Почетна » македонски јазик » наука за јазикот » Ликовите во „Црнила“ од Чашуле

Ликовите во „Црнила“ од Чашуле

Ликовите во драмата „Црнила“

Темата на драмата „Црнила“ од Коле Чашуле е убиството, односно атентатот врз Ѓорче Петров од неговите сонародници, Македонци.

.Луков.

Луков има доминантно место во драмата. Тој знае сè за сите и на тој начин, со уцена, ги држи во раце. Неговата супериорност е несомнена. Од него сите се плашат и ги слушаат без приговор неговите наредби. Тој манипулира со сите и со целата ситуација.
Неговиот лажен патриотизам е најодвратен. Тој е голем народен предавник кој се крие зад лажните пароли за ослободување на Македонија.
Цинично ù се потсмева на историјата, му се потсмева на идеалот што во себе го носи Младичот сметајќи го тој идеал за младешки занес. Искуството и минатото него го научиле дека сето тоа е илузија. Тој ќе рече:
.
Луков:  Во ова писмо, оној Младич, ме нарекува…предател. И ми се заканува со Историјата. И порачува нејзе, на Историјата, да го задржи во убав спомен. Како Историјата да е споменарник или момински дневник. Е, драги мој,… Можеби, сето тоа, во некој друга Историја да е ново. Во нашата – не е. Во македонската историја, драги мој, има само … предатели … досега барем.
.
Луков му се оддава на предавништвото како неминовност, не гледајќи друга можност. И повисоките од него се предавници, уште поголеми и уште поцинични (како Иванов). И уште поголемите. Сите тие, невидливите од врвот, од горе, што ги влечат конците – сите се предавници. Та тој во споредба со нив се чувствува како ситна риба, ситен предавник.
.
Од групата што го подготвува атентатот, Иван и Методиј се целосно раководени и манипулирани од него. Ги слушаат неговите наредби. Одат, убиваат, носат известувања, влегуваат во љубовна врска – сè што ќе побара Луков од нив.
Методиј е целосно предаден, а Иван сепак посакува да избега од вителот кој го зафатил. Спасот од амбисот го гледа во бегство што подалеку – во Америка. Го гледа, но тешко дека ќе го оствари.
.
Фезлиев
.
Фезлиев е најконтроверзна личност во драмата. Тој и е и не е со групата. Самиот не може да сфати како станал предавник.
И тој некогаш бил како Младичот, и тој верувал во Македонија, во нејзиното ослободување. Длабоко навлегол во црнилата од кои не знае како да излезе. Честопати излезот го гледа во пијанството, па дури и во смртта. Помирен со сопствената безизлезност тој не се плаши од никого, а најмалку од Луков.
За колку-толку да се исчисти, го пушта Младичот да избега, па дури на крајот му се спротивставува и на Иванов, а преку него и на сите предавници.
.
Христови
.
Семејството Христови, Неда и мажот и, се целосно изманипулирани во оваа ситуација. Тие се вовлечени во играта на големите без да сакаат. Нивниот стан, нивниот живот, нивната љубов (на Неда) – само ги искористуваат за да стигнат до целта.
.
Младичот (Орце)
.
Најизманипулиран во целата ситуација е Младичот.
Неговата приказна е толку трагична, што дури и не можеме да поверуваме во едно такво поигрување со човекот и неговата личност.
Тој е иднината на Македонија, тој ја носи револуцијата во себе, тој е подготвен да се бори и да го даде својот живот за својот идеал – слободна Македонија.
.
Во детството бил сведок на бруталното убиство на родителите и тогаш родител му станува Ѓорче Петров, кој му го спасил животот и го извел на патот за борба против тиранијата.
Оттогаш, тој целосно се посветува и и се предава на Организацијата.
Тој ќе даде сè што таа ќе побара од него. За жал, таа го прави убиец на неговиот втор татко – на Ѓорче Петров. За ова дури и Луков ќе каже дека е свинштина.
Се разбира дека Младичот не ќе може да се помири со она што го направил, што го измамиле да го направи и затоа се обесува оставајќи писменце со целата вистина во него.
Жртвата што ја прави е залудна, идеалистичкото самоубиство е најголемата иронија – зашто наместо вистината да излезе на виделина – писмото доаѓа повторно во рацете на предавниците. Кругот се затвара. Нема излез за правдата.
Мала е утехата што Неда го убива Луков, а уште помала вербата дека Фезлиев ќе успее да се пресмета со предавниците. Зашто тие се големи, тие се многу, скриени и недостижни.
.
Scroll to Top