Почетна » македонски јазик » правопис » Пишување на согласките Н и Њ

Пишување на согласките Н и Њ

Согласката Н се пишува:

  • во зборовите: вишна, пена, пустина, затина, препина, протина, сопина, свински, свинче, свинштина, бастун, во личното име Прохор Пчински и др.;
  • пред б во случаите како: бонбона, бонбониера, Истанбул, одбранбен, прехранбен, станбен итн.;
  • пред други согласки: инјекција, инјектира, инстинкт, инстинктивно, конјугација, конјункција, конјунктивит, конјунктурен, конфекција и сл.

Согласката Н не се пишува во зборот: величествен.

Согласката Њ се пишува:

  • во зборовите: дење, сињак, сукња;
  • на крајот од зборот, во зборовите од домашно потекло во стандардниот јазик, се пишува единствено во зборот коњ. Со њ се пишуваат и сите граматички форми, изведенки и сложени зборови во чие образување влегува оваа именка: коњи, коњче, коњски, коњушница, коњушар, коњаник, коњокрадец, коњоштип итн.
  • во зборовите: бања, диња, дуња, молња, Пчиња, свиња, тиња; во граматичките форми и изведенките од посочените зборови: бањи, бањач, бањарка, бањски, дињи, молњи, молњоса, свињи, свињар, свињарче, свињарски, свињарство, тињест итн.;
  • при образувањето на глаголски именки и нивните граматички форми: берење, варење, движење, облекување, пешачење, пишување, спиење, спортување и др.;
  • при образувањето збирна множина кај именките чија основа завршува на -н: камен – камење, камења, корен – корење, корења, планина – планиње, прстен – прстење, прстења, ремен – ремење, ремења, трн – трње, трња и др.;
  • при образувањето множина со наставката -иња кај некои именки од среден род што завршуваат на -е: врапче – врапчиња, дете – деца/дечиња, дрвце – дрвца/дрвциња, мезе – мезиња, окце – окца/окциња, ќебе – ќебиња, ќоше – ќошиња, цвеќе – цвеќиња и др.;
  • во несвршениот глагол изведен од свршен со н во основата: се клања;
  • во зборови, лични имиња и топоними од туѓо потекло и нивните изведенки: њоки, шампињони, Њу Делхи, Њујорк, њујоршки, Њутн и др.

Прочитај и за:

  1. Употреба на голема буква
  2. Слеано и разделено пишување на зборовите
  3. Делење на зборот на крајот од редот
  4. Скратеници и скратување на зборовите
  5. Пишување на гласовите
  6. Пишување датуми
  7. Римски систем за бележење броеви
  8. Жители на населени места
  9. Составување тестови
  10. Знаци за директен говор
Scroll to Top