1 дел
По добивањето на телеграмата во која го известуваат дека мајка му починала, Мерсо оди во старечкиот дом, оддалечен 80 километри, да ја закопа.
По ручекот во ресторанот на Селест, тој се качува во автобусот и од жештината, труцкањето и мирисот на бензин, по патот задремува.
Кога стигнува во старечкиот дом, сака веднаш да ја види мајка си, но чуварот му рекол дека треба прво да се види со управникот. Со него разговараат за мајката, дека таа тука била среќна, дека не му префрла што ја ставил во дом, зашто со него сигурно би ѝ било здодевно, а тука таа си имала пријатели.
Управникот го води во мртовечницата каде го дочекува вратарот. Тој се понудува да го отвори капакот од ковчегот, но Мерсо не сака. На неговото прашање: „Зошто?“, Мерсо одговара: „Не знам“.
Времето им поминува во безначајни разговори, до вечерта кога доаѓаат и други пансионери на бдеење. Претходно, вратарот му понудува да одат на вечера, Мерсо одбива, но кога му нуди филџан бело кафе тој со задоволство го прифаќа.
„Го испив. Тогаш имав желба да пушам. Но, се двоумев, зашто не знаев дали би можел да пушам пред мама. Размислував, тоа немаше никакво значење. Му понудив цигара на вратарот и запушивме.“
Ноќта заедно со старците тој ја поминува половина дремејќи, а половина анализирајќи ги.
Утрото, доаѓаат од закопниот завод и додека Мерсо е кај управителот да потпише некакви акти, повторно одговара со: „Не“, на прашањето: „Дали сака за последен пат да ја види мајка си“. На погребот, од пансионерите му е дозволено да дојде само на Томас Перез, зашто тој бил неразделен од мајка му.
По патот кон гробиштата колата одела премногу бргу за него, па тој почнал да заостанува, но покрај горештината, староста и накуцувањето, тој сепак успева да стигне и да ѝ ја оддаде последната почит.
Уште еден дијалог карактеристичен за Мерсо е со службеникот од закопниот завод:
„Малку потоа тој ме праша: „Вашата мајка ли е таму?“ Јас реков: „Да.“ „Стара ли беше?“ Јас одговорив: „Па, така“, бидејќи не го знаев точниот број.
По погребот, Мерсо едвај чека да стигне дома и да се изнаспие.
Утредента, тој оди на плажа каде се капе и ја сретнува Марија Кардона, поранешна дактилографка во неговата канцеларија. Таму заедно се капат, лежат, уживаат. Тој ја поканува вечерта да одат заедно во кино и по нејзин предлог гледаат комедија. Ноќта таа ја поминува кај него.
Утредента, недела, за Мерсо е најздодевниот ден кога нема што да се работи.
До пладне лежи во креветот и пуши цигари, не оди да појадува кај Селест за да не му поставуваат прашања, па самиот си вари јајца, шета низ станот, чита стар весник и излегува на терасата. Таму поминува уште време набљудувајќи ги минувачите и дуќанџиите до вечерта. Се симнува, си купува леб и паштета, јаде стоејќи и денот му завршува. Тој вели:
„Мислев дека измина уште една недела, дека е мама закопана, дека пак ќе се зафатам со работа и дека сè на сè, ништо не се измени“.
Следните денови ги поминува работно преку целиот ден, само навечер се прибира дома. На скалите го сретнува соседот Саламано со неговото куче. Кучето има некаква болест на опаѓање на влакната и целото е покриено со дамки и кафени красти. Тие се заедно осум години, неразделни и веќе почнале да личат еден на друг. Секој ден Саламано го води на прошетка и постојано го кара, велејќи му: гнасо, мрцино!
Потоа во ходникот влегува и вториот негов сосед Ремон Сентес за кого се зборува дека живее од жени (макро), но тој самиот вели дека е магационер. Тој го поканува Мерсо на колбаси и вино во неговиот еднособен стан. Му кажува дека патем, во трамвајот се закачил со некој маж и се степале. Всушност, тој бил брат на неговата метреса на која тој ѝ плаќал стан, ѝ купувал облека, храна и други потребни работи, а таа ништо не работела.
Кога дознал дека таа го изневерува, тој ја истепал до крв, но сега му било криво бидејќи сакал уште да биде со неа. На таа жена, која била Маварка, Ремон сака да ѝ се одмазди, па затоа бара помош од Мерсо, тој да ѝ напише писмо. Мерсо прифаќа, а Ремон воодушевен му вели дека сега му станал вистински пријател.
Викендот, Марија доаѓа кај Мерсо и тие заедно одат на плажа. Убаво си поминуваат и ноќта таа повторно останува кај него. Тој ја поканува да остане уште и заедно да појадуваат. Постојано насмеана и убаво расположена, таа го прашува дали ја сака, а тој и одговара дека тоа не значи ништо, но оти мисли дека не.
