Почетна » прва година » Епика (прва година)

Епика (прва година)

Епика

 

Епиката е еден од трите литературни рода.

Основна карактеристика на епиката е раскажувањето (за некого или нешто).
Епските видови може да бидат кратки и долги, во стих или во проза.

 

 

ЕПСКИ ВИДОВИ Во стих Во проза
Кратки епски видови Епска песна Расказ
Долги епски видови Еп, епопеја Роман

 

Епски елементи

 

Кога обработуваме епско литературно дело, ги поставуваме следниве прашања:

1. За што се раскажува во делото? (тема)
2. Каква порака ни пренесува делото? (идеја)
3. Во кое време се случува дејството? (време)
4. На кое место се случува? (место)
5. Што се случува? (дејство, настани)
6. Што е опишано? (описи на места, ликови)
7. Кој раскажува, за кого се раскажува? (наратор, ликови)
8. Кои се карактеристиките на ликовите? (атрибути на ликовите)

 

Од овие прашања произлегуваат елементите на епската творба:

Тема е она за што се зборува во едно дело. Тоа е поопштата содржина претставена во една реченица. Често е поврзана со насловот, но не секогаш.

Идеја е главната поента во делото, пораката на авторот (она што авторот сакал да ни го каже).

Времето на случување е важен составен елемент на раскажувањето. Тоа може да биде далечно минато, поблиско минато, сегашност, иднина.

Местото на случување е, исто така, многу важно. Секое место си носи свои карактеристики, традиции, свој посебен менталитет.

Дејството (настаните) е централен елемент на епското дело. Без дејство, без настани, не би имало што да се раскажува. Преку дејството ги откриваме и карактеристиките на ликовите.

Раскажувањето на настаните во делото може да оди по хронолошки ред, но може да биде и испревртено.
Сиже е текот на настаните како што ни ги претставил авторот.
На пр. започнал со смртта на главниот лик, а потоа се враќа во минатото, во младоста, во детството итн.
Но, откако ќе го прочитаме делото во нашата свест ние ги подредуваме настаните по хронолошки, логичен ред.
Поточно, ги подредуваме настаните во причинско-последичен однос. Ваквото подредување на настаните се вика фабула.

Описот е елемент на раскажувањето преку кој се претсавуваат местата, просторите, природата, предметите, ликовите итн.

Наратор и ликови

Нараторот е „гласот“ во делото, кој понекогаш зборува во прво лице, но сепак, тој не е авторот.
Авторот е жив човек — личност, а нараторот е измислена креација — лик.
Раскажувањето во епските дела е најчесто во трето лице и тогаш станува збор за тој-раскажувач (наратор), кој може да биде сезнаечки (знае сѐ, знае како некој се чувствува, како размислува итн.) и сеприсутен (се наоѓа во исто време на повеќе места).
Поретко, нараторот е претставен во прво лице еднина (тука постои опасност да се изедначи со авторот). Тоа е јас-наратор и е еден од ликовите во делото.

Лик во делото е вршител на дејството.
Во епските дела се прикажани ликови кои се носители на идеите на авторот.
Како ликови, освен луѓето ги среќаваме: животните, растенијата, предметите, измислените суштества (ламји, вештерки итн.), како и апстрактните поими (во народната литература како ликови се јавуваат смртта, касметот и сл.)
Ликовите кои ги претставуваат луѓето може да бидат:

  • индивидуализирани (посебни, специфични), или
  • типизирани (осбини од повеќе личности собрани во еден лик; на пр.: особини на многу скржавци — тип на скржавец).

 

Лирско-епски видови

 

Лирско-епските видови не се посебен литературен род, туку меѓурод кој содржи слеани елементи и од лириката и од епиката.
Во овие дела има фабула и ликови, но и многу чувства изразени преку ликовите. Најчесто се пишувани во стих.

Лирско-епски видови се:

балада;
романса;
поема;
роман во стих.

Балада е лирско-епска песна со фантастична содржина и тажен крај.
Темите во баладите се црпат од народните легенди, преданија и суеверија, но може да бидат со реалистични мотиви.

Романса е лирско-епска песна најчесто со љубовна содржина и среќен крај.
Во почетокот со романсата се прославувале подвизи на некои јунаци за да ја заштитат својата или честа на саканата.

Баладата и романсата ги среќаваме во народната литература, но ги има и во современата литература.

Другите два лирско-епски вида се со понов датум. Нив ги нема во народното творештво, а се појавуваат во времето на романтизмот. Тоа се поемата и романот во стихови.

Поема е лирско-епско дело во стих каде поетот во епското раскажување вметнува лирски расположенија, чувства и размислувања. За време на романтизмот, англискиот поет Бајрон ја пишува својата поема „Странствувањето на Чајлд Харолд“, а во Македонија, можеби најубавата поема е „Сердарот“ од Прличев.

Роман во стих е големо лирско-епско дело каде е прикажан широк круг на случки и ликови напишано во стих. За време на романтизмот, рускиот поет А. С. Пушкин го напишал првиот роман во стихови „Евгениј Онегин“.

 

 

 

Scroll to Top