Ристо Крле
МИЛИОНИ МАЧЕНИЦИ
драма во три чина
ЛИЦА:
ЈОНЧЕ „Конте“, модерен чевларски калфа, а подоцна мајстор
ЦАРА, негова жена
ЛАМБЕ, негов син на 5—6 години
ИЛЧЕ |
САНДРЕ \ чираци кај Петрета, а подоцна калфи кај Јончета
АНАСТАС |
ДИМЧЕ \ чирачи кај Јончета
ПЕТРЕ, старовремски чевларски мајстор
КОЛЕ, пријател од Петрета, старовремски шивачки мајстор
СЛАВЕ |
ФАНЧЕ |
ЛЕНЧЕ |
ЗЛАТА |
СОТИР |
СЕЛАНЕЦ \ муштерии
ЃОРЃИ |
КОСТА \ кожарски трговци
ДАНОЧЕН ЕГЗЕКУТОР
УРЕДСКИ ЕГЗЕКУТОР
ПОЛИЦИСКИ ПИСАР
ЕДНО ДЕТЕ ПОЗИВАР
Чевлари, минувачи, жандари, продавци на весници, тапанџии и други.
Првиот чин се одигрува во 1922 година, вториот во 1930 година, третиот во 1939 година.
ЧИН ПРВИ
Во дуќанот на мајстор Петрета, старомодна чевларница. Во дното насреде врата со стакла, а од страните прозорци низ кои се гледаат минувачките по улицата. Лево — рафтови со калапи, а десно — рафтови со кожи и чевли; негде-годе обесени низалки со мерки. Под овие, кон дното, шивачка машина, напред маса на која се поредени алати. Околу масата прости столиња или сандачиња, наковално, тенеќе со вода и друго.
При кревањето на завесата Јонче трга на калап, Сандре кове пенчиња, а Илче, на кого му ѕирка весник од џепот, мие чевли во тенеќето.
ЈОНЧЕ: Илче!
ИЛЧЕ: Повели…
ЈОНЧЕ: Што правиш?
ИЛЧЕ: Ги мијам чевливе…
ЈОНЧЕ: Колку време ќе ги миеш?… Остави ги. Излези, поврти се пред вратана и уште од далеку кога ќе го согледаш кај иде мајсторот да ми кажеш.
ИЛЧЕ: (излегува).
САНДРЕ: Мајсторот итно го извикаа во даночно да плати данок.
ЈОНЧЕ: (пее):
Дојде глувчето — го зеде фитилчето
Од внатре кандилцето.
Леле, леле, леле сега без кандилце.
Офо, фо, фо, фо, фоф, чупе без шамишче!
Дојде мачката го изеде глувчето
Што зеде фитилчето, од внатре кандилцето.
Леле, леле, леле…
Дојде кучката ја изеде мачката
Што удави глувчето, што зеде фитилчето
Од внатре кандилцето. Леле, леле, леле…
ИЛЧЕ: (ја отвора вратата и го прекинува) Уште го нема!…
ЈОНЧЕ: Седи ти таму на пост!
ИЛЧЕ: (се повлекува надвор пред прозорецот и си чита во весникот).
САНДРЕ: Една сара ли да ги ковам пенчињава насекаде?…
ЈОНЧЕ: На прстите и долу по две сари, а другото по една. (Продолжува да пее.)
Стани, Станке, стани, душо,
Сонце те угрело.
Стани, Станке, стани…
ПЕТРЕ: (влегува). Знаеме дека си станат рано, туку што имаш сработено кога се фалиш дека си станат рано, тоа се прашува!
ИЛЧЕ: (влегува засрамен и скришно се сокрива под масата.)
ЈОНЧЕ: Еве, мајсторе, ги тргнав овие чевли на калап и готови се за да ги шие Сандре табанастариве.
ПЕТРЕ: Ајде побрзај! Пушти ги малку повеќе рацете отколку јазикот!
ЈОНЧЕ: Каде повеќе, мајсторе, од олку!…
ПЕТРЕ: Одговори не сакам!… Работа чиста и покорност! А тоа за да го постигнеш: да си ја понавалиш главата, да молчиш и да мислиш околу тоа што го работиш. Разбрано?
ЈОНЧЕ: Бре, не сме неми…
ПЕТРЕ: (строго) Доста!… Тишина!
САНДРЕ: Тишина, мајсторе, бидува само во шишиња, а…!
ПЕТРЕ: (ја крева раката за да го удри) Доста!
ЈОНЧЕ: Добро вели Сандре, мајсторе, со тишина не ја бидува. Ако би се карале тогаш би имал право. Ама вака, кога си пееме, не си прав. Правото е на наша страна. Ти не даваш нито да пееме, нито да се смееме, нито да зборуваме…, дури ни да прашуваме.
ПЕТРЕ: Нема вие што да ме прашувате…Ако има нешто за да ви се каже, јас самиот ќе ви кажам без вие да прашате. Разбрано?
ЈОНЧЕ: Добро, ама… еве не си кажал на овие чевли што треба да им правам…
ПЕТРЕ: Се што треба!
ЈОНЧЕ: „Се што треба!“ Треба пенчиња и капаци. А можат да минат и само со парчиња на прстиве и половина капаци. Понекогаш зависи од муштеријата или од кесето негово. И затоа не се што треба, ами се што е пазарено. А од кај пак јас да знам што си пазарил додека не кажеш?
САНДРЕ: Молчи, Јонче. Трпеж му е мајчето!
ПЕТРЕ: И од тебе чув еден умен збор. Чекај со левава рака да се прекрстам (Се крсти. Ја зема штицата на скутот и зема книга, крои мерка која севезден ја мери на калапот.) Некој муштерија да ме побарал?
САНДРЕ: (се фрла) А, да!… А, не!… Те побараа…
ПЕТРЕ: Ти молчи! Тебе никој не те прашува! А, Јонче?
ЈОНЧЕ: (си молчи).
ПЕТРЕ: Море, Јонче!…
ЈОНЧЕ: (сосем спокојно) Мене ме прашуваш?
ПЕТРЕ: Не чуеш дека те прашувам?!
ЈОНЧЕ: Јас откога сум дојден — не.
ПЕТРЕ: А порано?
ЈОНЧЕ и САНДРЕ: (си молчат).
ПЕТРЕ: (се развикува) Зборувајте бре, мајмуни! Кого го прашувам јас?
ЈОНЧЕ: (гледајќи во работата, со рака покажува на Сандрета) За порано Сандре нека каже, тој си го има зборот. (Пауза.)
ПЕТРЕ: (излегува од трпение и застанува над Сандрета со каишот в раце, му се заканува да го удри) Ќе зборуваш ли, ти бре, или не?!
САНДРЕ: (си ги бере рамењата).
ПЕТРЕ: (го удира со каишот) Море, немтур?…
ИЛЧЕ: (се скрива под масата).
САНДРЕ: Не, мајсторе, жими мама…
ПЕТРЕ: Не зборуваш?… (Повторно го удира со каишот.) Еве ти не!
ЈОНЧЕ: (на Сандрета) Сега сака да зборуваш. Го интересира да му го кажеш она што пред малку ти забрани да го кажуваш.
САНДРЕ: (гледа прво во Јончета, а потоа во Петрета) А-а-а… така?
ЈОНЧЕ: Па да, човече! Него го интересува да знае кој го барал, само… додека не се поизвика не може…
САНДРЕ: Јас како смеам додека не ме праша?…
ПЕТРЕ: (го остава каишот и оди, си седнува на местото) Еве сега те прашувам. Кажувај кој ме бараше!
САНДРЕ: Па-а-а… прво те побара еден просјак за милостиња…
ПЕТРЕ: Тоа никогаш да не ми го кажуваш!
САНДРЕ: Е-е-е… после те побара една калуѓерица да и дадеш некоја стотка помош за подигнување некој манастир во…
ПЕТРЕ: Тоа не ме интересува!
САНДРЕ: И-и-и… по неа дојде, те побара еден полициски писар за да ти натури (се поправа), да ти продаде билети за некаква забава…
ПЕТРЕ: И тоа не ме интересува! Ти знаеш дека јас не одам да гледам шеги!
САНДРЕ: О-о-о… та јас тоа му го реков, само тој рече: „Не мора да дојде, важно е да плати…“
ПЕТРЕ: Ја мајката?!… (Пауза.) Нешто, онака, важно?
САНДРЕ: У-у-у… ете ќе заборавев! И важно има!…
ПЕТРЕ: Ами тоа што не го кажеш, море никаквец!
САНДРЕ: Од Уред те побараа да им платиш за Јончета и за мене. И се научиле за Илчета, та веднаш да го пријавиш и за нас да си платиш оти ќе те казнат.
ПЕТРЕ: Казан ти на главата и тебе и нив! Нешто поважно?
САНДРЕ: Има и поважно…
ПЕТРЕ: Па ете тоа чекам да го кажеш!…
САНДРЕ: Јас мислам дека тебе те интересува се и затоа почнав со ред да ти редам… (Си мисли.) За данок те побараа да платиш, ама што да ти кажувам, ете, тоа знам дека не те интересува. Ако те интересува да ти кажам?
ПЕТРЕ: Не, не!
САНДРЕ: (подрипнува) Ха, дојде една делегација да ти понуди да станеш член на Здружението „Јадранска стража“!
ПЕТРЕ: (пламнува) Бре шут, бре зеленко, мене ме интересува некој муштерија… некој што зел ако дошол да плати!… а не глупости!
ИЛЧЕ: (од под маса): Глупости, глупости!…
ПЕТРЕ: (го зема каишот и мава по Сандрета) Еве ти просјак, еве ти калугерица, уред, данок, членарина, Јадранска стража, билети за претстава… и… и… и…
ЈОНЧЕ: Зошто ти се билети за претстава… Поарна претстава од ова каде?! Да знаеја комшииве… сите ќе земеа билети за да ја гледаат оваа претстава.
ИЛЧЕ: (се кикоти под маса).
ПЕТРЕ: (на Јончета) Ти доста! (ѕирка под масата и на Илчета) А, ти бре, што правиш тука?
ИЛЧЕ: (збркано) А-а-а… јас?… Јас им увкам на чевливе што ги мив за да се исушат побрзо.
ПЕТРЕ: Не се сушат тие со увкање…
ИЛЧЕ: Да им дувам?…
ПЕТРЕ: Нема нужда. Исправи ги тамо некаде кај ѕидот и сами ќе се исушат.
ИЛЧЕ: Тоа е друго ако нема нужда… Важно е дека јас знам што треба да сторам кога има нужда. А Сандре, иако е поголем од мене, и тоа не го знае! И тоа што му го говореше сега го има заборавено.
ПЕТРЕ: Сите вие заборавате што е добро. Си ги измил чевлите, земи нешто друго работи. Кога ќе свршиш една работа прашај што има друго да работиш! Така ли вас ве учеа даскалите, да го губите времето? Нас ни велеа: „Времето е злато, времето е пари, но тоа си лета, ползувај го — работи“.
ИЛЧЕ: Ете, тоа било многу важно, ама не сме го учеле и затоа не го знаеме.
ПЕТРЕ: А што ве учеа вас даскалите, да јадете повеќе сирење од леб? Тоа ли ве учеа? Срамота е човек да каже, во последно време најпростите, најглупавите и најрасипаните деца идат да го учат нашиов занает. Порано не беше вака, овој
занает го учеа само деца домакински. А сега… како низ нозе да го имаат земено занаетов наш. Ако не го примаат на други занат, на чевларки ќе го дадат (Пауза). Слушај ти, Илче, ти си нов, денеска првпат стапуваш на работа, тебе треба една голема молитва да ти се отпее. Кажи ми ти мене… А бре, Јонче, помина овој под маса?
ЈОНЧЕ: Не, мајсторе. Ти кога излезе ништо не нарача… Затоа уште ништо не сум му дал да работи.
ПЕТРЕ: Ајде, ајде побргу!…
ИЛЧЕ: (се вовира под масата да помине).
ПЕТРЕ: Стој бре! Не така… прво прекрсти се!
ИЛЧЕ: (се крсти).
ПЕТРЕ: До трипати! (Кон Јончета.) Ајде ти на моето место направи што е редно.
ЈОНЧЕ: (се мисли, но како да се сети) А, хах!… (Го зема каишот и кон Илчета.) Ајде, врви сега под масава… Трипати!
ИЛЧЕ: (се вовира под масата, а Јонче при секое вовирање го удира со каишот).
ЈОНЧЕ: А така.
ПЕТРЕ: Ајде сега понатаму што треба…
ЈОНЧЕ: (му го допира на Илчета скутникот до устата) Баци го! (Откако Илче го бацува му го става преку главата и му го опашува.) Така. Ајде сега баци го и чеканов! (Му го допира до уста чеканот, а откакого бацува му го дава в раце.) Земи го, ти пожелувам секогаш со него да можеш да си го заработиш лебот.
ПЕТРЕ: Ете така. Сега си веќе наполно оформен чевларски чирак. А за да бидеш достоен чирак на нашиов занает, треба да биде и послушен. Треба да си ги опулиш очите четиринаесет, да гледаш како се работи, да се трудиш да постигнеш да бидеш добар мајстор. Да си отворен — никој и за ништо да не може да те излаже.
ЈОНЧЕ: Кога ќе дојде некој муштерија веднаш да скокнеш и да му подадеш столче да седне…
ПЕТРЕ: Чекај, чекај… уште не си се сторил за другего да учиш. (На Илчета.) Кога ќе дојде некој муштерија, веднаш да скокнеш и да му подадеш столче да седне, а не да ми гледаш по страчкини седела! (Пауза.)
ЈОНЧЕ: Кога ќе го подаваш столето, да кажеш повели.
ПЕТРЕ: (остро го погледнува Јончета што му се меша) На утро уште пред да изгрее сонцето ќе идеш дома да го земаш клучот од дуќанов и прво ќе донесеш вода, за берќет, а после ќе пометеш. (Пауза.)
ЈОНЧЕ: Пред да пометеш, прво ќе полееш малку вода за да не се крева прав. Оти тој прав ние ќе го голтаме, а тоа е болест. Секоја болест од правот доаѓа, а особено туберкулозата!
ПЕТРЕ: (на Јончета) Си продолжуваш да се мешаш во моите совети… А на самиот ти е нужен совет!… (Пауза.)
ЈОНЧЕ: Јас те дополнувам само таму кај што пропушташ.
ПЕТРЕ: Јас ништо нема да пропуштам! (На Илчета.) Кога ќе те пуштам да свршиш некоја работа, не да се занесеш по страчкини седела, туку да леташ кај што си пратен! Јас да те мислам дека одиш, а ти да се враќаш! И… и толку. (Пауза.)
ЈОНЧЕ: Можам ли јас, мајсторе, да те дополнам со нешто?
ПЕТРЕ: Со што би можел да ме дополниш? (Се подбива шега.) Можеш… ти си умно дете. Ајде, дополни ме.
ЈОНЧЕ: Мајсторов веќе ти рече за кога ќе те прати некаде, а јас би го дополнил и ова: не каде што ќе појдеш нем влези, нем излези, туку да кажеш добро утро, добар ден или што ќе е. На одење збогум.
ПЕТРЕ: Ако влезе некаде нем, без добро утро, и тогаш веќе кога ќе дојде една убава трешница по устана! Барем добро да му занеме и понатаму да знаеме зошто не вели. (На Илчета.) Кога ќе те пратам нешто да купиш — очите да си ги отвориш како филџани, во терезијата да гледаш, а не да ми дремеш за да ти дадат помалку! Луѓето, ете така, просто имаат мерка на кантар да скусат. Не при уста да си без уста — да молчиш! И, после, да се пазариш! А не колку што ќе ти побараат — на! Тоа не е пазар, ти побарал пет си му тапосал — десет. Пазар се вели за тоа, што треба да се пазариш и нешто да му скусиш! Тоа не да мислиш, дека те учам за мене да не ме оштетиш, колку за тебе што ќе ти биде нужно да го знаеш. Ќе работиш кај мене неколку години и се на се ќе ме оштетиш илајда динари. Ајде да кажеме — две илјади! Ама за себе, никогаш не ќе можеш да се подигнеш. Тебе друг ќе ти ја јаде печалбата! Оти луѓето гледаат кој повеќе да фрли еден динар во кесето свое и со тоа ем подобро да живеат, ем да бидат за нешто погоре од тебе.
ЈОНЧЕ: Внимавај оти се што те учи мајсторов е за доброто твое.
ПЕТРЕ: Така е, на место ти е зборот!
ЈОНЧЕ: Се разбира, ако правиш како што те учи, прво тој ќе се исползува. И тоа убаво ќе се исползува за десетина-петнаесет години додека научиш занает од него.
ПЕТРЕ: Ама ти многу се пушти со твоите совети…
ЈОНЧЕ: Добро, штом мислиш дека не се полезни, еве ќе си молчам. (Пауза.)
ПЕТРЕ: Ете па сега, престана ти да говориш, престана и мозоков мој да работи, како, божем, со твојот да е поврзан!
ЈОНЧЕ: Ако замрзнал твојот, мојов уште не е замрзнат и ако ми позволиш ќе продолжам.
ПЕТРЕ: Продолжи самооо… со некој умен збор..,
ЈОНЧЕ: Сакав да речам дека се што го учиш е за арното негово. И-и-и… заборавив дали му реков…
ПЕТРЕ: Тоа имаш право. (Ги бере рамењата). Само не се сеќавам дали му рече…
ИЛЧЕ: А, хах… ми рече!…
ПЕТРЕ: Молчи, бре ти!
ИЛЧЕ: Мајсторе, да знаете дека се што ќе чујам ми останува во глава и ќе го направам. Да не мислите од едново уште ми влегува, од другово ми излегува.
ПЕТРЕ: Има да учиш… многу да учиш „.. Сега малку, така: згора-здола, на брзина. Колку на брза рака некоја глупост да не стресеш.
САНДРЕ: Повеќе пак ако му кажеш се ќе помеша и ништо не ќе запамети.
ПЕТРЕ: Ти молчи! Нему му ја полнам главата, тебе ти се празни.
ЈОНЧЕ: Кога не знаеш нешто, замоли го Сандрета да ти покаже. Тој одамна го учи занаетов и ќе ти биде полезен.
ИЛЧЕ: Разбирам.
ПЕТРЕ: Се разбира. Уште колку, колку има да учи!
ЈОНЧЕ: Наутро кога стануваш добро да се измиеш: лице, уши, врат… Не да ми доаѓаш овде со еден прст кал на вратот и стодрам гној во ушите.
ИЛЧЕ: Еве, види (му го покажува вратот.)
ЈОНЧЕ: А, така!
ПЕТРЕ: Уште колку, колку треба да се пее!… Разбираш, ова ти е школо тебе!
ЈОНЧЕ: Се разбира.
ИЛЧЕ: Разбирам.
ПЕТРЕ: Уште колку, колку треба да се пее!… Кому му текнува се наеднаш… Пак ти повеќе се сеќаваш… Не знам, ама… како од молитварник да ги читаш зборовите.
ЈОНЧЕ: Ако сака да слуша, има многу што да научи; ако не сака…
ИЛЧЕ: А, ха! сакам, сакам…
ПЕТРЕ: Ова му е нему како: универцитет! Ха! во недела и празничен ден в црква да одиш!
ЈОНЧЕ: Тоа не би му го препорачал. Подобро…
ПЕТРЕ: (му го пресекува зборот). На меана да оди?…
ЈОНЧЕ: А, не. Јас би го избил да го видам на меана; да си зема книга и да прочитува. И тоа за сигурно дека ќе му донесе полза, да си зема од некоја библиотека. Зашто инаку може и на некоја гангстерска да наиде и нешто што не би требало да научи.
ПЕТРЕ: А, значи по твоему црквата не е полезна?
ЈОНЧЕ: Далеку од тоа да сакам да кажам, дека таму нема ништо полезно. Напротив, јас би му препорачал да ги прочита, така наречените „Десетте божји повелби“. Инаку, друга никаква полза од црквата. Таму одат само луѓе заблудени, кои веруваат во нешто што не постои и кои се надеваат дека со нивното крстење и паѓање метании се она што лажеле и крале, ќе им се симнат греовите.
ПЕТРЕ: (се удира по коленото). Не еднаш сум рекол јас дека ќе пропадне светов! Ништо од вас младите, ништо! Загубени сте!
ЈОНЧЕ: (на Илчета). Кога сретнеш некој човек стар, изнемогол, носи нешто, да му помогнеш — да му поносиш до дома му. А не и ти да му се обесиш.
ПЕТРЕ: (скрцнува со забите). Да го има тој касмет некому да му го направи!…
ЈОНЧЕ: Како што прават по некои расипани деца — ќе му се качат и ќе му викнат — уш!
ПЕТРЕ: Уф! што би го скинал од мавање да направи такво нешто!…
ЈОНЧЕ: Затоа пак ние му кажуваме, за да не направи некоја таква глупост. Со биење ништо не бива. Денес културните луѓе, ни говедата не ги тепаат. А тој е доста бистер и се надевам дека се ќе не разбере. Така, Илче?
ИЛЧЕ: Јас сум дошол тука да учам и се што ќе ме учите за добро ќе го примам, а што е за лошо ќе го фрлам.
ПЕТРЕ: (навреден потскокнува од местото). Ја види го ти него, значи тој нема доверба во нас и мисли дека би можеле да го научиме и на нешто лошо!
ЈОНЧЕ: Право си е детето. (На Илчета.) Кога не ти дадеме работа, гледај сам да си најдеш. Земи, посучи, конци, иако има, прави брутчиња… за кога ќе имаш многу работа да ти се готови. Без работа никогаш да не седнал! Работата е бел образ! И кога да работиш, умот да го имаш во работата, а не како по некој, кај си зборуваат двајца тој зинал во мајсторот да чуе што зборува, и се измешал.
ПЕТРЕ: (загледан божем во некого, зинат, поднасмеан и со подискривена уста) Вака да ме гледа а? Леле (ја дига штицата) со оваа би го бапнал по тиквана и би му ја смачкал како питулица!
ЈОНЧЕ: Тие чевли што ги изми исправи ги на нешто да се цедат, зашто така тешко се сушат.
САНДРЕ: Јас ги исковав пенчињата…
ЈОНЧЕ: Накваси ги чивиите и после направи конец за да ги сошиеш табанастариве.
ИЛЧЕ: Мајсторе, можам да си покаснам малку лепче, оти ништо не сум си покаснал утринава?
ПЕТРЕ: Ха!… Ајде јади!
ИЛЧЕ: (си ги мие рацете, потурајќи си вода од стомната, во тенеќето. Потоа вади од џебот леб завиен во чиста бела хартија и јаде. Низ јадењето го ползува времето и чита во весникот.)
ПЕТРЕ: (грубо) Ти за чевлар ли си дојден да учиш овде или за даскал?
ЈОНЧЕ: Секогаш ли кога јадеш читаш?
САНДРЕ: Сега за да се покаже пред вас.
ЈОНЧЕ: Ти да не се мешаш. Тој иако е помал ама знае дека не треба да се губи времето, туку треба да се ползува. И затоа ти ќе треба да купуваш ум од него, а не ти да му продаваш. Ако знаевме дека секогаш читал немаше нужда да му читаме толку молитви. (На Илчета.) Секогаш ли читаш?
ИЛЧЕ: Кога имам слободно време. Кога бев помал, многу сакав да се тепам со камења и да им ги дупам главите на другарите, ама кога ми ја дупнаа тие мене видов како болело и оттогаш престанав да се тепам. Кога ме виде мајка ми со дупната глава, кога ме подбра со една прачка — десет удри едно брои и така до десет пати….
ЈОНЧЕ: Колку прават тие?
ИЛЧЕ: Сто. А после ми даде една книга и ми рече: „На, со оваа да дружиш. Од овој другар — рече — никогаш нема да видиш зло, а само добро“. Така и почнав да правам и оттогаш веќе никој не ми ја дупнал главава. Та, кога немам друга работа си читам.
ЈОНЧЕ: А зошто мајка ти не те даде на училиште?
ИЛЧЕ: Затоа што не можеше да ме издржува. Без пари не ме примаа, сакаа да им плаќам такса за школување, пансион, што не!… Не знаеш како е кај нас, само тој што е во состојба да плаќа може да се учи, а кој си е сиромав, како мене, ќе биде воловар.