Додека го подготвуваат појадокот слушаат силна расправија од кај Ремон. Доаѓа и полицијата која ја извлекува девојката од кај него. Но, тој ѝ се заканува дека ништо не е готово и дека повторно ќе ја најде. Го замолува Мерсо да му биде сведок дека девојката го изневерувала, а овој без размислување прифаќа.
Вечерта излегуваат на коњак, а на враќање го сретнуваат соседот Саламано кој го загубил своето куче. Разочаран и вознемирен го барал по сокаците, но не можел да го најде. Ноќта, Мерсо го слуша како плаче по кучето.
Следниот ден, на работа, Ремон му се јавува на Мерсо по телефон и го кани кај некој негов пријател да одат на викенд. Мерсо прифаќа, но кажува дека веќе ѝ го ветил викендот на Марија, па тој ја поканува и неа.
Шефот го повикува во канцеларијата и му кажува дека планира да отвори канцеларија во Париз и бидејќи тој е млад, му предлага да оди да работи таму. Но, Мерсо вели дека му е сеедно и дека тукашниот живот му се допаѓа. Шефот, разочаран, му префрла дека нема никакви амбиции и дека тоа е кобно за работата. А за вечерта, еве што ќе каже Мерсо:
„Вечерта Марија дојде да ме бара и ме праша дали би сакал да се оженам за неа. Реков дека ми е тоа сеедно и дека би можеле тоа да го сториме ако го сака таа. Потоа сакаше да знае дали ја сакам. И одговорив, како што тоа веќе еднаш го сторив, дека тоа не значи ништо, но дека несомнено не ја љубам. „Зошто тогаш да се ожениш за мене?“ рече таа.(…) Таа забележа дека бракот е сериозна работа. Одговорив: „Не“.
Откако вечера кај Селес, во неговиот стан доаѓа соседот Саламано. Тажен што никако не може да си го пронајде кучето, тој има потреба некому да му се исповеда. Раскажува за својот живот, за тоа дека се оженил доцна и дека не ја сакал својата жена, но дека свикнал на неа. Кога таа починала, тој се чувствувал многу осамено, па затоа го земал кучето. Исто така, ја спомнуваат мајката на Мерсо, која многу го сакала кучето и тоа дека соседите го осудувале што ја пратил во дом. Мерсо се оправдува со тоа дека немал доволно пари за да ја издржува и додава:
„Впрочем, има веќе подолго време откако немаше што да ми каже и дека се досадуваше сосема сама.“
Ден пред викендот, Мерсо сведочи дека девојката на Ремон му била неверна и тој бил ослободен со предупредување.
Викендот, кога тргаат кон автобуската постојка со Марија и Ремон, гледаат група Арапи. Меѓу нив бил и братот на девојката. Тие ги набљудваат молкома, на „нивни“ начин — како да се камења или мртви дрвја. На почетокот, Арапите не ги следат и тие среќно стигаат во дрвената куќичка на плажа, кај пријателот на Ремон — Масон. Тој бил големо човечиште, со широки рамења, а жена му ситна, малечка и љубезна.
Утрото одат на плажа, ручаат и по ручекот мажите одат да се прошетаат. На плажата нема веќе никој, сонцето е високо искачено и сите се прибрани по куќите на одмор. Но, на крајот од плажата Ремон забележува дека им се приближуваат двајца Арапи. Се подготвуваат за физичка пресметка, Ремон прв напаѓа, а Масон го презема другиот и го претепува фрлајќи го во вода. Арапот, со кој се бори Ремон, вади нож и го засекува по раката и по устата. Полека, тепачката стивнува и Арапите се повлекуваат.
Во куќичката им раскажуваат на жените што се случило. Масон го води Ремон кај некој доктор што во близина имал куќичка. Кога се враќаат, Ремон вознемирен сака да оди повторно да се прошетаат. Овојпат тој со себе зема и пиштол. На плажата нема никој, освен жешкото сонце и тишината. Тие доаѓаат до крајот на плажата, до некое изворче, каде ги наоѓаат Арапите испружени под сенка. Ремон сака да пука во едниот од нив, но Мерсо го спречува велејќи му дека со ништо не е предизвикан. Се договараат Ремон да ги предизвика на тепачка, а Мерсо го зема пиштолот и ако некој извади нож, тој ќе го убие. Но, Арапите мирно се повлекуваат.
Мерсо и Ремон се враќаат во куќарката, но Мерсо од жештината не може да се искачи по дрвените скали и решава да се врати сам на плажата. Ужасната жештина и силното сонце го тераат да оди кај изворчето, во ладовина. Се изненадува што таму го здогледува едниот Арапин легнат на грб. Тој си мислел дека таа работа е завршена. Гледа како тој ја става својата рака в џеб, а и тој во џебот го стиска револверот на Ремон.
