Почетна » македонска литература » современа македонска литература » Анте Поповски („Вардар“ и „Македонија“)

Анте Поповски („Вардар“ и „Македонија“)

 

Проповедникот

на д-р Ѓорѓи Зафировски

Никогаш и никаде Тој не спомна нешто
што ние живите го поимаме како време,
и ете, во суштина, ние
се разликуваме од Проповедникот
не сакавме или пак не можевме
да сфатиме дека нам не ни одминува
времето туку –
животот.

 

За животот на Анте Поповски

 

Анте Поповски е поет, есеист, препејувач, публицист.

Поповски е роден на 3 јуни 1931 година во с. Лазарополе, Дебарско. Завршил Медицински факултет во Скопје и како лекар работел во Дебар. Но, него повеќе го влечел пишаниот збор и вклучувањево во општествените текови. Бил член на Извршниот совет (Влада) на (С.Р.) Македонија, директор на весникот „Нова Македонија“ и „Вардар филм“ во Скопје, потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство, член на ДПМ (Друштво на писателите на Македонија) од 1956 година, а негов претседател во два мандата и претседател на Советот на СВП (Струшки вечери на поезијата) (1966/67 и 1978/79). Член на МАНУ (Македонска академија на науките и уметностите). Член на Македонскиот ПЕН центар.

Автор е на книгите: Одблесоци (поезија, 1955), Вардар (поезија, 1958), Самуил (поезија, 1963), Непокор (поезија, 1964), Камена (поезија, 1972), Тајнопис (поезија, 1975), Љубопис (поезија, 1980), Родопис (поезија, 1981), Сина песна (поезија, 1984), Глас од дамнина (публикација од литературно-историски и поетолошки карактер, 1986), Ненасловена (поезија, 1988), Оковано време (статии и коментари, 1991), Меѓу животот и знаците (есеи, 1991), Провиденија (поезија, 1995), Окото, светлините (есеи, 1996) и последната, тестаменталната поема „Света песна“ (поезија, 2001).
Составувач е на Светата земја на зборот, антологија на јидиш поезијата, и на Орфеј и Исус — библиски мотиви во современата македонска поезија (2000).
Избори од неговата поезија во посебни книги се објавени во Албанија, Грција, Франција, Русија, Турција, Италија, Германија, Велика Британија, Индија. Преведувач на автори од светската поезија и есеистика.
Добитник е на наградите: „Браќа Миладиновци“ , „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Гоцева повелба“ и на Меѓународната награда за најдобра песна “Premio Europa”.

Почина во Скопје, на 1 октомври 2003 година.

 

Поетското творештво на Анте Поповски

.
Tohu va bohu 2
.
Книгите недочитани,
соништата недосонувани –
тоа ли беше животот?
.
Секој со своето врзопче време
нагоре-надолу, натаму-наваму,
сè дури не се пресоздадовме себеси
во саркофаг зборови,
во една бела тишина…
.
Книгите недочитани,
соништата недосонувани,
тоа ли беше животот?
.
Анте Поповски, во своите последни песни ја пренесува краткотрајноста на овоземното постоење, ни ја пренесува горчината од сфаќањето на она кои сме во огромниот простор на континуумот. Уште повеќе, тој го остава својот поетски тестамент во „Светата песна“ каде го сублимира сето свое знаење и сфаќање на животот. 
За неа, Ѓорѓи Старделов ќе рече: „Како да се протолкува „Светата песна“ кога станува збор за дело кое и самото е толкување на најзамрсените и најнеизвесните енигми на егзистенцијата, на оние гордиеви јазли во кои е заплетен нашиот кратковечен земен помин под небесниов свод. И чудото на Антевата поезија е во тоа што таа кратковечност на земното, во неа е преобразена во вечност, во вечни базични поетски градби на вистината за трагичниот опстој на човекот во неговиот неизвесен земен живот.(…) Света песна на Анте Поповски е книга што прилега на поетски сеопфат на овој свет, на енциклопедија на духот, на поетска енциклопедија на темелните прашања и идеи за опстанокот наш под вршникот небесен каква што е книгата за Битието. Тие книги не се читаат и откриваат одеднаш и наеднаш, туку дел по дел, пев по пев, стих по стих. И се читаат по некој невидлив диктат на некоја виша инстанца во нас во која не можеме да се посомневаме.
.

