Предлог писмена работа за „Илијада“ од Хомер
Тагата по загубата на најдобриот пријател, Патрокло („Илијада“)
Колку силни суштества се луѓето. Велат, човекот планини може да помести, а може да се скрши во еден миг, како стакло. Кои се нештата што нас луѓето нѐ прават силни, и што е она што во еден миг може да нѐ скрши?
Силата и моќта се доблестите и на најдобриот грчки воин, Ахил, од Хомеровата „Илијада“. Тој е најмоќниот војсководец меѓу Грците, брзоногиот, боголикиот, синот Пелеев. Сета грчка војска моли пред него, тој да го смири гневот и да им помогне на бојното поле. Тие знаат дека во него е моќта да ја извојуваат победата. Боговите се негови заштитници, па Тројанските јунаци и од обружбата му се плашат. Згора на тоа – речиси е бесмртен. Нема во неговото срце место за сожалување, за простување. Свесен е дека е најдобар од сите.
И сета оваа моќ и големина, одеднаш, во само еден миг, се крши на прачиња. Ахиловото срце е погодено од погубната вест за смртта на неговиот пријател, Патрокло. Божествениот Ахил е поразен, првпат ја доживува смртта толку блиску. Во тој момент за него постои само смртта – и војната запира за тој да може достоинствено да го погреба својот другар. И одеднаш, тагата прераснува во оган и желба за одмазда. Ништо веќе не може да му застане на патот „да помести уште планина“ во животот. Тагата прераснува во бес, бесот во смрт, смртта во нечовечност и триумфално иживување, па покајување кое повторно прераснува во тага.
Колку сила или време му се потребни на човекот да ги „собере стакленцата“ откако ќе се скрши од тага? Дали неколкуте денови оплакување му се доволни на скршеното срце? Ние, обичните луѓе не сме доволни силни толку брзо да се прибереме по големата тага – тоа може да го стори само божествениот Ахил.