„Страдањата на младиот Вертер“ од Гете, е роман напишан во вид на писма, односно како еден вид дневник. Писмата се упатени кон пријателот Вилхелм, но од него немаме одговори, па затоа наликува на дневник.
Темата на романот е силната, младешка, неостварена љубов на Вертер кон Шарлота (Лота).
Книга прва
(од мај до септември 1771)
Младиот правник Вертер, сѐ уште не знае со што ќе се занимава во животот, па му пишува писмо на пријателот Вилхелм дека се преселил во мало гратче за да му се посвети на сликарството. Самото гратче не било убаво, но природата во блиската околина била вистинска инспирација за секој уметник.
Во духот на романтизмот, младиот Вертер бега од секојденвните проблеми во нова средина и во природата.
Уште во првото писмо дознаваме дека тој бил вплеткан во некакви љубовни интриги од кои немало излез, освен физичко бегство. Но, ги дознаваме и односите со неговата мајка – дека се студени, далечни. Тој воопшто не ѝ се обраќа нејзе, туку пораката за некој наследен имот ја пренесува преку својот пријател. Ја споменува тетка си, за која слушал само лоши работи, а неговиот впечаток не е таков – таа за него е „бодра, силна жена, со многу добра душа“.
Оттука, може да заклучиме дека тој го восприема светот како лажен, лицемерен и не е чудно што сака да избега од него – во самотијата и природата.
Во своите писма му раскажува на пријателот дека не работи, односно не слика многу, дека го запознава прекрасното село Валхајм, околината и тамошните жители. Смета дека животот на селаните е многу подобар од неговиот, особено зашто ништо не знаат и затоа се посреќни.
Еден ден бил повикан на селскиот бал каде ја запознал Лота. Таа била ќерка на управникот на имотот, а се грижела за своите осум браќа и сестри по смртта на мајка си.
Вертер ќе се воодушеви од нејзиниот изглед и внатрешната убавина и без разлика што таа имала свршеник, ќе се вљуби во неа.
На својот пријател му ја опишува како најпрекрасно создание, вистински ангел. На балот тој бил нејзин придружник, танцувал со неа, разговарал за литература, уживал во нејзините безгрижни, неизнасилени, хармонични движења во танцот. Уште повеќе ќе го магепса нејзиното однесување кога ќе почне невремето и сите премногу ќе се исплашат од грмотевиците. Таа ќе ги собере во круг и ќе започне безначајна игра, само колку да го одвлече вниманието и намали стравот.
Свршеникот бил отсутен подолго време, па затоа Вертер и Лота ќе имаат прилика да поминуваат повеќе време заедно.
Кога се вратил Алберт, свршеникот на Лота, Вертер се спријателил со него. Го сметал за симпатичен и интелигентен човек, човек со отворен ум. Но, сепак, во себе си мислел дека Лота би била посреќна со него, отколку со свршеникот.
Вертер ќе се опседне со Лота, неговите мисли и чувства ќе бидат насочени само кон неа и тој сѐ повеќе ќе се вљубува во неа.
На 21 август
Залудно ги подавам рацете кон неа, наутро, кога се будам од тешки соништа; напразно ја барам во мојата постела навечер, кога некој среќен, невин сон ќе ме измами дека седам до неа на ливадата и дека ѝ ја држам раката и ја опсипувам со илјада бакнежи. Ах, кога сѐ уште омаен од сонот ја барам со прстите и се будам потоа – од моето притеснето срце блика поток солзи, и јас плачам неутешно претчувствувајќи една мрачна иднина.
За роденден, при крајот на август, Лота ќе му подари на Вертер Хомерова книга врзана со розова панделка од нејзиниот фустан што го носела на балот кога се запознале. Овој подарок ќе му потврди на Вертер дека Лота добро го познава, дека му е блиска и приврзана.
Потоа, често ќе престојува во нејзината градина, помагајќи ѝ да собере овошки, само да биде во нејзина близина. Но, ќе почне да сфаќа дека љубовта што ја чувствува повеќе наликува на болест отколку на среќа, и дека Лота се однесува пријателски, но е верна и нема да го напушти својот вереник.
Затоа, одвај ќе собере сили, но ќе успее да замине во друг град со надеж дека работата и новата средина ќе му помогнат да ја изгаси страста.
Книга втора
(од 20 октомври 1771 до 6 декември 1772)
Во октомври, Вертер се наоѓал во служба кај некој амбасадор, аристократ, човек кој никогаш од ништо не бил задоволен. Иако се трудел да си ја врши работата најдобро и најсовесно, амбасадорот со неговиот ситничав однос ќе ја убие волјата за работа како правник кај Вертер.
Но, работата не е единственото нешто што ќе го измачува. Вертер не може да ги поднесе сталешките односи. Поточно, не може да ги поднесе благородниците, нивната ограниченост со церемонијалот, со точно определеното место на секоја единка според сталежот.
