Почетна » прва година » Придавки (прва година)

Придавки (прва година)

Придавки се зборови што означуваат некој признак (карактеристика) на предметот што го определуваат.
Нивната основна служба е да ја определуваат именката и затоа најчесто стојат непосредно пред неа.

 

Видови придавки

 

1. Квалитативните или описни придавки означуваат својство што се открива во предметот како таков, без поврзување со некој друг предмет.

На пр.: добар, убав, мирен (коњ)

2. Односните (релативни) придавки означуваат својства што упатуваат на некој друг предмет.

На пр.: манастирски (се однесува, упатува на манастир) коњ.

3. Бројните го означуваат односот на предметите по ред.

На пр.: прв, втор (коњ)

4. Заменските придавки се изведени од заменки и многу наликуваат на нив.

Разликуваме:

а) Присвојни заменски придавки

мој, твој, негов, нејзин; наш, ваш, нивни; свој.

На пр.: Моето куче е помало од твоето.

Неговата куќа се наоѓа во населбата Црниче.

б) Заменски придавки со показно и квалитативно значење

ваков, таков, каков, онаков, секаков, никаков, некаков, толкав, колкав, олкав, онолкав, сиот, сам, ист, друг.

На пр.: Таму доаѓаа секакви луѓе.

Не очекував таква реакција од негова страна.

 

Граматички категории кај придавките

 

Бидејќи основната служба на придавката е да ја определува именката, таа од неа ги добива и своите граматички обележја: род, број и член (определеност).

Род

Родот кај придавките е променлив.

Може да биде машки, женски и среден што зависи од именката до која стои.

На пр.: м.р. – добар човек; ж.р. – добра жена; ср.р. – добро дете.

Број

Бројот кај придавките, исто така, зависи од бројот на именката што ја определува.

Придавките имаат еднински форми за машки, женски и среден род и една форма за множина.

На пр: добар, добра, добро; добри.

Член (определеност)

Кај граматичката категорија определеност, придавката го презема членот од именката.

Кога имаме определена синтагма (именска група од придавка и именка), го членуваме само првиот збор, односно придавката (не може да се членуваат двата збора, туку само првиот).

На пр.: (добар) човекот – добриот човек.

 

Степенување на придавките

 

Степенувањето на придавките е карактеристично само за описните, односно квалитативните придавки. Тие изразуваат некое својство на предметот кое може да биде застапено во помал или поголем степен.

На пример, некој предмет може да биде мал, некој да е уште помал, а некој во споредба со другите да е најмал.

Формите за компарација се:

1. Позитив – основната форма на придавката (добар).

На пр.: Тој е добар ученик.

2. Компаратив – форма за споредување на два предмета. Се образува со префиксот: по-, кој се пишува слеано со придавката (подобар).

На пр.: Тој е подобар ученик од Горан.

3. Суперлатив – форма за споредување на еден со повеќе предмети. Се образува со префиксот: нај-, кој се пишува слеано со придавката (најдобар).

На пр.: Тој е најдобар ученик во класот.

 

Образување на придавките

 

Образување нови зборови од други зборови е многу продуктивен начин за збогатување на речникот. Голем број придавки се образувани од други зборови, особено односните.

Дел од придавките се образуваат од други зборови со суфикси.

1. Образување од именки обично се прави со суфиксите:

– ов/ -ев (јаболков);
– ски/ -шки/ -чки (свински, морски, тиквешки, човечки);
– ен (дрвен, златен, устен);
– ест (пердувест);
– ин (теткин);
– ји (птичји, кравји)
– ав (крастав)

2. Од глаголите се образуваат придавки со следните суфикси:

– ен (плетен, шиен);
– ачки/ -ечки (исцрпувачки, стоечки, пливачки);
– лив (предвидлив, миризлив);
– телен (растителен).

3. Од други придавки:

– кав (дебелкав, жолетникав);
– ичок/ – ечок (слабичок, малечок);
– узлав (белузлав).

4. Од прилози:

– ен/ -шен (долен, овдешен).

5. Од бројни основи:

– ен (двоен, троен)
– ти (петти);
– ичен (првичен, вторичен).

 

Функцијата на придавките во реченицата

 

Основни функции на придавката во реченицата

 

Придавката во реченицата е секогаш поврзана со именката, па затоа нејзината функција е во тесна врска со неа. Таа врска може да биде непосредна или посредна.

На пр.:

1. Добра книга.

2. Книгата е добра.

Во првиот пример врската е непосредна (веднаш пред именката) и тогаш придавката има улога на атрибут.

Во вториот пример врската е посредна (стои со помошниот глагол сум – е) и тогаш е дел од прирокот (именски прирок).

 

Споредни функции на придавките во реченицата

 

Поретко се случува придавката да стои самостојно во реченицата, без именката. Тогаш, значењето на придавката се доближува до значењето на именката.

Во ваков случај придавката добива функција како именката, односно може да биде:

а) подмет во реченицата

на пр.: Немирните беа избркани од час.

б) предмет во реченицата

на пр.: Им завидувам на старите за мудроста што ја поседуваат.

в) прилошка определба

на пр.: Јас ќе напишев подобро.

 

Определи ги придавките и нивната функција во следните реченици:

а) Убавиот цртеж е на Марија.

б) Оваа маса е најмала.

в) Неговата брада е црвена.

г) Богатите никогаш не ги разбираат сиромашните.

д) Петтиот добитник на наградата е старецот.

 

Задачи:

1. Од следните зборови издвој ги именките и придавките: моли, молба, молење, молител, замоли, замолен, молејќи, дом, дома, домаќин, домашен, задомена, домување, домува.

2. Направи морфолошка анализа на следните придавки (да се определи видот, родот, бројот, членот, степенувањето):
најубав, умствената, десеттото, нејзини.

3. Образувај придавки од следните зборови: сестра, Стојан, Македонија, Охрид, есен, орел, овца, коза, црква, училиште, липа, крв.

Scroll to Top