Во драмата „Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски има повеќе ликови.
Но, во комедиите на интриги, ликовите не се целосно изградени, туку се типизирани (со нагласени особини). Интересно е што самиот автор во објаснувањата (дидаскалиите) ги опишал ликовите.
Чорбаџи Теодос
Чорбаџи Теодос во дидаскалијата е опишан вака:
„Влегува во ноќна, долга кошула, со мазно од вечерта избричено, а мрачно лице, на кое никогаш, ни за миг не светнува осмевка и ведрина. Со густи, накуштравани веѓи кои го поцртуваат намуртеното чело и го засенуваат, правејќи го уште постуден студениот поглед. Со остар, отсечен говор, кој скоро никогаш не е разговор со луѓето, ни со најблиските, туку карање, викање на нив, на најблиските најмногу, со потценување и презирање преку волја, како и да не заслужуваат со нив да се разговара.“
Теодос е претставник на власта и парите. Сите ги гледа од високо, со понижување, потценување и ароганција (и жена си и сина си). Тој е жртва на сопствените предрасуди и фрустрации (другите особини: претераната педантност, прецизност и сл. се опишани погоре во текстот).
Арсо
Арсо во опишувањето е претставен како:
„Полн е со животна радост и ведрина, кои тешко можат да му ги поматат и најтешки грижи и незгоди. Умен и итар е до лукавост и до препреденост, но никако до расипаност, а по срце е добричина, осетлив и соосетлив.“
Тој е претставник на средниот сталеж кој сѐ повеќе тоне заради крвопиите како Теодос. Благороден човек, кој освен на себе си, сака да им помогне и на другите (на Стојанка и на Циганите). Тој ја смислува целата интрига затоа што е бистар и снаодлив, зашто е ведар дух, а и сака да го види својот крвник малку да падне за да го исмее и барем малку да му биде полесно на душата.
Томче
Томче е „убав младич, со танки мустачиња и густа кадрава коса, убаво, но негрижливо облечен, блед, потиштен, огорчен, и инаетлив“. Тој е носител на новото, поинакво сфаќање, кој сака да се ожени од љубов за многу сиромашна девојка.
Тој е патријархално воспитан, го цени, почитува и се плаши од својот татко. Без негово одобрение тој нема да се ожени.
Кева
Кева е сопругата на Теодос која е „предвереме остарена и свената од тешки напори сѐ да му угоди на својот маж со маченичка ревност која оди до ропска покорност, сметајќи дека тоа е нејзина должност и нејзина судба. Облечена е сета во сив тон.“
Таа би требало да живее убаво, богато и лагодно. Но, во патријархалниот дух, таа му е потчинета и работи сѐ за да му угоди на домаќинот, се плаши од него и од неговите бурни реакции, се плаши да му се спротивстави и да го каже своето мислење.
Наца
Наца е слугинката која е „помлада и покрупна од својата чорбаџика, облечена во нејзин износен фустан, кој на неа, оптегнат, пука, со ракавите засукани над лактите, со завиткани плетенки преку тулбенот на главата. Многу е брза и подвижна.
Нејзе уште од мала ѝ е всадено чувството на стравопочит спрема чорбаџијата, повеќе на страв, отколку на почит, и тоа чувство ѝ преминало некако во навика, така што нејзиниот страв не е силен, но затоа е постојан.“
Спиро
Спиро слугата, пак, е облечен во старите алишта на чорбаџијата кои му се преголеми, па во нив изгледа смешно, ненаместено и „за него чорбаџи Теодос е страшен, но нему тој исто толку му е и смешен.
Затоа, скриено, со лукаво притворство и в очи му се смее, а зад грб нескриено го исмева и го карикира, наоѓајќи во тоа особено задоволство, некаква одмазда за сѐ што трпи од него.“