ЈОНЧЕ: Така е. (Го става прстот на челото и кон Петрета да не чуе Илче). Ова дете има овде…
ПЕТРЕ: (Се бие шега) Ајде да го фрлиме чеканов и да го земеме и ние весникот па ќе се најадеме со леб. Работа!… Работа!… Само таа ќе ти даде кркало! Од весникот и од книгата немаш никаква полза, тоа е само губи-време!
ЈОНЧЕ: И едното и другото! Животот без тие две работи црн е. Затоа и едното и другото! Ете од кога ја вадиш таа мерка… и зошто е сето тоа? — Зошто не си школуван и нито те интересува нешто да прочиташ. А да си барем малку од малку школуван или да читаш, ќе можеше многу лесно да ја научиш теоријата за геометриско цртање на мостри — како мене. Да си вадиш мерки без ниеднаш да ги пробаш на калапот и пак да се поточни, а за друго и да не зборуваме. Да ти речам да ти ја извадам јас, ќе ме одбиеш со некој груб збор, како и секогаш. По твоему помладиот не може да знае повеќе од постариот. А тоа не значи од старост или младост — од школо или читање — самообразование. Два часа веќе каде се мачиш и не можеш, а пет минути е целата философија! Дај ми ја мене мерката и ќе видиш дека за пет минути ќе ти ја извадам мострата. Нито калап ми треба да пробам нито ништо. Ако не излезе совршена, да ми ги пресечеш рацеве.
ПЕТРЕ: (на кого никако не му оди во главата и се подбива шега) Оди бре… другему продавај палаври, не учи старец да мака јајца!
ЈОНЧЕ: Да го сторам јас — ќе речеш дека сум тврдоглав…
ПЕТРЕ: Си знаеш дека така ќе речам? Работи кај мене пет-шест години ништо не научи, а поседе во Белград две-три години, ми дојде „мајстор“. До мајстор уште многу фурни леб ќе треба да изедеш. Полека, не брзај. Има време! Поработи кај мене уште десетина години за да станеш мајстор. Хе, хе, хе… научи се прво да знаеш носот да си го избришеш. Јас би те признал за мајстор само… Ха, ха, ха…
ЈОНЧЕ: Мене не ми е нужно твоето признавање, има кој да ми го признае.
ПЕТРЕ: Никој не може да ти го признае додека јас не ти потпишам. Јас сум ти првиот мајстор.
ЈОНЧЕ: Јонче дојде од Белград со дипломата в џеб. Само пари не донесе за инвентар и затоа е уште калфа. А кога би сакал ти јас да го вложам своето знаење, а ти твојот инвентар, и така да се уортачиме заедно, тогаш би било подобро за обајцата. Не би имало нужда така да се мачиш и да губиш време. Науката има дадено олеснение. И после… ти си веќе стар, а јас не би барал ништо повеќе од тебе освен некоја полесна работа. И да се наоѓаш во дуќанов како стар човек.
ПЕТРЕ: Ти, што си спроти мене уште дете, сакаш да се мериш со знаењево мое и да ми бидеш ортак! Значи ти до толку си позволуваш?…
ЈОНЧЕ: Пардон! Јас не реков за се дека сум познаен од тебе. И кога би било така, јас не би сум си позволил да ти го речам тоа. Но во занаетов денес јас сум современен мајстор, а ти старовремски. Проштавај, ама ти не правиш чевли туку дупки за нозе. А јас работам по журнали и како што се бара модерен чевел: убав, мек, лесен, елегантен…
ПЕТРЕ: Ха, ха, ха… ти помајстор од мене! Тешко на тие луѓе што ќе носат чевли од младите сегашни, ќе носат и ќе се наносат! Ха, ха, ха… Ќе носат ако ги направите под наша команда — од старите.
ЈОНЧЕ: Да го оставиме тоа настрана; се разбира, ти си патријархален човек со стари разбирања и се држиш за старото. Но ме чуди што кај тебе нема ни капка човештина. По две-три години се вратив од Белград, влегов во дуќанов, не пушти ни рака да ме дочекаш. Убаво ли е тоа од вас старите? Како Американците што гледаат на црнците, како на пониска раса, така вие старите гледате на нас младите — како на подолни луѓе. Ми се чини дека вие понатаму од носот не гледате.
ПЕТРЕ: Што, да не сакаш да заколам некоја крава и, за добредошол, да те викнам на ручек?
ЈОНЧЕ: Далеку од тоа ти што мислиш… Ручекот твој мене нема да ми држи за секогаш ситост. Но, ете така, би било редно да пуштиш рака и да ме дочекаш. Се правиш важен, а тоа е само простотилак!
ПЕТРЕ: Како, во Белград сте рамни за зборување со мајсторите?
ЈОНЧЕ: Се разбира, мајсторите заедно со калфите ги третираат сите прашања: економските, политичките, културните… Оти тие се поиздигнати луѓе, не се како тебе без никаква култура. Ех, некој ако се најде како тебе вообразен и го дигнал носот, тоа е нешто друго, но во тој случај работниците се помачуваат на таквите да им го скршат. А вака — обично, пееме, се смееме… шеги си правиме… А ти со нас се држиш како некој полицаец, а не како човек. (Ја става раката во внатрешниот џеб од палтото и бара.) Си бил мајстор, па што од тоа (види диплома од џебот и му ја подава) еве и јас сум мајстор! А што си
ми бил мајстор, тоа пардон! Но тоа не значи дека до кога ќе бидам жив да немам чест да говорам со тебе. А пак ако ти е до тоа што имаш капитал во дуќанов и тука не си прав, оти повеќе од половина ти е кредит. Ако сакам да се основам само на кредит, уште денес можам и јас да имам свој дуќан.
ПЕТРЕ: Млади ли беа мајсторите или стари?
ЈОНЧЕ: Не така млади, но не и така како тебе стари. Вие старите сите сте си еднакви и си личите како лајци една на друга. Никогаш не чув од устите нивни да се изразат така грубо, така вулгарно како што се изразуваш ти: мајмун, мрсулко и се што ќе ти дојде до устата. Ни оти пак калфите не можат да бидат подобри мајстори од мајсторите. Ами напротив: тврдеа дека секогаш младите подобра работа даваат од постарите и така се повеќе и повеќе се усовршуваат занаетите. Додека ти мислиш, дека по смртта ваша ќе изумрат занаетите и луѓето ќе се вратат како во времето од пред Мојсеја, да носат опинци. Жално што сте толку вообразени.
ПЕТРЕ: Бре, бре, бре… Е, многу си се искалемил во тој Белград. Ами, ами… жими крст, многу.
КОЛЕ: (влегува со рацете зад себе). Честита ти работа, мајстор-Петре.
ПЕТРЕ: Благодарам, чест да ми имаш. Повели седни!
ИЛЧЕ: (скокнува и му подава на Колета столче) Повелете!…
КОЛЕ: Не сум дојден сега, разбираш, како муштерија за толкава чест да ми направите, разбираш. Така, разбираш, ми дојде нешто како на мака… А веќе, разбираш, кога ми е мака, не ми е мака, разбираш, што ми е мака; ама кога да не ми е мака, разбираш, да ми е мака; тога, разбираш, многу ми е мака! Та сега, разбираш, имам таква мака. И реков да дојдам до кај тебе, разбираш, да ја истерам таа мака.
ПЕТРЕ: (му дава цигара) Повелете едно цигаре. (На Илчета.) А камо да скокнеш еден оган да подадеш?
КОЛЕ: Е, е, е… каде има, разбираш, сега такви деца како ние што сме биле, разбираш, некогаш! Остави ги, разбираш, жити бога! И јас, разбираш, мака мачам со моине. Не оти, разбираш, те разбираат! Зборувај си ти, разбираш, колку што си сакаш; уста ти зборувала, разбираш, капа ти слушала!
ИЛЧЕ: Мајсторе, дај ми еден динар да купам ќибрит, за другпат кога ќе дојде некој да му го запалам цигарето.
ПЕТРЕ: (му скрцнува со забите) Седи таму! (На Колета.) Еве вака… Не оти се деца како деца — мајмуни се, мајмуни! Еве до сега, до минутата што влезе ти, се расправавме со големиов. Не е чудно, и да не чу.
КОЛЕ: Не, разбираш.
ПЕТРЕ: Сака, место јас него, тој да ме учи мене како се работи! Ами јас сум остарел како мајстор! Вака де! А-а-а…
КОЛЕ: Та тие, разбираш, дека се поголеми та да не се нешто поарни! Триста пати, разбираш, се побудали! Да ти кажам, разбираш, што ми направи мене мојон — најголемион! Та, разбираш, што ми падна мака без да ми е мака и што избегав, разбираш, од свој дуќан и дојдов кај тебе…
ПЕТРЕ: Без да ми кажеш, човече, знам. Еве го, си го имам до мене.
КОЛЕ: Ислушај ме де, разбираш, ако сакаш, оти ми врие во мене и сакам, разбираш, да го кажам некому, да ми олесни…
ПЕТРЕ: Зборувај, човече, те слушам.
КОЛЕ: Ми иде пред малку разбираш, еден муштерија со плат за да му сошијам, разбираш, еден костум. Се пазаривме, разбираш, пивме по едно кафе и си отиде, разбираш, муштеријата. Е, ќе ги земам разбираш, ножиците да му го
кројам костумот и да му го дадам, разбираш, да го работи понатаму. Што ќе ти ми рече, разбираш, „ќе ми го дадеш, та ќе ми го дадеш јас да го кројам, разбираш!“ А бре будала, а бре зеленко, сум му рекол, тамо нему: „ами ти си бил кабожен да кроиш костум“, разбираш?
ПЕТРЕ: Дај му ги ножиците в раце да крои и ќе го видиш уште еднаш в дуќан.
КОЛЕ: Што рече, разбираш, „дај му ги ножиците в раце да крои и ќе го видиш уште еднаш в дуќан“, разбираш. Ќе ти рече сум мајстор, разбираш, ќе си отворам свој дуќан. Не сум будала ќе ти рече, разбираш, да работам за тебе.
ПЕТРЕ: Така, така…
ЈОНЧЕ: Сигурно кога не му плаќаш, сакаш да го ползуваш како ученик додека си жив. И како чирак треба да го плаќаш, а не работи толку години кај тебе, се сторил за женење, го водиш како чирак. Зошто? — за да ти работи без пари! Сте научиле вие „ќе ми работиш без пари, а јас ќе те научам да кроиш“. А тоа кроење три дена пред умирањето. Умре тоа, сега можеш кај да сакаш да учиш да кроиш. Ете за тоа се борат работниците да образуваат насекаде синдикати, за да не ги играте вие како што сакате. А така синдикатот ќе ги брани интересите наши. Работи сам со своите рамења та да видиш колку пари се печалат и како се живее. Лесно е друг да се поти, а ти да лапаш и да бидеш диктатор! И да не даваш да се прозбори!
ПЕТРЕ: Ете, сега чу и самиот со ушите свои како се буни. Каде имало сега, живти бога, деца да се покорат на мајсторот како што сме биле ние некогаш. Сите се едно: земи го за нозе едниот и удри по другиот!
КОЛЕ: Така е, разбираш, сите се непокорни! За шест-седум години, разбираш, сакаат да станат мајстори. Е како, разбираш, за толку кусо време да му дам занает, никаква полза, разбираш, да не видам од него? Е, гиди времиња, разбираш, што дочекавме — деца да не учат, разбираш, како се работи. Тие, разбираш, на нас старите да ни солат ум!
ПЕТРЕ: И како мојов, да се прават поголеми мајстори од мајсторот негов што му го дал занаетот! И ние сме биле деца како нив, ама уста не сме зинувале пред мајсторот! Ами овие сега…
КОЛЕ: Еден мајстор што имав јас, разбираш, дваесет и четири часа овие не би ги трпел!
ПЕТРЕ: Јас пак да знаеш што имав еден мајстор, тој да им е на овие… Леле бре!… Ами сум бил мирен како мува та сум научил занает. А овие сега, бог да те чува!
ЈОНЧЕ: Значи, си признаваш дека си бил мирен како мува?
ПЕТРЕ: Си признавам…
ЈОНЧЕ: А има ли нешто подосадно од мува? На носот ќе ти застане, ќе ја истераш, од таму на клепките ќе ти застане…
ПЕТРЕ: Ете, чу ли, Коле? Јас ти велам!…
ЈОНЧЕ: (покажува на мувофаќачката која е обесена над масата) Ако не се додејни, зошто ги бесиш овие овдека да се фаќаат мувите? Да не ти требаат, случајно, за чорба? (Го фрла чеканот и станува да си оди.)
ПЕТРЕ: Чекај, кај бегаш?!
ЈОНЧЕ: (од врата) По работа! (Излегува.)
КОЛЕ: (се смее силно.)
ПЕТРЕ: А, ха, зорт!
КОЛЕ: Нека видат, разбираш, и тие малку зорт, како ние што сме виделе. Не гледаш, разбираш, само за зборување се!
САНДРЕ: (станува) Мајсторе…
ПЕТРЕ: А, што ти е сега и тебе?
САНДРЕ: (се превиткува) Ме гризе стомаков…
ПЕТРЕ: Седи таму! Да не ти тргнам со каишов!
КОЛЕ: А, ха!… И овој, разбираш, зорт! (На Сандрета.) Седи таму! Види, разбираш, и ти малку зорт како што видел мајсторов твој.
САНДРЕ: (продолжува да се превиткува) Те молам, мајсторе…
ПЕТРЕ: Седи таму! Додека не дојде Јонче, никого не пуштам да мрдне од местото. (На Колета). Та, кај ни беше зборот?… Ха! Та ова, мојов, се препорачува за голем мајстор! Поголем од мене! И уште сака на капиталов да го направам ортак! Та твојот, речиси, ништо…
КОЛЕ: Како така ништо, разбираш?…
ПЕТРЕ: Така ништо! Тој ти барал да му дадеш да крои, додека овој се прави поголем мајстор од мене. Навредува! Вели: „Ако немам капитал за да си отворам дуќан, ама занаетот многу поарно го знам од тебе!“
КОЛЕ: Од каде на каде пак, разбираш, тој поголем мајстор од тебе?
САНДРЕ: (станува) Мајсторе…
ПЕТРЕ: Не те пуштам! Ме збрка, што сакав да кажам!…
КОЛЕ: Е, тоа де, разбираш, како тој бил поголем мајстор од тебе и сакал да го земеш за ортак.
ПЕТРЕ: А да! И така нему да сум му ја дадел да ја извади мострава ем поарна, ем побрзо ќе ја извадел од мене! И без калап, (се бие шега) со прачки!
КОЛЕ: Не разбирам, разбираш, како може тоа само да си го позволи, разбираш, да го каже на мајсторот, дека бил поголем мајстор!
ПЕТРЕ: Како де, хе, лесен! (Не давајќи му значење.) Беше неколку години во Белград, поработи и сега…
КОЛЕ: Па добро, разбираш, беше беше! Та ако бил, разбираш, не му ги дадоа мајсторите тамошни рацете нивни!
СЛАВЕ: (влегува) Честита ти работа, мајстор-Петре!
ПЕТРЕ: Чест да ми имаш, синко!
ИЛЧЕ: (му подава столе на Славета.)
ПЕТРЕ: (остро го погледнува Илчета) Тој е млад, може и на нозе да си поседи!
СЛАВЕ: (го забележува Сандрета кај што се превиткува) Што се превиткува овој овдека?
ПЕТРЕ: Ги карав, знаеш, та ако се може да ја дувне.
СЛАВЕ: Море, пуштај го бргу, не го гледаш по лицено дека има некоја мака!
ПЕТРЕ:ПЕТРЕ: (на Сандрета) Ајде, оди брзо и враќај се!
(Сандре излегува превиткувајки се).
ПЕТРЕ: (на Славета) Не ги знаеш ти што се тие, и како знаат да се преправаат.
ЈОНЧЕ: (влегува и се поздравува со Славета) Здраво, Славе! Што, да не нарачуваш чевли? (Си седнува на местото и продолжува да работи.)
СЛАВЕ: Да. Другата недела ќе се женам, пак, ако можеме со мајсторов да се погодиме тој да ми направи неколку чифта.
ПЕТРЕ: Како не ќе сме се погоделе… (Остро го погледнува Илчета.)
ИЛЧЕ: (гледајќи го во очите, ги бере рамењата) Не разбирам…
ПЕТРЕ: Дај му на Славета столе да седне!… Не се сеќаваш?… Сега те пеевме пред да дојде Коле!
ИЛЧЕ: Мајсторе, јас му подавав а ти ми рече: „Млад е, може да си постои и на нозе“.
ПЕТРЕ: Тоа го запамети, а? А не запамети што те учев да не повраќаш зборови!
ИЛЧЕ: (ги бере рамењата и му подава столе на Славета.)
СЛАВЕ: (земајќи го столето) Сега сум муштерија бре, машко, не сум дојден туку-така, како што мислеше мајсторов.
ПЕТРЕ: Да ти направам, бре, Славе, затоа го имам отворено дуќанов. Колку чифта ти требаат?
СЛАВЕ: Пет чифта за дома и пет за кај невестата — десет.
ПЕТРЕ: Се стори.
СЛАВЕ: Колку пари ќе ми бараш?
ПЕТРЕ: Лесна работа за пари, тебе нема да ти земам повеќе отколку на други. Да земеме мерка пак како на секому и тебе. Само големи или има и малечки?
СЛАВЕ: Три чифта машки, пет женски и два детски.
ПЕТРЕ: Да земеме мерка и после ќе ти ја кажам сметката.
СЛАВЕ: Добро, да земеме мерка. И јас мислам нема да расипеме пазар. Само имам една молба…
ПЕТРЕ: (го пресекува). Знам што ти е болката. За арчот нема ти што да се грижиш! Не го црвени мајстор-Петре образот за неколку банки што ќе спечали повеќе ако стави полош материјал.
СЛАВЕ: А не, за тоа ни низ умов не ми поминало, знам јас кај кого сум дошол. Една друга работа: целото изработување на чевлите сакам да му го повериш на Јончета. Гледав некои чевли што им ги направил тој на другарите, многу ме бендисаа, та…
ПЕТРЕ: Ама и да сакаш, јас не можам да ти ги направам се со моја рака. Јас одамна сум го фрлил чеканот и сега само со ножот — кројам, ги сошивувам на машина и целата работа понатаму ја врши Јонче.
СЛАВЕ: А јас сакам се да излезат од рацете негови — и да ги крои Јонче.
ПЕТРЕ: (навреден) Бре!… Не разбирам зошто!… Помајстор го сметаш Јончета од мене та тој и да ги крои?
СЛАВЕ: Старските ти поарно ги правиш, а вака… модерниве, сега што се прават по журнали, да не ти е криво, не се разбираш. Ги правиш ама… речиси, дупки за нозе… А чевлите што ги прави Јонче, како што видов со очиве мои, како да се работени во Париз.
ПЕТРЕ: (како столчен) Добро… штом сакаш Јонче да ги прави, Јонче нека ти ги направи… Ако не чинат, сам имај се на душа, не одговарам… Штом си сакаш, јас немам ништо против само… јас не можам да замислам дека калфата подобро од мајсторот свој ќе ги изработи.
СЛАВЕ: Убави, лоши, какви ќе ги направи Јонче јас ќе ги земам.
ПЕТРЕ: Илче, скокни нарачај три кафиња и земи за два динари цигари.
ИЛЧЕ: (ја пушта раката) Дај пари…
ПЕТРЕ: За со пари секој знае… (Му дава пари)
ИЛЧЕ: (откако ги зема парите) Си беше еден чичко-Милан, си го готвеше магаренцето да си го јавне и да оди на панаѓур. Ние деца се насобравме околу него. Некои од другарите почнаа да му викаат: еден — „чичко-Милане, да ми донесеш свирче; друг — „чичко-Милане, и мене да ми донесеш свирче…“ И така и мене ми се засака да свирам и извадив му дадов десет динари што сум си ги собрал и реков: „Еве ти, чичко-Милане, пари и мене да ми донесеш свирче“.
Тој ги зеде парите и ми рече: „Ти златен, ќе свириш, а овие (го покажува лактот) на, ќе свират!“ (Трчајќи излегува.)
ПЕТРЕ: (се поместува од лутина): Не еднаш сум рекол дека ќе пропадне светов штом остане на младиве! Тој да отвори уста пред мене!…
СЛАВЕ: Не рече ништо лошо детето, што толку се лутиш. Му рече дека „за со пари секој знае“ и тоа ти кажа што нему му се случило. (Станува.) Ти, Јонче, земи го сантиметарот и наврати дома да земеш мерка. А од таму ќе појдеме и кај невестата.
ЈОНЧЕ: Како што ќе каже мајсторов.
ПЕТРЕ: Се стори тоа! Уште кога ќе кроиш и мерка ќе треба да си земеш.
СЛАВЕ: Значи, се разбравме, Јонче? Јас дома ќе те чекам. До гледајне сега!
ПЕТРЕ: Ами кафето де?…
СЛАВЕ: Штом нема за Јончета, јас му го отстапувам моето нему.
ПЕТРЕ: Ако е за така, јас можев да нарачам четири. Само… не е ли срамота. Јонче, калфа да пие кафе пред мајсторов?!
СЛАВЕ: Чудно ми чудо! Зошто да е срамота? Не разбирам што има тука што би било срамно! Е, претеруваш, мајстор-Петре!
ИЛЧЕ: (влегува).
ПЕТРЕ: (на Илчета) Нарачај уште едно кафе и причекај да ги донесеш,
ИЛЧЕ: (излегува.)
КОЛЕ: Е вие младите, разбираш, многу се крепите еден со друг.
СЛАВЕ: Така и би требало. Што мислиш ти?
КОЛЕ: Тоа не е лошо, само… и нас треба да не почитувате…
СЛАВЕ: Па ние и ве почитуваме, само вие многу настрана кривите од нас. Би требало да се поправите. Па и вие се крепите еден со друг, старите со старите, само нас не туркате настрана од вас. Сезнајни се правите. Збор од нас не примате!
КОЛЕ: Ние, разбираш, се крепиме со староста, а вие дури и кафето си го отстапувате…
ЈОНЧЕ: Кога гледаме дека се нафрлувате на нас, мораме да се групираме за да сме посилни. Уште со камења не сте се нафрлиле, а со погрдни зборови — севезден.
КОЛЕ: А-а-а… тој збор, Јонче, да си го земеш назад.
ЈОНЧЕ: Е што, не е така? Дојде Славе та ве спречи, инаку обајцата бевте се нафрлиле на мене како орли.
ПЕТРЕ: Толку знаеш, толку зборуваш.
КОЛЕ: Кажи, Јонче, ама право, разбираш, затоа ли ти избега?
ЈОНЧЕ: Сигурно…
КОЛЕ и ПЕТРЕ: (задоволни — се смеат.)
ЈОНЧЕ: Кога не ми го признавате правото што ми го дале поарни мајстори од вас… Уште ме правите и оти ништо не знам.
КОЛЕ: (го пецка) Е, како не си знаел и ти, разбираш, јадеш солено. И овцине јадат…
ИЛЧЕ: (влегува со четири кафиња и една празна чаша за вода.)
ПЕТРЕ: А бре, никаков, што ми носиш празна чаша?! (Сака да го удри, но Славе го спречува.)
ИЛЧЕ: Од празна да се напиеш и да не си жеден, од полна секој знае. (Со страв од подалеку ги фрла цигарињата на масата пред Петрета, а после ја полни чашата со вода од стомната и ја остава на масата.)
ПЕТРЕ: Ах, копиле… (Прави како да сака да стане да го бие.) Пуштете ме, бре, да му тргнам некоја по зелкана… Повелете сега, испијте си ги кафињата и кои сте за цигаре повелете, земете си.
ПЕТРЕ и КОЛЕ: (палат цигари, сите си ги пијат кафињата. Пауза).
САНДРЕ: (влегува и уште од врата) Една мачка му дигна на касапон Јордана еден бут од овен без пари и му го излапа! (Оди и си седнува на местото свое.)
(Општо смеење).