Од сите благородници, еден гроф покажувал симпатии кон Вертер и еднаш го поканил на ручек. По ручекот имало прием и Вертер сакал да си замине, но останал поради некоја девојка која му се допаѓала. Заради неговото останување, ќе настане цел скандал. Најпрво жените почнале да си шепкаат, па шепотот се пренел на мажите и на крајот грофот го замолил Вертер да си замине. Тие, благородниците, го сметале недостоен да биде во истата просторија со нив – и затоа ќе го избркаат.
Тогаш Вертер ќе поднесе оставка кај амбасадорот и ќе избега оттаму.
Во меѓувреме дознал дека Лота и Артур се венчале.
Вертер ќе замине во посета на своето родно место, во градот каде го минувал среќното детство додека бил жив татко му. Таму ќе побара прибежиште, топлина, смирување. Се чувствува како аџија, како поклоник на светата земја. Му се будат спомените, но и не му се допаѓаат промените што се случиле откако си заминал.
Потоа, во писмата, го известува својот пријател дека помислувал да замине во војна, но кнезот ќе го разубеди и ќе му даде работно место.
Со овој кнез односите му се добри, пријателски, многу повеќе го почитува и му се допаѓа отколку претходно амбасадорот. Но, ни тука нема намера да остане. Нешто го гони да продолжи, да замине.
А тоа нешто е Лота.
По цела година, тој, летото 1772 година, повторно ќе дојде во Валхајм, во близина на Лота.
Љубезната Лота ги прима посетите на Вертер. Таа е ведра и расположена како и секогаш, а неговите љубовни страдања се зголемуваат секојдневно. Во своите фантазии оди до таму што писмото кое Лота го упатила до својот маж, кога случајно паѓа во рацете на Вертер, си замислува дека е упатено до него. Нежните, љубовни зборови: „драг мој, сакан мој, врати се побргу, те чекам со неискажлива радост“, Вертер си замислува дека се за него.
Кога ќе се врати Артур, повеќе нема да биде пријателски расположен кон Вертер, ќе го избегнува неговото друштво, и иако ништо нема да ѝ рече, на Лота ќе ѝ биде јасно дека мора да ги прекине или барем да ги намали неговите посети. По едно Вертерово трескавично однесување, кога не може да си го смири поривот и ја зел во прегратка, таа со вкочанет поглед ќе му каже дека е болен и дека треба да си оди.
По ова, на 6 декември, тој го пишува своето последно писмо до пријателот:
Колку ме прогонува тој лик! И во сон и во јаве ми ја исполнува душата! Тука, кога ги затворам очите, кај челото, каде што е сосредоточена внатрешната сила на гледање, стојат пред мене нејзините црни очи! Тука! Не можам да ти го објаснам тоа. Кога ќе си ги затворам очите, тие се тука; како море, како бездна, тие лежат пред мене, во мене, ми ги исполнуваат мислите во главата.
Што е човекот, тој славен полубог! Зар не му недостига сила токму тогаш кога му е најпотребна? И кога окрилен од радост или потонат од страдање, зар не е запрен и во двете токму тогаш, зар нема нешто да го запре и да го врати одново во матното, студено сознание токму тогаш кога тој копнее да се раствори во полноста на бесконечноста?
Од издавачот кон читателот
Во овој дел од романот ги нема повеќе личните сведоштва, писмата на Вертер, но сепак, има сведоштва во неговите документи, односно неиспратените писма.
Мислата да го напушти овој свет сѐ повеќе се зацврстила кај Вертер.
Безнадежната љубов и маките што ги чувствувал целосно го исцрпиле.
Неделата пред Божиќ, кога бил во посета, Лота му рекла да не доаѓа до Божиќ, да се воздржи. Тогаш тој ѝ го пишува прошталното писмо во кое ја искажува својата решеност да умре. Ѝ кажува дека ќе се жртвува за неа, дека од нив тројцата некој мора да умре, дека помислувал да го убие Артур, или неа, но дека одлучил тој самиот да биде жртвата.
Пред Божиќ, тој сепак ја посетил. Долго ѝ ги читал препеаните стихови на Осиан, двајцата се соживеале со нив, со неостварената љубов и смртта.
Растреперени од поезијата, Вертер ја гушнал Лота и ја опсипал со бакнежи. Таа, чувствувајќи љубов, но и вина, се оттргнала од неговата прегратка и му рекла дека никогаш повеќе нема да ја види. Но, и Вертер тоа го сметал за збогување.
Си ги средил сите работи, сите долгови и дарови, кажал дека ќе заминува и од Артур побарал револвер кој му бил потребен за патувањето.
На слугата, кој го донел писмото, токму Лота ќе му го подаде револверот, што за Вертер ќе биде романтично простување.