Првиот дел од романот, завршува вака:
„Врелината од сонцето ми ги опфати образите и чувствував капки пот како се собираат во веѓите. Тоа беше истото сонце од денот кога ја погребавме мама и како и тогаш, особено ме болеше челото и сите негови вени биеја заедно под кожата. Поради оваа врелина што не можев веќе да ја поднесувам, направив чекор напред. Знаев дека е тоа глупаво, дека нема да се растоварам од сонцето преместувајќи се само еден чекор. Но направив еден чекор, само еден чекор напред. И овој пат, без да се подигне, Арапинот го извади својот нож што ми го покажа на сонцето. Светлината бликна врз челикот и тоа беше како долго светкаво острило што ме погоди во челото. Истиот момент, насобраната пот во моите веѓи наеднаш потече низ клепките и ги покри со млак и густ превез.
Моите очи беа заслепени зад оваа завеса од солзи и сол. Ги чувствував само цимбалите на сонцето врз моето чело и нејасно блескавото сечило што молска од ножот, постојано вперен во мене. Овој усвитен меч ми ги бодеше трепките и ми ги копаше болните очи. Тогаш сè се заниша. Од морето се носеше тежок и врел здив. Ми изгледаше дека небото се отвара со сето свое пространство за да истура оган. Сето мое суштество се напрегна и ја стегнав раката врз револверот. Чкрапецот попушти, ја допрев мазната испакнатост на дршката и тука, во татнежот истовремено остар и заглушен, сè почна.
Ја истресов потта и сонцето. Сфатив дека ја нарушив рамнотежата на денот, и вонредната тишина на една плажа каде што бев среќен. Тогаш стрелав уште четирипати врз неподвижното тело во кое куршумите се забуцуваа незабележливо. И тоа беа како четири кратки удари со кои почукав на вратата од несреќата.“
2 дел
По затворењето, неколкупати го испрашуваат кратко, за неговите лични податоци, а на Мерсо му личи дека никого особено не го интересира неговиот случај. Оди во канцеларијата кај судијата со кого разговара и бидејќи сам не си одбира адвокат, му доделуваат по службена должност. На почетокот, на Мерсо сè му прилега на игра, на нешто што го читал во книгите и воопшто не ја сфаќа сериозно ситуацијата во која се наоѓа.
Утредента кај него доаѓа адвокатот и го распрашува за приватниот живот. Го прашува за погребот на мајка му, каде покажал голема бесчувствителност и бара начин да најде оправдување за однесувањето на Мерсо. Но, тој воопшто не му помага и понатаму се однесува незинтересирано, прашувајќи го каква врска има мајка му со неговиот случај. Посакува да му каже дека е тој како другите луѓе, но го мрзи да образложува и го пушта адвокатот да си отиде налутен.
По неколку дена, заедно со адвокатот одат кај иследникот кому му го раскажува целиот ден на убиството: плажата, Ремон, караницата, сонцето, петте куршуми. Тој го сослушува и на крајот го прашува дали ја сакал мајка си? Мерсо му одговара: „Да, како сите луѓе“. А, потоа, настојчиво го прашува зошто направил пауза меѓу првиот и другите четири куршуми испукани во веќе мртвото тело.
Но, Мерсо не може да најде одговор. Жештината почнува да го мачи и во оваа канцеларија полна со муви кои му лазат по лицето. Иследникот, веќе нервозен му ја поттура фигурата со Исусовото распетие под нос и го прашува дали верува во Бога. Мерсо, многу смирено одговара дека не верува. Вознемирен, иследникот му вели дека до сега не видел толку бесчувствителна душа и дека другите криминалци се расплакувале пред таа фигура на болката.
По оваа случка нивните средби се официјални, во присуство на адвокатот и кратки. Мерсо поминува единаесет месеци во затворот. Првите месеци му е тешко. Тогаш уште размислува како слободен човек. Мисли на плажата, на капењето, на Марија. Но после тоа почнува да размислува како затвореник. Мисли на секојдневните прошетки, на посетата на адвокатот, а остатокот на времето, на мислите за жени и на сеќавањата.
Во ќелијата наоѓа парче стар весник со сторијата за некој човек што отишол на печалба, а кога се вратил по 25 години, сакајќи да ги изненади не им кажува на мајка си и сестра си кој е, па тие ноќта го убиваат со чекан, го ограбуваат и го фрлаат во река. (За овој случај Ками ја напишал драмата
„Недоразбирање“, а истиот мотив го обработува Р.Крле во
„Парите се отепувачка“). Оваа сторија Мерсо секојдневно ја чита.