КОЛЕ: (оставајќи го филџанот) Тој што чести, разбираш, пак да чести. Чевлите што се нарачаа, разбираш, со здравје да се носат! Повеќе зборови, разбираш, на воденица… (Гледа во часовникот.) Дванаесет… Ајде, Петре, не затвораш?
ПЕТРЕ: Како да не…
СЛАВЕ: Благодарам на кафево, мајстор Петре. (Го остава филџанот и станува.) Се надевам дека и тебе не ти отиде накриво што и Јонче ни покрај тебе.
ПЕТРЕ: Оставајте работа. (Станува.) Ручајте и пак брзо на работа! Само внимателно влегувајте и со пуштени пердиња работете, како секогаш.
ЈОНЧЕ: А бре со пуштени, се знае, ама и така некој ден ќе не фатат и ќе те казнат што не силиш по десет — дванаесет часа да ти работиме.
ПЕТРЕ: Сум ви кажал да кажете „свое си работиме!“.
ЈОНЧЕ: Нема зошто да лажам против интересот свој… Вакви како тебе не заслужуваат да се заштитуваат. И после, тоа го прави полицијата под натисок на синдикатите наши, а не што таа ги штити интересите наши. Ако нечии штити — тоа се вашите интереси! Мене ми е познато тоа како е извојувано за да можеме и ние да си отпочинеме и прочитаме по нешто.
(Јонче, Сандре и Илче ги сопашуваат скутниците и ги оставаат секој на своето столе и кинисуваат да си одат.)
ПЕТРЕ: Ајде, ајде, помалку зборувај!
КОЛЕ: Има кураж, разбираш, зашто е тука Славе…
(Сите излегуваат.)
(ЗАВЕСА)
ЧИН ВТОРИ
Во дуќанот од Јончета, модерно подредена чевларска работилница. Во дното насреде врата со стакла низ која се гледа чаршијата и минувачите; од страните излози покриени со убави завеси. Лево, на ѕидот, рафт со кожи; десно, на ѕидот, рафт подреден со калапи. На подот се подредени: лево панго (височка маса за кроење) со излог подреден со врвци, кутивчиња боја, клопчиња конци и друг ситен чевларски материјал. Напред неколку убави столови за муштерии и специјално столе за земање мерка; маса за работниците, а под неа тенеќе за вода, а околу масата столиња за работниците; по масата се расфрлани разни алати. Близу до пангото сместена е шивачка машина.
При кревањето на завесата Сандре шие табанастари, Илче кове ѓонови, Анастас суче конци, Димче прави брутчиња. Пауза. Влегува Сотир со чевли в рака и армоника преку рамото.
СОТИР: (загледан во чевлите): Мајсторе, можеш ли да ми ги поправиш чевливе? О, јас и не гледам дека не бил тука мајсторот…
ИЛЧЕ: Се стори, машко.
СОТИР: Вистина, каде е мајсторот?
ИЛЧЕ: Мајсторот? Баш мајсторот ти треба?… Отиде на пазар да купи јајца. Му се јадело кајгана. (Покажува на себеси.) А го заменува Илче! Дај ги чевлите ваму…
СОТИР: (му ги дава) Само пенчиња.
ИЛЧЕ: Да беа само за закрпување, ќе поминеше со едно исвирување, а вака, пенчиња за едно исвирување ќе се кара мајсторот. Не ја бива, не. Што не ја бива не ја бива!
СОТИР: Свирењето не сакам да ми го сметаш во пазар, ти знаеш дека јас не сум од тие што свират за пари. Свирам за пријателство.
ИЛЧЕ: Аман, бре машко, се смеам. Пустиот карактер ми е таков, барем ти ме познаваш. Седи, ќе намине белки, на среќата твоја, некое девојче и, ако ти се бендиса, само намигни ми мене, јас ќе ја направам работата. А ако треба да свириш, јас пак ќе ти намигнам тебе и ти веднаш почни. Ајде седи… и, ако имаш цигарче, запали си. Знаеш ти дека јас не пушам. Да пушев, пет би ти дал. Ми се сака да ти речам посвири ама… ете, не си човекот што би личело да му се нареди. Ништо, ќе имам трпение додека дојде некое девојче да се загрееш и сам да засвириш. Подобро така отколку со наредување. Наредувањето е… Ај кажи што е?
СОТИР: Диктатура!
ИЛЧЕ: А јас не сум диктатор. Се сакам да врви со убаво со мило, со благо… Човек демократ. (Ги раскрилува рацете.) Широк демократ!… Ха, ха, ха… Аман бре, Сотирче, ги изгоре девојчињата…
СОТИР: Со мене ли најде сега да се мајтапосуваш?
ИЛЧЕ: Сотирче да се разбереме, јас сакав да кажам за со свирката твоја. Така човек кај те гледа, в раце кај што ја држиш, и не може да работи, а камо ли кога таа пустинската почне да пишти во рацете твои. Дури и на чевливе, и на калапиве наредени по рафтовиве ќе им се засака да поиграат; кога тие — од дрво нозе, што остана за нашиве кои се од крв и месо. Ха, ха, ха…
СОТИР: Голем мајтапчија си.
ИЛЧЕ: Тој збор, Сотирче, не ти го примам! Димче!
ДИМЧЕ: А?
ИЛЧЕ: Аксилој! Димче!
ДИМЧЕ: Шо?
ИЛЧЕ: Шошки ти по тиквата! Димче!
ДИМЧЕ: Повели?
ИЛЧЕ: Беше ли во Уред да те прегледа лекарот?
ДИМЧЕ: Аха. Бев. Не ме прегледа, само ме праша што ме боли. Му кажав: „Како што чукав ѓон, ми падна железото на ногава и сега ми е отечена и ме боли“. „Ќе ти мине — рече — како на куче“.
ИЛЧЕ: Како на куче, а?
ДИМЧЕ: Аха!
ИЛЧЕ: Да за господата ние сме кучиња! (Се замислува.) Имаше ли многу народ за преглед?
ДИМЧЕ: Само едно девојче…
ИЛЧЕ: Од кај пак ти знаеш дека било девојче?
ДИМЧЕ: Да ти кажам. (Им дава важност на зборовите.) Одам јас, во ходникот никој. Застанувам пред вратата и чукам, како што е редно, никој не одговара и јас уште еднаш: чук, чук… никој не одговара. Си викам со умов: можеби нема никој, што да чекам на ветар. Чекај прво да ѕирнам малку, и полека ја отворам вратата и ја подавам главата внатре со страв. Што ќе видам, тој тука, го прегледува девојчето соб…
ИЛЧЕ: (го прекинува) Добро, од каде знаеш ти дека било девојче? Можеби била некоја млада жена!
ДИМЧЕ: Ќе ти кажам. Девојчето беше соблечено до половина, а тој му ги прегледуваше градите.
СОТИР: А, убаво ли беше девојчето?
ДИМЧЕ: Да. Само го чув кај што му рече: „Јас сум сиромашно девојче, господин докторе, работница сум и не можам да си позволам на такво нешто… Да сум богата ајде, да тргнам и јас по тај пат и ќе ја откупам честа со пари, како што прават богатите. Мене честа ми е најголемото богатство“.
ИЛЧЕ: Значи, му се бендисувала и…
СОТИР: Да биде негова! Ги гледаш ли ти, Илче, господата!
ДИМЧЕ: Тоа со ушиве свои го чув кај што и рече: „Многу ми се бендисуваш. Да немав деца, ќе ја оставев жената и ќе те земев. Но можам да те помогнувам ако се согласиш да бидеш моја“.
ИЛЧЕ: Господата буржуји ги сметаат сиромашните девојчиња како кокошки — плати ја и прави со неа што сакаш…
ДИМЧЕ: А, ова заборавив да ти кажам: прво кога си ја подадов главава ја чув неа кај што му рече: „Ама јас ти реков, господин докторе, дека мене не ме болат градиве за да се слекувам, од глава страдам, таа ме боли“. А тој и рече: „И главата ќе ја прегледаме, да ги видиме првен градиве“.
ИЛЧЕ: Ах, што не бев јас, туку ти…
СОТИР: Не се нашол некој од мајка роден да му ја распали…
ДИМЧЕ: После се заврте и, кога ме виде, се развреска: „Како си смеел, бре ти, да влезеш без чукање?“ „Чукнав — реков, — господин докторе, оти влегов. Не можам уште да чекам надвор стоејќи на нозе, ме боли ногава“. Ме праша одошто ме боли, му кажав — реков…
ДИМЧЕ: Ми препиша лек без да ме прегледа и, кога ми ја даде рецептата, ми рече: „Побрзај да не затвори аптеката и кога ќе ги земеш лековите донеси ги да ги проверам. Оти аптекарите си имаат адет да даваат долни лекови, не што ви препишуваме ние. А ваму, на Уредов му ги наплатуваат специјалитети“. И така,
откако ги зедов лековите, се вратив кај него и му ги покажав. „Еве — рече — прашоков е добар, ама шишево што ти го дал не е тоа што ти препишав. Остави го, ќе му покажам јас нему! Ништо, испи ги ти прашоците, пак ако не ти мине болката, дојди пак, друг ќе ти препишам“.
ИЛЧЕ: Само со прашокот те остави?
ДИМЧЕ: Толку. И така си кинисав јас, ама на вратата се позавртувам малку. „Еве видиш — му рече на девојчето — ваков лек ти треба тебе да пиеш — специјалитет! И уште неколку вакви шишиња ќе ти препишам. Се ќе направам за тебе само и само влакно од главата да не те заболи, а не самата глава. Само, тоа не е доста, туку треба нешто друго да се направи. А јас веќе ти реков дека ти стојам на расположение. Дури и да те спомогнам со пари“.
ИЛЧЕ: И во едниот и во другиот случај се гледа како го потценуваат, работникот. Море ќе дојде ден кога со главите такви типови ќе ни плаќаат. Крв ќе пиеме од такви гадови!
САНДРЕ: (кој долго нешто префрла по масата — бара да најде) Кој ја почисти денес масава?
ДИМЧЕ: Јас!
АНАСТАС: Јас!
ДИМЧЕ: (на Анастаса) Ти ја расправи, бре? Не беше расправена ти кога се врати од вода?
АНАСТАС: Јас не ја забришав масава?
ДИМЧЕ: Само тоа што ја забриша… Чивиите јас ги собрав, брутчињата јас ги собрав и еве уште ги правам.
АНАСТАС: А, алативе јас не ги подредив?
САНДРЕ: (му пушта рака божем да му честита, а со другата го фаќа за уво и му го тегне). Ти честитам што си ги подредил толку убаво. За тоа ништо не може да се најде!
АНАСТАС: О-о-о-о-о!…
(Димче му се смее.)
САНДРЕ: Што му се смееш, бре, ти да не си поарен од него? А вчера кој го почисти дуќанов?
ДИМЧЕ: (покажува со прст на Анастаса) Пак тој!
САНДРЕ: Ти молчи, сам сакам да се јави!
АНАСТАС: Јас.
САНДРЕ: А, заборави ли дека и вчера така, никаде не можевме да го најдеме падвалот? И одвај најпосле — онамо зафрлен. (Му удира шлаканица.) Еве ти и за вчера!
ИЛЧЕ: (пее со подбивка и му надмигнува на Сотира да го придружува со армониката)
Многу е тешко да бидеш чирак,
Не можеш да си учиш со мерак.
Од вакви што дигаат рака —
Секој пат ќе имаш мака!
Браво бре, Сотире, кавалер си, не ми го расипа. Помислив: да не заборави како се договоривме, ама не си бил заборавенко. Така те сакам. И да знаеш дека јас се гордеам со тебе!
САНДРЕ: Море не го удрив како што треба, оти да го удрев како што треба ќе му течеше црвено масло од носон!
ИЛЧЕ: (пее, а Сотир го придружува со армониката).
Каде се чуло, видело, џанам,
Каде се чуло, видело
Масло од нос да течело, џанам,
Масло од нос да течело!
Пак уште да е црвено, џанам,
Пак уште да е црвено
Ко боја д’ има во него, џанам,
Ко боја д’ има во него!
(Удира со чеканот по масата, од коешто сите се исплашуваат.)
САНДРЕ: Ту па ти колку прав дигна, ме задави. (Со раката го растерува правот од пред уста.) Зелен си, Илче, право да ти кажам…
ИЛЧЕ: (пее придружуван од Сотира со армониката).
Јас сум младо и зелено
Од малечко галено,
Не клавајте ми кујсури
Море бре, угурсузи!
САНДРЕ: Ти па веќе ме пукна со тие твои песни што ги вадиш од… Запеј нешто убаво, ако ти се пее.
ИЛЧЕ: Започни ти како постар, со грленцето твое како од бочве.
САНДРЕ: Сега со мене ли ќе свртиш… Јас не сум ни Анастас ни Димче!
ИЛЧЕ: Ете тука си прав, јас изумив. Ајде штом е така, кажи зошто те викаат Сандре скислениот? Ти не си краставица туршија та да си скислен. И ти си човек како сите. Или, вака, држењето дека ти е скислено?
САНДРЕ: Илче, ако продолжиш, ќе се степаме!
ИЛЧЕ: О, јас од кога го влечам појасов некој да го згазне… Знаеш ли дека просто ми се натажило се некого да се побоксирам? Само, барам достоен партнер, а не скислени. Ако не си скислен — повели…
САНДРЕ: А бре ти, побесна!…
ИЛЧЕ: Ама ти сигурен ли си во тоа или само така ме замислуваш? Слушај, ако си сигурен кажи, да одам на лекар. Та остави, те молам, не ми ставај такви чивии…
САНДРЕ: Да, да, сигурно!
ИЛЧЕ: Е како можеш богати уште и да тврдиш? Да си лекарот за кој пред малку кажуваше Димче и да ми речеше дека сум побеснат и ако не се оженам уште повеќе ќе побеснам, ќе ти верував, ама вака, на еден прост работник, не му верувам! А јас мислам, ако има овде некој побеснат, тоа си ти. Тргаш за уши, удираш шлаканици, им се закануваш на чирациве дека од носинана нивни ќе направиш изворчиња од црвено масло…
САНДРЕ: Јас побеснет? Удри ме со капата!…
ИЛЧЕ: (го бара качкетот околу себе и го удира по главата). Еве!
САНДРЕ: А бре ти, се повеќе и повеќе побеснуваш!…
ИЛЧЕ: Што се лутиш сега? Јас само ја извршив наредбата твоја, што ти како постар ја издаде. „Удри ме со капата“ и јас бам!
САНДРЕ: Добро ти знаеш што сакав да ти кажам.
ИЛЧЕ: (се прави како да е навреден) Е доста веќе, доста! Не можам да те слушам!
САНДРЕ: Бре, бре, бре… чекај да те видам кој си?
ИЛЧЕ: (мошне љубезно му ја пушта раката како да се претставува) Илче!…
САНДРЕ: (потстанувајќи, исто така мошне љубезно му ја пушта раката) Сандреее.
ИЛЧЕ: Кажи, кажи кој Сандре, скислениот или ДРУГ?
САНДРЕ: (навреден, му ја тргнува раката) Е, не си човек!…
ИЛЧЕ: Кажи што сум?…
САНДРЕ: За мене — магаре.
ИЛЧЕ: Ај, ај, почна со речникот од мајстор-Петрета да се служиш. Не ти го препорачувам.
СОТИР: Овој, Сандре, не само на сцена туку и овде ви прави претстави, а?
САНДРЕ: Таму сакам да го гледам… ама овде не го трпам со мене да прави репетиции. Доста, Илче, те молам, подобро запеј нешто…
ИЛЧЕ: Вистина, доста беа шеги, сега малце да си попееме. (Пее, Сандре ја прифаќа песната, а Сотир ги придружува со армониката).
Стани, Станке, стани, душо,
Сонце те угрело,
Сонце те угрело,
Станке, мори,
По белото лице,
По белото лице, Станке,
По црните очи
Стани, Станке, стани, душо мори,
Дворој да пометиш,
Дворој да пометиш, Станке,
Столој да наредиш.
Стројници ќе ти дојдат, Станке мори,
Тебе да те бараат…
САНДРЕ: (ракоплеска). Пеало ти, Илче, грло, како циганско трло!
(Влегува Јонче.)
ИЛЧЕ: Слушај, и јас така ќе ти речам та после ќе се лутиш…
ЈОНЧЕ: Што правите вие? Што има ново?
САНДРЕ: Работиме и, како секогаш, се шегуваме.
ЈОНЧЕ: Ако ме побара некој — јас ќе бидам дома. Се разбира, ако е важно ќе ме извикате.
САНДРЕ: Добро, мајсторе.
ЈОНЧЕ: Илче, ти што правиш? (Го забележува Сотира.) О, здраво, Сотире’ Проштавај, јас не те видов…
ИЛЧЕ: Пенчињава од…
ЈОНЧЕ: Добро, доврши ги. Пак кога ќе дојдам, ќе ти ги дадам пцидиите од Цвета да ги натргаш… (Излегува.)
ИЛЧЕ: (пее, а Сотир го придружува со армониката).
Море што ти текна да побегнеш
В дуќан да се не завртиш?
Море, да не нешто си се заљубил
Ил’ со некоја заглавил?
САНДРЕ: Пак ли почна твоја фабрикација да ни сервираш?
ИЛЧЕ: Не е ли послатко, кога еден човек умее да твори, самиот тие песни и да ги пее? А ти веќе знаеш дека сум ја стар песно-клепец.
САНДРЕ: Убаво те познавам само… не ме бендисуваат. Сакам нешто народно.
ИЛЧЕ: (му ја става раката на главата и му отежнува) Ух, чумо, зар, јас не сум народен човек, бре? Скоро (покажува на себеси) авторов ќе биде заборавен и тие ќе се сметаат за народни!
САНДРЕ: Чекај, заедно ќе пееме. Само немој како што си знаеш — да избрзуваш пред мене!
ИЛЧЕ: А, не. Деца, оставете работа и слушајте Сандре каде што ќе пее. Ама и не заборавајте да фрлате по некое око и в чаршија, да не би некој поминувач што ќе го чуе, од чудо да падне во несвест, та да истрчате да го дигнете.
САНДРЕ: Ти можеш да си се смееш до изутрина, но да знаеш дека: бабата не умрела од шегата — туку од тоа што и дошло! (Започнува сам а после му се придружува и Илче. Сотир ги придружува со армониката.)
Оди моме на вода
Со две стомни шарени
И беќарот по него, оф аман, аман!
Постој, моме, почекај
Да ти речам два збора,
Два збора, два изгора, оф аман, аман!
Подај ми го стомнето
Вода да се напијам —
Срце да си оладам, оф аман, аман!
Се излажа момето
Му го даде стомнето
Вода да се напијам, оф аман, аман!
(Илче повисоко.)
Не го зеде стомнето
Тук’ го фати за рака —
Му го скрши прстенот, оф аман, аман!
ИЛЧЕ: Пардон! Ти аман ли велиш или амам?
САНДРЕ: Аман, бре, аман!
ИЛЧЕ: Добро е! (Му ја зграбува раката.) Ти честитам! Совршено убаво пееш! Дури и нешто помелодично од пукнатана црковна камбана кога бие!
ЕДНО ДЕТЕ: (влегува со чевли во рацете) Кој е од вас мајсторот?
ИЛЧЕ: (се фрла) Јас…
ЕДНО ДЕТЕ: (кинисува кон него) На овие чевли ми ги даде…
САНДРЕ: (го прекинува). Не е бре тој мајсторот, те лаже! Кажи ми мене што сакаш.
ЕДНО ДЕТЕ: Да ги направите овие чевли што треба…
САНДРЕ: Остави ги, ќе ги направиме.
ЕДНО ДЕТЕ: Ми рече… (го голтнува зборот) да не ги давам на друг, лично на мајсторот…
САНДРЕ: Кој ти ги даде?
ЕДНО ДЕТЕ: Ца… (ја поткаснува бузата и се исправува.) Таа ми рече да не кажувам дека ги даде Ца… (Пак ја поткаснува бузата и се замолчува.)
САНДРЕ: (Собира рамења) Нам да не ни кажуваш?…
ИЛЧЕ: Чекај, бре, не нам да не ни кажува! На мајсторот да не му кажува, а само нам да ни каже! (На детето.) Прост е овој, не разбира! Дај ги ваму чевлите!
ЕДНО ДЕТЕ: На мајсторот само да му кажам, а на друг не!
САНДРЕ: (ги бере рамењата). Ништо не разбирам!… Што била таа работа?… Досега не било случај некој да не каже чии се…
ИЛЧЕ: Чивии ти тебе во ушите што брзаш… (На детето.) Од стара ли се или од млада?
ЕДНО ДЕТЕ: Од ммм… Не знам…
ИЛЧЕ: Да не знаеш ти да јадеш (покажува на Сандрета) со се овега што седи до мене! Па зар од мене ќе криеш? — кога знам дека ти ги даде онаа… Како се викаше?… Онамо што седи… Ца… Ца…
ЕДНО ДЕТЕ: Цара?
ИЛЧЕ: Ха, Цара!
ЕДНО ДЕТЕ: Од кај знаеш ти дека ми ги даде Цара? Таа ли ти кажа?
ИЛЧЕ: Таа, бре! Утринава, кога си идев на работа, минав од кај неа, а таа беше на портата и ме замоли да и ги земам да и ги поправам. (Важен.) Ама кај ќе ги носам јас!… „Прати ги реков по некое дете! Само речи му лично на мајсторот“. Тоа така, за парола, да се сетам чии се и да и ги направам подобро. Дај ми ги ти мене вамо… А неа поздрави ја многу од мене и од целиов колектив. Не заборавај да ја поздравиш многу и од Сотира армоникашот.
ЕДНО ДЕТЕ: (се потсмевнува) Ме лажеш…
ИЛЧЕ: (се спушта да му ги земе чевлите, но при извртувањето на рацете, за полесно да му ги оттргне, од нив испаѓа писмо и се пушта по него). Ете што била работата! Гледате ли кај се криел ѓаволот!…
ЕДНО ДЕТЕ: (ги фрла чевлите и излегува со плачење). Ќе видиш ти ако не и кажам на мама… и на Цара!…
ИЛЧЕ: (гласно го чита писмото). „Драги, Јонче! Писмото твое со коешто ми предложуваш го зедов“. А-ха! (Чита натаму.) Согласна сум и затоа еве брзам да ти одговорам“… Леле, леле, што ќе паднат целувки… (продолжува да чита.) „ Јас исто така одамна те симпатизирам, но не сум имала смелост да ти пишам, а најмалку, исто така како и ти, да ти предложам усно. А и сум се страшела да не ми откажеш и после да разгласиш та да дојде до ушите од татка ми“… Ама што се буните вие? — си има право девојчето! Оти сме си такви ние машките, мораме да си признаеме. Да му се случи на Сандрета, ќе рескира пет динари и со барабанчено општинско ќе огласи.
САНДРЕ: И тука ли мене ќе ме закачиш?
ИЛЧЕ: (чита натаму). „Та, ако мислиш само за така, да ти врви времето, јас не можам да тргнам со тебе. Само ако мислиш за земање да се фаќаме за таа работа“… (Кон другарите.) Ете ова се беља девојчињава, не ти даваат ни да ги бакнеш додека не ти извлечат чесен збор дека ќе ја земеш.
СОТИР: (којшто ја отворил устата и целиот се претворил во уво) Читај натаму.
ИЛЧЕ: (чита)… ако ми дадеш чесен збор“… Ви велам јас оти без тоа ништо! Мораш да положиш гаранција — чесен збор! И треба богами да и даде пред да ја бакне. Зошто, нека си се успокои девојчето, тоа е негово право! (Чита натаму.) Мене ќе ми биде мило ако уште оваа вечер се сретнеме“… (Со себеси.) Пусти „конте“, што среќа го нагазила! Ништо, без право се бунам, си пишал човекот, не е како мене што чекам од господа алвица! И јас морам да пишувам, Сандре. И ти! И Сотир! Инаку ништо не паднува, братчиња! Само, прашање е дали ќе најдам некоја со благородна душа, како Цара, веднаш што ќе ме разбере. Ја… Да не ме одбие! Оти јас сум со чувство! Чекајте, оставете ме, ве молам, да го дочитам писмово, не прекинувајте ме! (Чита.) „Точно во седум часот пред дуќанот твој да се најдеме. Мислам дека в дуќан кај тебе ќе биде најсигурно да можам да ти ја поклонам првата целувка“… Значи точно во седум часот устата од мајсторон ќе го поклопува устето од Цара! Ај, нека им биде наздравје! И ние така да си исчекаме! (Чита.) Те љуби твоја Цара!“.