Ноќта си пука во главата и остава аманет да го закопаат крај липите под кои седеле со Лота, во сино-жолтиот костум што го носел на балот, а во ковчегот да ја стават розовата панделка.
Другите стории во романот
Во романот, покрај главната сижејна линија, се испреплетуваат неколку други приказни, кои служат за поткрепа или како претскажување на она што ќе се случува.
Особено е интересна приказната за едно селско момче кое служело кај некоја вдовица. Таа не била веќе многу млада, но момчето раскажувало со многу восхит кон неа, од што можело да се заклучи дека тој ѝ бил предаден со целата душа и тело.
Пред карајот на романот ќе дознаеме дека момчето извршило убиство. По некои несогласици тоа си заминало од куќата на вдовицата, па таму дошол нов слуга. Од љубомора, и желба, ако не тој, тогаш и никој друг да ја нема љубената жена, извршил убиство.
Вертер, сочувствувајќи, целосно разбирајќи го момчето, се обидел на секој можен начин да го оправда. Никој не можел да разбере како може да оправдува нешто што не може да се оправда.
Исто така, скицирани се селаните, нивниот едноставен, но тежок живот, со многу деца и тешка егзистенција.
Ликовите во романот „Страдањата на младиот Вертер“
Вертер е млад, богат, образован правник, кој не припаѓа на благородничката класа. Од неа, тој е згрозен. Нивната борба за „столчето понапред“ му се гади; нивното површно знаење, нивното отфрлање на секој што не припаѓа на сталежот, нивната „поза“ и целосното нечувствување на нештата придонесува да избега од цивилизацијата во село, меѓу простиот и едноставен човек.
Како типичен роматичарски јунак, тој ќе избега во природата, во самотијата, во сликањето и поезијата. Несреќно и безнадежно ќе се вљуби во Шарлота (Лота) која ќе се омажи за друг. Сите свои мисли, соништа, желби и страсти ќе ги насочи кон неа. Ќе се опседне и зароби. Ќе стане роб на самиот себе, на мечтите за кои знае дека се неостварливи, на страдањата за кои знае дека се бесполезни. Ама ќе влезе во таа љубов со сета своја жар, без разлика на последиците. А тие ќе бидат кобни.
Ќе се обиде Вертер да биде разумен и приземен. Ќе се обиде да сфати дека Лота е мажена и недостижна, ќе се обиде да започне живот без неа. Но, нема да успее. По цела година залудни обиди, ќе се врати кај неа. Ќе живее на сѐ или ништо. Ќе се обиде да ја грабне за себе од прегратките на сопругот. Но, и тие обиди однапред ќе бидат осудени на неуспех. Таа никогаш претходно не му дала повод да мисли дека ќе биде со него, а сега целосно ќе му обзнани дека е верна на својот маж, дека иако можеби тој ѝ е поблизок во сфаќањата, мечтите и желбите, за нивната љубов нема иднина.
Има ли Вертер друг излез? Некого мора да го снема. Лота? Артур? Или самиот тој?
По одлуката да се убие, го облеваат благородните чувства на жртва. Ќе ја остави да живее среќно со својот маж. Нема да биде пречка, ниту провокација, ниту желба, ниту надеж. Сите надежи се изгубени и тој одлучува да заврши, сега и тука.
Лота, во духот на романтизмот, е опишана како совршена жена. Убава, мила, ведра, образована, сочувствителна, одговорна. Таа блеска со својата убавина и ведар дух. Таа е светлина за сите околу неа, особено за многубројните браќа и сестри кои ги чува по смртта на мајка си. Таа им е втора мајка и добро се снаоѓа во таа улога. Таа е светлина и меѓу пријателите кои ги теши и забавува додека има невреме, иако и самата се плаши. Таа е светлина и за својот маж, Артур, кому му е посветена, го сака и го почитува.
Но, и таа не може да ѝ одолее на привлечноста и чувствата што ги има кон Вертер. Тој е нејзината сродна душа. Ужива во неговото друштво, во истите размислувања за литературата, музиката, уметноста, природата. Тие и без зборови сосема се разбираат.
Но, Лота нема да им потклекне на искушенијата. Ќе се соземе, ќе се соочи со реалноста и ќе му се посвети на својот маж. Ќе му остане верна.
Иако чувствува жал и ја претчувствува кобната иднина на Вертер, таа не може да му помогне. И ќе го жртвува за сопствениот мир и среќа. За сопствената иднина.
Артур не е многу детално опишан во делото, но сепак може да кажеме дека тој е солиден човек, со стабилна работа и обезбедена иднина за себе и идното семејство. Ја сака Лота и има целосна доверба во неа. Не е љубоморен, сѐ додека љубовта на Вертер не ја гледаат сите, и кога станува збор за честа на жена му и семејството. Тогаш се спротивставува. Тогаш става граници и се обидува да ја отстрани опасноста за рушење на неговиот брак.