Почетна » прва година » Литература – вовед (прва година)

Литература – вовед (прва година)

1. Литература – вовед

Појава на уметноста

 

Човекот уште од најстари времиња, во првобитното општество, освен да ги задоволи своите основни животни потреби имал потреба и од естетика, убавина. Орудијата што ги правел на почетокот биле едноставни и ја имале само нивната основна функција – да му помогнат при ловот, обработката на земјата итн. Со тек на време, тој почнал да ги украсува со разни додатоци кои имале естетска функција. Човекот сакал неговото орудие освен што ќе му служи во работата да биде и убаво.

Имало и други начини на кои се изразувала таа исконска потреба за убавина. Цртањето по пештерите е една од нив.

Но, она што се поврзува со почетоците на литературната уметност се обредните игри.
Првобитниот човек преку танц, музика и текст ги изразувал своите желби за добар улов, плодна година, победа над непријателите итн. Во науката ова единство на повеќе уметности е познато како синкретизам.

Појавата на уметноста во најстаро време што претставувало спој на музика, текст и танц се вика првобитен синкретизам.

Од синкретичната уметност постепено се одвојувале текстот и мелодијата од танцот.

Така, песната станува одделна форма. Најпрво епско-лирската песна, потоа само лирската и најпосле драмата.

Видови уметност

Со текот на времето, почнале да се издвојуваат различните уметности, кои денес ги делиме според изразните средства на: просторни и временски.

Во просторни уметности спаѓаат:

ликовната која ја сочинуваат: сликарството, чие изразно средство се боите; и вајарството, чие изразно средство се формите изработени од различен материјал (дрво, камен, мермер, железо, глина итн.); и

архитектурата чие изразно средство се градежните материјали.

Во временски уметности спаѓаат:

музиката, каде изразни средства се тонот и гласот, и

убавата литература чие изразно средство е зборот.

Просторно-временски уметности се:

актерството, танцот и најновата, филмот.

Освен овие, постојат и применети уметности, како на пример: филигранството, резбарството (копаничарство), кујунџиството (бакрорез), костимографијата, сценографијата итн.

Прашања за повторување:

Кога се појавува уметноста?
Што е првобитен синкретизам?
Според што ги делиме уметностите?
Како се поделени уметностите?
Каква уметност е архитектурата?
Каква уметност е литературата?

2. Митот и фолклорот – најстари извори на литературата

Мит и митологија

Hајстари извори на литературата се митовите.

Мит е фантастична приказна, создадена во најдалечното минато во која се раскажува за она што се случило на самиот почеток.

Тие се народни приказни во кои луѓето во недостаток на научни сознанија создавале фантастични објаснувања.

Митовите се сакрални (свети) творби, а не литературни, но им служат на литературните како богат извор на мотиви употребувани до ден-денес.

Митовите се најстари фантастични приказни со света содржина кои го објаснувале настанокот на светот, природните појави и морално ги поучувале луѓето.

Митовите се всушност приказни за создавањето на земјата, небесните тела, човекот, животните итн.; тие се прв обид за толкување на стварноста, за природните феномени како менувањето на денот и ноќта, годишните времиња, грмотевицата итн.; тие се прв учебник за моралот и доброто однесување на човекот.

Разни народи со текот на времето создавале бројни митски приказни оформувајќи збир од митови наречен митологија.

Сите делови на светот имаат своја митологија, но најпознати се: египетската, сумерската, индиската, кинеската, старогрчката, римската и др.

 

Фолклор

Фолклор е целокупното духовно творештво на еден народ.

Тука ја подразбираме, освен народната литература, и севкупната народна традиција: народните обичаи, народните верувања, народната музика и игра (ора), како и народната материјална култура — ликовна орнаментика, народни носии, занаети, архитектура итн.

Hародната литература води потекло од митологијата.

Од обредните песни посветени на божествата и од митолошките приказни, подоцна се развиле нови литературни творби познати како народна литература.

 

Прашања за повторување:

 

Кои се најстари извори на литературата?
Што е мит?
Што е митологија?
Што е фолклор?
Од каде потекнува народната литература?

 

3. Старогрчка (древнобалканска) митологија

 

Старогрчката митологија се смета за најразвиена. Таа е создадена во античко време и ни ги открива религиозните погледи на луѓето што живееле во околината на планината Олимп, нивното верување во многу богови, божици, полубогови и други измислени суштества.

