Почетна » македонски јазик » фонетика » Гласовни промени

Гласовни промени

Гласовни промени настануваат при изговорот на согласките во низа.

Гласовни промени во македонскиот јазик се:

  1. едначење по звучност;
  2. обезвучување на согласките на крајот од зборот;
  3. замена (редување) на гласовите;
  4. испуштање (елизија) на гласовите.

 

Едначење по звучност

 

Едначење по звучност се случува кога во зборот ќе се најдат две согласки една до друга, различни по звучност. Таквата комбинација на согласки не може да се изговори (на пр.: бч, гч, дч, дб итн.), па затоа и во изговорот и во правописот, тие се изедначуваат — или двете стануваат звучни или двете безвучни.

Изедначувањето зависи од звучноста на втората согласка. Односно, едначењето се врши според втората согласка.

На пр.: бч=пч – звучното Б го изговараме и пишуваме безвучно П бидејќи согласката Ч е безвучна; врабче=врапче.

Од едначењето по звучност во нашиот правопис има неколку важни отстапки!

 

 

Обезвучување на согласките на крајот од зборот

 

Сите звучни согласки кога ќе се најдат на крајот од зборот ги изговараме безвучно. Кај обезвучувањето на согласките на крајот од зборот имаме обезвучување само во изговорот, но не и во правописот.

На пример: се пишува – леб; се изговара – леп; се пишува – град; се изговара – грат; мраз – мрас; грав – граф; еж – еш.

  • Забелешка: за да знаете како да го напишете, ако се двоумите, членувајте го зборот: леб – лебот, град – градот; тогаш јасно се слуша звучната согласка.

 

Замена (редување) на гласовите

 

Појавата кога некои гласови се заменуваат со други се вика редување. Тоа е вообичаено со некои согласки.

На пример: меСо – меВце (во деминутивната форма, гласот С се заменил со гласот В);

раКа – раЧе, ноГа – ноЏе, фаТи – фаЌа.

Освен кај согласките оваа појава ја среќаваме и кај самогласките.

На пример: рОди – рАѓа; гнИе – гнОј.

 

Испуштање (елизија) на гласовите

 

Оваа гласовна промена е покаракатеристична за самогласките.

На пример: петЕл – петли (самогласката Е во еднинаската форма се загубила во множинската форма); тесЕн – тесна, тесно; тесни (самогласката Е од формата во машки род, се загубила во другите форми); опинОк – опинци; храбАр – храбра.

Испуштање (елизија) освен кај самогласките среќаваме и кај согласките. На пример: лист – лисје, грозд – грозје.

 


Од темата ФОНЕТИКА, прочитај и за:
  1. Фонетика – наука за гласовите
  2. Фонологија – наука за фонемите
  3. Поделба на гласовите (самогласки и согласки)
  4. Говорни органи
  5. Гласовни промени
  6. Едначење по звучност
  7. Обезвучување на крајот од зборот
  8. Замена (редување) на гласовите
  9. Испуштање (елизија) на гласовите
Scroll to Top