Почетна » втора година » Јохан Волфганг Гете

Јохан Волфганг Гете

За животот на Гете

 

ГетеЈохан Волфганг Гете бил роден 1749 во Франкфурт. Тој е претставник на германскиот ран романтизам (предромантизам).

Потекнувал од богато буржоаско семејство.

Татко му бил правник, кралски советник, кој му ги пренел дисциплината и организираноста, а мајка му, пак, повлијаела со ведрината на духот, бујната фантазија и смислата за раскажување во градењето на неговата личност.

Го школувал татко му и приватни учители. Ги учел: латинскиот, грчкиот, францускиот, англискиот и хебрејскиот јазик. Учел цртање и музика, но најмногу се заинтересирал за литературата и театарот.

По стапките на татка си, студирал правни науки, но љубовта кон уметноста не запрела.

На студии во Стразбур, се запознал со Хердер, кој бил против просветителството и неговите ограничувања. Од него ги прифатил романтичарските идеи: љубовта кон природата и традицијата, оригиналноста, индивидуалноста итн.

Следните години (1772 – 1774), Гете патувал од град во град, запознавал нови луѓе и пријатели, се вљубувал и се инспирирал да го напише својот прв и најпознат роман „Страдањата на младиот Вертер“.

Прво, бил чест гостин во куќата на мажената Максимилијана, на која ѝ ги читал своите песни. Потоа се вљубил во Шарлота (Лота) Буф, која била тајно верена за неговиот пријател Кестнер. Сакајќи да заборави и да се оддалечи од своите љубовни пориви, се преселил во гратчето Вајмар каде ќе живее до крајот на животот. Таму ќе продолжи да ѝ пишува писма на Шарлота, но и ќе дознае за самоубиството на еден негов пријател. Сето ова, но и многу повеќе, тој ќе го вткае во романот.

Важен дел од животот на Гете било пријателството со познатиот германски поет и драмски писател Фридрих Шилер, со кого често се допишувале, другарувале и разменувале книжевни размислувања.

Во Вајмар, Гете живеел долго време во вонбрачна врска со Кристијана, со која имале неколку деца што умреле уште како мали. По 18 години, тој се оженил со неа. Само синот Август (1789–1830), од таа врска, успеал да создаде семејство, но и тој починал релативно млад, на 41 година. Августовата жена, веќе вдовица, Оти, се грижела за Гете до неговата смрт, 1832 година.

 

Книжевно творештво

 

Најзначајни дела на Јохан Волфганг Гете се романот „Страдањата на младиот Вертер“ и трагедијата „Фауст“.

ПРОЧИТАЈ ПОВЕЌЕ за романот „Страдањата на младиот Вертер“.

Scroll to Top