 

Олимписки богови

 

Олимписките богови живееле на планината Олимп, имале човечки облик, но биле многу поголеми од луѓето. Тие биле бесмртни, се хранеле со амброзија и пиеле нектар. Кој ќе пробал од нивната храна станувал бесмртен. Исто така, имале способност да се преобразуваат (да го менуваат својот облик).

Дванаесетте олимписки богови се:

Зевс – врховен бог, бог на Земјата и Небото (Громовникот);
Посејдон – бог на морињата;
Ад – бог на подземниот свет (не припаѓа на дванаесетте олимписки богови, зашто неговиот свет не е на Земјата);
Хера – врховна божица, жената на Зевс, божица на бракот и семејството;
Атина (Палада) – божица на мудроста;
Афродита – божица на убавината;
Аполон – бог на младешката убавина, Богот Сонце;
Артемида – сестра близначка на Аполон, божица на ловот;
Арес – бог на војната;
Деметра – божица на земјоделието; често се заменува со Дионис – богот на виното и забавата;
Хестија – божица на домашното огниште;
Хефест – бог на вулканите и ковачкиот занает;
Хермес – божји гласник, со крилца на главата и нозете, бог на патувањата и водач во подземниот свет.

 

Полубогови

 

Полубогови во древнобалканската митологија биле суштества родени од бог и човек. Нивните имиња се познати и денес и се симболи на некои човекови особини. Меѓу најпознатите полубогови се:

Прометеј (симбол на промисленост и мудрост).

Според митот за него тој им го дал огнот на луѓето бидејќи му било жал што живееле во мрак и студ. Тој го украл огнот од боговите и затоа Зевс се налутил и го казнил така што го приковал на врвот од планината Кавказ. Освен тоа, морал да трпи секојдневни ужасни болки затоа што птиците му го колвале дробот кој му се обновувал преку ноќ. Таквото измачување траело долго, сѐ  додека не дошол Херкул и го спасил.

Од митовите за него произлегуваат изразите: Прометеев оган – стремеж за постигнување високи цели, особено во науката и уметноста; и прометејство – борба против неправдата, предводништво во напредни идеи и сл.

Пандора (симбол на преголема љубопитност).

Пандора била првата жена која ја направил Хефест од земја и вода. Сите богови ја дарувале со по некоја своја особина. (Пандора значи – дарувана од сите). Таа добила една кутија која требала да ја чува и да не ја отвара. Но, љубопитната Пандора еден ден не можела да издржи и ја отворила кутијата. Од неа во вид на демони излегле сите зла кои оттогаш го мачат човештвото: разните грижи, илјадниците горчини, безбројните болести, кражби, лаги, јадови итн. Пандора брзо ја затворила кутијата, а од таму се слушнал уште еден нежен глас. Бидејќи немала веќе што да загуби, иако ѝ било страв, таа повторно ја отворила.  Тогаш, од кутијата излегла Надежта. Оттогаш таа е единствената утеха на човештвото.

Од митовите за Пандора произлегува изразот: Пандорина кутија – извор на бескрајни проблеми, компликации и несреќи произлезени од мала грешка (непромисленост, избрзаност).

Херкул; Херакле (симбол на физичката сила и бестрашност).

Херкул бил син на Зевс и Алкмена. Тој уште како дете бил многу силен – ги задавил двете змии кои му ги пратила Хера да го убијат.

Кога наполнил 18 години и кога станал најсилен и најубав маж, пасејќи ги овците му се појавиле две жени. Едната била Наслада, која му ветувала лесен живот и уживање, а другата била Добродетел, која му понудила мачна работа и слава. Тој ја одбрал Добродетелта.

Потоа направил еден подвиг по кој тебанскиот крал Креон му ја дал за жена својата убава ќерка Мегара. Таа му родила три прекрасни сина. Херкул живеел среќно во Теба сѐ додека Хера не му пратила ужасна болест од која херојот го загубил разумот и во напад на бес ги убил своите деца. Во длабока жал отишол во пророчиштето Делфи да го праша богот Аполон што да прави понатаму. Тој му наредил 12 години да му служи на брат му Евристиј и да направи 12 големи подвизи. Откако ги извршил подвизите тој станал бесмртен и повторно бил под закрила на Зевс.

