Кузман Шапкарев
(1 февруари 1834 — 18 март 1909)
Кузман Анастасов Шапкарев е роден на 1 февруари 1834 година во Охрид, во семејство на бедни и неписмени родители.
Самиот тој за својот татко Анастас ќе рече дека бил „прост и сиромав работник и сосема неписмен“.
Мајка му, Марија Стрезова, била таа што ќе инсистира да го школува Кузмана, па дури со свој труд заработувала за да му обезбеди средства. Основното образование го стекнал кај вујко му, Јанаки Стрезов, со извесни прекини.
Кога од финансиски причини морал да го прекине школувањето го изучил кожарскиот занает. По неколку години макотрпно занаетствување, вујко му го зел под своја закрила и го носел со себе во местата каде учителствувал и на тој начин Кузман го довршил своето образование.
Средбата со Димитар Миладинов
Во 1953 година, во Битола за првпат се сретнал со Димитрија Миладинов, кој во тоа време дошол да учителствува во овој град. Но, вујкото и внукот не останале долго во Битола, се вратиле во Охрид и отвориле свое приватно училиште кое постигнало голем успех.
Во овој период, 1855 година, кај еден охридски учител, Кузман забележал српски буквар, го побарал и за само неколку дена научил да пишува и чита словенско кирилско писмо. До тогаш Кузман учел само на грчки и на тој јазик ги учел своите ученици.
Следната, 1856 година, Шапкарев отишол да учителствува во Струга, каде останал три години и се зближил со семејството Миладинови.
По стапките на Димитрија Миладинов, кому му станал зет, зашто Кузман се оженил со неговата ќерка Елисавета, почнал да го воведува мајчиниот јазик во наставата и да собира народни умотворби.
Кога браќата Миладинови ќе бидат затворени, Кузман безуспешно ќе се обиде да им помогне.
По нивната смрт, се засолнил од Охрид по добиените закани дека ќе заврши како браќата. Отишол да учителствува прво во Прилеп, а потоа во Кукуш.
Работа за Бугарската Егзархија
Шапкарев бил ангажиран од Бугарската Егзархија за развој на просветата на македонски терен додека учителствувал во Солун 1880/81 година. Тогаш бил под најсилно егзархиско-пропагандистичко влијание. Во Солун отворил две гимназии, машка и женска, но го убедиле да се откаже од учителската дејност и да се посвети на новинарството.
Во 1883 година испратен од Бугарската Егзархија заминал за Цариград, за таму да биде редактор на планиран бугарски весник. Но, весникот никогаш не почнал да се печати, а Шапкарев останал без работа.
Печатење на книгите
Во 1884 година заминал за Пловдив, каде следната година успеал да отпечати три книги, за обичајот русалии, за животот на браќата Миладинови и мал дел од своите обемни собрани материјали со народни умотворби од Македонија.
Следните години ќе се обидува и ќе моли, во Бугарија, Русија и Хрватска за финансиска помош за отпечатување на народните умотворби. Нема да ја добие.
На крајот, еден приватен печатар во Софија, без да бара аванс, ги отпечатил, книга по книга материјалите на Шапкарев.
Од 1900 година бил редовен член на Бугарското книжевно друштво (подоцна преименувано во Бугарска академија на науките/БАН).
Починал во Софија на 18 март 1909 година.
Во своите дела тој се нарекува и идентификува себеси како Бугарин.
Без разлика што чувствувал и како се декларирал по националност, тој е многу значаен за македонската литература како еден од најголемите собирачи на македонски народни умотворби.
ПРОЧИТАЈ ПОВЕЌЕ ЗА ГЛЕДИШТЕТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ ЗА ЖИВОТОТ И ТВОРЕШТВОТО НА ШАПКАРЕВ
Творештвото на Шапкарев
Учебници:
1866 — „Българский буквар“ („Бугарски буквар”);
1868 — „Голѣма българска читанка“, втора част на “Българский буквар („Голема бугарска читанка”, втор дел на „Бугарски буквар”);
1868 — „Кратко землеописание за малички детца“ („Кратка географија за мали деца”);
1868 — „Кратка священа повестница от ветхий и новий завет“ („Кратко свештено прераскажување на Стариот и Новиот завет”);
1869 — „Наръчно св. благовествование или сбор от евангелските чтения“ („Прирачник на св. благовестување или зборник од евангелските читања”);
1870 — „Наръчний св. посланичник или сбор от апостолските чтения“ („Прирачник на св. посланија или зборник од апостолските читања”);
1874 — „Майчин язик“ („Мајчин јазик”).
Други книги:
1884 — „Материали за животоописанието на братя Х. Миладинови, Димитрия и Константина. С прибавление нещо и за живота на Нака С. Станишев“ (“Материјали за опишување на животот на браќа Х. Миладинови, Димитрија и Константина. Со прибавување на нешто и за животот на Нако С. Станишев”)
1884 — „Материали за историята на възражданието българщината в Македония от 1854 до 1884 год.“ (“Материјали за историјата на преродбата на бугарштината во Македонија од 1854 до 1884 год.”)
1884 — „Русалии: древен и тврдѣ интересен българский обичай запазен и до днес в Южна Македония“ (“Русалии: антички и премногу интересен бугарски обичај зачуван до денес во Јужна Македонија”)
Народни умотворби:
1885 — „Сборникъ отъ народни старини. Книга III. Български Народни Прикаски и Верования събралъ въ Македония и издава К. А. Шапкаревъ“ („Зборник од народни старини. Книга III. Бугарски народни приказни и верувања собрани во Македонија и издадени од К. А. Шапкарев”)
1891-1894 – седум книги „Сборник од български народни умотворения. Събрал и издава К.А.Шапкарев, София. Печатница на либерний клуб.“ („Зборник на бугарски народни умотворби. Собрани и издадени од К. А. Шапкарев. Печатница Либерален клуб“.)