Почетна » видови именки » Писмена работа за „ Големата вода“

Писмена работа за „ Големата вода“

Љубовта на родителот е незаменлива – „ Големата вода“ од Чинго

Секое дете има потреба од мајчинска љубов, нега, воспитување. Секое дете има потреба од мајчинска прегратка, утеха, топлина, совет. Но, за жал, секое дете не го доживува тоа.

Живко Чинго во романот „ Големата вода“ ни го претставил детството на група сирачиња по Втората светска војна, и ќе каже, дека не запомнал друго место каде толку брзо умира детството како во домот за сирачиња.

Кутрите дечиња, останати без родители по страшната војна, ги фаќаат како диви животинчиња по полињата и шумите за да ги приберат во домот „Светлост“. Иронично е името, зашто светлина зад големите ѕидини – нема. Детето Лем, раскажувачот, уште на почетокот кажува како и тој бил „фатен“ по седум дена криење во плевната. Знаел, кутриот, дека никаква светлина нема да види во домот „Светлост“. Но, сепак, не било сосема така. Таму го среќава својот другар од стројот – Исак, Кејтеновиот син, кој му станува идол, пример за издржливост, упорност, истрајност и надеж. Светлината во домот, за него е само Исак. Секој миг минат со него и покрај него му е врежан во сеќавањето. Се сеќава на неговите храбри и достоинствени постапки на кои ќе им се воодушевува целиот живот. Со него во домот лесно ги преживува „шегите“ од „татенцето“ кога ги казнува удирајќи ги до крв, со него ги преживува измачувањата од Оливера Стрезоска кога ги снемало црвените крос-гаќички, со него ја доживува единствената надеж за поубава иднина – ѕиркајќи низ пукнатинката во поткровјето и гледајќи ја големата вода, со него мечтаат за Сентерлевиот Рид, ридот од каде што изгрева сонцето, од каде доаѓа слободата. Во него тој гледа дете-херој, дете-човек, возрасен, кој е попаметен и поитар од сите возрасни во домот. Но, тој, на крајот, во него ќе го види и детето. Детето, кое како сите други деца посакува само да има МАЈКА, да има некој близок, кој ќе го гушне и утеши.

Затоа кога Лем ќе го види својот другар со парчето дрво во рака, кое ја претставува мајката, ќе сфати дека и Исак е само дете, само обичен човек и ќе го засака уште повеќе. Ќе сфати, дека на сите деца во домот, на сите деца во светот им недостасува и им е најпотребна мајчината љубов.

Scroll to Top