 

Митолошки суштества

 

Освен боговите и полубоговите, во старогрчката митологија има многу митолошки суштества:

Нимфи се убави женски божества на природата. Постоеле нимфи на планините, на реките, на шумите, на изворите и на дрвјата. Најпозната нимфа е Ехо која според митот за неа, била казнета од Хера никогаш да не проговори, туку само да ги повторува звуците што ќе ги чуе. (Најчесто казните следувале заради неверноста на Зевс кој многу сакал да се забавува со сите женски суштества. Хера била многу љубоморна и не можејќи да му се спротивстави на Зевс ги казнувала послабите од себе. Ехо ја забавувала и ѝ го одвлекувала вниманието на Хера додека Зевс се забавувал со другите нимфи.)

Сатири се суштества на кои горниот дел од телото им е со човечки облик, а нозете им биле влакнести и со козји копита. Косата им била кадрава низ која ѕиркале две рокчиња. Најчесто се прикажани како лудуваат со нимфите на забавите на богот Дионис.

Кентаври се суштества со глава и гради на човек, коњско тело и четири коњски копита. Тие биле диви и опасни со исклучок на кентаврот Хирон кој бил познат по својата справедливост, мудрост, добрина, убавина и милост. Тој им бил воспитувач на многу полубогови и херои како: Херкул, Ахил, Тезеј, Орфеј итн.

Сирени биле девојки кои живееле на некој морски остров и со песни ги мамеле морепловците, а потоа ги погубувале. Горниот дел на телото им бил како на жените, а долниот им бил прекриен со пердуви. Нозете им биле како на птиците. (Во некои митови се среќаваат и како полуриби). Се раскажува дека по неуспешниот обид да го привлечат Одисеј и неговите морнари, скокнале во морето и се претвориле во карпи.

Други митолошки суштества се:

Минотаур – половина човек, половина бик. Бил поставен да го чува лавиринтот што го направил Дедал;

Пегаз – крилест коњ;

Харпии – три крилести девојки-духови;

Киклопи – џинови со едно око;

Кербер – троглаво куче – чувар на адот;

Хидра – многуглава змија (со сечење на една глава ѝ изникнуваат две нови);

Медуза – горгона која немасто коса има змии на главата. Има способност со поглед да ги скаменува живите суштества;

Мојри – трите ткајачки што ја предвидуваат и определуваат судбината на човекот.

 

Најпознатите старогрчки митови

 

Старогрчката митологија е богата со приказни за обични луѓе во кои секогаш има поука. Тие ликови станале симболи за некои човекови особини, а во современата литература многу често се споменуваат и употребуваат во таква смисла.

 

Дедал и Икар

 

Дедал бил еден од најголемите уметници, скулптори и архитекти во Атина. Тој имал еден внук од сестра, кој бил особено надарен, речиси со уште поголеми способности од него. Плашејќи се да не биде надминат од внукот, љубоморен и заслепен од завист, кога немало никој во близина тој го фрлил момчето од атинската тврдина.

Сепак, бил фатен на дело и затоа бил прогонет на островот Крит каде му служел на кралот Минос. (Го изградил лавиринтот пред кој бил поставен минотаур да го чува влезот на затворот.)

По некое време му здодеало во затворот и сакал да избега. Освен да лета, друг начин за бегство од островот немало. Затоа, заедно со син му Икар, почнале да собираат пердуви кои ги ределе и лепеле со восок, а во средината ги врзувале со ленена врвка.

Кога ги направиле големите крилја, ги ставиле, но не смееле да летаат премногу ниско за да не се наводенат од морето, ниту премногу високо, блиску до сонцето за да не се стопи восокот. Но, Икар толку уживал во летот што се занел и летнал многу високо каде топлината на сончевите зраци го истопила восокот, крилјата се распаднале, а тој паднал во морето и се удавил. Тоа била казната на Дедал за убиството што го извршил.

 

Тантал

 

Тантал бил горд крал кој немал доверба во боговите, во нивната семоќност и затоа бил казнет од Зевс. Тој го фрлил во царството на Ад каде го ставиле да стои во едно бистро езерце. Водата му допирала до брадата, но колку и да го измачувала жед, тој не можел да се напие. Над него имало дрво со плодови, но ако посегнел да скине, тоа се оддалечувало. Вака, покрај вода и храна тој бил измачуван со жед и глад (танталови маки).

 

Сизиф

 

Сизиф бил најитар човек во древните времиња, но во една прилика го предал Зевс, па затоа бил казнет со смрт.

Сизиф сакал да се спаси со итрина па ѝ рекол на жена си да не го погребува и да не дава задушница. Потоа, божем да види зошто таа така постапила, тој излегол од Адот.