САНДРЕ: Па што ти е чудно тебе, време му е! Можеби мисли за сериозно човекот — да се жени за неа! И ако мисли да ја земе…
ИЛЧЕ: (му го прекинува зборот). Главно е дека до вечера ќе биде негова, та после — ако тој не ја земе, господ сигурно ќе ја земе. Ајде, ајде, Јонче, конте!… Богами и јас ќе морам отсега да се контам, инаку нема среќа! Што може да се прави кога девојчињата не гледаат што имаш кај себе, туку што имаш на себе!
ФАНЧЕ: (влегува) Добар ден!
САНДРЕ: Добар ден, госпоѓице!
ИЛЧЕ: Се поклонувам, госпоѓице, пред твојата убавина и ти ја љубам рачичката!
ФАНЧЕ: О-о-о… Благодарам. Каде ви е мајсторот?
САНДРЕ: Мајсторот? — сега ќе дојде, госпогице! Но ако брзате да пратам да го викнат?
ИЛЧЕ: О, каква е таа глупост!… Кога е таа во вакво пријатно друштво, како што сум јас, нема зошто да брза. Јас ќе и бидам на услуга да ја позабавам со најразлични смешки. А јас ќе се топам од милина од уважението, коешто, евентуално, би го направила ако седне до мене! Се надевам дека ќе биде толку љубезна и нема да ме одбие. (И наместува столе да седне до него.) Повелете… седнете до мене! Веќе еднаш реков дека ќе ми биде мило!
ФАНЧЕ: Брзам многу!… Викнете го.
САНДРЕ: Чевли ли ќе нарачувате?
ФАНЧЕ: Да, сакам да ми направи еден чивт чевли. Само, имате ли убави кожи?
САНДРЕ: Одлични!
ИЛЧЕ: Убави, убави како обравчињата твои лични! Да не те навредам да кажам поубави… Седете! Дај ми го рачето златно да се фатиме малце.
ФАНЧЕ: (му ја пушта раката). Ајде да не ти го расипувам…
ИЛЧЕ: Се разбира, како ќе си ми го расипела, мене владикана не ми го расипал… не пак ти. Тоа би било малограѓанштина од тебе да ги направиш, кое не ти прилега на образованието. (И ја милува раката) Уф, што бело раче имаш, мори Фанче. Пак меко, меко како памук. Ни орало ни копало… А, и моиве не се лоши, само што се со журој од чеканов и што се искраставени од ножов што ме има исечено. Но ако си ти умно девојче, како што се надевам, не би требало на тоа да гледаш како на нешто лошо, но напротив — на нешто убаво. Оти само така се постигнуваат добри чевли… и се! А тој што умее да го цени трудот на работникот, неговото крваво стечено парче леб, тој никогаш нема со гнас да погледа кон вакви раце! А јас се надевам дека ти го цениш трудот и моиве крастави раце, кои не се од некаква мрза вакви, но од работата што ни е таква и тебе нема да те разочараат. Кога ќе си ги измијам и си ги намачкам со вазелин, да видиш како и моиве се меки и убави. Но тоа само во недела, кога не работам. А друг ден, кога работа, секогаш се вакви.
ФАНЧЕ: Јас самата сум од средна фамилија, и го ценам трудот. Тоа мене не ме разочарува. Мене ми е таква работата и за тоа ми се запазени рацеве. Се разбира, ние сите не можеме со чекан да работиме, нам ни се нужни и лекари, и учители и разни други интелектуални работници чија што работа позволува да бидеш севезден чист и да имаш меки раце. Но како што ни вие не можете без нас, исто така и ние не можеме без вас. И по мое мнение, тоа дури не пречи ни за склучување на брак измеѓу еден физички работник, како што си ти, и еден умствен работник, како што сум јас. Пушти ми ја сега раката.
ИЛЧЕ: Не ми се пушта, мило ми е кај што си ја држам.
ФАНЧЕ: Е па ќе дојде некој!…
ИЛЧЕ: (ја бацува раката и и ја пушта) Па добро, Фанче, ме сакаш ли ти мене? Ајде ако ме сакаш да си дадеме збор и после кој сака нека дојде.
ФАНЧЕ: Овде не му е местото за давање таков сериозен збор. За тоа би требало малце повеќе да се помисли. Тука би можело само, ете така, на шега нешто да си речеме. Сериозните работи стануваат, да не ме сфатиш криво, насамо. Би требало претходно, да се поговори за нашите карактери: дали тие одговараат еден на друг, кога ние веќе не се познаваме дори одпорано… На пример, во овој случај… ме интересува твоето минато како човек!… Сето тоа го оспорува давањето збор наеднаш. А, се разбира, и тебе би требало да те интересира моето минато. Ете, на пример, мене ме интересуваат и твоите погледи на идните човешки задачи што лретстојат! Принципиелно реков дека јас се сложувам. Немам ништо против тоа што си ти фазички работник а јас интелектуален. Мене тоа не ме тангира, јас гледам со други очи во иднината. Но се надевам дека тука сме на една линија. И ако мислиш за сериозно, можеме да се состанеме и да поговориме.
ИЛЧЕ: Најсериозно, јас сум согласен… Кога би можело тоа да стане и каде? (Со бол) Овде не може. Точно во седум часот, кога е најпогодно време, мајсторот има состанок.
ФАНЧЕ: Еве, на корзо да се најдеме.
ИЛЧЕ: Чекај… (се мисли) пред излогот на „Пролет“!
ФАНЧЕ: Добро. Во седум часот! (Пак седнува до него.)
ИЛЧЕ: Точно во седум! (Пауза. Се загледува во Сандрета и преминува на шеги.) Овој — Сандре како бивол не загледал. (На Сандрета.) Насмеј се бре, доста се кисели!
САНДРЕ: Те гледам оти знам дека го лажеш девојчето.
ФАНЧЕ: А ти, зошто ми намигнуваше сношти на корзо? Барем молчи си.
САНДРЕ: Тогаш беше темно и да се лаже не се гледа, а сега е ден.
ИЛЧЕ: Така, обели му го бакарот, оти пред мене се прави светец.
САНДРЕ: Море, ја лажеш, бре!
ИЛЧЕ: Е ја лажам! Тебе ти е мака?
САНДРЕ: Кога не и е мака нејзе, што пак мене?
ИЛЧЕ: Ако не ти е мака, тогаш сигурно ти е илје што јас земам вакво убаво и учено девојче. Кога си таков кон другарот — злобен, тогаш пукни од мака, пули се отстрана како мачка по обесена риба која ја гледа а не може да ја стигне за да ја лапне.
САНДРЕ: Мислиш ти дека ти зборува онака Фанче та се согласи да те земе? Ако таа веќе се согласила да земе работник тогаш сигурно побрзо би ме зела мене од колку што би те зела тебе!
ИЛЧЕ: (сосила се смее). А, ха, ха… Ќе се рече со маневри… Не врват такви кај Фанче! Кажи му Фанче, жив ти јас и ти!
САНДРЕ: Фанче, ако сакаш да се откинеш од него, да ти земам мерка јас и да ти покажам… да си одбереш од кои кожи сакаш?
ИЛЧЕ: Не да речеш дека сум љубоморен, но ете така, самата таа нема доверба во тебе да ти пушти рака, а камо ли нога. Кога веќе си и надмигувал. Расипан!
САНДРЕ: Слушај, ти немој да се служиш со речникот од мајстор-Петрета, избери некој поарен! Да не те земам та да те згазам под нозе!
ИЛЧЕ: Почна веќе да се претставуваш за јунак и да си ја покажуваш силата, од страв да ти попушти и да појде за тебе. Но таа го разбира тоа дека таквиот и
нејзе утре, како жена, би и ги омекнал ковчињата. А јас, што е право, сум слаб по таа линија, за тепање, и кога би се степале сигурно би ме зела здола.
САНДРЕ: Море што лисица си ти!…
ФАНЧЕ: (станува). Илче, нема смисла, кога се карате, подобро да си одам. Попладне или утре ќе дојдам.
ИЛЧЕ: Не, Фанче, не си оди жити мене! Седи!
САНДРЕ: Што и си ти што ја заколнуваш во тебе?
ИЛЧЕ: Та ти на ветар имаш очи да видиш и уште да чуеш дека ние со Фанче постигнавме спогодба. Сакаш да ја бакнам за да се увериш?
САНДРЕ: Бакни ја, де да те видам! Тебе ќе те остави! Таа игра мајтап со тебе…
ИЛЧЕ: Ела мори, Фанче, да се бакнеме! Да се увери!
ФАНЧЕ: Јас ти кажав дека принципиелно се сложувам и дека ќе треба да поговориме, да размениме некои мисли. Не е времето далеку — до вечера. Ако се разбереме, не еднаш — стопати баци ме. И ќе те бацам! Ама сега уште не. Не му е ни местото, а најмалку времето. А Сандре има и очи да види и уши да чуе дека нашата работа скоро готова е, останува уште некои мисли да размениме, за кои јас, скоро, сигурна сум дека и тука ќе се разбереме. Само пази се ако имаш задни мисли!
ИЛЧЕ: Апсолутно! Само добра волја и силна желба да бидеш моја.
ФАНЧЕ: Тогаш имај трпение до вечера.
САНДРЕ: Ама ти, Фанче, ми се гледа говориш со сиот ум?
ФАНЧЕ: Да, да… зошто да не? Ако има чесни намери и ако се разбереме, немам ништо против.
ИЛЧЕ: (се топи од среќа што ја сеќава во себеси) Најчесни!
САНДРЕ: (со завист) Не би ти препорачал да го земеш. Не брзај, додека не говориш насамо со мене. А еве, и пред очите негови можам да ти кажам дека има недостатоци.
ФАНЧЕ: Кажи ги!
САНДРЕ: Можеме ли ние да се најдеме во шест?…
ФАНЧЕ: Кажи ги недостатоците пред него — в лице!
САНДРЕ: Сега толку би могол да ти кажам дека е шегобиец.
ФАНЧЕ: Кога?
САНДРЕ: Секогаш! Овдека само шеги прави.
ФАНЧЕ: Та јас ги сметам нив оправдани меѓу вас. Како би се замислил животот ваш под тие услови под кои вие живеете и работите, ако тој не би бил провеан со извесен хумор? Та јас на тоа му честитам што може да го направи да не се разочара. После, тој е жив, отворен како школуван… Ете зема учество и во театарските трупи како дилетант. Сето тоа покажува дека е напреден. А близоста со мене, како учена жена, уште повеќе ќе го издигне.
САНДРЕ: Јас пред очите негови ти кажувам дека е ветарличав, а има и други недостатоци, само… сега не би сакал за нив да говорам. Ти реков, ако сакаш да се состанеме во шест и се ќе ти кажам. Мене не ми е страв од него само… не би сакал сега да говорам.
ФАНЧЕ: Добро, согласна сум да се состанеме во шест. Овде може? Па ќе излеземе по корзо.
САНДРЕ: Може.
ФАНЧЕ: А што се однесува до тоа што велиш дека е ветарличав, тоа е нешто обично кај младите. Шеги да не правиш за сметка на некој што е сиромав за
пари, сиромав за ум, болен и така натаму, такви шеги, какви што ги прави тој со другарите, за да мине времето, тие се нужни за човекот како храна.
ИЛЧЕ: Дајте ми боза… Кисела боза Фанче на Сандрета му продава!…
САНДРЕ: (навреден и недоволен од согласието на Фанче да го земе Илчета) Мајка ти — коза, татко ти — јарец, а…
ЈОНЧЕ: (влегува) Кој јарец, бре?
САНДРЕ: Се смееме (Остро го погледнува Илчета).
ЈОНЧЕ: (на Фанче) Мене ли ме чекате?
ФАНЧЕ: Дојдов еден чифт чевли ако можете да ми направите. Само, сакам нешто шик да бидат… и ако имате најнови журнали?
ЈОНЧЕ: Журнали имам од последната мода во Париз. Кожи, исто така, многу убави. Само ако имаш убаво ноже — средно и не поголем рисот од должината. Оти ги има и такви, како топка. Како божем, цревата да им се во прстите.
ИЛЧЕ: Какво момичето, такво и ножето, мајсторе. Погледај му ги, самите се како калапчиња. А особено горе, како калапчиња, за најфазонлии камашни. На самиве ножиња да можело да се прават чевли и од Белград да се надева човек на муштерии.
ЈОНЧЕ: Повелете, седнете! (И покажува да седне на столовите за муштерии.) Одамна не сте наминале кај мене! (Зема молив, сантиметар и тетратка за бележење мерка и седнува пред неа на специјалното столче за земање мерка.)
ФАНЧЕ: Па што би дошла инаку освен кога имам за нарачување чевли.
ЈОНЧЕ: Е, само за чевли ли се доаѓало? Треба да наминувате… (Откако и го одбележува со моливот стапалото на тетратката и зема мерка со сантиметарот на прстите.) Сакаш ли да те стегаат малце?
ФАНЧЕ: Се разбира, ако не ме стегаат малци ќе ми паѓаат од нозеве.
САНДРЕ: Нема гајле Фанче што ќе ја стегаат. (Љубоморно.) Само да видевте пред малце убаво и ги стегна Илче рачињата ни оф не рече. (Со злоба) Уште и пријатно и беше!
ЈОНЧЕ: Олку доста ли е?
ФАНЧЕ: Уште малце…
САНДРЕ: Ти реков, стегни повеќе, ништо не и е!…
ФАНЧЕ: Е, многу е сега… Сега е добро!
ЈОНЧЕ: (и го измерува рисот, петата, а по тоа ја мери должината бележана на тетратката). Триесет и шест номер калапи, дваесет и два прсти, дваесет и два и половина рис и дваесет и девет пета.
ФАНЧЕ: Мислам, згодна нога имам за чевли. И другпат си ми правил. Многу убаво ми стојат.
ЈОНЧЕ: Право да ти кажам мило ми е кога имам работа со вакви ножиња. Муштериите не можат да разберат дека какви нозете такви и чевлите!
ИЛЧЕ: Леле, Фанче, како солеени ќе ти ги направам. Сета мајсторија во нив ќе ја оставам!
САНДРЕ: Од Илчета има носено Фанче, мајсторе; мене да ми ги дадеш да ги направам да види и носи Фанче чевлиња!…
ЈОНЧЕ: Јас самиот ќе и ги направам на Фанче, како за реклама!
ФАНЧЕ: На Илчета сакам да му ги дадеш да ми ги направи.
ЈОНЧЕ: Добро, девојче, и Илче добро работи!
ИЛЧЕ: Ама знаеш ли, мајсторе, зошто Фанче сака јас да и ги направам? Ние двајца постигнавме спогодба. До вечера ќе се состанеме за да си дадеме конечен збор.
ЈОНЧЕ: (мило). Како, бре, ти пред мене?…
ИЛЧЕ: Заедно, мајсторе!… Види заборавивме да ти кажеме! Имаш писмо од некоја Цара, што си и пишал; ти закажува состанок до вечера во седум часот, овде. (Му го подава писмото.) Еве ако не веруваш!…
ЈОНЧЕ: (го зема писмото) Ама вие го прочитавте?
ИЛЧЕ: Така, насамо!
ЈОНЧЕ: Како, така насамо!
ИЛЧЕ: Така насамо, само ние внатрешните врагови. Фанче уште не беше дојдена.
(На вратата однадвор а појавува мајсторот Петре.)
ЈОНЧЕ: (го забележува) Молкнете, иде мајсторот: Бидете пристојни пред него.
ПЕТРЕ: (влегува, ја затвора вратата по себе и малку се задржува каде се искашлува). Честита ти работа, калфа!
ЈОНЧЕ: Чест да имаш, мајсторе. Повели седни! (Брзо му поднаместува стол да седне.)
ПЕТРЕ: Што ти дошла госпоѓицава, чевлиња ли нарачува?
ЈОНЧЕ: Чевлиња, мајсторе.
ПЕТРЕ: Какви, со дупчиња?…
ЈОНЧЕ: Еми, сега тие се на мода со дупчиња. Какви инакви би направила една модерна дама ако не современи?
ФАНЧЕ: (на која и е пријатен комплиментот) Санќим навистина зборуваш! Сепак, благодарам на комплиментот!
ПЕТРЕ: Чија си, мори, да пукнеш?
ИЛЧЕ: Не вели така, мајсторе, греота е девојчето! А и јас сум греота…
ПЕТРЕ: Ајде ти таму, мачорок!… Знаеш дека не сакам пред мене да тропаш!
ЈОНЧЕ: (и покажува журнали на Фанче). Ела избери си фигура…
ПЕТРЕ: Само гледај некои што се со поголеми дупчиња, да бидат помодерни.
ФАНЧЕ: (ги разгледува журналите) Имаш ваква кожа?…
ЈОНЧЕ: Имам.
ФАНЧЕ: И за гарнирање ли имаш иста ваква каква што е на фигурава?
ЈОНЧЕ: Да.
ПЕТРЕ: (оди кај Фанче и со раката ја милува по косата). Што ти требаат, мори, будалче, со дупчиња? Направи си ги без дупчиња да се изнаносиш. Зошто со дупчиња, за побрзо да се искинат?
ФАНЧЕ: Не е ли за вас чевларите поарно со дупчиња, побрзо да се искинат и други да ни правите?
ПЕТРЕ: А, ако?… Е добро, добро… Така понабрзо нови ќе носиш… Штом е така, калфа, гледај што повеќе дупчиња и поголеми да и ги отвориш. На месецот други да нарача.
ЈОНЧЕ: Со висок топук ли ги сакаш, француски? Или англиски?
ФАНЧЕ: Француски топук, како што е во журналот.
ЈОНЧЕ: Зашто таа фигура носи и англиски.
ПЕТРЕ: Се разбира, штом се со дупчиња, треба да бидат и со високи топучиња.
ФАНЧЕ: Така, забележи си, оваа фигура со истиве кожи, бои и топучиња. Ама како што ти реков. На Илчета ќе му ги дадеш да ми ги направи!
ПЕТРЕ: А-а-а… демек ти се врати? Она што стануваше едно време со мене, бараа ти да им ги правиш, сега ти се врати?
ЈОНЧЕ: Јас не се лутам како тебе. Мене ми е мило кога муштериите ги признаваат моите калфи за помајстори. Значи занаетов не се враќа назад ами оди напред, се усовршува. А тебе ти беше криво, скокаше.
ФАНЧЕ: Така. Догледање!
ПЕТРЕ: А за цената пазар не направивте?…
ФАНЧЕ: Цената како и секому. Мене повеќе нема да ми земе!…
ЈОНЧЕ: Се разбира. Цените кај мене се утврдени.
ФАНЧЕ: (се поздравува со Илчета) Догледање, Илче!
ИЛЧЕ: Догледање, Фанче! Така, точно во седум часот пред „Пролет“. До тогаш ќе го завршите разговорот со Сандрета.
ФАНЧЕ: Бездруго! Догледање, „Конте“!
ИЛЧЕ: (пее придружуван од Сандрета и Сотира со армониката).
Јонче „Конте“ троцко горди, ху, ха, фиууу!
Јонче „Конте“ троцко горди,
Ајде, бре, море бре, марш одовде, бре!
Си се глави на чевлари, ху, ха, фиууу!
Си се глави на чевлари,
Ајде, бре, море, бре, марш одовде, бре!
На два ѓона чет’ри шила ху, ха, фиуу!
На два ѓона чет’ри шила,
Ајде, бре, море, бре, марш одовде, бре!
С една мера машки женски, ху, ха, фиууу!
С една мера машки-женски,
Ајде, бре, море, бре, марш одовде, бре!
ФАНЧЕ: (којашто се задржува кај вратата да ја ислуша песната) Наздравје да ти е ручекот, Илче! Папа! (И со рака му мрднува и излегува).
ПЕТРЕ: Ти не ми го бендисуваше мене карактеров, ама гледаш како е кога ќе им ја пуштиш уздата, на главата ќе ти се качат! Еве и песна ти извадиле, дури и в очи ти ја пеат.
ЈОНЧЕ: Нека си пеат, кај мене е слобода — широк живот! Диктатура — врзан живот! Еве од вакви мајстори има полза. Точно извадена мерката, внимателно кроени да нема фира — фус и половина кожа. А не како тебе: прст оставена подолга мерката, уште по еден прст оставено наоколу од мерката, при кроењето од кожата, — два и пол фуса. Море, и три кај тебе!
ПЕТРЕ: Посмали, Манго! Ха, ха, ха… од вакви имало полза, што цел ден ќе си ги копаш виделата околу тие дупчиња! А, јас… што се вели зборот, десет пцидии ќе сошијам додека ти еден чифт да сошиеш такви, како ти — со дупчиња!
ЈОНЧЕ: Посмали, мајсторе, од твоите десет чифта, а покачи на моите еден чифт.
ПЕТРЕ: (убедливо) Ами дупчињата што ќе ги правиш се губење време, бре!
ЈОНЧЕ: „Губење време“! Не разбирам што толку те плаши отворањето на тие дупчиња… Та и не се дупчиња, ѓавол да ги носи, ами се којзнае колкави дупки, кои при сошивувањето на пцидијата самите произлегуваат.
ПЕТРЕ: Не разбирам какви се и денешниве млади муштерии, сакам да кажам како за оваа што беше сега овде, што бараат да се прават само со дупки,
по три-четири прсти да ставиш, и „лесни да бидат“! Ами тоа значи со слаб материјал да се направат.
ЈОНЧЕ: Слаб, но здрав! Елегантниот чевал не трпи дебел материјал! Во тоа и се состои мајсторијата, да биде што полесен, да не ја тепа ногата, и пак да биде здрав!
ПЕТРЕ: Ништо, толку ви е мајсторијата за тоа. А јас како ги правам, е-хе! Така правите затоа ќе се најадете со леб и вие и тие што ги носат!
ЈОНЧЕ: Ами ти дека им ги правиш по два килограми еден — како пранги да носат на нозе — и ти и тие по два чифта гаќи имате на вас од богатија.
ПЕТРЕ: (навреден) Леле, ич немаше образ кому зборуваш и што зборуваш! Ами те личи, бре, тебе тој збор да ми го кажеш мене?! Зини, земјо, и голтни ги ваквите!
ЈОНЧЕ: Со тебе кога зборува човек треба на терезија да ги премери зборовите. Туку да ги оставиме тие разговори настрана, нешто сериозно да поговориме. Имаш ли доста работа?
ПЕТРЕ: Додека работат раце, ќе има и работа. Јас така мислам. Или зашто не умеам да правам чевли, вака како тебе, ха, ха, ха… со дупчиња, та мислиш дека сум останат без работа? Затоа ли мислиш сум дојден кај тебе, што немам работа! Ха, ха, ха…
ЈОНЧЕ: Море, тоа не е ништо, друго ми е долашено оково. Тугиот капитал почна да навлегува и кај нас, почнаа да отвораат и кај нас фабрики! Растураат големи реклами. Ќе настане конкуренција, а ние не можеме нив да ги конкурираме. Тука кажи ми ти мене што правиме?
ПЕТРЕ: Да, да… На овие што ги правите вие — со дупчиња, со разни зунзулиња, ќе им падне модата тоа јас сум го рекол. Ама на овие што ги правам јас не! Убаво си ги ископавте очите со овие моди ваши што ги донесовте. Ха, ха, ха… со дупчиња — со кашчиња…
ЈОНЧЕ: Ама не е работата до дупчињата и до модата бре мајсторе. Туѓиот капитал навлегува кај нас! Ќе ни отвори тука фабрики и ќе не остави без работа. По цел свет се шири кризата, та и кај нас е на врата. Се облачи!
ПЕТРЕ: Вака, за модерниве, како што ги правите вие со дупчиња, допуштам… Може, може… (Убедливо). Ама за попрости, како што правам јас, не ми се верува да дојде криза. Пак во тој случај ќе си правиш старински, како едно време што си работеше кога беше кај мене.
