Македонскиот јазик во првата половина на 19 век се поклопува со просветителството, односно со погледите за јазикот на нашите претставници: Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ и Теодосиј Синаитски.
Нивни продолжувачи се учебникарите, кои го поставуваат прашањето за литературен македонски јазик: Ѓорѓија Пулевски, Партенија Зографски, Шапкарев и Џинот.
Просветителството во Македонија
Појавата на Просветителите на почетокот од 19 век е од големо значење за формирањето на македонскиот литературен јазик.
Јоаким Крчовски
Јоаким Крчовски во периодот од 1814 до 1819 отпечатил пет книги во Будим.
Неговата „Слово исказаное заради умирание“ (1814) е првата книшка напишана на македонски народен јазик. Книгите на Крчовски се со црковна содржина и се наменети за приближување на верата до народот. Од тие причини, тој ги напишал во основа на народен јазик, кратовско-кривопаланечки, со примеси од западните говори.
Извадок од „Повест ради страшнаго и втораго пришествија Христова“:
Имало това време цар неверен. Тој цар нешто му завидел от гарас на того светаго пророка Даниила и го фрлил на арслани жив да го изедат; оле чудо дивно, и многу големо.
Таковии силни, и страшни арслани, ама му се поклониле, и ноги му лизале и кротки му се учиниле, како овци на овчар. Гледајте сега кој има вера и чисто живее… Тешко и горко вам ќе да биде на ваше умиранје.
Кирил Пејчиновиќ
Кирил Пејчиновиќ напишал три книги и епитаф за својот надгробен споменик. Книгите ги напишал на народен јазик, тетовски говор, а епитафот е првата песничка (без уметничка вредност) напишана на македонски јазик.
Извадок од „Огледало“:
Имаше некој чоек богат мошно, свакиј ден се веселеше сефа чинеше, а пак имаше еден јабанджија сирома болен.
Лежеше на портата од богатиот болен, имаше живи рани и гладен, со кучинјата лежеше на портата, чекаше кога ќе истресат трпеза измекјарите од богатиот, па и болниот се влечеше при кучинјата, береше трошки и пците не му велеа ништо, уште му лижеа раните, му ги бришеа со јазик, му чинеа икрам пците, а богатит некјеше да му дадет.
Дојде заман, умре сиромаот. Сиромасите му закопаа снагата халосана, а душата трпежлија ангели пеејќи му ја однесоа у рај, у пазухите Аврамови, во хубавина вечна. Умре и богатиот; богатите му закопаа снагата, а гјаволи му узеа душата, софалијата душа негова, му га однесоа в джехнем, во вечна мука.
Теодосиј Синаитски
Теодосиј Синаитски го напишал „Предговорот“ на книгата „Утешение грешним“ од Кирил Пејчиновиќ.
Во тој краток текст, Синаитски го изразил ставот на просветителството. А тој е дека народниот јазик е железниот клуч што го отвара срцето на народот. Според него, народниот јазик е јазикот што треба да се употребува во црквите, во училиштата, во литературата, за да може да го разберат сите.
Извадок од „Предисловие“:
…Еве кључ что отворует сердцето ваше, не кључ от злато и сребро, но кључ от железо и челик, што да не се вие…тој кључ може да отвори сердцето на простиот человек.
Просветителите се застапувале за употреба на македонскиот народен јазик.
Учебникарите
Во средината на 19 век почнало да се поставува прашањето за формирање единствен јазик, литературен македонски јазик, кој ќе се употребува во училиштата, како и за пишување текстови, учебници и друга литература.
Тогаш се издвоиле две гледишта:
— да се формира заеднички, бугарско-македонски јазик, кој ќе содржи подеднакво црти од двата јазика, застапувано од Партенија Зографски, и
— да се формира посебен литературен јазик, одделен од бугарскиот, гледиште застапувано од Ѓорѓија Пулевски.
Ѓорѓија Пулевски, самоукиот галички ѕидар и печалбар, еден од првите комити и револуционери, војвода и поет, учебникар, фолклорист и етнограф, лексикограф, граматичар, историчар и културно-национален идеолог е најизразитиот и најголемиот македонист во ова време.
Извадок од „Тријазичникот“ (1875):
Што се велит народ? – Народ се велит људи који се од еден род и који зборувајет еднаков збор и који живувајет и се другарат еден со други и који имејет једнакви обичаји и песни и весеља. Тие људите ји викајет народ, а место во које живуват народ се велит отчество од тој народ.
Така и Македонците се народ и местово нивно је Македонија.
.
Јордан Хаџи Константинов-Џинот учителствувал во Велес и Скопје. Пишувал песни и драмски текстови за потребите на училиштето и сето тоа го правел на македонски народен јазик.
Ја напишал „Таблица перваја“, првиот буквар на македонски јазик.
Во овој период е очигледен стремежот за употреба на македонскиот јазик, но и за употреба на термините македонски народ и Македонија.
Овој стремеж го продолжуваат лозарите, кои јасно ќе ја истакнат својата македонска свест.
(Темко Попов: „И сам Исус Христос ако слезит од небоно не можит да го уверит Македонеца оти тој е Блгарин иљи Србин“).
- Почетоци на словенската писменост
- Македонскиот јазик во семејството на јужнословенските јазици
- Погледите за македонскиот јазик на Пејчиновиќ, Синаитски, Крчовски, Пулевски и Џинот (избор текстови) – прва половина на 19 век
- Македонскиот јазик во средината на 19 век (Учебникарската дејност)
- Македонскиот јазик во втората половина на 19 век
- Лозарите – претходници на Мисирков
- Погледите на К. П. Мисирков за македонскиот јазик — „За македонцките работи“ (почеток на 20 век)
- Македонскиот јазик меѓу двете светски војни
- Македонскиот јазик за време на НОБ
- Улогата на Блаже Конески во кодификацијата на македонскиот јазик
- Развој на македонскиот гласовен систем
- Развој на македонскиот граматички систем