Кога излегол, многу се забавувал и уживал во својот дворец. Тоа многу го разгневило Ад, го вратил во своето царство и го казнил Сизиф постојано да турка еден огромен камен од рамнината до врвот на ридот. Кога ќе го искачел ридот, каменот одеднаш му се испуштал од рацете и се стркалувал долу, назад во рамнината. Тој морал одново да се искачува со својот камен, но никогаш не можел да стигне до целта.
Затоа, по примерот на тој бесмислен напор на Сизиф, секој претежок и невозможен труд кој нема цел се вика Сизифов камен или Сизифов труд (работа).

 

Орфеј и Евридика

 

По аргонаутскиот поход, Орфеј (првиот лирски пејач, од чија музика сите се воодушевувале) се вљубил и се оженил за убавата нимфа Евридика. Но, таа бегајќи од несаканото внимание на Аристеј (богот на пчелите и пчеларството) згазнала на змија и умрела.

Орфеј го замолил Зевс да го пушти во Адот и да се обиде да ги наговори Ад и Персефона да му ја вратат Евридика. Тие воодушевени од неговата музика, од херојството и пожртвуваноста како љубовник и маж, се сложиле да ја пуштат, но под услов тој да не се сврти и да не види како таа оди по него. Орфеј се сложил, но на крајот од долгиот пат, раскинуван од страв, нетрпение, сомнеж и љубов се завртел да види дали таа навистина оди зад него. Тогаш таа вриснала и исчезнала засекогаш во Адот.

Кога се вратил во горниот свет, Орфеј живеел без никаква желба за живот, без храна и вода, не грижејќи се за тоа што ќе се случи со него.

 

Ахил

 

Ахил е син на Пелеј (крал на Мирмидонците) и Тетида (морска божица). Мајка му се обидувала да го направи бесмртен, па затоа ноќе го печела на оган. Еднаш наишол Пелеј и таа за да го скрие го брцнала во реката Стиг, но заборавила на петицата за која го држела. Така таа останала негово ранливо место. (Ахилова петица означува нечија слаба точка).

 

Одисеј

 

Одисеј учествува во Тројанската војна и го смислува тројанскиот коњ. По десет години исцрпувачка војна, Одисеј смислува начин како Данајските племиња да влезат во силно утврдената Троја. Данајците се преправаат дека се поразени и како знак на примирје им подаруваат на Тројанците огромен дрвен коњ. Но, во неговиот шуплив стомак се скриле најхрабрите данајски војници. Ноќта, кога по големата веселба и пијанчење Тројанците заспале, Данајците излегле од коњот, ги отвориле портите од градот, ги нападнале неподготвените Тројанци и го запалиле и целосно го уништиле градот.

Затоа, денес изреката „тројански коњ“ симболизира измама.
Патешествијата на Одисеј не завршуваат со завршувањето на Тројанската војна. Тој уште десет години талка барајќи го својот дом – Итака и доживува најразлични случки. По 20 години отсуство го дочекуваат неговата верна жена Пенелопа и синот Телемах.

Одисеј е симбол на итрина, интелигенција и генијалност; а Пенелопа на истрајност и верност.

Поради неговото дваесетгодишно војување, патување и талкање испреплетено со разни доживувања, денес зборот „одисеја“ значи патување исполнето со авантури, доживувања и перипетии.

 

Едип

 

Едип е еден од најтрагичните ликови во древнобалканската митологија.

Тој бил син на кралот на Теба, Лај. Аполон го предупредил Лај дека ќе биде убиен од сопствениот син, па тој за да се заштити себеси, кога се родил Едип наредил да му ги прободат стапалата со шајка, да го однесат во шумата и таму да го остават. (Едип значи – натечени стапала.) Но, детето го пронашол некој овчар кој го однел кај својот господар, кралот на Коринт. Бидејќи тој со жена му немале деца, одлучиле да го задржат и одгледаат.

Кога пораснал, Едип отишол во пророчиштето Делфи каде му било кажано дека му е судено да го убие татка си и да се ожени со мајка си. Кога слушнал каква страшна судбина го чека и сакајќи да ја избегне, тој засекогаш го напуштил Коринт.

Но, наместо да побегне од судбината, тој налетал на неа. Не знаејќи дека му е вистински татко, тој го убива Лај, отишол во Теба, ја решил загатката на сфингата и ја добил како награда кралицата за жена. Тоа била неговата мајка Јокаста. Тие имале четири деца: Етиокле, Полинеик, Антигона и Исмена.

