
со повеј блег
од роза.

Оддалеку
темјанужен дах
носеше небото јасно.
Внатре пак, беше мрак
и мошне тешка беше
легнала проза.

Така,
животот кај нас се збрка. –
В моторот нешто се случи.
Почна сомнително да ’рка,
запра да бучи.
Јас не знам зошто,
можеби оти
другиот смртта го скроти!
Можеби не е така,
можеби в својата глад
моторот чекаше рака
да фрли во огнениот ад
на време јаглени пласт.
Можеби.
Не знам јас.
Но, ми се чини, тој
низ засипнатиот звук
праша со болникав вој:
„Каде е момчекот друг?“

Тој – другиот – е мртов
И ете –
надвор е пролет,
сегде цвеќе.
Палавеат по сводот птици.
Тој нема да ги види веќе.
Ех, каков другар беше…
Другарот мој…!

Кутриот… кашлаше лошо.
Огњарот, кој
носеше јаглен во кошот,
жгура исфрлаше, капнат, без моќ,
дванесет часа на ноќ.

 

Вториот циклус носи наслов „Песни за татковината“. Преку песните во овој циклус, Вапцаров се претставува како патриот — Македонец, особено во песните „Земја“, „Татковина“, „Ајдутска“, „Илинденска“, „Крали Марко“, „Мајка“, „Песна“ и други.

Земја

Таа земја,

            сега што ја чекорам,

таа земја,

            в пролет што ја буди југот,

таа земја – своја не ја знам

таа земја

            простете: е туѓа!

Рано тргам.

            По фабричен друм

безброј рубашки

            се тискаат,

                 се ројат.

Слеани сме со срце,

                 со ум,

но земјава … чунки не е моја!

Над мојата земја

            в пролет

                сјај се плиска,

водопади грмат

           од сонце

                 набликнато.

Ја сеќаваш в срце,

           ти, неа за блиска

и гледаш кај скокум

            безброј цвеќиња никнат.

Над мојата земја,

            до небото

               Пирин се крева.

Боровите в бура

            илинденски приказни пеат.

Над Охрид модрината

            во просторот се слева,

а подолу уште

            на Егејот далги се леат.

Сал ќе си спомнам.

           И крвта в миг ќе сјури

в срцето, кое

           се топи в некаква нежност…

Мој роден крај! Крај личен…

           Лулан в бури,

поен со крв

           среде витлавици мрежни!
Можеби најубавата, секако најпопуларната и најоспорувана песна (од бугарската страна) на Вапцаров е песната „Земја“.
Во слободен, скалест стих, поетот со нежни зборови ја опишува својата татковина и љубовта што ја чувствува кон неа.
Уште на почетокот, многу остро и јасно кажува дека земјата во која се наоѓа — не е неговата татковина, таа земја по која чекори е туѓа земја.
Таму, луѓето се еднакви, сите исто страдаат за леб, но освен социјалниот дел, поетот страда и по својата татковина.
Следните стихови се толку убави, што секој Македонец ги чувствува како да го галат… зашто неговата земја — со водопадите, сонцето, цвеќето, Пирин, Охрид, Егеј — е најубавата земја. Од сеќавањата за неа, крвта сјурува и в срцето се топи нежност. Тоа е најубавиот крај, неговиот роден крај, личен… Но сепак, не заборава да заврши дека е постојано во бура и напоен со крв, односно во постојани борби, ропства, маки.

Својот патриотизам, како и согледувањата за случувањата околу Илинденскот востание Вапцаров ги преточил во стиховите на песната „Илинденска“. Тој ги обвинува другите — туѓите прсти што се замешале, волците во овчки кожи, лицемерните — кои го уништиле тоа свето македонско востание.
Восхитен е од младите борци кои го дале животот за Републиката, восхитен од подвигот, од желбата за слобода. И не за дадените животи, но жали за крајот и повикува — следниот пат самостојно да се изборат за слободата, без божемните пријатели и браќа, без протекторати — за сосема слободна и самостојна татковина.

Илинденска

Вината не беше наша,
таа кај друг се крие,
и туѓи прсти тогаш
стотонска вина сторија!
Но, штом ќе дојде ден,
и штом ќе треба, ние
за сè ќе ѝ раскажеме
на мајката историја.

Започнаа со раце гнасни
На народот во душа да му џбараат,
но, гневот беше толку нараснат,
та, не се сфати волчката им нарав

и муцките на ѕверови во овчи кожи,
престапничко и плитко лицемерење.
Но идат дни а тогаш и ќе може
со грска кал по сурат да ги пернеме.

Се почна бунтот:
И не беше обичај
да изостанеме. –
Не се предадовме!
Туку,
со крвта
на народот обичен
Во Илинден наша
содржина кладовме!
Што ли ќе речете за таа новост?
Ќе барате ли тука руски рубли?
В Крушево уште феудалот гнетеше
И колкав скок? –
Изградија република!

А беа исто млади колку нас,
Сè такви, какви што сме ние.
Се бореа,
умираа без глас,
како што умре,
ќе умреме
и ние.

Многумина ги нема, но не липам јас, чу ли?
Ќе дојдат други, среде дим и жареж.
Глеј в овој тука. Знај: тој е Питу Гули,
а ти? Ти, секако си Карев…

И ако требаат пароли – в ред!
До месецот ќе кренеме плакати.
Слободна сакаме,
и без,
и без протекторати…

 

Третиот циклус во збирката, „Песни за една земја“, се однесува на Шпанската граѓанска војна.

Напишано од Билјана Богданоска

Користена литература:
„Песни“ од Вапцаров
„Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“ од Гане Тодоровски
Википедија