ЈОНЧЕ: А ти мислиш дека фабриките само модерни ќе прават?
ПЕТРЕ: Е.
ЈОНЧЕ: Се лажеш! Дури и опинци ќе прават!
ПЕТРЕ: Јас не гледам ништо страшно.
ЈОНЧЕ: Не само за нашиов занает, за сите занаети е страшно.
ПЕТРЕ: Па добро, ете ние имаме тука фабрики од чевли, од алишта… ама пак работиме.
ЈОНЧЕ: Тукашните капиталисти се уште мали за нас да не конкурираат. После, ти не гледај како било, гледај како е и како ќе биде во иднина. Некогаш со еден чифт чевли петина ќе појделе в црква да се причестат. Врати се еден, оди друг… А денес ретко кој нема два чифта, едни постари за секој ден, други нови за празник. Е, тоа го дополнија нешто тукашните фабрики, нешто ние. А кога ќе навлезе туѓиот капитал, огромен ќе ти вади со милони чифта чевли, ќе можеш ли ти да му се противставиш? Ти правиш еден чифт чевли дневно и ако не спечалиш четири банки, нема што да јадеш. А тој ќе вади по сто илјади, по еден динар да спечали на чифт — сто илјади динари дневно… Оти нему му
работи машината со мал број работници. Замисли, само една фабрика што се отворила последново време во Америка имала таков огромен годишен капацитет којшто изнесубвал на секој човек што постои на земјава три чифта чевли годишно. А тоа значи, сите ние требало да ги фрлиме чеканиве.
ПЕТРЕ: А зошто ги пуштаат кај нас да доаѓаат?
ЈОНЧЕ: Затра што нашите министри милиончиња им земаат за да ги пуштат. Ќе им тапосаат по неколку милиончиња и ќе се продадат.
ПЕТРЕ: Е тоа не е право!
ЈОНЧЕ: А бре, ние го знаеме кој е правото, само…
ИЛЧЕ: Голема криза се шири по светав, мајсторе. Милиони работници се останати без работа. Некои работници го прашале Алберта Тома, претседателот на меѓународнто биро за испитување на кризата во светов, во Женева, дали веќе тоа биро пронашло некој модус за да се спречи таа криза, и тој им одговорил — не.
ПЕТРЕ: Јас, вака како што сум прост, би рекол најарно е да се здружат работниците и да им ги искршат машините. И така, пак ќе си има работа како досега и ќе си живееме како досега. Тоа би требало да им го направат…
ИЛЧЕ: Проштавај, мајсторе, ама тие се глупости. Што мислиш ти, да се вратиме на старото време и да работиме примитивно? Да работиме по петнаесет часа на ден и да не можеме да се најадеме со леб?
ПЕТРЕ: Добро, еве ти си начитан, од првиот саат кога дојде кај мене да учиш занает со весникот беше в раце. Кажи што мислиш?
ИЛЧЕ: Јас што мислам? Се сложувам со тебе да се здружат работниците, само не да ги искршат машините, но да ги земат во своите раце, да станат нивни господари.
ПЕТРЕ: Не те разбирам!…
ИЛЧЕ: Еве поопширно ќе ти расправам да ме разбереш…
ЈОНЧЕ: (оди кај Илчета и му го зема чевелот, божем, да види како работи и тивко на увото да не забележи Петре) Не ти треба, барабанчето ќе го удри и… (Го завртува разговорот.) Може и така, прави како што си почнал.
ПЕТРЕ: Не те разбирам.
ИЛЧЕ: Другпат, мајсторе!
ПЕТРЕ: И ти нешто ќе кажеш! Ха ха… Молчи си, не мешај се!
САНДРЕ: Остави го, мајсторе, денес тој е заљубен и така измеша малу.
(Влегува Селанецот држејќи се за образот, а по него Ленче со завиени чевли.)
ЛЕНЧЕ: Добар ден!
ЈОНЧЕ: Добар ден!…
СЕЛАНЕЦОТ: Честита ви работа… (Гледа да го препознае мајсторот.)
ЈОНЧЕ: Чест да имаш.
СЕЛАНЕЦОТ: А бре, мајсторе, си вадел заби?
ЈОНЧЕ: Не!
СЕЛАНЕЦОТ: Ах, остави ја таа работа, го знам јас тоа! Трговецот што ме прати ми кажа дека се криеш. „Ако сакаш — рече да ти го извади, да не му се делиш од вратот. Само така ќе ти го извади“. Не плаши се, не кажувам јас никому, жими господа златен, еве ти се колнам! Не сум јас од тие луѓе да напакостувам. Пак на пријатели што ми прават добро! Ајде, те молам, оти си имам мака.
ЈОНЧЕ: Верувај ми кога ти велам. Трговецот си има играно мајтап со тебе. А зошто не одиш на заболекар? Ти си имашлија човек, имаш толку декари земја… Плати па извади го без бола.
СЕЛАНЕЦОТ: Ама не ми е до тоа, јас би му дал неколку јајца само… рече трговецот тие прво го дупеле местото со игла и уште поголема бола… А овај — рече — чевларов што те праќам јас го вади лесно, без бола и без пари…
ИЛЧЕ: Да му го извадиме, бре мајсторе! Греота е, не ти е жал?
СЕЛАНЕЦОТ: (на Илчета) А да ми си жив!… Ти не умееш?…
ИЛЧЕ: Како да не, јас сум овдека мајсторот што вади заби, само… мајсторов на дуќанов треба да позволи. (Го води Селанецот во средината на дуќанот) Камо да видам кој заб те боли?
СЕЛАНЕЦОТ: Еве овој (ја отвора устата и му покажува со прст.)
ИЛЧЕ: Ќе го извадиме!
СЕЛАНЕЦОТ: Господ да ми ти поможи да си го земеш тоа девојче што си го сакаш!
ИЛЧЕ: (покажува на Ленче) Еве по ова имам мерак! Ај помолитви да видиме дали ќе ти се врзе молитвата!
СЕЛАНЕЦОТ: (се крсти) Господе, почуј ми ја молитвава: ова дете да си го земе ова девојче! (Застанува пред Ленче) Слушај, како ти беше името? — не дели се од ова дете, видиш ли што благородна душа имало? Милозливо: му се нажали душана за мене и ќе ми го извади забов. Еве овега да си го земеш за маж, ако ти излезе лошо мене да ме плукнеш кога ќе ме видиш.
ЛЕНЧЕ: Се стори, чичко, штом ти го пофалуваш јас не ти го расипувам тебе, ќе го земам.
СЕЛАНЕЦОТ: (ги сврзува за рацете Илчета и Ленче) Нека ви е честито, да даде господ!
ИЛЧЕ: (ја води Ленче кон вратата) Причекај да си ја однесам дома и ќе се вратам да ти го извадам забот.
СЕЛАНЕЦОТ: Извади ми го прво па после води ја дома…
ИЛЧЕ: Добро, ај така нека биде! А можам ли само да ја бацам па после?…
СЕЛАНЕЦОТ: Можеш…
ИЛЧЕ: Ај после, прво да го извадиме забот. (Пак го води среде дуќанот) Застани тука и подигни ја левата нога. (Селанецот ја подига ногата.) Слободно стои, како петлине… (Зема конец и му го врзува забот…)
СЕЛАНЕЦОТ: А зошто не со клешти?…
ИЛЧЕ: За поарно! (Му ги покажува клештите.) Многу се широки! На тој — трговецот што те пратил — му извадив со овие, ама не ја бива! Не ти кажа? Бидејќи се широки, место еден — сум фанал два и обата сум му ги извадил. Едниот здрав! Широки се, не ги бива! Вака е посигурно. Што ќе врзеш, тоа ќе извлечеш!
СЕЛАНЕЦОТ: Умен си тиии… (На Ленче) Ќе го бараш, ако не го земеш. А ако го земеш, ќе ме молитвиш!
ИЛЧЕ: Ете, така, остави ти на мене! (Другиот крај од конецот, со кој е врзан забот, му го врзува за подигнатата нога и по тоа зема шило и вешто му го забодува одзади)
СЕЛАНЕЦОТ: (од забодувањето на шилото се затетерува и не сакајќи стапнува со подигнатата нога на подот и така го извлекува забот, а по тоа се фаќа за прободеното место и покажува.) Бреее!… дури овде му бил коренот! (Побегнува низ врата влечејќи го забот врзан за нозата. Општо смеење.)
ЛЕНЧЕ: (откако се приберува од смеењето) А бре, „Конте“, ме стегаат чевлињава… (Ги одвиткува од книгата.)
ЈОНЧЕ: Ќе се пуштат, море лично!
ЛЕНЧЕ: Ама многу ме стегаат!
ЈОНЧЕ: Да ги подрашириме…
ЛЕНЧЕ: Се може?
ЈОНЧЕ: Се може: и да се подрашират може, и да се постеснат може…
ПЕТРЕ: Една друга што нарача пред малку, таа пак сакаше да ја стегаат.
ИЛЧЕ: Кај те стегаат, море лично?
ЛЕНЧЕ: Во прстињава!
ИЛЧЕ: (пее придружен од Сандрета и Сотира со армониката).
Бог да го убие, мамо,
Бог да го убие:
Мајсторчето — чевларчето, ајде,
Мајсторчето — чевларчето!
Што ми тесни скрои, мамо,
Што ми тесни скрои:
Чевлињава — во прстињава, ајде,
Чевлињава — во прстињава!
За да ми ги стегат, мамо
за да ми ги стегат:
Ножињава — во прстињава, ајде,
Ножињава — во прстињава!
Оф! Ленче, оф, лично,
Половината Ленче за Илчета, ајде,
Половината Ленче за Сандрета!
ЛЕНЧЕ: (му ракоплеска) Да живее Илче!…
ИЛЧЕ: (на Сандрета) Чуеш ли, бре? како ја нагласувам работата, половината Ленче за мене, половината Ленче за тебе! Таков однос треба да имаш и ти кон мене! А ти, паметуваш ли пред малку кога беше?… Тебе да ти падне ни едно ноже не би ми дал од Ленче. Ете против тоа се бунам, против такви неправдини! Ако дојде друга и за Сотира ќе ја нагласам работата! Така, Сотире, или не?
СОТИР: Терај, ти знаеш што правиш!
ПЕТРЕ: И не лути се, туку си се потсмевнува.
ЈОНЧЕ: Што ќе се лути, ова е современо девојче, поправо дама.
ИЛЧЕ: Не е некоја проста за да се лути. Види ја што е дотерана! Гледај ја и прецени ја! Остај и што се сакаме! Или затоа што половината му ја отстапувам на Сандрета? Јас сум кавалер, и целава ќе му ја остапам, ако ја сака!
САНДРЕ: Чекај да видиш ако не и кажам на Фанче, дека и на друга и предлагаш.
ИЛЧЕ: Еве бре, да ти ја остапам целава — Ленче. Јас не претендирам на две кога другарот мој нема ни една.
САНДРЕ: Да ја отстапиш, ама не ти се отстапува…
ИЛЧЕ: Само речи ти. Ја сакаш? Кажи! ја сакаш?
САНДРЕ: Ја сакам, ама…
ИЛЧЕ: Е што сега ама? Сега ќе бараш и пари, а? (Го плукнува) Пу!
САНДРЕ: Не барам пари само… таа дали ќе ме сака?
ИЛЧЕ: О, господ да те отепа! Така кажи. Луѓе прават луѓе расипуваат! А, после, што би можело да се каже лошо за тебе? Ти си поарен од мене во секое нешто и ако мене ме сака зошто пак тебе да не те сака? Не разбирам! (Ја зема
Ленче за рака и ја води до Сандрета) Го гледаш? Испули му се арно? Дете — алтан. Во алтан ако се навоѓа ’рѓа, та во него! Ич не думај му се, земи го и води го право дома ти.
ЛЕНЧЕ: Јас тебе те сакам, ти повеќе ми се бендисуваш.
ИЛЧЕ: Ама ако е за тоа, и ти мене ми се бендисуваш, само, сум капарен за друга. Пак јас да сум со две, а другаров без ниедна, и тоа некако не оди… Срамота е од светот, ќе ме направат саможивник.
ЛЕНЧЕ: Добро… ако навистина ме сака, не се смее… Јас го познавам него…
САНДРЕ: Па зар еднаш сме играле на матине…
ИЛЧЕ: Како што треба. (На Ленче) Дај му сега капар…
ЛЕНЧЕ: (не разбира) Каков капар?…
ИЛЧЕ: Да те бакне, мори, да те бакне! Тој е најдобриот капар…
ЈОНЧЕ: Гледаш, мајсторе, времето што донесе?
ПЕТРЕ: „Времето“ (Нагласува) Луѓето!… Уште се смее!
ЈОНЧЕ: Луѓе бевте и вие, и ние… Времето
ЛЕНЧЕ: Зошто пак да не се смеам? Ти кога си зеде жена не се смееше?
ПЕТРЕ: Тука ли се дава збор? Збор се дава дома, да се врзе пред мајка, пред татко… А не по сокаци! 3ошто си пусто женско!
ЈОНЧЕ: Pа и ние сме луѓе, мајсторе. Еве јас (нагласува) ти! Каде поарно — пред мајсторите? Аj татко му, ај ти!
ПЕТРЕ: (благо) Од страна негова да, ама… од нејзина нема никој.
ЈОНЧЕ: Еве, ти од негова страна, јас од нејзина ќе минам. (Им намигнува на другите) И така сме род.
ПЕТРЕ: Е, ако е така…
ЈОНЧЕ: Па така е, мајсторе.
ПЕТРЕ: Тогаш што чекаат? — нека се фатат под рака и нека излегуваат… Ха, ха, ха… Нека го однесе дома и нека и го покаже на мајка и. Ама прво нека појдат до паркон. Ха, ха, ха…
ЛЕНЧЕ: И тоа може да стане и ништо од тоа што мислиш ти да нема. Ние сме си современи.
ПЕТРЕ: А оган и барут кога ги составиш еден до друг што прават?
ИЛЧЕ: Ќе се запалат.
ЛЕНЧЕ: (завртена со главата го гледа Петрета преку рамото свое) И дрвото сурово гори кога ќе го добереш до оган!
ПЕТРЕ: (оди кај неа и ја гали по косата) И стар труп гори, душо…
ЛЕНЧЕ: (која крива го сфаќа галењето) Тоа не сум го знаела, ама еве гледам дека може да гори.
ПЕТРЕ: (продолжува да ја гали по косата) Само полека, не пламнува како младите…
ЛЕНЧЕ: Ме љубиш?
ПЕТРЕ: Убава си, чувај се од овие — младиве!
ЛЕНЧЕ: А од стари?
ПЕТРЕ: Ние не сме опасни!
ЛЕНЧЕ: Не знам, повикот е на младите, а старите пуштаат рака да галат. Сомнително…
ИЛЧЕ: Тој со тоа не учи нас од каде се почнува, а не одеднаш — чап!
ПЕТРЕ: Со деца не се срка матеница, Јонче ќе те испрскаат (На Ленче) Ами за тоа ли мислиш дека те галив? (На Јончета за Илчета) Та макар и овој непрокопсаник!… (На Ленче) Мило ми е, мори, се радувам што Сандре зема вакво убаво девојче и што ќе се одомаќини. Зар мене лоша мисла да ми се
припише?! Ами јас сум му првиот мајстор; кај мене бил чирак и од мене прво го учел занаетов! Мајстор сум му, мори еееј! Кошула треба да ми дадеш!
ИЛЧЕ: (се извинува) Проштавај, мајсторе, јас да направам шега со Ленче. Не помислив оти можеш накриво да ме разбереш. А пак таа не знае дека си му мајстор и погрешно те разбра, затоа така се изрази. Оти ги има и такви…
ПЕТРЕ: Ги има, не велам дека нема и стари погани… Само зар јас?…
ЛЕНЧЕ: (се извинува) Проштавај, јас не сум знаела, помислив… (Му бацува рака)
ПЕТРЕ: Ајде, ти проштавам, само другпат да не брзаш.
ИЛЧЕ: Мајсторе, време ли е за бегање?
ЈОНЧЕ: Време е, оставајте работа.
ЛЕНЧЕ: Сандре, ќе ме испратиш ли?
САНДРЕ: Дома ти ли сакаш? Ако е за дома ти ќе треба да се облечам поарно.
ЛЕНЧЕ: Така е. Испрати ме до некаде.
ИЛЧЕ: (му ја става раката на рамото до Сотира). Немаш касмет бре, Сотире. Не дојде уште некоја и за тебе да врземе збор. Или ќе речеш мал сум уште? (Кон другите) Чекајте бре, луѓе, радост имаме во дуќанов, Сандре официјално ни се сврши. Треба една песна. (Пее придружен од сите)
Море, три години Стамбол го шетав, Темјано,
Море, три години Стамбол то шетав,
Еј, пиле Темјано, јагне Темајно.
Море, сум спечалил до три илјади, Темјано
Море сум спечалил до три илјади,
Еј, пиле Темјано, јагне Темјано.
Првата илјада коњ ќе си купам, Темјано
Првата илјада коњ ќе си купам,
Еј, пиле Темјано, јагне Темјано.
Втората илјада такам за коњче, Темјано,
Втората илјада такам за коњче.
Еј, пиле Темјано, јагне Темјано.
(Сандре ја зема Ленче со раката околу половина и со повисок глас)
Третата илјада — тебе ќе те земам, Темјано,
Третата илјада — тебе ќе те земам,
Еј, пиле Темјано, јагне калешо.
(Ракоплескање)
(ЗАВЕСА)
ЧИН ТРЕТИ
Во дуќанот на Јончета. Но за разлика од вториот чин, тој е сега во голем неред и без капитал. На една од завесите што ја покриваат витрината е испишано: „Сите лекари тврдат дека гумените чевли ги расипуваат нозете и се штетни за здравјето. Родители, чувајте го здравјето на Своите деца!“
Кога се крева завесата Јонче седи среде дуќанот на едно од работничките столиња, нога на нога, и со рацете прекрстени на градите. По мала пауза ја зема главата во рацете, прстите ги закопува во косата, а со лактовите се потпира на колената.
ЈОНЧЕ: (по мала пауза ја дига главата и со раката се удира по коленото, кое го спуштил, а потоа ги заклучува рацете). Бре, каква работа имавме, а сега да нема ни игла да дупнеш!… При двајца калфи и двајца чираци што не можевме глава да дигнеме од работа — на сам и… најпосле ни за самиот. Кој му веруваше до толку на Илчета кога зборуваше, дека ќе дојде ден кога не ќе имаме ни само лебот да си го купиме. Дека со навлегувањето на туѓиот капитал кај нас сосем ќе престанат да работат занаетите. Да му верував немаше да се женам… Што да им правам сега на децана, можам ли да ги гледам голи, гладни, боси како сирачиња? При татко здрав и способен за работа да гладуваат? Не е ли срамота, не е ли греота? А тие грешните мали и ништо не ти разбираат… не знаат што е нема, пуштиле златни рачиња и само викаат: „Мамо, тате, гладни сме, дајте ни нешто да јадеме!…
(Во текот на ова време од далеку допира свирење на зурли и тапани кои сега се многу близку и се задржуваат пред дуќанот. Овие се придружени од маса деца со транспаренти. Еден јак машки глас се издерува: „Да живее фирмата „Бата“, која ги оборува цените на чевлите!“ Масата прифаќа: „Да живее-е-е!… Да живее „Бата“! Зурлаџиите и тапанџиите придружени од масата полека се оддалечуваат.)
(За целото ова време Јонче, како и порано, стои налактен на нозете, главата ја има во рацете, а прстите закопани во косата, станува.)
О-о-О-о!… проклети капиталисти што го држат работникот како роб;… крвници кои со памук ни ја цицаат крвта; кои не се согласни ни со пот да дојдеме до едно парче леб… Садисти кои уживаат да ги гледаат децата наши голи, гладни боси кај се мачат. Порано се одеше во пуста туѓина на печалба, а денес дури и тоа го нема, по цел свет криза… А тие лумпуваат, тонат во разврат!… О, работнику, робу на трудот, до кога ќе трпиш? Зар чекаш, се надеваш на милост нивна?… Или чекаш да ти подари слобода и лапало некој измислен семоќен бог?… Не, луто се лажеш ако мислиш да постои таква невидлива сила која ги гледа маките наши и еден ден ќе се смили над нас и морињата ќе ги претвори од вода во масло, езерата во мед, реките во млеко… и ти тогаш ќе можеш да живееш. Ние, работниците, здружени ја претставуваме таа сила — тој семоќен бог! Работникот ја направил ова земна топка, која била пуста, како градина. Каде неговата рака не работела — таа и денес е пуста!
СЛАВЕ: (влегува.) Здраво, Јонче!
ЈОНЧЕ: Голо здравје — готова болест.
СЛАВЕ: (го забележува испишаното на завесата и, божем, го чита). Сите чевлари тврдат дека гумените чевли ги расипуваат нозете, оти тоа е штетно по интересите нивни… А ти, што правиш, Јонче?
ЈОНЧЕ: Седам… чекам да дојде некој пријател како тебе да се поизигра…
СЛАВЕ: Работи, зошто да седиш? Велигден иде.
ЈОНЧЕ: Што да работам?
СЛАВЕ: Толку ли немаш работа? Зар ти баш-мајстор да немаш работа? Пак за Велигден?
ЈОНЧЕ: Еве како што и самиот гледаш немам — седам.
СЛАВЕ: Та и ако немаш… не треба да се жалиш, имаш ти маја од порано.
ЈОНЧЕ: Глупости…
СЛАВЕ: (се подиграва). Е како, до толку си останат и без работа и без пари?
ЈОНЧЕ: Нема зошто да те лажам ако имав.
СЛАВЕ: Па добро, штом така, еве направи ми мене еден чифт чевлиња за малоно мое. Да го расипеме баксузлакот. Што велиш? Ама за пари ќе ме причекаш. И-и-и… се разбира, да не се поскапи од фабричките.
ЈОНЧЕ: Таман работа, да го расипеме баксузлакот на цената од фабричките и на вересија. А за децана мои, сигурно, место леб, ќе ми препорачаш да им дадам некој стар весник да читаат…
СЛАВЕ: Па што сакаш ти, да ти платам поскапо од фабричките? А пак што се однесува до тоа, што би ме причекал, не оти некогаш нешто ти загинало од мене!… Пиши ги кај другите па кога ќе дојде ред ќе ти платам за сите.
ЈОНЧЕ: По сметката твоја така е поарно, но мојата не излегува… Добро, да те прашам јас тебе, ти Велигден само со еден чифт чевлиња за детето ќе го поминиш? Како гледам и твоите не се за добарден. После, за жената, за другите деца нема да правиш?
СЛАВЕ: Па-а-а… како да ти речам, некако не стигнува…
ЈОНЧЕ: Лажеш! Си зел фабрички.
СЛАВЕ: Вистина, ние сме стари пријатели и не треба да се лажеме. Што е право: за нас зедов фабрички. За мене од „Пеко“, за жената од „Бостон“, а за другите деца од „Бата“.
ЈОНЧЕ: Таа си е твоја работа… Можеби со „Пеко“, „Бостон“ и „Бата“ со бричење си се погодил да се исплатиш како со мене. После, да не ги бараш на вересија и да не борчиш… А и на такви мали чевлиња, за три-четири годишни деца ништо не печалам. Другпат сум ти правел, ама си нарачувал и големи. Пак уште не се срамиш: „пиши ги кај другите!“
СЛАВЕ: Добро де, та ако ти реков не те фанав за гуша! Со убаво, со благо… Ако сакаш! Не сакаш — не нека биде.
ЈОНЧЕ: Што да ти правам? Кога беше мој постојанен муштерија, никогаш за пари не ти реков ќе ти ги направев чевлите и дома ќе ти ги пратев. После, нешто со бричење си отплатувал, негде некогаш по некоја банка ќе дадеше, теравме… За кај фабриките си нашол готови пари за петшест чифта да купиш, а кај мене едни детски, што ништо не печалам, кои сум ти ги правел што сум морал, како муштерија, заради другите, на вересија…
СЛАВЕ: Се разбира, штом не сакаш и не може. Пак нека се живи филијалине од „Бата“ и други — нема боси да останеме.
