Дијалектологија е наука што се занимава со говорите, дијалектите на еден јазик, односно сите јазични појави што не влегуваат во литературниот јазик.
1. Говор е најмала територијална или социјална јазична единица. Тоа е јазичен израз на мал колектив луѓе меѓу кои нема некои позабележителни јазични разлики (охридски говор, рекански говор итн.).
2. Дијалект е поголема јазична целина која опфаќа неколку говори (охридско-преспански, скопско-велешки итн.).
3. Наречје е поголема јазична средина во чиј состав влегуваат повеќе дијалекти или говори.
Македонската дијалектологија ги проучува македонските дијалекти.
Во Македонија постојат три основни дијалектни наречја:
западно
југоисточно (јужно и источно)
северно
Дијалектните карактеристики се во однос на :
а) акцентот;
б) фонетско-фонолошките особености;
в) морфолошките особености и
г) синтаксичките особености.
Западно наречје
Западното наречје ја зафаќа територијата на Западна Македонија: на север оди по линијата Скопје -Тетово и граничи со српската јазична територија; на запад граничи со албанската; на југ оди до јужниот дел на Преспанското Езеро; на исток оди по линијата на Црна Река – Вардар – Пчиња до Скопје.
А. Акцент
Во западното наречје акцентот се наоѓа на третиот слог од крајот на зборот кај повеќесложните зборови и се образуваат акцентски целости. (Исто како во литературниот јазик.)
На пр.: тéтратки, тетрáтките; не зéмај го, пóд рака.
Б. Фонетско-фонолошки особености
1. Замена на старословенската група: цъв во цу;
На пр.: цут, цути.
2. Губење на интервокалното в (кога ќе се најде в меѓу самогласки, се губи).
На пр.: човек – чоек
Тетово – Тетоо.
3. При допир на два збора од кои првиот завршува со самогласка, а вториот започнува на самогласка, од првиот збор таа се губи.
На пр.: го испушти – г ’испушти,
се исуши – с ’исуши;
4. Во секвенца од две самогласки од кои втората е и, и преминува во ј.
На пр.: глави – глаи – глај,
лебови – лебои – лебој;
5. Гласот х преминува во в.
На пр.: бев, бевме, кожув.
В. Морфолошки особености
1. Се употребува заменката тој, таа, тоа; тие за трето лице.
2. Се употребуваат сите три членски морфеми: -от, -ов, -он.
На пр.: чоеков, чоекон, чоекот.
3. Наместо кратката заменска форма ги се употребува и.
На пр.: ги виде – и виде.
4. Наместо неа се употребува нејзе (нејзи, нези).
На пр.: Неа ја видов – Нејзе ја видов.
5. Се употребува наставката -т во 3л.едн. сегашно време.
На пр.: тој седит, јадет, носит.
6. Предлогот од се употребува за искажување на посвојност.
На пр.: Куќата од Стојана. Детето од сестра ми.
7. Предлогот со не се удвојува.
На пр.: со сила, со рака.
8. Честа е употребата на глаголските конструкции со има/нема.
На пр.: Тој има/имал/нема/немал работено.
9. Карактеристична е употребата на деминутивните наставки -уле и -иче.
На пр.: детуле, устуле, брадиче, книгиче.
Г. Синтаксички особености
1. Кратките заменски форми се употребуваат пред глаголот.
На пр.: го видов, му реков, се разбира.
2. Формата од помошниот глагол сум во 3л. едн. и мн. минато време се испушта.
На пр.: тој читал, тие читале.