За животот на Славко Јаневски
Славко Јаневски (11 јануари 1920 — 20 јануари 2000) е роден во Скопје, каде завршил основно и средно техничко училиште.
Во текот на Втората светска војна се наоѓа во Белград и ѝ се приклучил на Козјачката партизанска бригада. По војната живеел и работел во Скопје каде се посветил на литературното творештво.
Бил директор и уредник на издавачката куќа „Македонска книга“.
Од 1967 година бил член на МАНУ.
Ги покренал првите детски списанија и е автор на првиот македонски роман – „Село зад седумте јасени“.
Славко Јаневски е добитник на многу награди.
.
Творештвото на Славко Јаневски е обемно и разнолико. Пишувал песни, раскази, романи, како и литература за деца.
Напишал 13 збирки песни од кои попознати се:
„Крвава низа“, „Пруга на младоста“, „Евангелие по Итар Пејо“, „Каинавелија“ и др.;
повеста „Улица“, расказите: „Кловнови и луѓе“, „Горчливи легенди“ и др.;
романите: „Село зад седумте јасени“, „Две Марии“, „И бол и бес“, „Тврдоглави“, „Девет Керубинови векови“ и др.;
како и детската литература: „Пионери, пионерки, бубачки и шумски ѕверки“, „Сенката на Карамба Барамба“, „Црни и жолти“, „Шеќерна приказна“, „Пупи Паф“ и др.
.
Улица
.
Повеста „Улица“ е првото прозно дело на Славко Јаневски. Темата е животот на група млади луѓе во Скопје меѓу двете светски војни и дилемите на главниот лик Јане Славковиќ, а идејата е пронаоѓањето на вистинскиот пат во животот.
Улица – во случајов симболизира лош пат во животот (уличарски) иако во делото е опишана една од многуте улици во меѓувоеното Скопје.
Настаните се предадени преку раскажувањето на главниот лик – јас, кој е и наратор и учесник во случките. Всушност, повеста има автобиографски карактер во која е опишано детството и момчештвото, едно не сосема обично детство – детство на беспризорните, хроника на ситните злосторства на децата оставени на улица.
.
Содржина
.
-
Македонски Јазик
Прирачник за матура – НОВО ИЗДАНИЕ
Original price was: 700 ден.560 денCurrent price is: 560 ден. Додај во кошница
„Улица“ започнува со сеќавањата на главниот лик на детството, кое е опишано сосема кратко, поточно е опишан само еден ден на кој личеле и сите други денови. Во тој ден учествуваат само таткото и чичкото, а мајката не се споменува. Дома него сите го кошкаат, никој ништо не му зборува, се сопнуваат од него. Таму, тој е незабележлив, никој не му обрнува внимание, се чувствува како да не постои и затоа не му се допаѓа.
Од тие причини, тој има уште две можности каде што ќе може да се докаже: во училиште и на улица.
.
Во продолжение е опишано училиштето кое е претставено како многу здодевно. Професорите се анегдотски, па дури и карикатурно опишани. Сите се здодевни, бавни, зборуваат со тон кој успива, неинтересни и премногу строги.
Професорот по математика бил целиот валчест, округол, ќелав, со кратковиди безбојни очи кој им личи на нула. Професорката по географија со своето вкочането седење на работ од столот е како чизмата на Италија, па дури и името ѝ е слично — Наталија. Учителот по цртање им бил како детска играчка.
Класниот раководител, по српски и историја за да ги омаловажи и навреди учениците секогаш им го поставувал истото прашање: „Што си ти, придавка или глагол?“ Мислејќи на придавката – „глупав“ и на глаголот – „оглупавува“, а тие покорно требале да одговорат: „Сега сум, господине глагол, но ќе станам придавка“ (односно – оглупавувам, после ќе станам глупав).
.
Во една случка, кога протестираат повисоките класови, Јане ќе им купи цигари на некои поголеми деца. Тогаш ќе биде забележан од класниот и ќе биде казнет сам да остане во училиштето по завршување на часовите. Таму ќе го заборават, па дури ноќта ќе се врати дома. Оваа случка ќе го обележи и тој ќе биде под постојан надзор на професорите. Вака и училиштето станува непогодно место за себедокажување и за изградување на неговата личност.
.
Значи — му преостанува улицата.
На улицата дефилираат само негативни ликови, ликови на работ од егзистенцијата, на злото, на мрачното и ужасното. Во периферниот ќорсокак живеат сиви луѓе со комплицирани судбини кои се постојано во судир со законот.
Улицата е опишана панорамски (нејзиниот изглед) — надворешноста и нејзината внатрешност, односно луѓето и доживувањата.
Улицата е обична, тесна, периферна и завршува со една ширинка каде децата си играле. На ширинката има три стари багрема. На влезот од широчинката стоел Баждар, наречен така поради тоа што на сите деца им собирал баждарина за да влезат и да можат да играат.