ЈОНЧЕ: (сам). Не тресни, та не пукни! Уште и будала сака да те направи. Еве… од вакви се нема живот. Пријател а сака да ти го истрга и последното средство, да ти ги врзе рацете, на еден муштерија што ќе дојде за готови пари да нарача да немаш материјал да му направиш. Еве вакви пријатели ти ја земаат и последната кураж. (Се мисли.) Ништо, тој не е свесен што прави. Подоцна ќе разбере, кога ќе се прошири кризата и на другите занаети… и кога еснафот и работникот не ќе имаат еден динар да се избричат. Тогаш фабриките нека ги бара да ги бричи…
СЕЛАНЕЦОТ: (влегува). Поможи-бог, мајсторе!
ЈОНЧЕ: Бог ти помогол… (Со себеси.) Надевај се…
СЕЛАНЕЦОТ: Рече нешто?
ЈОНЧЕ: „Бог ти помогол“.
СЕЛАНЕЦОТ: А-а-а… се шегуваш… Вие граѓаните не верувате во бога. Дури ни за пост не знаете — на бадник јадете петел, а на божиќ — расол! Ништо, тоа да го оставиме за другпат… (Му пушта рака.) Та, како си ти, како сте дома; жена, дечиња, арни сте си сите?
ЈОНЧЕ: Како да речам…
СЕЛАНЕЦОТ: Татко, мајка, сите сте си убаво?…
ЈОНЧЕ: Е-е-ех…
СЕЛАНЕЦОТ: Роднини, пријатели?…
ЈОНЧЕ: И-и-их!…
СЕЛАНЕЦОТ: А бре, мајсторе, не ме прашаш што сум дошол?…
ЈОНЧЕ: Да ти го купам тоа што го носиш во дисагите. Сигурно некоја пастрма смрдена имаш донесено и сакаш и за неа да земеш пари.
СЕЛАНЕЦОТ: Од кај пак тебе ти отиде на умот на пастрма смрдена? Може би да е нешто друго?…
ЈОНЧЕ: Може, можат да се и јајца смрдени…
СЕЛАНЕЦОТ: А, не, не!
ЈОНЧЕ: Да си некој сиромав верувам дека не, оти сиромајот од нужда ќе ги продаде уште на првиот муштерија само побрзо да си купи што му треба… а ти, што немаш нужда по десет пати ќе ги враќаш додека најдеш некој што има голема нужда.
СЕЛАНЕЦОТ: А, не, не!… Од каде пак ти сега смрдени кога вчера ги снесоа кокошките! Ами ти ми се чини не ме познаваш!… Ами јас сум тој што ми го извадивте забот! Зар со смрдени јајца ќе ја искажам мојата благодарност за тоа добро што ми го направивте вие? (Вади од дисагите кошница со јајца.)
ЈОНЧЕ: (изненаден.) Та кому му паѓало на ум по толку години да донесеш јајца за забот… Вистина, чесните луѓе и ако позабаваат, ама не забораваат (Се пушта да ја земе кошницата и со себеси.) Колку ќе се израдуваат децата…
СЕЛАНЕЦОТ: О-о-о!… јас не сум намислил да ти ги дадам така за забот. Знаеш ми требаат едеи чифт чевли за Велигден, а тебе сигурно ќе ти требаат за денов јајца, пак си реков да се погодиме, обајцата да го поминеме арно овај свет ден како домаќини.
ЈОНЧЕ: (вади јајце од кошницата и го нишка пред увото). Ова ти е расипано… (На неколку расипани едно наоѓа убаво и го двои настрана.)
СЕЛАНЕЦОТ: Ама, жив ми Ристоса златен и жими Велигден што ни иде, еве ти велам, вчера ги снесоа кокошките.
ЈОНЧЕ: (скршува едно и го наоѓа расипано.) Вчера ли е снесено?
СЕЛАНЕЦОТ: Е, едно се грешило. Замешала стопанката…
ЈОНЧЕ: (продолжува и натаму да крши од јајцата). Еве и друго!
СЕЛАНЕЦОТ: (го фаќа за рака). Ама остави, пријателе, имај верба кога ти викам, дека вчера ги снесоа кокошките.
ЈОНЧЕ: Добро де, ако се добри и ако ги скршам ќе ги земам. (Продолжува да крши но селанцот му ја задржува раката).
СЕЛАНЕЦОТ: Остави! Кога немаш верба остави! (Му го зема јајцето од рака и си ја прибира кошницата во дисагите.) Ајде ако можеме со пари да се погодиме. Зборувај, колку пари ќе ми ги направиш? Ама гледај цената како за пријател, немој…
ЈОНЧЕ: Колку чифта сакаш?
СЕЛАНЕЦОТ: Сега за сега — само еден чифт, колку за мене. А кога ќе порастат децата и стасаат за женење, за свадбата ќе правам повеќе. Ама кога ќе порастат, сега се уште мали. (Му покажува со раката до појасот.) На, тоцкави се уште, не се за женење!
ЈОНЧЕ: Јас само те прашам за да ти ја кажам цената.
СЕЛАНЕЦОТ: Само за мене. Ти кажувам, толкави се до појасов. Пак не ќе ги тргам за уши, побрзо да порастат за да ги женам. Господ си ги расте секој ден по малку…
ЈОНЧЕ: (се нервира). Добро, добро!…
СЕЛАНЕЦОТ: Е, зборувај сега колку пари ќе ми земеш. Само види ваму, (ѓаволски се потсмевнува) бидејќи јајцава не те бендисуваат, да се погодиме некако да ме причекаш за пари…
ЈОНЧЕ: (излегува од трпение). Што, вересија?!… Бегај, ѓаволе црни, скрши си вратот да не те гледам пред очиве, зашто ми се меша умов…
СЕЛАНЕЦОТ: Зошто? Та, ако ти барам да ме причекаш, не ти барам да ми ги поклониш! (Се шегува.) Имам едно прасенце, (покажува со раката колку една педа високо од земјата) еве олкаво е малечко сега, ќе порасне до Божик, ќе го заколам и од маста ќе ја продадам ќе ти платам. Ако сакаш ти купи ја! Ама сега уште малечко е за колење, (покажува повторно со раката) ти велам, еве толкаво е! Нема ни месо, камо ли маст!
ЈОНЧЕ: (отсечено). Не може!
СЕЛАНЕЦОТ: Јас, божем, зошто сме пријатели, си ми сторил добро, пак еве и јас да ти сторам, да нарачам кај тебе. И да те сторам со јајца за денов. Ти нејќеш! Да ме причекаш ако се може со убаво, со благо… Реков, „Со сила не!“.
ЈОНЧЕ: Оди земи фабрички… Можеби нив и јајцата ќе им требаат за правење отровни гасови, утре тебе да те трујат. Та, како што се расипани, и чевлите ќе ти се фатат без пари.
СЕЛАНЕЦОТ: (реагира.) Како зборуваш така, без пари; ами кокошките што ги ранам само со пченка? И тоа ваква пченка? — Од гноена нива! Та, направи им ја сметката да видиш колку пари јајцето ме врзува! Еве да ти ја направам сметката. А-а-а…
ЈОНЧЕ: Не ми треба!…
СЕЛАНЕЦОТ: А, рече од вакви… отровни гасови се прават, а?
ЈОНЧЕ: Треба да се прават, не познаваш како смрдат?
СЕЛАНЕЦОТ: А, мислиш поскапи да ги плаќаат?
ЈОНЧЕ: Од тазето? Секако! Тие се готови гасови!
СЕЛАНЕЦОТ: Што ќе речеш, вака да фрлат илјада парчиња цел полк ќе го задушат! Та не се согласуваш да ме причекаш до Божиќ?
ЈОНЧЕ: Ајде сега, бегај си…
СЕЛАНЕЦОТ: А ни за со јајцава не се согласуваш?… Е тврдоглав си бил!
ЈОНЧЕ: Оди си сега, ти кажав и кај да ги дадеш јајцата и кај да си земеш чевли.
СЕЛАНЕЦОТ: А бре, мене ми беше мило за со тебе да се погодиме, ха… со јајцава или да ме причекаш, та за со пари знам, јас бев таму и зедов два чифта (ги спушта дисагите да му покаже) и пак ќе земам. Само, денеска не сум повеќе при пари… Стопанката беше излегла…
ЈОНЧЕ: (не може да издржи). Ајде сега, бегај кога ти велам.
СЕЛАНЕЦОТ: Ајде, поздрави си ја стопанката и децата. В година ќе дојдам со тазе јајца, денес снесени! (Излегува.)
ЈОНЧЕ: Габајца!
(Од надвор допираат зборови на продавец весници: „Политика“, „Време“, „Правда“, „Ошишани јеж“… Влегува Злата и го затечува налактен на нозете и главата кај што ја држи во рацете.)
ЗЛАТА: Здраво, Јонче!
ЈОНЧЕ: (полека ја дига главата и се обѕрнува.) Здраво, Злато.
ЗЛАТА: (оди кај него и му ја става раката на главата). Јонче…
ЈОНЧЕ: Кажи, Злато…
ЗЛАТА: (го гали по косата). Е, де, дигни ја главата убаво, не ти пропадна парабродот во Атлантски Океан; та што си се замислил толку многу. Слушај, имаш ли време да ми направиш еден чифт чевли за до Велигден?
ЈОНЧЕ: (станува). Имам… (Со себеси). И за повеќе ако сакаш.
ЗЛАТА: А имаш кроко кожа?
ЈОНЧЕ: Ако немам, ќе си набавам. Мислам дека за тебе е важно да ти се направат.
ЗЛАТА: Добро, Јонче. Ајде тога земи ми мерка. Колку пари ќе ми земеш?
ЈОНЧЕ: И ти ли ќе се пазариш? Сто и педесет динари.
ЗЛАТА: Многу, Јонче; жими тебе многу! Сега поевтини ќе ми ги направиш.
ЈОНЧЕ: Повели седни. (Зема тетратка, молив сантиметар и и зема мерка.)
ЗЛАТА: Откако се ожени веќе ич не ме гледаш…
ЈОНЧЕ: Не ми личи…
ЗЛАТА: Ту, да ти се невиди и човекот, си се фанал за жената како слепен за стапот и не пушташ. Та ние сме си стари пријатели, не оти сега ќе се фаќаме.
ЈОНЧЕ: Сакам да и бидам верен.
ЗЛАТА: А дали ти е таа тебе верна?
ЈОНЧЕ: Јас така мислам…
ЗЛАТА: Не можам да верувам да ти е до толку верна колку што ти се надеваш. Сигурно нешто помалце! Не се сите како тебе, мерка ми земаш и се чуваш да не ти се доберат прстите до ножињава. А порано, кога беше ерген, „Намини кога ќе сум сам да ти земам мерка“. И кога ќе ми земаше: „Што пусти убави ножиња имаш мори, Злато!“. Тие се ножињата, што не кажеш еден збор убав и сега?
ЈОНЧЕ: (се повлекува кај пангото). Е мори, Злато, ти уште си златна, ама јас ’рѓосав! Какви ќе ги сакаш?
ЗЛАТА: Ќе ти донесам чевел за мостра. (Го разгледува дуќанот како е во неред).
ЈОНЧЕ: (со себеси). Пукна ѓаволот да дојде еден муштерија кој нема да бара вересија.
ЗЛАТА: (се шегува). Ама мене ќе ми ги направиш малце поевтини и ќе ме причекаш додека ми прати татко ми.
ЈОНЧЕ: (разочаран). И ти ли на вересија и поевтини?! Јас не се надевав во тебе… (Го зафрлува моливот на пангото.) Да, сите муштерии се веќе еднакви! Но, додека ги држиме дуќаниве, мораме на по некој и поевтино, а и вересија да им направиме…
ЗЛАТА: (многу ја интересува). Што, да не мислиш да затвориш?
ЈОНЧЕ: Се разбира, кога нема работа. А и до колку ја има без печалба или минимална. Како што гледаш капиталот, кој не беше мој, го појадов. Сега што? Од каде ќе се плати?
ЗЛАТА: А да ме земеше мене окото не ќе ти трепнеше. Тоа го знаеш?…
ЈОНЧЕ: Знам.
ЗЛАТА: Ама ти ме излага и зеде друга. И сега страдаш за парче леб!
ЈОНЧЕ: Кој те излагал?
ЗЛАТА: Од мене немој да криеш. (Мило.) Слушај, јас и сега би те зела!
ЈОНЧЕ: Да ја оставам жената?!
ЗЛАТА: Сигурно, харем нема да правиш…
ЈОНЧЕ: Како е возможно, јас сум татко на две деца!…
ЗЛАТА: И за децата ќе биде подобро, нема да ти гладуваат! Помисли се малку! Погледај се, ти ли си тој Конте! Сам човекот си ја кове среќата! Ќе станеш човек независен од никого. Место да бидеш пропаднат чевлар — ќе бидеш богат трговец! Размисли ти велам!
ЈОНЧЕ: Тоа би било грев дури и да размислувам кога со неа ме врзуваат две деца.
ЗЛАТА: Веќе еднаш ти реков, дека и за децата ќе биде поарно. Се разбира, заради љубовта неограничена кон тебе и нив ги признавам. И нема да ти гладуваат! (Вади од чантата илјада динари и му ги подава.) Земи ги нека ти се најдат! Јас се научив за твојата положба и затоа дојдов, а не што ми требаа чевли. Нема да допуштам да гладуваш кога мене, речиси, ми се претуриваат.
ЈОНЧЕ: (одбива да и ги прими). Благодарам, но не можам да ги земам оти нема да можам да ти ги вратам.
ЗЛАТА: Јас и не сакам да ми ги вратиш. Ти ги поклонувам како награда за првата целивка, којашто остави длабок спомен во душава моја и во животов мој. (Воздишува.) Ех, среќна бев тогаш но не и сега кога се повеќе и повеќе увидувам дека пропуштив да се омажам за прав човек. (Повторно му ги дава.) Дрш… земи ги!…
ЈОНЧЕ: (пушта рака да ги земе и пак ја тргнува). Не, не… не можам, се плашам…
ЗЛАТА: Од што се плашиш? Меница не ти барам, со ништо не те задолжувам. Земи ги кога ти велам, ти ги поклонувам! А за другото поразмисли. Наеднаш ќе станеш друг човек, богат човек и од секого уважаван.
(Петре се појавува на вратата каде се задржува малку. Целиот е пропаднат, небричен, испокинат и на плеќите избрашнавен. Во раката држи јаже што носел вреќи. Злата пак му ја подава илјадарката на Јончета скришум од Петрета, но тој како и порано, ја одбива да ја земе, така ја сокрива во чантата.)
ПЕТРЕ: Добар ден, Јонче.
ЈОНЧЕ: Здраво, мајсторе. (Му подава стол да седне.) Повели…
ЗЛАТА: Значи така, за мостра јас ќе ти донесам чевел. (му намигнува.) А за она ти пак поразмисли! Сега, до гледање! (Излегува.)
ПЕТРЕ: Та, како си ти, калфа? (Разговорот тече сосем интимно и со паузи.)
ЈОНЧЕ: Црви, мајсторе!
ПЕТРЕ: Од големите?…
ЈОНЧЕ: Од малите, од тие што не се дотеруваат! А ти?
ПЕТРЕ: Како што знаеш, јас веќе до сосем пропаднав… Пак вие младите, со тие — фигурите ваши можеби да меткате уште по малу, ама за нас нема ни игла да дупнеме. Барем крпачници да ни отвореа фабриките — крпачи ќе станевме, за едно суво парче леб, без манџа, белки ќе имавме, а вака ни тоа го нема. Еве неколку дена останавме без леб со старата. Та (плаче) денеска станав амалин за да дојдам до десет динари и да купам леб.
ЈОНЧЕ: Не си само ти, мајсторе, сите сме така. И не само ние тука, милиони маченици се како нас. Кој вчера пропаднал, кој денес, кој утре… Сите ние занаетчиите ќе пропаднеме. Не само ние, од нашиот занает!… Делми го пуштија
туѓиот капитал, и самари фабрички ќе видиш на пазар… Кога за нас што сме со дуќани нема работа — крпачка, а што остана за калфите — работниците! Целиот пролетаријат страда од оваа криза, занаетчиите, дури и малите фабриканти се потиснати. Магнатите ги урнуваат цените за да позатвораат се што е послабо од нив за тие да господарат! А кога се ќе позатвораат, туку ќе видиш дупло кај скокаат цените. Само кој ќе остане жив, ние нема да видиме.
ПЕТРЕ: А тие, големите ги отпуштаат работниците?
ЈОНЧЕ: Деведесет на сто ги отпуштаат.
ПЕТРЕ: А зошто пак тие?…
ЈОНЧЕ: Ја затвориле парата во стока, муштерии нема — не се продава, и затоа. Сега сакаат војна.
ПЕТРЕ: Не разбирам зошто пак да сакаат војна?
ЈОНЧЕ: За да им се отвори работа, да прават оружје. Да го изгорат народов за тие да го дособерат златото од народов. Ништо не ги сити! Та, за тоа ти викам: не сме само ние, милиони маченици сме ние!
ПЕТРЕ: (со голем бол во душата). Милиони маченици сме ние…
ЈОНЧЕ: Еве, на пример кај нас: фирмата „Бата“ го поткупува за неколку милиони динари министерот на трговијата и индустријата за да и позволи да отвори фабрики и филијали во Југославија. А кога се нашле некои од колегите негови — министри да се спротиват и ним им дал по некоја коска — по некое милионче да не лајат.
ПЕТРЕ: А ние се надеваме да го затворат…
ЈОНЧЕ: Тие нас не загубија и нема на што од нив да се надеваме. Пазарот од ден до ден се повеќе умира, а даноците се наголемуваат. Кулуци фрлат, божем, нешто ќе направат, а и за тоа стегаат пари да земат место да работиш, џебовите да си ги полнат. А и тие што отишле што направиле? Колку да не се дома… „од Дунав црпат вода, во Сава фрлаат“.
ЦАРА: (влегува и уште од врата). Што правиш ти бре, човече?!
ЈОНЧЕ: Што да правам?…
ЦАРА: Ами види, позајми се некаде и купи им на децана леб. Не се трпат веќе, кое ваму — кое таму се тркалаат и плачат како, божем, некој да ги коле. Та нас веќе кој не гледа, не зел ѓаволот да не носи!
ЈОНЧЕ: Што да правам, да легнам мене да ме јадат…
ЦАРА: Ама не е така, маж си, треба да си најдеш некој исход! Излажи некого, зајми се!
ЈОНЧЕ: Да излажам, тоа ли ме советуваш? Да ја загубам честа? О, не! На тоа никој не ќе може да ме присили! Сиромав може да се живее, ние сме милиони маченици кои гладуваме, но сепак живееме, ми се чини, затоа што уште честа не сме ја загубиле. Подобро чесен в земја одколку несечен над земја.
ЦАРА: Тоа можат само неспособните луѓе да го направат, а способните — ќе украдат и децата ќе си ги нахранат. (Плаче). Јас будала што те зедов тебе неспособен, што не можеш некого за сто динари да го излажеш во вакви денови…
ЈОНЧЕ: (и ги става рацете на рамењата и ја теши). Не можам, жено, разбери ме. Остави ме да размислам.
ЦАРА: Нема тука што да се мисли, треба да се лаже за да може да се живее. „Ами научи го — ми вели тетка Фанија — нека излаже некого, нека го закрпи како него што го имаат закрпено и нека им донесе на дечињава леб да не ти плачат. Што било тоа да бил толку затворен. Ами — ми вели — мене тетин ти црвило да не ми донесе за бузиве ќе го оставам, камо ли леб. Господе боже —
ми вели и се прекрсти — што не му ги оставиш децата и да му побегнеш по друг, ти си млада…“ И да знаеш дека така ќе ти направам, ќе ти ги оставам децата и ќе си одам… Ако не по друг, тоа барем… при мајка ми! Чу ли?
ЈОНЧЕ: (и ги става рацете на рамењата и ја убедува). Тоа само за малу, нема вака секогаш да биде, стрпи се… Ќе помислам јас…
ЦАРА: Ми вели тетка Фанија: „Додека умните — за тебе — мудруваат, будалите преубаво ќе си го поминат животот“…
ПЕТРЕ: Та оставете го човекот да размисли. Треба да се најде некој исход за секој ден да се живее, не само за еден ден. Ако излаже еднаш, два пати, три пати, не се лаже секој ден!
ДАНОЧНИОТ ЕГЗЕКУТОР: (влегува со чанта под мишка, која ја остава на масата, и после вади од неа решение и му го дава на Јончета). Вие ли сте стопанот на оваа фирма?…
ЈОНЧЕ: Да, јас.
ДАНОЧНИОТ ЕКЗЕКУТОР: Потпишете…
ЈОНЧЕ: Што е ова?… (Чита.)
ДАНОЧНИОТ ЕКЗЕКУТОР: Изминаа месец и неколку дена од како истече срокот за плаќање данокот за ова тромесечие, а вие уште не сте го исплатиле целиот данок. Потпишете во името на законот!
ЈОНЧЕ: Затоа што не сум имал од каде, а не што не сум сакал да го платам. Најпосле поголемиот дел го имам исплатено и останала една мала сума од четириесет и седум динари за која нема смисла да ми се врши попис.
ДАНОЧНИОТ ЕКЗЕКУТОР: На државата треба до последната пара навреме — напред да и се исплати, па да можам и јас својата плата навреме — напред да си ја земам. Јасно ли ти е? Потпишете во името на законот!
ЈОНЧЕ: Се нема од каде, нема работа.
ДАНОЧНИОТ ЕКЗЕКУТОР: Мене и кралот тоа не не интересува! Ако немаш, еве тука има двајца свидетели, ќе ти вршам попис! Решението го прими. И-и-и-и… во името од законот, кој ми дава право, ќе вршам попис.
ЈОНЧЕ: Прави што сакаш, од оваа кожа во друга не можам да влезам.
ДАНОЧНИОТ ЕКЗЕКУТОР: (вади од чантата тефтер и го става на пангото, а по тоа оди зема една кожа од рафтот и кон Петрета и Цара). Да кажеме дека оваа кожа чини дваесет динари, за посигурно ние ќе ја прецениме десет! (Бележи.) А, пардон, (кон Петрета и Цара) Како ви беа имињата ваши? Тоа по законот бездруго треба да се назначи во записникот!
ЈОНЧЕ: Таа кожа е шест фуса, по триесет и пет динари фусот чини двесте и десет динари.
ДАНОЧНИОТ ЕКЗЕКУТОР: Член… а-а-а… точка… а-а-а… Во законот јасно стои дека е најарно да се процени еден предмет што се зема во попис што помалу и јас тоа го правам само во името на законот! (Оди и зема друга кожа.)
УРЕДСКИОТ ЕГЗЕКУТОР: (влегува исто така со чанта). А-а-а… стопанот на дуќанов…
ЈОНЧЕ: Јас сум.
УРЕДСКИОТ ЕГЗЕКУТОР: А-а-а… вие му должите на уред, за два ученика за месец март ланската година, дваесет и шест динари.
ЈОНЧЕ: За ланската година! Невозможно! До последниот час што сум држал чираци се сум исплатил.
УРЕДСКИОТ ЕГЗЕКУТОР: А-а-а… државните тефтери, треба да се согласиш, дека тие не лажат…
ЈОНЧЕ: (ја загубува ладнокрвноста). Како не лажат, ами ако ти ја покажам признаницата дека сум исплатил?…
ДАНОЧНИОТ ЕГЗЕКУТОР: А-а-а… и како му било, државните тефтери не лажат и мора да им се верува!
ЈОНЧЕ: (грубо). Тогаш ти лажеш!…
УРЕДСКИОТ ЕГЗЕКУТОР: А-а-а… тоа е навредливо во званична должност! За тоа се одговара пред кралот и неговата власт!
ЈОНЧЕ: Прави што сакаш! Јас кажав дека сум платил и можам да ви ја покажам признаницата.
УРЕДСКИОТ ЕГЗЕКУТОР: А-а-а… тефтерот не лаже, да беше платено ќе беше и бришано. Ако не ги плаќаш, ќе вршам попис!
ЈОНЧЕ: Одите по ѓаволи! Од една коза барате две кожи!
