Гилгамеш (прва година)

Стотици и илјадници години пред нашата ера се формирале старите држави, а во нив и старите литератури: асиро-вавилонска, старохебрејска, староиндиска, старокинеска, старогрчка и други.

 

Асиро-вавилонска цивилизација

 

Асиро-вавилонската или сумерската литература настанала околу петтиот или четвртиот милениум пред нашата ера (4000-3000 година пр. н. е.). Нејзините почетоци се стотици години пред тоа, кога Сумерците се населиле на територијата меѓу реките Тигар и Еуфрат (Месопотамија), денешен Ирак.

На оваа територија тие создале градови-држави, меѓу кои најпознати биле: Ур, Урук, Ума, Нипур и други. Развиле системи за наводнување, ја употребувале керамиката и биле големи трговци. Во градовите управувал еден цар поддржуван од класата свештеници.

Во средината на третото илјадалетие во Ур владеела првата сумерска династија, во чие време покрај останатите цивилизациски вредности цутела културата, било создадено клинестото писмо и литература напишана на глинени плочи.

Акадците го освоиле регионот по илјада години, односно околу 2300 година пред нашата ера. Нивниот религиозен систем бил многу сличен на оној на Сумерите.

Но, блескавата сумерско-вавилонска култура, создавана речиси четири милениуми, сосема исчезнала при крајот на вториот милениум. Освојувањата, разорувањата, палежите и поплавите ја избришале од лицето на земјата. Таа територија станала тешко проодна пустина.

Дури при крајот на 19 век, љубопитните трагачи и археолози, повторно го откриваат тој стар свет и цели библиотеки со глинени плочи испишани со клинесто писмо.

Пронајдени се повеќе верзии со историјата на Гилгамеш, но конечната верзија на епот датира од 1700 година пред нашата ера (како дел од библиотеката на кралот Асурбанипал).

 

Гилгамеш (асиро-вавилонска или сумерска литература)

 

Епот за Гилгамеш се состои од 12 плочи, 12 пеења, кои може да ги поделиме на два дела, две тематски целини:
– во првите седум плочи се опишани херојските подвизи на Гилгамеш и неговиот пријател Енкиду;
– во останатите пет плочи е опишан патот и страдањата на Гилгамеш во потрагата по вечниот живот.

Бесмислено е да бараме вечен живот, но нашите дела можат да нè направат бесмртни – тоа е идејата во епот.

 

Време и место

Дејството се случува во градот Урук (Месопотамија) и неговата околина околу 3000-4000 години пред новата ера.

 

Содржина (сиже)

 

Прва плоча

Епот започнува со краток пролог, а потоа е опишан Гилгамеш и раѓањето (создавањето) на неговиот „соперник“ Енкиду, како и за влегувањето на Енкиду во Урук.

Втора плоча

Запознавањето на Гилгамеш и Енкиду, меѓусебната борба и испитување на силите, збратимувањето и подготвувањето за борба против Хумбаба.

Трета плоча

Енкиду сонува лош сон (кој подоцна целосно се остварува), а Гилгамеш прави ритуал (составен дел од митолошкиот начин на живот), за да го спречи лошото пророштво на сонот.

Четврта плоча

Јунаците Гилгамеш и Енкиду го убиваат чуварот на Кедровата гора Хумбаба. Боговите се вклучуваат во борбата помагајќи им на јунаците.

Петта плоча

Повторно Енкиду сонува сон кој Гилгамеш го толкува како позитивен.

Сонот се исполнува: по борбата со Хумбаба, тие излегуваат победници и се враќаат во Урук со неговата глава.

Шеста плоча

Гилгамеш ја отфрла љубовта на Иштар, а таа му праќа небесен бик да го убие.

Гилгамеш ја потврдува својата сила и го убива бикот, со што го навлекува гневот на божицата Иштар.

Седма плоча

Енкиду сонува сон во кој предвидува смрт. Сонот се исполнува; Енкиду легнува болен и умира.

Осма плоча

Гилгамеш тагува по Енкиду.

Деветта плоча

Гилгамеш, соочен со смртта на Енкиду, си го поставува прашањето за сопствената смрт. Не можејќи да се помири со својата смртност, решава да бара можност за бесмртност.

Десетта плоча

Гилгамеш го напушта домот, патува и е во потрага по бесмртноста. Дознава за дрвото на животот и се упатува кон Утнапиштим.