Баждар бил постар, со тешко определиви години, во стара излитена, дваесетгодишна облека, бос, неизбричен, со црна шапка. Тој со нешто во исто време и привлекувал и одбивал, но децата сакале да ја придобијат неговата наклоност. Баждар е сомнителен тип, кој одвај преживува, кој краде за да опстане, типичен уличар без дом, кој живее на широчинката и спие во стариот напуштен форд. Тој добро се чувствува на улица бидејќи таму секогаш има деца на кои тој ќе им биде „газда“.
Јане за него зборува со стравопочит, со желба да му се приближи, да ги придобие неговите симпатии или барем да успее Баждар да му го запамети ликот и името. Тоа за него би било успех и начин на приближување кон главните актери на уличарскиот живот. Всушност, тој ќе направи секакви глупости токму за да им се приближи и да им докаже на Црните браќа дека е дел од нив.
.
Меѓу најголемите деца на улицата е Пенчо — своеволен, тврдоглав и самобендисан, кого го викале и Белчо. Јане се обидува да се спријатели со него, зашто на тој начин ќе биде прифатен и од сите други деца на улицата. Така, првата задача од Пенчо ќе биде до вечерта Јане да најде црна мачка без ниту едно бело влакно. Не е важно зошто, важно е задачата да се изврши — само така се станува дел од уличарското семејство.
На улицата има и едно девојче, Ана, 14-годишна, која го привлекува вниманието на момчињата, а особено на Пенчо. Таа е мирно девојче, постојано со книгата в раце, ќерка на музичар. Кога ќе ја здогледа, Пенчо, за да го предизвика нејзиното внимание, стои на раце, се превртува, вади од џеб живи гуштери и сл. Кога поминува покрај неа со Јане, тој ненадејно ќе го удри со тупаница по вратот.
.
Дефилираат на улицата разни ликови, мајки, деца, татковци, пијаници, болни.
За спас од лошото, жените од улицата решаваат да собираат пари за да изградат црквичка. Мајката на Димко ги собира парите, но ја ограбуваат, а го наклеветуваат пијаницата Адам. Подоцна, Јане дознава дека Баждар ги украл парите.
.
Потоа е опишана една случка кога Јане и Пенчо гаѓаат врапчиња со камења. Јане успева да погоди едно врапче, но погаѓа и прозорец на куќа во која живее некоја старица. Штетата што ја прават воопшто не ги загрижува, важно е што врапчето е на земја. Се разбира, врапчето го зема Пенчо, зашто тоа е законот на улицата — законот на посилниот.
.
Во дружбата со Пенчо и Баждар, Јане оди да краде цреши. Целта на Баждар е да ги продава црешите и тој само стои од страна и ги чека, а Пенчо и Јане се извршителите на кражбата. Но, се појавува стопанката и во желбата да побегнат што побргу, Јане незгодно скокнува од дрвото и си го повредува глуждот. Жената го прибира дома за да му помогне на повреденото дете. Кога таа оди да земе мелем, Пенчо краде една вазна и прекривка за фотелја и бега оставајќи го Јане сам.
Жената, разочарана и бесна го брка Јане од својата куќа, а нему му е многу криво и не може да ја сфати постапката на својот другар. Тој ја знае границата меѓу доброто и злото и затоа никогаш не ќе може да стане вистински дел од Црните браќа.
.
Светлата точка во животот на Јане е читањето книги. Книгите провејуваат низ целата повест. Дури и Баждар, еден врнежлив ден, скриени во неговиот форд, бара да му читаат од некоја стара книга („Злосторство и казна“). Со девојчето Ана разговараат за книгите, а најмногу книги добива од едно дете, Бато, кое не сака да чита, па Јане му ги прераскажува.
Во тоа време книгите биле скапа и ценета работа и тешко се доаѓало до нив. Јане прочитал десет книги за десет дена. Кога му ги раскажувал на Бато, за да се пошегува, имињата на тројцата мускетири погрешно му ги кажал. Таа шега на Бато воопшто не му се допаднала и тој прво плачел, а потоа со спокоен тон рекол дека ќе му се одмазди и ќе му го убие кучето. Тоа и го сторил. Огорчен, Јане пред Црните браќа ветува дека ќе му се одмазди на Бато. Го начекува во ќорсокак и само го сопнува да не избега. Така паднат, можел да му прави што сака, но загубил волја и со одвратност го гледал како плаче и се влече во правта. Иако ништо особено не му направил и не го истепал многу, оваа освета предизвикала восхит кај Црните браќа и тие речиси го прифаќаат.
.