(Уредскиот егзекутор вади хартија од чантата и оди, фаќа од кожите кои ги прибрал даночниот егзекутор).
ДАНОЧНИОТ ЕГЗЕКУТОР: Се што гледаш е земено во попис за данок! (Ги трга кон себе кожите.)
УРЕДСКИОТ ЕГЗЕКУТОР: (се пушта по една кожа и ја трга). Та остави една и за мене…
(При оваа положба влегува трговецот Горѓи, добро облечен, со испуштен мев и голема чанта — трговска, застанува на вратата многу важен и гледа. Јонче, штом го забележува, му приоѓа.)
ЃОРЃИ: (од местото кај што е застанат близу до вратата се распулува по рафтовите и го прави лицето кисело). Јонче!…
ЈОНЧЕ: Повели, господин Горѓи…
ЃОРЃИ: Толку време стана, ништо не пазариш кај мене, ни оти пак долгот си го исплатуваш. Или… со моите илјада и неколку динари кај други трговци пазариш?
ЈОНЧЕ: Не, господин Ѓорѓи, какво тргување! Работа се нема.
ЃОРЃИ: Штодека знам, пари си сакам!
ЈОНЧЕ: Сега сите само на фабрички трчаат. А и крпачница ни отворија…
ЃОРЃИ: Е, добро, ама тоа мене не ме интересува, барам да ми се плати. Јас нема да позволам шкембево мое да стане како твоето — питулица!
ЈОНЧЕ: Добро, господин Ѓорѓи, јас сум направил кај тебе неколку стотини илјади динари обрт, та зар ти малку имаш спечалено на тоа, да не сакаш да причекаш? Та сето тоа што ти должам е од мојата пот, а не од твојата сермија!
ЃОРЃИ: (се разлутува). Сум те кредитирал толку години да можеш да си го извадиш парчето леб и најпосле имаш смелост да кажеш дека се тие твоја пот. Засрами се малку!
ЈОНЧЕ: Зошто да се срамам? Јас сум работел со работниците само за едно парче леб, а ти си уживал, натрупал капитал и суво злато од потта наша и си пуштил полна вреќа шкембе. (Петре одобрува со глава.) И пак не ти ги откажувам, ќе ти ги платам. Само сега немам. И јас имам преку дваесет илјади динари – вересија за прибирање, па кого да го фанам за гуша да ми ги плати?
ЃОРЃИ: (палејќи цигаре). Тоа не ме интересува!…
ЈОНЧЕ: Добро, штом не те интересува, јас пак ќе барам, по закон, да ми пресметаш работа за цело време што сум ти правил обрт.
ЃОРЃИ: (така лошо се изнасмевнува што станува нужда да се забрише со крпа). Кому ќе се жалиш бре, парталко, власта е наша, а не на вас, голтари!
ЈОНЧЕ: (столчен). Така е, ти си прав.
ПЕТРЕ: (одобрува со главата). Дури и ние сме нивни.
ЃОРЃИ: (вади меница од чантата и му ја покажува). Гледаш ли? Како да имаш заборавено дека оваа ја имаш потпишано отворена. А еве овде пишува: до десет илјади динари. И не јас тебе рабат, туку ти ќе ми платиш, ако ти ја протестирам на десет илјади, уште и интерес на целиот обрт што си го направил!
ПЕТРЕ: (се приближува од Ѓорѓија и со молба) Та имајте милост, господине, еве неколку дена децата касај леб не му се каснати. Умираат!… (Покажува на Цара.) Женава му бара динар за леб да им купи на децата и дека нема да и даде, му се заканува дека ќе му избега. Овој ваму врши попис за четириесет и седум динари данок; другиов за дваесет и шест динари уред… што го има платено човеков…
ЃОРЃИ: (го турнува Петрета така лошо што паѓа) Ако тој и децата негови можат да гладуваат — јас и децата мои не можеме! (Оди кај даночниот егзекутор.) Кој сте вие?
ДАНОЧНИОТ ЕГЗЕКУТОР: Даночен егзекутор.
ЃОРЃИ: И што сакате?
ДАНОЧНИОТ ЕГЗЕКУТОР: Барам да ми плати четириесет и седум динари… Но, бидејќи нема да ми плати му вршам попис.
ПЕТРЕ: По десет динари кожата ја пресметува!…
ЃОРЃИ: Знаеш ли ти чии се тие кожи што ги попишуваш? — Мои! (Вади пари и му дава.) Еве ти четириесет и седум динари, земи ги и да те нема одовде!
ДАНОЧНИОТ ЕГЗЕКУТОР: И десет динари егзекуторски трошоци…
ЃОРЃИ: (му дава уште десет динари). Веднаш да се губиш одовдека, ако ти е мила службата!
ДАНОЧНИОТ ЕГЗЕКУТОР: Разбирам, еве ќе си одам. (Ги прибира парите и книгите во чантата и излегува.)
ЃОРЃИ: (кон уредскиот егзекутор). А ти, бре?…
УРЕДСКИОТ ЕГЗЕКУТОР: А-а-а… јас само дваесет и шест динари… и десет динари егзекуторски трошоци — триесет и шест…
(Ѓорѓи вади пари и нему да му плати, но Јонче протестира.)
ЈОНЧЕ: Твоите не ги признавам, ти кажав дека сум ги платил.
ЃОРЃИ: Камо ти ја признаницата?
ЈОНЧЕ: (вади цело топче признаница и му ја покажува). Еве… за февруари ланската година.
ЃОРЃИ: (проверува) Така е.
УРЕДСКИОТ ЕГЗЕКУТОР: (и тој ја проверува). А-а-а… да… ама тефтеров покажува…
ЃОРЃИ: (не му дава да се доискаже, го зема за јака и го исфрли низ врата, а потоа седнува на местото од Јончета кое му е за работа) Јонче, види ваму: Кредитот сум ти го отворил за еден месец и треба да го исплатуваш за да добиеш друг. Штом престануваш да правиш обрт кај мене, целата сметка до крајот на месецот треба да ја исплатиш. Јасно ли ти е? А ти еве неколку месеци ништо не си нарачал, ни оти пак си го исплатил долгот. Затоа веднаш или пари или ќе ти ја протестирам…
ЛАМБЕ: (влегува и уште од врата, со кое го спречува Ѓорѓија да се доискаже) Ама ти, мамо, пак ме излажа! Ми рече: „Еве сега да му земам на татка ти пари и ќе ти донесам…“
ЦАРА: (го притиснува на себеси и го гали по косата) Па што да ви правам кога еве не спечалил!
ПЕТРЕ: (оди кај Ламбета и исто така и тој го гали по косата). Златните дечиња, друг ви го јаде касметот ваш.
ЛАМБЕ: (се оддрпнува од Цара и оди, го дрпа Јончета). Ми се јадеее… дај ми леб да јадам!
ЈОНЧЕ: (кој веќе е растроен) Што врескаш, бре! (Му удира шлаканица) Еве ти леб!… (Се свестува и му паѓа тешко, седнува и ја зема главата во рацете.)
(Ламбе списнува и се пика со главата во скутот на мајка си)
ЦАРА: Што го биеш сега детето… или не можеш на магарето, удираш на самарот!
ЃОРЃИ: (му дава на Ламбета еден динар) Еве ти еден динар да си купиш леб. (Го зема за рака и го испраќа низ врата) (Ламбе излегува) Не можеш сам да се израниш, си направил копилиња!
ПЕТРЕ: Зошто копилиња кога си се од законска мајка и татко?…
ЃОРЃИ: (потстанува и му се заканува да го удри). Молчи бре ти, парталко!
ПЕТРЕ: Вие многу дигнавте глава ама (гледа во Јончетата како да сака да му потврди), чекај, и вас ќе ви дојде црн петок!
ЃОРЃИ: (од лутина потстанува од местото) Ако те грабнам под нозе ќе те згазам тебе, голтар!
ПЕТРЕ: Е-е-е… удри ако ти личи на стар човек…
ЃОРЃИ: Истерај го овега да си оди!
ЈОНЧЕ: Како ќе сум го истерал, тој е мајсторот мој.
ПЕТРЕ: (станува) Ќе си одам, Јонче, ќе си одам, не можам да го гледам… (Излегува)
ЃОРЃИ: (се навалува убаво на еден од столовите и задоволен се смее) Ха, ха, ха…
(Цара го изгледува Ѓорѓија крвнички и излегува. Влегува трговецот Косто, сув, висок, со очила, спорт облека, носи две чанти, едната голема со материјал, а другата актен-чанта. Ѓорѓија го затекнува закашлан од смеење. По него влегува полицискиот писар со актен-чанта.)
КОСТО: (намрштен и од високо). Здраво, Јонче…
ЈОНЧЕ: Здраво…
КОСТО: Ти, Јонче, еве веќе неколку месеци не земаш сермија од мене, нити пак си го плаќаш заостанатиот долг и, логично, јас бев принуден да ти ја протестирам меницата и да си ја обезбедам сумата што ми ја должиш. Сега што велиш, долгот изнесува седумстотини четириесет и еден динар, плус судските трошоци за протестот, за кои ќе ти каже господин полицискиов писар колку изнесуваат. Ќе можеш ли веднаш да ги платиш во готово, да не ти ја попишуваме сермијава и алатов?
ЈОНЧЕ: Сега ни дупнат динар немам. Јас мислев да го продадам едно лозје што го имам наследено од татко ми и да ви платам и тебе и на господин Ѓорѓија…
КОСТО: Тоа ќе беше многу кавалерски од тебе ако го направеше досега, а сега? — сега е доцна веќе! Меницата е протестирана! Сега треба веднаш да платиш, инаку…
ЈОНЧЕ: А сега правете што знаете. Јас сум паднат в море и од дожд не се плашам. Нека ви служи на честа… Илјадници имате спечалено од потта моја и од работниците и, денеска, кога немам работа да ви го умножувам вашиот капитал, сакате да ми го земете и алатов, којшто крваво сум го стекол. А не е ни законски алат да се зема, само… ете така, законите важат до колку ве штитат вас, а до колку не штитат нас… тоа не го гледа полицијата…
ПОЛИЦИСКИОТ ПИСАР: (Го фаќа за уво) Ти се буниш против законите и кралот којшто ги потпишал, а?
КОСТО: (на полицискиот писар) Остави го!
ПОЛИЦИСКИОТ ПИСАР: (на Коста) Имате ли цигари? Знаете, како што дојдовте на брзина и не ми остана време да си земам…
КОСТО: (вади кутија и му дава цигари) Не пушам, но за пријатели носам. (На Јончета) Види некако, снајди се, плати ми. Та зар јас сум крив што ти немаш работа? Та јас признавам дека вашата несреќа е и моја. Сега треба да фаќам друга трговија. Ама до толку повеќе јас не можам да се откажам од моето побарување. Ако не можеш да платиш, редно е да извршиме попис за да си ја обезбедам со пот стечената сума. Гледаш како сум се уморил што сум дошол докај тебе. (На полицискиот писар) Јас моето го сторив, сега повеќе немам што да му правам и затоа можете да правите тоа што ви наредил вашиот началник.
ПОЛИЦИСКИОТ ПИСАР: Разбирам, господине… веднаш!
(Косто оди и ги прибира кожите од рафтот, но во исто време оди и Ѓорѓи и му ги отима од рацете и така се отимаат на кожите се додека, Ѓорѓи не му ги истргнува од рацете. Во овој момент, додека овие се отимаат на кожите, зурлаџиите и тапанџиите придружени од маса деца се враќаат и препоминуваат пред дуќанот викајќи „Долу чевларите, да живее „Бата“ оборувачот на цените… Спасителот на народот…“)
ЃОРЃИ: Овие се мои кожи, а ти барај ги твоите!
КОСТО: (со иронија) Ти си ја протестирал меницата?…
ЃОРЃИ: Не, ама… ќе ја протестирам.
КОСТО: Штом така, сега ќе се попишат за да се плати прво долгот мој, па ако остане за тебе… Пописот се врши по редот како што се протестирани мениците. (Со иронија) Јасно ли ви е? Ако не ви е јасно, нека ве запознае писаров со законот…
ПОЛИЦИСКИОТ ПИСАР: (на Горѓија благо) Вие трговец сте?
ЃОРЃИ: (се исправува гордо пред него и покажува на стомахот) Еден од најголемите, кој можам да го купам овега!
ПОЛИЦИСКИОТ ПИСАР: (се поклонува) Моето уважение, имајте трпение: мајсторот има и лозје! Ќе му ја протестирате меницата и јас ќе му го земам лозјето, а вие ќе го јадете грозјето!
КОСТО: Тој бил најголемиот трговец (Се удира во градите) А кој сум јас! Колку пари имате да земате од мајсторов?
ЃОРЃИ: (гордо) Двојно од твоите!
КОСТО: Колку?
ЃОРЃИ: (со подвлечување) Илија четиристотини триесет и седум; педесет и седум што му го платив данокот и еден динар пред малку што му дадов на детето негово за леб да си купи, да не ми брчи на ушиве, се на се: илјада четиристотни деведесет и пет динарчиња, рамно!
КОСТО: (го вика настрана Ѓорѓија и вади пари) Мислам, не е убаво пред овега (за Јончета) да се караме меѓу нас. Еве јас да ти платам тебе, и така ќе му ја попишеме стокава ќе си ги наплатам сите. Да не рече овој меѓу себе ќе се изедат овие за динар. Разбираш?
ЃОРЃИ: (ги прибира парите и му ја дава меницата). Сепак јас дојдов побрзо до моите пари, а ти копај си ги очите со него! (Излегува)
КОСТО: Ха, ха, ха… најголемиот трговец (на полицискиот писар), а се понижи да ги земе од мене! (Ја гледа меницата и од изненада ги расчочорува
очите. Со себеси) Отворена на десет илјади динари! Овој бил покопил од мене за да го држи в раце! Но… јас покопил за да ги наплатам!… (Се смее силно)
(Влегува Злата со чевли завиени во рацете, Косто, кој во тој момент стапува чекор назад, ја згазнува на ногата. Злата го бутнува и овој престанува да се смее и се обѕрнува)
ЗЛАТА: Што сакаат, Јонче, овие овде?
ЈОНЧЕ: Остави ме, Злато. Денеска уште поголем малер ме затера — се насобраа овде како врани на мрша: попис за данок, попис за Уред, попис еден трговец, попис друг трговец… Едниот го плати данокот, овој му плати нему се… И на крајот се што должам на овега му должам.
ЗЛАТА: Колку му должиш?
ЈОНЧЕ: Не прашај, многу!…
ЗЛАТА: Ако де, кажи!
ЈОНЧЕ: (смета на ум) Две илјади двесте триесет и шест динари.
ЗЛАТА: Така кажи, што се срамиш? (Вади пари од чантата) Ти со твојот претеран срам ќе си умреш. Зајми се и плати им на вакви гнаси. Денес државите должат, не ти! Само на вакви гледај никогаш да не должиш!… (На Коста) Засрамете се! Што рече ЈОНЧЕ: „Сте се собрале како врани на мрша“. (Му брои пари)
КОСТО: (ги прибира парите) Малку се!…
ЗЛАТА: А колку треба?
КОСТО: (ги вади мениците и смета) Десет илјади седумстотини четириесет и еден динари.
ЗЛАТА: (вади и други пари и му брои) На!
ЈОНЧЕ: (реагира). Како, господин Косто?…
КОСТО: (саркастично) Протестираната меница на седумстотини четириесет и еден динари и другава десет илјади, рамно — колку што ти реков!
ЈОНЧЕ: Оф, јас сиромав, ме изгоревте. (Му свиснува главата и ја дочекува в раце)
ПОЛИЦИСКИОТ ПИСАР: (го опоменува). Господин Косто!…
КОСТО: (го зема настрана) Ти ќе си ја добиеш твојата награда.
ПОЛИЦИСКИОТ ПИСАР: А, така да…
КОСТО: (кој веќе ги прибра парите од Злата, бара кусур да и врати) Значи ти сакаш девет динари да ти вратам?…
ЗЛАТА: Јас ништо не сакам назад, нека ти се најдат тие за јаже. Само, дај ги тука мениците.
(Косто и полицискиот писар и ги даваат мениците на Злата, која ги зема и ги искинува) Сега не должиш никому ништо!
ЈОНЧЕ: Само тебе…
ЗЛАТА: Пари никому ништо!
ПОЛИЦИСКИОТ ПИСАР: (на Коста) А судските трошоци?!…
КОСТО: Јас ги заборавив… (Застанува гордо пред полицискиот писар) Ништо, јас сум бил секогаш поголем кавалер од секого! Му ги опростувам! (На Јончета) Е па, Јонче, нема што да се лутиш, трговијата си е таква. Ако имаш нужда од материјал пиши ми едно писмулче и стави во пликот една отворена меница со потписот твој и јас сум должен да ти пратам. Тоа ми наложува мојата трговска должност, свест и кавалерство. Трговијата ти е како и политиката, тука нема срам и држење лутина.
ЈОНЧЕ: Ти благодарам на честа… Те молам, ослободи ме — оди си!
КОСТО: Молам, молам, ако пратиш меница јас пак ти стојам на услуга. (Го зема полицискиот писар под рака и кинисуваат) Ајде сега ние да се напиеме и да си ја видиме сметката. (Излегуваат со полицискиот писар)
(Јонче и Злата остануваат сами)
ЈОНЧЕ: (и ги зема обете раце на Злата) Злато, ти премногу ме задолжи. Јас никогаш и со ништо нема да можам да ти се отплатам.
ЗЛАТА: (вади од чантата илјада динари и му ги дава) Земи ги за храна да ти се најдат. Ако ме одбиеш, ќе ти се налутам!
ЈОНЧЕ: Та остави, Злато, јас не знам како ќе можам да се видам со тебе кога нема да можам да ти се оддолжам. (Ја зема илјадарката)
ЗЛАТА: Со љубовта што ќе ми ја посветиш, со срцето што ќе ми го поклониш; ете со тоа ќе ми се оддолжиш. И секогаш кога ќе ти требаат, јас ти стојам на расположение. Мене тоа ми прави задоволство. А за она ти пак размисли! (Излегува сосе чевлите и од врата) До гледање!
ЈОНЧЕ: (останува сам и со книга си прави ветар пред челото) Пу-у-у… каков чуден ден!… Јас веќе само на лошо мислев… Но, требало трпение,.. (Ја вади и ја гледа илјадарката) Пусти пари, со вас сега ќе ја стечам љубовта на жената… (Воздишува) Е, свет, свет, расипан свет!… како узбуркано море корабон така и ти ги носиш чесните луѓе во пропаст. Да? таков е животот тежок и на сето тоа мора да се издржи… А кога расипаниот свет живее зошто па чесниот да загине? Да, та јас не би бил никаков човек кога би ги заклал децата и себеси. Животот е борба и ќе се борам! Јас сум млад и ќе најдам исход! Та колку е убаво да имаш дечиња, да ги растеш, да ги учиш и да ги гледаш со секој изминат ден се поголеми и познајни, и еден ден израстени и учени. Та зар морам да бидам дуќанџија? — не ќе работам што ќе најдам, рудар ќе станам… Од работа — не е срамота! Нека се срамат оние што живеат како паразити на грбот од друг, а јас ќе се сеќавам горд што парчето леб со пот ќе си го вадам.
(Влегуваат Илче и Сандре расположени)
ИЛЧЕ: Знаеш ли, мајсторе, што е ново?
ЈОНЧЕ: Денеска многу новини ми препоминаа преку глава. Оставете ме да си отпочинам, другпат ќе ми расправите.
САНДРЕ: Ама оваа новост е интересна!…
ЈОНЧЕ: Добро, кажувајте, ќе ве слушам. (Седнува Илче и Сандре исто така седнуваат)
ИЛЧЕ: Денеска сум ти организирал штрајк на сите чевлари, мајстори, калфи, чираци, во знак на протест против владата, што го пушти туѓиот капитал во Југославија.
ЈОНЧЕ: Протест!
САНДРЕ: Навистина интересно, зар не?
ИЛЧЕ: Протест против…
ЈОНЧЕ: Чекај, бре…
ИЛЧЕ: Нема тука што да се чека, треба да се протестира! Ние се надевавме да ги ограничат филијалите само по големите градови, кога веќе не се може сосем да го затворат, а тие место тоа им допуштија и крпачници да отворат дури и во најмалите места.
ЈОНЧЕ: Уште една лоша новина плус сите што ги доживеав.
ИЛЧЕ: Овој наш штрајк е протест на тоа!
САНДРЕ: Секако ќе бидат организирани насекаде.
ИЛЧЕ: И ги поканав да се соберат овде од каде ќе испратиме протестна телеграма.
ЈОНЧЕ: Од овде?
ИЛЧЕ: Да. Што ти се плашиш?
ЈОНЧЕ: Ако се плаши пцојсано магаре од волк та јас…
ИЛЧЕ: Па тогаш што?
ЈОНЧЕ: Брзав да купам леб и да им однесам на децата…
(Влегува една партија чевлари — штрајкачи)
ИЛЧЕ: Повелете… седнете кој каде ќе најдете место. И на подов е слободно. (Штрајкачите испоседнуваат) Така како што ви реков другари: ние нема зашто да се плашиме од полицијата кога сме грото во државава. Господата од владата лапнаа по неколку милиончиња и го пуштија „Бата“, дурги и подруги… да ни го одземат и сувото парче леб што го јадевме. Што рече пред малку мајсторов Јонче: „Ако се плаши пцојсано магаре од волк та ја…“ Тоа важи за сите нас, другари. Сите ние денес претставуваме пцојсани магариња… И тогаш што да се плашиме? Па кога знаеме што не чека, зошто да стоиме со рацеве скрстени и да чекаме од бога алвица? Дајте да го дигнеме нашиов глас — да протестираме, да го браниме нашето право. (Гласови „Така е“) До игла од раката на работникот излегува, а тој ја нема да се закрпи! Палати ѕида, во колиби живее! Земјата ја обработува, за него суво корче леб не останува — го страда! Оваа власт, е само за торбите свои да ги полни, од трговците и чиновниците, а се друго е роб! Утре ако ја нападне некој непријател земјава ние ќе треба да ја браниме, а тие од скривалишта ќе даваат команда. Но ние ќе ја браниме, другари оти е наша, херојски ќе ја браниме! Но и сега треба да се бориме за нашите права!
(Сандре ракоплеска, кое го прифаќаат и другите. Гласови: „Така е!“ Влегува нова партија штрајкачи и се преполнува дуќанот. Од улица се слуша гласот на продавач весници: „Политика“, „Време“, „Ошишани јеж“… Откако поседнуваат придојдените)
Ние работниците сме милиони маченици.
Маченик сум и јас како вас:
Од работник сум дете
и работник сум сам;
рацеве ми се со плуски и двеве,
утехата ми е — не сум сам!
Работиме ко скотој
прегнати во јарем,
снагава ни гние во реки од пот,
срцава грчат ко ѕвер ранет.
Од потта друг се слади,
а ние сме гладни!
Со пушка, нож… в рака и сили млади
ќе дојдеме до права рамни!
САНДРЕ: Така е!
(Општо ракоплескање и гласови „Така е!“)
ИЛЧЕ: Другари и колеги, денеска ние ги затворивме дуќаните во знак на протест кон ненародната власт, која, како секогаш, покрај илјадните престапленија, направи уште една неправда кон нас слабите и потиснатите. Како секогаш што правеле тие предавници, така и во овој случај примија мито од туѓата фирма „Бата“ за да ја пуштат да не дотолчи, конкретно нас чевларите. Тие ни за секунди не фрлија опул на нас за да видат што станува со нас и како живееме. Додека од нас се бара повеќе отколку од секој друг.
САНДРЕ: Така е! (Ракоплеска)
(Општо ракоплескање и гласови „Така е!“)
ИЛЧЕ: Јас, другари, и колеги, предлагам, во знак на протест, целиов денешен ден да останат дуќаните затворени. Согласни ли се мајсторите? (Гласови „Согласни сме!“) Јас, другари и колеги, предлагам, од овој наш собор да испратиме протестна телеграма до министерот за трговија и индустрија во Белград. (Гласови „Се прима“!) Тогаш да ви ја прочитам телеграмата што сум ја подготвил. (Чита) До министерот за трговија и индустрија во Белград. Ние занаетчиите чевлари, мајстори, калфи и чираци протестираме со еднодневно затворање на дуќаните против неправдата која ни ја направивте со пуштањето туѓиот капитал во нашава земја и не оставивте без леб, и апелуваме да застанете на нашата страна, а не на страната од светскиот магнат „Бата“. Се прима ли? (Општо одобрување со плескање и гласови „Се прима“) Кој ќе ја однесе?