Единаесетта плоча

Средбата на Гилгамеш со Утнапиштим кој ја раскажува приказната за потопот и му кажува на Гилгамеш како да стигне до тревката на бесмртноста. Кога Гилгамеш ја наоѓа, змијата е таа што ќе му ја украде.

Дванасетта плоча

Ова пеење е придодадено кон епот. Опишана е смртта на Гилгамеш, но и подземниот свет, животот по смртта, контактот со мртвите.

 

Описи

На почетокот од епот е опишан прекрасниот град Урук кој го изградил Гилгамеш, со извишена кула за боговите, со блескавата кралска палата и со житниците што се постилаат во далечините. По ѕидиштата цел ден стоеле стражари, а ноќе војници.

Од описот се гледа големото богатсво и благосостојба на градот.

Опишан е животот на обичните луѓе, боговите, опишан е потопот, подземниот живот итн.

 

Ликови

 

Гилгамеш

На почетокот од епот е опишан Гилгамеш (веднаш по описот на градот):

Само една третина Гилгамеш е човек

а две тртини бог.

Со страв се восхитуваа граѓаните на ликот негов.

По убавина и по сила

никаде не му беа виделе рамен.

Лавот тој од лежгалото го брка,

за грива го држи и го прободува.

Дивиот бик го лови со брзина

и сила на својот лак.

Неговиот збор е моќен, а решението закон.

Повеќе од власта таткова

синот волјата на кралот ја почитува.

Штом стане човек,

синот е во служба на великиот пастир

како воин, како ловец, чувар на стада,

надзорник на градби и писар

или слуга на светиот храм.

Гилгамеш човекот од болки и радости,

никогаш не е уморен.

За него, силниот, красниот, мудриот,

мораат да работат и млади и стари,

и силни и слаби.

Сјајот на Урук треба да е посветол

од сите градови на земјата.

Гилгамеш не ја пушта љубовницата кај нејзиниот саканик.

Ни ќерката на силниот кај нејзиниот јунак,

ни синот кај татко му негов.

Ден и ноќ тој пирува со нив.

 

Главниот јунак – Гилгамеш, бил крал на прекрасниот град Урук. Тој бил една третина човек, а две третини бог, па затоа бил многу ИЗДРЖЛИВ и СИЛЕН. Тој, на почетокот ги малтретирал обичните луѓе не дозволувајќи им да си ги вршат секојдневните обврски и не им дозволувал да се одморат, само за да има друштво во своите забави. Затоа, луѓето ги замолиле боговите да создадат суштество кое ќе му биде рамно на Гилгамеш во силата и издржливоста. Тие го создале Енкиду. Во дружбата на Гилгамеш и Енкиду се гледа огромната ХРАБРОСТ и БЕСТРАШНОСТ на Гилгамеш, кога заедно ги убиваат разните ѕверови, меѓу кои и чудовиштето Хумбаба, но исто така се гледа дека тој е ДОБАР И ПОЖРТВУВАН ДРУГАР кој е секогаш подготвен да му помогне на Енкиду.

Но, во моментот кога Енкиду ќе умре, го гледаме Гилгамеш паднат во духот, многу човечки разочаран. Неговата преголема тага заради смртта на другарот, всушност е ТАГА заради сопственото СООЧУВАЊЕ СО СМРТТА. Тој повеќе тагува зашто сфаќа дека и тој самиот еден ден ќе умре. Непомирувањето со смртта го тера да тргне на исцрпувачки и предолг пат во потрага по бесмртноста. Ги преминува сите препреки, се соочува со боговите, им се спротивставува на одбивањето – ИСТРАЕН е до крајни граници, и затоа заслужено ја добива тревката на бесмртноста. И тогаш ја гледаме неговата најубава особина – НЕСЕБИЧНОСТА. Тој не ја сака тревката само за себе, туку сака да ја подели со сите луѓе, за сите да станат бесмртни. За жал, змијата ќе му ја изеде тревката и тој разочаран ќе се врати во својот град.

Сепак, иако ја изгубил тревката, Гилгамеш успеал да ја оствари својата цел. Тој успеал да стане бесмртен. Со своите дела, градбите на Урук кои и денес постојат, како и тоа што го опеале во епот кој и денес го читаме, ние по 5000 години од неговата смрт, сѐ уште зборуваме за Гилгамеш.

 

Scroll to Top