Подоцна кога ја откриваат вистината, Јокаста се обесила, а Едип си ги извадил очите со игли. Слеп и осакатен отишол во прогонство.

 

Митот за златното јаболко

 

На свадбата на Пелеј (крал на Мирмидонците и татко на Ахил) и Тетида (морската божица), божицата Ерида (на кавгата) фрлила златно јаболко со натпис: „за најубавата“ пред Зевс кој требал да избере меѓу: Хера, Атина и Афродита. Тој не сакајќи да се замерува и да направи раздор, решил обврската да ја префрли на Парис кој тогаш живеел на планината Ида и не знаел дека е син на тројанскиот крал Пријам.

Неговиот татко, кога се родил Парис, по сугестија на пророците наредил да се убие бебето. Пророците рекле дека Парис ќе биде причината за уривањето на Троја. Но, мајка му го потплатила убиецот, па така Парис останал жив, пасел овци и не знаел дека е принц.
Значи, Зевс го избрал него да одлучи која од трите божици е најубава.

Богот Хермес (гласникот на Зевс) и трите божици дошле кај Парис носејќи го златното јаболко. Парис се зачудил како може еден прост овчар да одлучува за божествената убавина и решил да го подели јаболкото на три дела. Но, Хермес му ги прочитал мислите и му рекол дека мора да се одлучи за една.

Тогаш, секоја од божиците му понудила по нешто: Хера дека ќе го направи господар на Азија и најбогат човек на светот; Атина дека ќе го направи победник во сите битки, најубав и најпаметен човек на светот; а Афродита му ја понудила Елена, најубавата жена на светот (која тогаш му била жена на Менелај, брат на Агамемнон).

Афродита со помош на нејзиниот син Амор направила Елена „смртно“ да се вљуби во Парис и да го напушти својот маж. Парис ѝ го доделил јаболкото на Афродита, а со тоа добил две непријателки кои ветиле дека ќе ја уништат Троја, бидејќи знаеле дека Парис е тројански принц.
Афродита го исполнила своето ветување, му ја „подарила“ Елена на Парис, но тоа ќе биде повод за десетгодишната Тројанска војна.

 

Прашања за повторување:

 

  1. Која е функцијата на главните старогрчки богови: Зевс, Посејдон, Ад, Хера, Атина, Афродита?
  2. Што симболизираат: Аполон, Прометеј, Нарцис, Пандора, Херкул, Орфеј?
  3. Опиши ги необичните митолошки суштества: кентаури, минотаури, сатири, нимфи, сирени, кербер, мојри.
  4. Објасни го значењето на поимите произлезено од старогрчките митови: Ахилова петица, Пандорина кутија, Танталови маки, Сизифов труд, тројански коњ, Икаров лет, одисеја, Нарцисоидно однесување, Прометеев оган (прометејство), јаболко на раздорот.

 

4. Народна литература

 

Hародната литература води потекло од митологијата. Од обредните песни посветени на божествата и од митолошките приказни, подоцна се развиле нови литературни творби познати како народна литература.

 

Особини на народната литература се:

 

— усно творештво — таа се појавила уште пред писмената традиција, па затоа се создавала и пренесувала по устен пат;

— анонимно творештво — творецот на песната или приказната не е познат. Авторот не сакал да биде анонимен, туку не е запомнето, не е запишано кој е создавачот, затоа ова творештво е анонимно;

— колективно творештво — обликувањето, дообликувањето и пренесувањето е колективно;

— усно пренесување — главна особина е пренесувањето по устен пат од колено на колено (од генерација на генерација);

— варијанти — творештвото пренесувано низ векови се преобразувало во зависност од времето, средината, условите и на тој начин се создавале варијанти на една иста песна. Песните кои не биле доволно квалитетни со време исчезнувале, а оние репрезентативните добивале повеќе варијанти;

— импровизација — во зависност од приликата кога се кажувало творештвото, од публиката и од оној што ја кажувал, творбата доживувала одредени скратувања или продолжувања;

— без разлика на сите претходни карактеристики, творбите ги задржувале своите општи места, односно мотивите и сижето, како и композицијата (бидејќи за секој вид постојат одредни композициски шаблони).

 

Народната литература се дели на:

 

— народна поезија;
— народна проза, и
— кратки фолклорни видови (во стих и проза).

Scroll to Top