„Вардар“ и „Македонија“ од Анте Поповски

.
Меѓутоа, пред овие негови поетски творби, Поповски беше поет на регионалното, пред универзалното, поет на својот народ, на Македонија. За него, Македонија географски малата е културно и историски огромната, библиската земја. Тој нè учи како да ја сакаме, како да ја чувствуваме, и како да се гордееме со неа. 
.
В А Р Д А Р
.
Воѓе, бели воѓе
кај црна црните?
Од вас до мене
од мене натака
кого барате?
.
Под дното ви бездна небид
врз ви мост – копја и векови .. .
Воѓе, бели воѓе
кај црна црните
кого барате?
*
Копје па маж. Копје па маж
– брегови.
Од брег на брег, од ноќ до ноќ
– прегрнати.
Земја ако не остане
на дланки корита имаме
– течи ни.
И нас ако не не би
вода престори не`
па секни, пресуши!
*
Времиња, никојпат не ве напуштил,
никојпат не ќе пресуши.
Ако го снема меѓу бреговиве
ќе потечеме по планињено.
Ако не стигнат планини
– од нас направете.
Времиња
никојпат не ве напуштил,
никојпат не ќе пресуши
нашиов вруток-Непокор.
*
Имам јас жили и добрина
векови за да векувам.
Сум поел волк и волк ме хранел
на дланкиве пролет ми умирала.
До што е корен и камен
до што е далга и ноќ
сум израснал .. .
Мајка ми е – сам од века
татко – би ил не.
Ми недостасуваше колено
од своето небидие помаж.
*
Ти што седиш на брегов мој
ела среде мене
и молчи.
Подај ми ја раката
јас мојата ќе ја кренам
вишно стебло врз жилав корен да врзе.
Ти што седиш на брегов мој
ела среде мене и молчи.
Ќе те понесам длабако.
век да векуваш.
Ако те разјадат некојпат забиве мои
на брег ќe те фрлам
зошто си си?
*
Само две раце имам
и едно исушено тело
чекање:
Илјаден да сум – мал да не сум
за една капка тебе
Македонија.
Прости, само две раце имам
два далечни брега
и нашата неразделност – меѓу.
*
На оваа река и израснаа раце
камен од својата робина да прави
и мост од каменот.
Спои овој мост два брега
нашето небидие – и нас.
Тече оваа река по твоите натколеници
нагоре
и ако некојпат останеш без небо
ќe израсне мостот
повисоко од сите векови
и пепелта твоја да ти се поклонува.
*
Ќе дојде време
овој камен и овој рид
кога не ќе бидат.
Ќе дојде време ова море и ова дно
кога не ќе бидат.
Ќе дојде време
и јас крај тебе
да не бидам.
Што да жалам
долу ќе ми бидеш
и камен и море и рид и дно
сите времиња ги надви!
*
Ќе дојдете вие плеќести црни мажи
и деца и неба и птици
на овие брегови
Трпко и ден и ноќ и ден и ноќ
да не барате нас мажи
и деца и неба и птици
Вардар престорени и мостје црно
од грижи
дали ќе се најдеме
ние што го извишивме овој мост
за нови плеќи
и вие што ќе го извишите.
Дојдете вие плеќести црни мажи
деца и неба и времиња
-по коритото на оваа река
да потече и вашата судбина
на месото на овој мост
извишен над вашето небидие
да си прочитате:
векувајте со мене!
*
Води до него пат
внук деда внук внука
кај остава.
Сам одиш
друг ќе родиш
друг ќe роди
одиш
одиш
небидеш
и пак одиш …
Има еден пат
од внуци и внуци
непреод.
*
Зарамнети брегови безгрижие
ти ли си сон ли е
што ли е?
Првпат дете.
Тополи в лулка те легнале
слатко те успале…
Луно, златна луно
седни на брег чувај го
ако се разбуди – буди ме.
.
М А К Е Д О Н И Ј А
1.
Стиснете ги тревките
неа ќe ја исцедите.
Наслоните се врз каменот
името ќe ѝ го чуете.
Симнете се во рекине
дното со неа ќe ве почести.
Легнете да починете
и ноќта со неа ќe ве покрие.
2.
На овој даб името ќe ти го напишам
дождовите да го симнат
жедните в земја
да ги напоиш.
На оваа нива грутка од тебе ќe посеам
класатка да никне
со неа внучињата да ни ги храниш.
На овој рид ќe те оставам
и кога ќe заминам
пак да те гледам
Голема.
3.

Еве ја таа проста земја
од дволичен камен
и сонце

Децата уште незаодени каде откопуваат
лобањи по градините

Еве ја таа проста земја
од пајажина
и од води

Мудро слободата кај што ги запишува
селските имиња
Место икони по црквите

И каде летото како судбина
Трае до последниот востанат

Еве ја таа проста земја
од заморено дишење
и од молк

Низ која времето одминува
и пак се враќа
Со неа да го сподели лажното траење.

О, еве ја таа проста земја
од грч
и од чекање

Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски
А никој не ја знае.

4.
Се искачија маглишта по ридон нагоре
– И месечината ќе ја украдат.
Долу по рекана,
Горе по добравана,
Одѕива полено којзнае кој век
Во војнички цокули обуено.
5. 
За рик волчји и уплав на небињата мојата земја е создадена
Без чемпреси и без божилак
До капка, три дена пред да се покаже над мојата земја
Гробишта облакот го исцицуваат
И црна сенка од нож место крст каменот што те покрива го сени
За вечни времиња.
Зашто ништо друго не му прилега на ова диво билје и црногорица
Освен да го чека недојденото.
6.
Се изнагледав месечина. Како капка мојата изгорена душа
Те испи за три животи напред и пак горам.
Истеков со сите реки и празни корита им донесов на морињата
– И за шпионот во твои меса ако се криел болка ме пече
Зашто, ти од малена не` научи
Така просто, така јасно да си се разбираме
Тој нож што нема – среќа нема.
7.
3а неколку нови чекори недостижност
ме остави утринава зад тебе.
Чинам се делиме:
Твојот пат нагоре
мојот пат кон тебе води.
Стапни ме, во твоите корени скри ме
никојпат да не се разделиме.

 

Scroll to Top