Почетна » прва година » Морфологија – видови морфеми (прва година)

Морфологија – видови морфеми (прва година)

Морфологија е дел од науката за јазикот (лингвистиката).
Таа се занимава со проучувањето на формите на зборовите, нивното образување и нивното граматичко значење.
Морфологијата се занимава само со надворешната форма на зборовите – нивната градба и поделбата во групи според граматичките својства.
(За деловите на зборот, основа на зборот и основен вокал прочитај повеќе ТУКА.)

Морфема

Деловите на зборот што имаат некакво значење (лексичко или граматичко) се наречени морфеми.

Зборовите се составени од помали делови: гласови, слогови и морфеми (значенски делови).

Да го земеме, на пример, зборот „изработката“. Него може да го поделиме на следниве начини:
1. поделба на гласови: и-з-р-а-б-о-т-к-а-т-а,
2. поделба на слогови: из-ра-бот-ка-та, и
3. поделба на морфеми: из-работ-ка-та.
Со првите две поделби се занимава фонетиката (науката за гласовите), а со третата се занимава морфологијата.
Во третиот случај имаме делови кои содржат некакво значење.

 

 

Видови морфеми

 

Првиот дел „из-“ е претставка (префикс) со кој може да формираме многу нови зборови кои ќе го изменат значењето од првобитното (на пр. измете, издржи, извалка, из`рти, излечи) и кој има значење на завршено дејство.

Вториот дел „работ“ е коренот на зборот (коренска морфема) и е носител на значењето. Во овој случај тоа е земено од глаголот „работи“ (со значење: прави, дејствува, создава).

Третиот дел „-ка“ е наставка (суфикс) кој се користи за образување на именки од глаголи (на пр. сметка, летка, прошетка).

Четвртиот дел „-та“ е граматичка морфема (флексија) која служи за означување на определеност на именката (член).

 

Морфемите ги делиме на:

 

1. Корен (коренска морфема) е општиот дел кој повеќе не може да се дели и кој е носител на значењето на група зборови.
2. Афикси (афиксални морфеми) се додатоци на општиот дел (коренот) кои служат за изведување нови зборови (зборообразувачки) или за граматички (формообразувачки) ознаки.

 

Разликуваме повеќе видови афикси:

А. изведбени (зборообразувачки) морфеми:

а) префикс (претставка) – влегува во составот на основата и се наоѓа пред коренот;
б) суфикс (наставка) – се наоѓа зад коренот, а пред флексијата;
в) интерфикс – се наоѓа меѓу две коренски морфеми.

Б. граматичка (формообразувачка) морфема:

г) флексија – се наоѓа на крајот од формата на зборот (означува промена на род, број, лице, вид итн.)

 

 

префикс корен суфикс флексија
град ба
град ови
над град ува
из град ба та (ва, на)
пред град и е (ја)

 

 

корен интерфикс корен суфикс флексија
 

брод

 

о

 

град

 

ба

 

та

 

 

Прашања за повторување:

  1. Што е морфологија?
  2. Што е морфема?
  3. Какви видови морфеми постојат?
  4. Што е корен (општ дел) на зборот?
  5. Што е суфикс?
  6. Што е префикс?
  7. Што е флексија?

Вежби:

  1. Образувај што повеќе зборови додавајќи афикси на зборот СЕДИ.
  2. Определи го коренот во следните зборови: помали, научен, топка, поштар.
  3. Кои од следните зборови имаат повеќе од еден префикс: раскина, изнакажа, подзастана, смисли, разграбува, изнасмеа, разнижува, разнебитува.
  4. Подели ги зборовите на морфеми: претскажуваат, размислувам, смисловен, значенската, класификација, расцветан.
  5. Определи кои зборови на крајот имаат зборообразувачки, а кои формообразувачки морфеми: овчар, седумка, решетка, гледам, очиве, шетајќи, прсти, прстен.
  6. Определи ги и именувај ги морфемите во следните зборови: вратоврска, тросед, двоглед, милозвучен, триаголник.
Scroll to Top