АНАСТАС: Јас!
ИЛЧЕ: Еве ти пари.
(Анастас ги зема парите и телеграмата и излегува)
ПЕТРЕ: Добро се сеќавам кога Илче во овој дуќан говореше дека кризата се шири по цел свет и дека ќе дојде и кај нас. И вистина макар да истекоа доста години, тоа се исполни.
ИЛЧЕ: Кој чита книги, кој редовно го следи печатот, тој не може да не знае предвреме што го чека утре. Книгата ти ги отвора очите, ти го бистри умот, те учи да умееш да се снајдеш, да зборуваш, да напаѓаш, да се браниш, да придобиваш маси, а и да умееш да работиш. Книгата ти е, што рекол некој, „најсилното оружје!“. Кој не чита книги, кој не го следи печатот — тој е загубен од се. Тој ништо не знае што станува по светов. Читајте, другари!
ПЕТРЕ: Чунки весниците наши право кажуваат!
ИЛЧЕ: Така е, тие нас не лажат, но тој што научил да ги чита лагите нивни и кој редовно чита, тој меѓу редовите ќе најде каде е вистината. (Гласови „Знае Илче“)
ПЕТРЕ: Кажи сега со нас што ќе стане…
ИЛЧЕ: Ако сме секогаш вака сложни — многу нешто ќе добиеме, а ако се плашиме од сенката нивна и се двоиме — ништо нема од нас да остане. Ако целиот работен народ се групира, сите капиталистички земји ќе ги стави во своите раце. Што можат магнатите да направат ако ние не сме нивни покорни слуги? — Ништо! Која борба можат да ја добијат ако ние ги свртиме пушките кон нив? — Никоја! Кој ги прави бомбите?
ПЕТРЕ: Работниците!
(Гласови „Работниците!“)
ИЛЧЕ: Фалшливи ќе ги прават. Кој ги прави отровните гасови? — работниците. Фалшливи ќе ги прават! И се така што се изработува против нашата слобода и живот.
ЈОНЧЕ: Сите ние знаеме дека со секој изминат ден техниката се усовршува и што изработуваа порано сто души сто чифта чевли во еден ден денеска, со денешните машини, неколку души ќе ги изработат. При таква положба, во општо, дали ние можеме да се надеваме дека ќе го извадиме парчето леб?
ПЕТРЕ: Јас мислам дека би требало работниците да им ги искршат машините за да си осигуриме работа како порано.
(Од старите се слушаат гласови на одобрување, а младите гледаат што ќе каже Илче)
САНДРЕ: За таа работа Илче може да ни објасни.
ИЛЧЕ: Тоа е многу погрешно мислење дека е добро да се искршат машините. Да ги искршиме машините тоа значи — да се вратиме назад во времето кога се работело примитивно. (Покажува на шијачката машина) Значи и оваа да ја искршиме, оти и таа ја убрзува работата, и се да си работиме на рака, да си ги ископаме виделата додека сошиеме еден чифт чевли, и груби до немајкаде. Верно е дека во тој случај би сме си осигурале и работа и по дваесет и четири часа дневно, но каква полза од тоа, отепај се од работа за едно парче леб? Напротив: ние имаме полза да може една машина управувана од еден човек да исфрли работа што ја работат сто илјади работници. Па ако може и милиони да замени. Кризата не иде од тука што се повеќе се заменува работната сила на човекот со машини. Индустријата треба да се проширува и усовршува, така деведесет и девет на сто од човечката работна сила да ја замени машината. И тогаш ние ќе бидеме најсреќни!…
(Чудење кај присутните и гласови „Како така?“)
САНДРЕ: Точно така е!
ПЕТРЕ: Не ми фаќа главава…
ЈОНЧЕ: Терај, Илче, ќе му фане. Мајсторов веќе почна да те разбира.
ИЛЧЕ: Вас ве чуди како може по таков начин да е добро за работникот, кога тоа предизвикува криза. Се разбира дека тоа предизвикува криза, но каде? Во капиталистичките земји! Таму каде што машината — индустријата му служи на еден човек за да трупа уште поголеми капитали. Додека во оние држави што ќе ги управува работничката класа, социјалистички држави, работата стои сосем поинаку. Таму нема приватни капитали, целиот приватен капитал целата индустрија е национализирана од државата и место да им служи на извесен број магнати, таа му служи на целиот народ. И така, место тој извесен број магнати, целиот народ ја ползува.
(Гласови „А, ха!“)
САНДРЕ: Точно така е.
ЈОНЧЕ: Се разбира…
ИЛЧЕ: Да претпоставиме дека Југославија има пет милиони работници и за триста работни денови во годината по осум часа дневно треба да им се осигураат (смета) дванаесет милијарди работни часа. А нема толку работа. Индустријата се разгранила, железничката мрежа ги сврзала веќе сите градови, села и рудници со индустриските центри, хидроцентралите ја задоволуваат индустријата и ја осветлуваат до последната овчарска колиба, сите патишта се направени и асфалтирани, секоја куќа од градот и селото добива: удобни жилишта, голетините се пошумиле, канализации се спровеле, трактори орат, машини косат, жнијат, вршат и така натаму… Логично е дека при една таква индустријализација во Југославија не би имало понатаму осумчасовна работа за пет милиони работници, но ќе има (смета) за шестотини дваесет и пет илјади, кои ќе се нужни за управување машините…
ПЕТРЕ: И тогаш пак за другите криза…
САНДРЕ: Чекај, мајсторе, нема завршено.
ИЛЧЕ: Па јас немам ни способност ни намера да ви развијам некоја марксистичка теорија, онака… згора-здола како што ги сфаќаат работите…
ЈОНЧЕ: Онака како што ни имаш расправано нам со Јончета, тоа расправи го и сега.
ИЛЧЕ: Дека при еден капиталистички строј тоа не може да, се постигне е сигурно, бидејќи индустријализацијата, во тој случај само би исфрлила од работа (смета) четири милиони триста седумдесет и пет илјади работници, то
ест би ги оставила да гладуваат. А во социјалистички, поправо во комунистички строј би работиле сите пет милиони работници по еден час дневно. Се разбира, дека тоа не може наеднаш да стане и дека работните часови во текот на години, сразмерно на постигнатите резултати во изградбата, ќе се намалуваат. Но сигурно е дека работниците кои извојувале своја пролетерска држава, изградиле социјализам и навлегле во комунизам, работното време ќе почне да се намалува и еден ден ќе се сведе на еден час работно време дневно, а ќе добиваат награда за трудот не спрема работните часови, но спрема потребите.
(Општо расположение кај сите и задирања. Петре се навалува убаво на столот, весел и расположен како тоа да настапило и ги суче мустаќите нагоре. Илче, Јонче и Сандре, задоволни од постигнатиот успех, засебно нешто разговараат.)
ПЕТРЕ: Па ако ни се падне да работиме по еден или два часа дневно, ќе станеме мрзливци! Јас така мислам, оти што би правеле друго освен да лежиме?
(Општо смеење)
ИЛЧЕ: Ќе се занимаваме со читање на книги, зиме дома во топло, а преку лето во некој парк под некоја дебела ладовина; со посетување на поучни предавања, кина, театри и така натаму…
(Општо расположение и меѓусебни задирања како горе)
ПЕТРЕ: (Станува) Јас пак ќе се вратам малце назад за машините (Кон колегите) Да умрев не ќе го знаев тоа дека ние од машините можеме да видиме некаква полза!
ИЛЧЕ: Машините — индустријата треба да се усовршува, да замени што повеќе работна сила, но не да им служи на магнатите, а нам — на работниците. Да ги замени нашиве рамења и да работи во полза наша и ние да бидеме одморни и да му се понасладиме со разни забави на овој земен рај.
ПЕТРЕ: (во моментот заборавен на грижите и добро настроен ги суче мустаќите) Та тоа би било прекрасно!…
ЈОНЧЕ: Се разбира, секој би бил задоволен, рамноправен, учен…
ПЕТРЕ: Како така, секој учен?… А кој ќе ги пасе свињите и говедата?
ЈОНЧЕ: Кој ќе има помалку дарба за учење или кого што ќе го мрзи…
ПЕТРЕ: А ти, Илче, се надеваш ли на такво време да дојде за какво што расправаш?
ИЛЧЕ: Се разбира, мајсторе…
ПЕТРЕ: Штом е така и јас ќе се надевам. (Се навалува убаво на столот) А пак сега барем едно цигарче да имав да запалам.
ИЛЧЕ: (му дава цигаре и му го запалува) Повели, мајсторе!
ПЕТРЕ: Благодарам! (Пуши со страст) Е, кога си толку умен, кажи што да се прави сега, да проживееме додека дојде тоа време?
ИЛЧЕ: За да се спасиме од оваа беда и да проживееме додека дојде она, — мајчето му е здружување на мајсторите, калфите и чираците, по занаети, во кооперации.
ПЕТРЕ: Која е ползата?
ИЛЧЕ: Да претпоставиме дека тука ги има сто дуќани чевлари. Кога тие ќе се здружат во една задруга; место сто кирии, ќе плаќаат една дупла; место сто даноци, еден нешто поголем; место сто лампи ќе горат дестина; место сто печки, ќе горат неколку. И се така! Сметам дека можете да замислите, тие режиски трошоци што ќе се уштедат колку ќе придонесат за урнување на цените на чевлите. Нашето залагање за подобар квалитет, поголемата издржливост која ја има рачната работа, оборување на цените, сето тоа ќе ни
осигури првенство пред потрошувачите. Вересија задруга не дава, што значи никој нема да ни ја јаде потта наша. И волците сити и овците на број.
ПЕТРЕ: Ете тоа сега пак не го разбирам!
ЈОНЧЕ: И ние сити и муштериите на број…
ПЕТРЕ: Така е! (Ја крева раката) Јас прв ја кревам ракава за задруга! Или мене не ме сакате, оти не умеам да правам модерни, со дупчиња?…
ЈОНЧЕ: Како зборуваш така, јас мислам тебе да те ставиме претседател…
ПЕТРЕ: А, не! За претседател јас го предложувам Илчета, а Јончета за негов помошник. Сите ние другите ќе ги извршуваме нивните наредби.
ИЛЧЕ: За тоа лесна работа. Важно е да се сложиме да создадеме задруга.
ПЕТРЕ: Што сте заспале, што не зборувате дали сте согласни! (Ги буцка другарите)
(Општо ракоплескање и гласови „Да живее Илче!“. При таа положба влегува Цара со Ламбата)
ЦАРА: (лута) Ти пак не донесе леб за децава! (Му го бутнува Ламбета во него) Еве ти го едново и прави со него што сакаш; јас ке си одам при татка ми кога не си кадар да ме храниш.
ЈОНЧЕ: (спокојно ги вади илјадата динари што му ги даде Злата и и ги дава) Земи ги и купи се што треба.
ЦАРА: (сосем изненадена, весело) Кој ти ги даде?!
ЈОНЧЕ: (со бол во душата) Направив онака како што ти ме научи…
ЦАРА: Се разбира, како секој што прави и ти треба да правиш!
ЈОНЧЕ: Но јас сум против тоа, сакам со пот, чесно да се спечали парчето леб. Чесно да се живее, не ти како што ме учиш! Но ете јас тргнав по тој пат кој ми го покажа ти… И, сигурен сум дека подоцна нема да те радува.
(Додека Јонче и Цара разговараат, останатите собрани во групи живо се расприкажувани. Во тоа време влегува Славе.)
СЛАВЕ: (гледа некое време во луѓето и потоа го води весникот од џебот.) Јас се надевав да ви го земам муштулокот, ама… како гледам, вие порано чувте.
ПЕТРЕ: Ништо не сме чуле… (Се џари во другите да разбере тие да не нешто чуле) Ние сме си весели што се спогодивме да се здружиме во кооперација. Сега ќе ги правиме чевлите по истите цени како и фабричките. Ете тоа е новото кај нас.
СЛАВЕ: (покажувајќи на Илчета и Сандрета) А децава ќе влезат во таа кооперација?
ПЕТРЕ: Сите!
СЛАВЕ: Зарем ќе зборуваш со нив?…
ПЕТРЕ: Се разбира.
СЛАВЕ: Со деца ли ќе сркаш матеница?… Истерај вакви „гнасотии“. Барај си прилега!
ПЕТРЕ: Какви деца, лебати, не гледаш колкави суртуци израснаа, поголеми од нас? Пак Илче, дека чита, станал цел филозоф. Или дека нема мустаќи? Ха, ха, ха!… Дека си ги бричи и ги фрла… Еве Сандре има! Само што ги поткастрил и му дошле како буфчиња ставени под носон. Како ние што им стававме порано на чевлите женски…
ЈОНЧЕ: (дофрлува) Само тие беа цели лептир машни. А овие липтирчиња…
ПЕТРЕ: А пак ти, Славе, од горе си ги подбричил и дошле како веѓине од жениве сегашни, модерниве де… половината од горе скубани, да изгледаат како пијавичиња. (Се крсти) Сполајти, господи, ми се гледа уште мал ќе ме поживееш да погледам шеги… Пушти ги бре, пушти ги на слобода да си растат!
СЛАВЕ: (се гнаси.) Што, така како твоите испуштени на долу, од секоја манџа прво тие да лизнат оти јазикот?!
ПЕТРЕ: (ги засукува нагоре) А како ги носев порано, вака дигнати нагоре и засукани?! (Загрижен) Е, оти сега така дојде работата, да ни се одмили и животот!… Сполај му на бога, божија повелба!…
СЛАВЕ: А гледам оти и тој грешува?
ПЕТРЕ: Да не ми го пише со грев, вистина оти греши…
СЛАВЕ: А не прашаш што има ново во весников?
ПЕТРЕ: Е, ајде стори си ја честта, не чекај да те молиме.
СЛАВЕ: За честење сте вие — чевларите. (Сите осем Илчета, Јончева и Сандрета се насоберуваат околу Славета кој го отвора весникот) Убаво кажува, оти како!…
ПЕТРЕ: (го прекинува) А, хах!… така де…
СЛАВЕ: Што „Така де“?
ПЕТРЕ: Така де, нешто убаво да чуеме. Ајде, читај натаму…
СЛАВЕ: Еве отворен го држам, ама ти не престануваш со твоите прашања за да продолжам. (Се подготвува да чита, а фрла опул наоколу и чека некој да му постави прашање за да го одложи и ги стави во неизвесност, Општа пауза. Фрла уште еден опул на околу за да предизвика прашање, а како никој не му постави — читај) „Белград“… (Пауза)
ПЕТРЕ: Та доста веќе, знаеме дека е од Белград…
СЛАВЕ: Ама таман ќе започнам и ќе ме прекинете…
ИЛЧЕ: Па што се правиш толку важен? Со нас ли најде да се биеш шега?…
СЛАВЕ: (продолжува да чита) „На денешното собрание министерскиот совет, меѓу другото, донесе и уредба со која им забранува на индустријалците да отвораат продавници во местата под педесет илјади жители. А пак во местата над педесет илјади жители можат да отворат само по една продавница, со тоа што едно индустриско претпријатие не може да има повеќе од десет филијали во цела Југославија“. (Се замолчува и прави како уште да има да се чита)
ПЕТРЕ: Толку ли е?
СЛАВЕ: Што, ти дојде арно и сакаш целиов весник да пише за вас?
ПЕТРЕ: Ако е вистина, голема лага ќе биде! Тоа се твои шеги…
СЛАВЕ: Сега треба да донесат уредба никој да не смее да се бричи сам. И тогаш сите ќе гласаме за владата…
ПЕТРЕ: Море, остави се од такви лаги. (Гледа во Илчета како да сака да му одобри) Не се надеваме на никакво добро од нив.
ФАНЧЕ: (влегува) Илче, зошто не ги зеде чевлињава да им ставиш пенчиња?
ИЛЧЕ: Зафатен сум со друга работа, денеска имаме штрајк.
ПЕТРЕ: Жива си била, мори, да пукнеш? Како, со дупчиња ги сакаш?
ФАНЧЕ: Како така проговори? Утринава те сретнав и ти реков „Добро утро“, не ми одговори.
СЛАВЕ: Тогаш беше лут а сега е весел, владата донесе уредба и ја уреди неговата работа…
ПЕТРЕ: Не слушај го него, туку кажи дали сакаш да те свршам за Илчета. Еве сега ќе отвориме задруга и тој ќе ни биде претседател. Сакаш ли? Знам дека едно време го сакаше… (Важен, кон Илчета) Ела, бре, ваму. Ти едно време многу го сакаше ова девојче, беснееше по него кога идеше овде, го сакаш ли уште да ти сторам работа?
ИЛЧЕ: Како да не, мајсторе, не гледаш што галапче е!
ПЕТРЕ: Зборувај, мори, да пукнеш, детето си нема мана! Само види ваму, сакам кошула, оти јас сум првиот мајстор!
ФАНЧЕ: Се стори, само тој нека се согласи.
ЛЕНЧЕ: (влегува со завиени чевли) Што сте се собрале сите овде?… Сандре, те поздравува баба ти, сака да и ги поправиш чевливе.
САНДРЕ: Остави ги.
ПЕТРЕ: Еве ти девојче и за Сандрета! (На Сандрета) Што не се ожениш ти за ова девојче? Толку благи разговори си имавте… Али ти помина меракот?
САНДРЕ: Не, мајсторе, како поминал, уште си го сакам. Види стори ми работа…
ПЕТРЕ: (му се криви) „Уште си го сакам“. Па што не го земеш кога го сакаш?
ЗЛАТА: (влегува со завиени чевли в рака и оди право при Јончета) Јонче… (Ја забележува Цара и застанува настрана)
ЛЕНЧЕ: Тој ме сака ама јас него не го сакам.
ПЕТРЕ: Земи го. мори, еве сега ќе правиме задруга и пак ќе си имаме работа. Ако не го сакаш, ќе го свршам за Злата.
ЛЕНЧЕ: Врши си го за кого што си сакаш, мене не ми е потребен.
ПЕТРЕ: Сега е узреан, не е како порано!
ЛЕНЧЕ: Илче повеќе ме бендисува. За него ако можеш…
ПЕТРЕ: Добро, ама Илче не те сака, на Фанче фрлил око!
ИЛЧЕ: Како не сум ја сакал, мајсторе, и неа ја сакам!
ПЕТРЕ: Ти може би да ги сакаш, ама тие обете не би те зеле…
ФАНЧЕ: (го зема Илчета под рака) Јас ќе му донесам и десет илјади динари мираз.
ЛЕНЧЕ: (исто така го зема под рака од другата страна) А јас ќе му донесам петнаесет илјади!…
ИЛЧЕ: Како што треба, мајстор Петре, десет и петнаесет — дваесет и пет, токму за една свадба да земам уште една.
ПЕТРЕ: Оди бре, ашлак, кој зел две жени, та ти да земеш…
ИЛЧЕ: Не е ли греота на еднава да и откажам, да плаче? Греота е и еднава и другава. За тоа — подобро е обеве. После, дваесет и пет илјади динарчиња се берат. Како сакаш да сметаш: и со перо, и со прсти, и на памет — поарно е! Добро, еве ќе те послушам тебе, на која да и откажам? На која да и ги соберам греовите?
ПЕТРЕ: (покажува на Фанче) Еве оваа што си ја сакаше отпорано да си ја земеш, а другава да му ја оставиш на Сандрета, оти тој си има мерак по неа.
ИЛЧЕ: (ја пушта Ленче од под рака) Бегај, тебе, не те сакам… Ти земи го Сандрета, тој е подобар за тебе.
ЛЕНЧЕ: Добро, штом не ме сакаш, Сандрета ќе си го земам. (Го зема под рака)
ПЕТРЕ: Ете така, погодете се како другари. (На Злата) Ти мори, кукло, тебе ти треба момче; али си имаш?
ЗЛАТА: (крадејќи погледнува во Јончета) Ми треба…
СЛАВЕ: (на Петрета) И ти сакаш со деца да правиш задруга, не гледаш како си играат со тебе… Па тие години има откако се земени, само не ти кажуваат зошто им бараш кошула.
ПЕТРЕ: Вистина, Јонче?
ЈОНЧЕ: Вистина, мајсторе. Само не оти правија свадба, ете вака се зедоа како што ги гледаш…
ПЕТРЕ: Ама така, околу врба?
ЈОНЧЕ: А не, се венчаваа, само без гозби; сиромашка работа, колку да помине на ред.
ПЕТРЕ: Ако, како им било удобно така, јас не се лутам, знам што е сиромаштија. Мене ми е мило. (Ги зема Фанче и Ленче под рака) Значи овие се мои невевчиња? Мошне убаво, мошне убаво…
ИЛЧЕ: Така е, мајсторе. (Фанче и Ленче му бацуваат рака на Петрета, а тој целиот среќен им ги става рацете на рамењата и ги прегрнува. Илче се качува на масата и почнува да пее, а истовремено и им дирижира на другарите кои го прифаќаат) Вака ко што сме собрани и дадовме за слога збор, шкембињава да беа полни ќе ве ставев да пеете во хор.
Офо, офо, офо, фоф!
Офо, офо, офо, фоф!
Колку е тешко да пееш гладен
Офо, офо, офо, фоф!
Пустите милионери, со нивните калитали,
гробари на пролетери и на дуќанџии мали.
Офо, офо, офо, фоф!
Офо, офо, офо, фоф!
Колку е тешко за леб да страдаш
офо, фоф, офо, фоф!
Секогаш ако сме сложни и работа ние ќе имаме,
никому не ќе сме должни, ќе работиме и ќе кркаме.
Охо, охо, охо, хох!
охо, охо, хо хох!
Колку е лесно сит да се пее
охо, хох, охо, хох!
(При започнувањето на песната незабележени застануваат на вратата полицијскиот писар и двајца жандарми. По завршувањето на песната, кога сите ракоплескаат, жандармите ги сложуваат ножовите на пушките и остануваат кај вратата, а полицискиот писар со пиштол в рака влегува и застанува пред Илчета, кој уште е на масата)
ПОЛИЦИСКИОТ ПИСАР: Јас цело претпладне прашам да узнам кој е иницијаторот на овој штрајк, а тој тука качен на маса им држел говори и со револуционерни и антидржавни песни ги бодрел. Во името на законот со нас! — Во затвор! (Кон другите) А вие веднаш да ги отворите дуќаните, оти сите ќе ве позатворам! Излегувајте!
ПОЗИВАРОТ: (влегува со позиви во рацете кога полицискиот писар му вика на Илчета „Во името на законот со нас! — Во затвор“) Полека, господине писаре, не терај ги луѓето имам некои позиви да им поделам.
ПОЛИЦИСКИОТ ПИСАР: Какви позиви?
ПОЗИВАРОТ: Командата ги бара да се јават на вежба.
ПОЛИЦИСКИОТ ПИСАР: Ајде читај!
ПОЗИВАРОТ: И…и…Ил… Илче… Бо…
ИЛЧЕ: Илче Бојаџиев!
ПОЗИВАРОТ: Така некако…
ИЛЧЕ: Јас!
ПОЗИВАРОТ: Потпиши дека си го примил позивов. Веднаш да се спремиш и со вечерешниот воз да заминеш во командата!
ПЕТРЕ: Ова не ми мириса на арно, ќе се измешат капите…
ИЛЧЕ: Ако е нужно, мајсторе, ние на предните линии ќе застанеме да ја браниме Југославија! (Покажува на полицискиот писар) А овие во некои посигурни скривалишта ќе се сокријат, ако сега парадираат! (Си ја зема Фанче под рака и излегува)
ПОЛИЦИСКИОТ ПИСАР: (убаво го изгледува кај излегува и мрднува со главата, потоа кон другите) Ајде, вие, надвор! Отворајте ги дуќаните!
(Жандармите ги бијат останатите со палиците и ги бркаат)
(ЗАВЕСА)