За животот на Томе Арсовски
Томе Арсовски е роден 1928 во Косовска Митровица, каде татко му бил на служба во поштата. Во Пеќ завршил основно училиште, а 1941 година се враќа во родното место на своите родители – Кавадарци. По ослободувањето тука завршува гимназија, а потоа Филозофски факултет, група Славистика, во Скопје.
-
-20%
Работел како хорист во Операта на Македонскиот народен театар, како новинар во весникот „Нова Македонија“, во драмската редакција на Македонската радио-телевизија.
Започнал со пишување поезија, збирката „Грст смеа“ (1958), а продолжил со драмско творештво и поставувањето на својата прва драма на сцената на Прилепскиот театар: „Александра“ (1958). Вистински успех и потврда како драмски автор доживува со драмата „Парадоксот на Диоген“ (1961), по што се нижат голем број драми, телевизиски драми, раскази и романи: „Грст среќа“ (телевизиска драма, 1962), „Матурска вечер“ (драма, 1964), „Грдиот Нарцис“ (телевизиска драма, 1964), „Бумеранг“ (комедија, 1969), „Климент Охридски“ (историски роман, 1989), „Куќа на четири ветра“ (роман, 1991), „Подводен град“ (роман за деца и млади, 1993), „Нешто убаво ми се случува“ (роман, 1996), „Пурпурно поле“ (поема, 1996) и многу други.
Парадоксот на Диоген
-
-20%
„Парадоксот на Диоген“ е судска драма во два дела, каде обвинет е Драшко Каровски за уривањето на хотелот „Сплендид“ со што е причинета голема материјална штета, но се загубени и два човечки живота.
Дејството се случува во Скопје, шеесеттите години од двесеттиот век. Темата на драмата е животот на младиот Драшко Каровски, неговиот подем и пад, а идејата, поврзана со Диоген – моралното пропаѓање на една личност и губењето на сопственото јас. (Диоген е антички филозоф кој сред бел ден одел со запален фенер во потрага по човек.)
Во судскиот процес не се разгледува само вината на Драшко, туку преку многу реконструкции се проследени делови од животот на главниот лик кои придонеле за несреќата. Тука се судат сите: општеството, пријателите, колегите, роднините, зашто се дел од животот на Драшко кој од скромен, чесен и занесен идеалист го прават лаком и суетен материјалист.
Освен Драшко, ликови во драмата се:
Даница, неговата жена, која не ја сака, а се оженил со неа за да ја спаси од „улицата“ и која му родила два сина;
Мајка му и татко му Никола, кои премногу му се мешаат во животот;
Владимир Крстин – Борски, директорот на Заводот за висока градба, кој верува во квалитетите на Драшко и го „разгалува“ со попустливиот однос кон него;
Алексеј Кондарко, универзитетски професор;
Борика Корда, колешка од Словенија, љубовта на неговиот живот, која доаѓа во Скопје заради Драшко и останува иако тој се оженил со друга;
Данчо, градежниот техничар, Славко, загинатиот палир, Судијата, Обвинителот, Бранителот, Судсиот писар и др.
Прв дел
Драмата започнува со сугестивни филозофски стихови искажани од страна на судијата:
„Сакаш ли вечна среќа – не спиј!
Пресврти ја ноќта во ден!
Зашто оној што спие е слеп,
а при успаните среќата не доаѓа.
Но еве ви еден совет на сите што сте тука:
зградата построена во прав –
во прав и ќе се урне.
Ако ви се случи тоа –
не обвинувајте го ни Бога ни човека:
самите сте виновни.
Избегајте поскоро од затворот на своето „јас“
одделете се макар на чекор од себеси
и ќе видите – во ружите
освен трње
има и ружи“
а судењето започнува со сведочењео на Борски, директорот на Драшко Каровски. Тој кажува за објектот, неговото рушење, материјалната штета, двајцата загинати, но под присила на Бранителот се открива дел од минатото на Драшко. Дека тој студирал во Љубљана, бил одличен студент, дека два дена по неговото дипломирање ја добил работата во Заводот и дека Борски му дал платен одмор од 15 дена уште пред да дојде на работа. Се дознава дека тие биле блиски зашто браќата на Драшко заедно војувале со Борски и загинале во војната, па тој го гледал Драшко како свој брат.
За време на неговото сведочење е реконструирана сцена кога Драшко дрско бара трисобен стан и уценува со заминување во друга фирма ако не го добие. Поради тоа што набрзина се оженил со Даница дома му било неподносливо и бескрупулозно настапува пред Борски барајќи го станот што бил наменет за професорот Кондарко, кому бидејќи бил стар и сам не му требал трисобен стан. Борски попуштил пред барањата на Драшко, му дал стан кој го планирал за себе и му ја покачил платата за да се осигура дека тој нема да си замине од фирмата.
Следен сведочи Данчо, градежен палир, кој збунето настапува на сцената и неколкупати повторува дека никого не сака да обвинува. Тој кажува дека Драшко сите го сакале, дека бил многу добар и љубезен со работниците, им давал цигари и се однесувал како со рамноправни, дури премногу добар. При неговото сведочење се реконструира сцена од градилиштето, навечер, десетина дена пред уривањето на објектот. Таму доаѓа професорот Кондарко да го опомене Драшко да не бетонираат ноќе и да биде повнимателен со објектот. Се појавува и Борика Корда, расположена, подготвена да замине на вечера со Драшко. Настанува караница меѓу Драшко и Кондарко зашто Драшко арогантно ги одбива добронамерните совети и мисли дека сите го следат и не му веруваат. Го остава Данчо на објектот сам да одлучи што ќе прави и оттогаш не се појавил. А Данчо морал да му пишува на директорот секојдневни извештаи за градилиштето во кои лажел дека Драшко секој ден вршел контрола, па дури и казнувал работници ако згрешеле.
