Војната го разорува животот на човекот, но го прави уште посилен (Андреј Соколов од „Судбината на човекот “ – Шолохов)
Многу несреќи може да ни се случат во животот, но пострашно од војна – нема. Во неа човекот станува нечовек, станува убиец, станува ѕвер. Андреј Соколов од расказот „Судбината на човекот“ ја имал таа лоша судбина – да ја доживее и преживее војната.
Тој бил скромен човек, по потекло од сиромашно семејство, кој едвај се снаоѓал да преживее. Имал среќа да ја сретне Иринка, скромна и добра девојка и да се ожени со неа. Имал среќа да создаде семејство и дом, куќа и три прекрасни деца. Имал среќа да напредува во работата и животот, синот да биде еден од најдобрите во училиште, сопругата да му биде нежна и добра во секој момент. Но, среќата не потрајала долго. Започнала војната. Соколов како голем руски патриот бил во првите борбени редови. Се биел, борел и убивал. Бил заробуван и малтретиран, дошол во ситуација да го стрелаат од која се извлекол. И од заробеништво успеал да избега. Се снаоѓал и ги преживувал сите ужаси на војната. Но, не помалку ужаси се случувале дома. После две години од случката дознал дека неговата Иринка и двете ќерки загинале во сопствената куќа при бомбардирање. Веста ужасно го потресува, но надеж гледа во синот кој бил жив, се вклучил во војната и напредувал. Ама и со него немал среќа. Страшната судбина го стигнува токму последниот ден од војната. Синот пред да се сретнат, загинува од снајпер. Има ли нешто поужасно од тоа? Андреј го загубил целото семејство. Сите блиски. Никој повеќе не му останал.
Војната завршила и зад себе оставила само пустош. Како да се продолжи? Како да се живее во тој пустош?
Андреј Соколов го нашол излезот. Го нашол зракот светлина и надеж. Го нашол малиот Вања кој останал без своите родители по војната. Му рекол дека тој е неговиот татко. Го излажал, го измамил, но го усреќил, а се усреќил и себеси зашто повторно имал за што да живее.
Ужасите на војната тешко се преживуваат, но секогаш мора да најдеме начин да одиме понатаму, да имаме надеж за подобра иднина, да имаме нова смисла во нашиот живот.