Во затворот, само еднаш го посетува Марија, како секогаш насмеана и весела и го утешува дека ќе излезе ќе се венчаат. Потоа само му пишува писма.
Кога започнува судењето го водат во судската дворана преполна со луѓе и ја забележува редицата поротници која го набљудува.
„Имав само еден впечаток: се наоѓав пред една трамвајска клупа и сите овие анонимни патници го демнеа новодојдениот за да откријат на него нешто смешно. Знаев дека е тоа глупава помисла, зашто овде не го бараат смешното, туку злосторството. Меѓутоа, разликата не беше голема и во секој случај таа мисла ми дојде на ум.“
Доаѓаат и новинарите кои малку го надувуваат неговиот случај, поради мртвата сезона на летото.
Во судот, прво го сослушуваат Мерсо, за убиството, за тоа зошто се вратил кај изворот, дали имал намера да го убие Арапот, но и продолжуваат со прашањата за мајка му.
Потоа ги сослушуваат и сите сведоци: управникот на домот за старци, вратарот, Томас Перез — кои кажуваат за неговата мирнотија на погребот, за тоа дека не сакал да ја види мајка му, дека пушел и пиел бело кафе, дека не плачел итн.;
Селест застанува во негова одбрана и кажува дека тој е добар човек, дека му е пријател и дека сето тоа што се случило е несреќа.
Потоа сведочи Марија, која иако сака да го одбрани, мора да каже — кога започнала нивната врска, дека биле да гледаат комедија, дека ноќта ја поминала кај него и таа на крај си оди расплакана бидејќи ја приморале да зборува обратно од она што го мисли.
Масон и Саламано ги сослушуваат сосема кратко и на крај доаѓа Ремон. Тој веднаш изјавува дека Мерсо е невин и дека сè што се случило е случајно. Дека случајно бил на плажата, дека случајно го напишал писмото за неговата љубовница, дека случајно бил сведок на прељубата, па на суд сведочел од љубезност.
Сите овие „случајности“ обвинителот ги искористува поврзувајќи го Мерсо со еден макро и нагласувајќи дека се другари. Бранителот изреволтирано реагира дека на Мерсо му се суди заради неговата бесчувствителност и како ја погребал својата мајка, а не за убиството.
Претресот продолжува утредента и впечатокот на Мерсо е дека сè се одвива без негово учество. Завршните говори на обвинителот и бранителот тој ги слуша расеано, несконцентрирано, но интересно му е што зборуваат за него и го анализираат. Обвинителот го претставува како интелигентен човек, но бездушник кој ниту во еден момент не го изразил своето каење. Таков човек е непотребен во општеството чии основни правила не ги признава и затоа бара смртна пресуда. Попладенето поротата ја донесува својата пресуда: гилотина на јавно место во име на францускиот народ.
По пресудата Мерсо го сместуваат во друга ќелија и му нудат исповедник кој трипати го одбива. Размислува да поднесе жалба, а најмногу размислува за зорите од кои станува исплашен зашто претпоставува дека тогаш ќе дојдат да го земат за извршување на казната. Полека, престанува да спие ноќе наслушнувајќи дали доаѓаат чекорите упатени кон него. Во врска со жалбата секогаш си ја претставува најлошата варијанта — таа да биде одбиена и вели:
„Е, добро, значи ќе умрам. Очигледно порано од другите. Но целиот свет знае дека не чини да се живее. Всушност знаев дека е сеедно дали ќе умрам на триесет години или на седумдесет, бидејќи, природно, во обата случаја другите луѓе ќе живеат и тоа за време од илјади години. Со еден збор ништо не беше појасно. Секогаш јас ќе умрам, било сега или по дваесет години. Во тој момент она што ми пречеше малку во моето расудување беше тој страшен скок што го чувствував во себеси при помислата на дваесетте години што можев уште да ги поживеам.“
Кај него повторно доаѓа исповедникот, кој го сожалува заради неговото неверување и неможност да се ослободи и исповеда. Тој го сожалува што не верува дека ќе продолжи да живее на небото. Мерсо не може да го поднесе таквиот тон, се разгневува, го фаќа свештеникот за јаката и почнува да му вика и да го навредува. Очајнички зборува за својот живот и изборот што го направил. Зборува за тоа дека не му е грижа за неговите пријатели, за Марија, за тоа дека обвинетиот за убиство е погубен поради тоа што не плачел на погребот на својата мајка.
Тоа се последните крици на Мерсо. Неговата побуна против светот во кој живее, неговата побуна против смртта што го очекува. На крајот, тој се смирува и помирува:
„И само сѐ да се сврши, само да се почувствувам помалку сам, ми останува да пожелам на денот на моето погубување да има многу набљудувачи и да ме дочекаат со извици на омраза.“