По Данчо, во судницата ја повикуваат Даница, сопругата на Драшко. Таа е стоматолог, уште од тригодишна возраст препуштена сама на себе, за која сите имаат лошо мислење како за жена од улица. Сите сметаат дека Драшко избрзал и погрешил што се оженил со неа, дека не ја сакал туку само идеалистички сакал да ја спаси не размислувајќи за последиците. Таа вели дека за ништо не е виновна, дека родила два сина, се грижела за нив, се грижела и за Драшко, секогаш бил чист, испеглан, сит, но тој секогаш од нешто бил незадоволен. Во нејзиното излагање се реконструира домашна сцена кога навредените родители на Драшко го напуштаат домот. Всушност, се реконструираат две сцени – едната како што ја кажува и доживува Даница, а другата таткото. Во првата родителите се дрски и неподносливи, а во втората Даница е безобразна. Во нивниот стан, навечер, таткото бил поднапиен и гласно пеел. Даница дошла и му рекла да биде потивок зашто ги успива децата. Настанува караница по која родителите се избркани (или доброволно) си заминуваат од домот. Драшко е сведок на крајот од караницата, се расплакува од мака и излегува, а Даница го вика Борски. Останува нејасно какви се точно односите меѓу Борски и Даница, веројатно во минатото биле блиски, но таа тврди дека откако се омажила со Драшко му била верна.
Втор дел
Вториот дел од драмата започнува со сведочењето на таткото Никола кое е само надоврзување на претходното сведочење. Се чувствува тага, жалење за сè што се случило, а и немоќ да му се помогне на единственото дете. Тој ги загубил двата сина и ќерката за време на војната и Драшко му е единствената надеж, па затоа можеби премногу му се меша во животот и не ја прифаќа Даница.
Следниот сведок е Борика Корда, градежен инженер, Словенката кој била вљубена во Драшко и која заради него доаѓа да живее и работи во Скопје. Но, се чини дека задоцнила. Дошла само 6 месеци по дипломирањето, ама Драшко веќе се оженил со Даница. Таа раскажува каков бил Драшко во студентските денови – ведар, чесен, работлив, човек кој сакал сè сам да си заслужи велејќи „на лавот шијата му станала лавовска затоа што сам си го прибавува она што му треба“, разнесувал млеко и весници низ Љубљана и така се издржувал (ја одбил понудената стипендија).
Борика ја реконструира сцената на денот на рушењето на хотелот, кога Драшко „избегал“ кај неа. Нивниот разговор во почетокот не е сосема отворен, целиот е со наговестување, потсетувања на минатото, грешките, но директно се плашат да зборуваат. Кога Драшко вознемирен кажува дека убил човек – мислејќи на себеси, во станот на Борика влегува Кондарко кој му советува да оди на објектот и да се бори, да ја каже својата страна. Но, Драшко одбива, останува кај Борика целосно препуштајќи и се на сопствената пропаст. Ноќта разговараат, и освен што се присеќаваат како се запознале и дружеле во студенстските денови, Драшко сепак на крајот се отвара и се открива себеси:
ДРАШКО: Диоген го барал човекот надвор од себе. А јас се обидов да го најдам во мене, овде… Не го најдов.
БОРИКА: Што ти недостига тебе?
ДРАШКО: Ќе ти кажам. Прашај ги луѓето, Борика, прашај ги другарите, пријателите, прашај се себеси: каде е единствениот човек што е задоволен од себеси? Сите бараат нешто, на сите нешто им недостасува, сите за нешто се борат, трчаат, измислуваат илјада начини да ги решат своите проблеми! – Мене ме опфаќаше паника кога помислував дека ништо не ми треба, дека не мора ништо да освојувам, дека немам никаков идеал, никаква цел ниту една желба… Јас имав сè. Имав и премногу! – Луѓето ми завидуваа… Ми завидуваа на големиот удобен стан од кој ги истерав сопствените родители, на автомобилот со кој се вози жена ми којзнае со кого и којзнае каде, ми завидуваа на големиот телевизор во боја што им служи на соседите, на телефонот што ми ги кине нервите, ми завидуваа на црниот костум, на белиот костум, на апаратот за бричење ми завидуваа!
(…)
БОРИКА: Јас! Јас! Јас! Јас! Што сакаш ти од луѓето Драшко? Не само што живееш за себе туку сакаш и другите да живеат за тебе? Па ти толку шум, толку прав крена за таа твоја материјална слобода! Ја имаш: биди среќен и создавај! А ти плачеш…
(…)
БОРИКА: Требаше само еден ден да живееш за другите. Само еден ден… Ти бараше да те сакаат, а самиот никого не сакаше.
Иако не сака да го навреди, Борика сепак му го кажува во лице своето мислење: дека тој станал бесчувствителен егоист и материјалист.
На крајот кусо сведочи професорот Кондарко кој како возрасен човек препорачува простување. Ги цени квалитетите на Драшко и повикува да се заборави минатото: „Минатото е крадец што не може ништо да даде, а може да ја украде убавата иднина.“
Последен на прашањата одговара Драшко, но тој е изгубен во текот на целото судење. Постојано повторува дека е виновен и дека сè признава.
Драмата завршува со излагањата на Обвинителот и Бранителот, со закажаната пресуда за утредента.
Читателот, односно публиката е таа што треба да му пресуди на Драшко!