Последниот тест за прифаќањето од улицата е влегувањето во циркусот така што ќе го исечат платното од шаторот. Јане им се придружува возбуден од големиот подвиг што ги очекува. Циркусот толку ги опседнува што тие самите решаваат да направат циркус и да наплаќаат влезници.
Во овие нови дружби, Јане почнува да се воодушевува од Кузман и да го посакува неговото друштво, како порано на Пенчо.
Со Кузман почнуваат нова приказна – „филм“ кој сакаат да го живеат, а се прикажувал во киното. Тоа е за човекот Фантома кој живеел во подземјето, со маска на лицето од кого сите се плашеле. Така, Кузман го „запалува“ Јане да копаат подземни тунели и да ги најдат подземните одаи каде тие би живееле по неколку часа на ден, а би спиеле дома. Освен тоа, на побогатите би им праќале заканувачки писма за да им дадат пари. Кузман го води Јане во визбата на својата куќа да копаат додека родителите се на работа, а само дедо му е дома. Всушност, наместо подземни одаи, Кузман го барал грнето на дедо му полно со пари. Токму во моментот кога го наоѓа, на вратата се појавува дедото, кој го удира Кузмана со стап, а Јане успева да избега.
По подолго време, Јане го среќава Кузман во нова облека, со килибарен цигарлак во устата, исчешлан, избричен и намирисан. Тој го поведува во кафеана, се пијанчи и му раскажува што се случило со парите и дедо му. Вечерта Кузман му кажал на татка си за парите и тој се обидел да му ги земе на стариот кој не сакал да ги даде. Затоа го убил и сега татко му е в затвор, мајка му во болница бидејќи ја удрила дамла, а тој полека си ги трошел парите до напролет кога ќе одел во војска.
.
На крајот од повеста е опишана уште една случка на беспризорните. Тоа е тепачката со Евреите во која иако не сака, се вклучува и главниот лик. Причина за тепачка нема — тоа е начин на живот, начин на Црните браќа. Повод наоѓаат во тоа дека Евреите се виновни за распнувањето и маките на Исус Христос. Се поделуваат во неколку групи и опкружуваат пет Еврејчиња. Настанува жестока тепачка.
Одвратното насилство му се згадува на Јане и не може да го заборави прашањето на едно од Еврејчињата: „Немој… Зошто?“
Токму така — зошто? мислел и тој. Не ја гледал целта ниту ја сфаќал смислата на тепачката и не ја одобрувал омразата кон недолжните деца.
Преживеалиците од улицата полека почнуваат да му стануваат здодевни, тој почнува да ги надраснува и надминува.
Прочитај ја предлог-писмената работа за повеста „Улица“ од Славко Јаневски (ТУКА).
.
Ликови
.
Јане Славковиќ, како што еднаш по грешка го нарекува класниот раководител, всушност самиот автор, е главниот лик во повеста. Преку него и неговото раскажување дознаваме за сите ликови и за самиот него. Тој живее еден нормален живот, има семејство кое се грижи за него и дом каде е удобно за живеење. Оди во училиште, чита книги, но сето тоа не му изгледа доволно возбудливо. Затоа, тој решава да живее поавантуристички, приклучувајќи им се на беспризорните, односно на познатите Црни браќа. Желбата да доживее нешто несекојдневно е неговиот единствен мотив за ваквиот живот и не е социјално обусловен (за разлика од другите ликови). Во учеството на акциите тој е постојано свесен за границата меѓу доброто и злото. По извршеното „дело“ секогаш се чувствува празен, се чувствува лошо, изиграно — наместо исполнето и авантуристички како што очекува на почетокот. Тој се кали на улицата, но никогаш вистински не ѝ припаѓа. На крајот сфаќа дека тоа не е неговиот простор за живот и затоа го напушта.
.
Баждар е повозрасен бескуќник за чија доверба се борат сите беспризорни. Тој е водач на акциите, тој е беспризорнички предводник. Кон оние што стојат најблиску до него, останатите покажуваат отворена омраза – бидејќи тоа значи дека дошле до врвот. За него не дознаваме ништо во однос на минатото и семејството од кое потекнува, но јасно е дека е тој најтактичен и најдостоен во занаетот кој го има совладано и кон кој се стремат сите.
.
Пенчо е типчичен беспризорник и според зборовите на авторот, злосторник засекогаш. Тој постојано ја нагласува својата физичка сила и е бескрупулозен во кражбите по секоја цена и во сите услови. Но, ваквото негово однесување е обусловено и од средината од која потекнува. Имено, неговиот татко е пропаднат човек – алкохоличар, па затоа е сосема јасна неговата животна беспатица.
.
Кузман е многу сличен со Пенчо во секој поглед. Во прв момент изненадува што тој има дом и семејство, но по случката со дедото и злосторството што го врши неговиот татко, сè ни станува јасно. Злосторниците раѓаат злосторници.