„Ана Каренина“ од Толстој (анализа)
Романот „Ана Каренина“ од Толстој има сложена комозиција зашто целосно го опфаќа руското општество од втората половина на 19 век.
Во основа, романот е семеен, следејќи го животот на повеќе семејства (Каренини, Облонски, Шчербачки, Вронски, Левини). Но, токму преку животот на овие семејства со различно место на живеење, менталитет и сфаќања, како и преку многу споредни ликови: селани, чиновници, интелектуалци, благородници, е претставено целокупното општество.
Романот има три фабуларни линии:
- Главната фабуларна линија, која ја следиме од почетокот до крајот на романот е животот на семејството Каренини – високиот држевен чиновник Алексеј, сопругата Ана и синот Серјожа. Оваа фабуларна линија се збогатува со врската на Ана и Алексеј Вронски, правејќи го љубовниот триаголник Каренин – Ана – Вронски.
- Семејството Левин, Костја и Кити, чија приказна, исто така, ја следиме од почетокот до крајот на романот.
- Семејството Облонски, Стива и Доли.
Овие семејства се роднински поврзани, па затоа настаните во романот, односно трите фабуларни линии, се паралелни и испреплетени.
.
Романот има две основни теми:
- Роман на индивидуалецот, психолошки роман за трагичната љубов, грев, изневерување, страдање, неприфаќање (Ана, Вронски и Каренин).
- Општествен роман во кој се поставуваат многу актуелни прашања за тогашното руско општество. На пример: криза на благородништвото; неработењето, расипништвото, неморалот и хипокризијата на градското благородништво; судирот меѓу селските наемници и големопоседниците; теоријата за мирен бунт; самоуправувачко земјопоседништво итн.
Толстој имал негативен став кон градското благородништво. За него тоа било морално и материјално пропаднато. Тие ништо не работеле, времето го минувале на балови и седенки, сплеткарејќи и озборувајќи, трошејќи го наследениот имот. Типичен претставник на ова благородништво е Стива Облонски (братот на Ана Каренина).
Од друга страна, пак, Толстој со особени симпатии го слика ликот на Левин, кој е претставник на селското благородништво. Тој работи на својот имот, работи на унапредување на домаќинството и земјоделското производство, ги мотивира селаните итн.
Прочитај ја прераскажаната содржина на романот „Ана Каренина“
Ликот на Ана Каренина
Ана е многу противречен лик, и во своите мисли и чувства и во своите постапки.
Таа е убава млада жена, елегантна, грациозна, со мило и нежно лице, со жива насмевка. Во нејзино друштво сите се чувствуваат пријатно, па дури и кога сите молчат.
На почетокот децата на Доли ја обожуваат, на Кити ѝ е симпатична, а веднаш по балот и средбата со Вронски, тие го менуваат мислењето. Децата на Доли велат дека веќе не е иста, а Кити ќе коментира дека во Ана има нешто страшно, ѓаволско, но и прекрасно во истовреме.
Ана знае дека Кити се надева на понуда за брак од Вронски, но откако го среќава, како да го заборава тоа, поточно само ги следи своите желби и чувства не мислејќи на другите. Цела вечер ќе танцува со Вронски, свесна дека веројатно ја озборуваат, свесна дека ја повредува Кити, но продолжува. Откако волшебната вечер завршила, таа како да се освестила. Се оправдува пред Кити и решава веднаш да се врати дома, кај сопругот и синот и да го заборави Вронски. Во мислите дури му се радува на домашниот мир и спокојство. Но, не било така. Домашната атмосфера ја разочарува. Сфаќа дека не може да го поднесе својот маж, а и синот не ѝ причинува некое големо задоволство. Привлечноста што ја чувствува кон Вронски не ѝ дава мир. Уште повеќе и затоа што Вронски веднаш тргнува по неа, велејќи ѝ дека мора да оди таму каде што е таа.
Во Петроград се среќаваат на сите забави на кои Ана божем му се лути на Вронски што ја прогонува, а всушност си признава себеси дека тоа негово гонење ѝ годи и ѝ претставува единствена смисла на животот.
Овие средби ќе бидат забележани од луѓето, па и од сопругот на Ана, Каренин, кој сосема ладнокрвно ќе ја опомене за недоличното однесување.
Тогаш Ана сосема ќе се сврти кон Вронски и ќе му каже дека веќе ништо нема во животот освен него. Овие зборови внесуваат нагла промена, пат кон неизвесноста, но кај неа носат радост од една, и чувство на грев, вина и срам од друга страна.
.
Дилемата како да постапи се расчистува за време на трките, кога Вронски паѓа од коњ и кога таа премногу емотивно реагира. Јасно е дека го сака и тоа му го признава на својот сопруг. Но, повторно не може до крај да ја расчисти ситуацијата и да се реши, зашто со разводот не сака да го изгуби синот Серјожа.
Постојано ѝ се враќаат зборовите што му ги кажала на Каренин признавајќи дека Вронски ѝ е љубовник и постојано чувствува срам. Ги чувствува непријатните погледи од околината, непријатните коментари, потсмевањата. Ѝ станува тешко да ги погледне во очи блиските. Го сфаќа ужасот на својата положба и се обидува да се оправда, барем пред себе:
„Не знаат тие како тој осум години го задушуваше мојот живот, задуши сѐ живо во мене, ни еднаш не помисли дека сум жива жена на која ѝ треба љубов. Не знаат како на секој чекор ме навредуваше, и потоа беше задоволен од себе. Зар не се грижев со сите сили да го оправдам пред себе својот живот? Зар не се трудев да го сакам него, да го сакам нашиот син кога веќе мажот не можеше да се сака? Но дојде времето, сфатив дека не можам повеќе да се лажам, дека сум живо суштество, дека не сум виновна што Бог ваква ме создал да ми биде потребно да сакам и да живеам. “
.
Ана е раскината меѓу сопствената потреба од љубов и моралните и општествени норми. Душевно, целосно му се предава на Вронски и ужива во нивната страсна врска, но разумот ја измачува и затоа чувствува вина и срам.
По тешкото породување со бебето од Вронски, таа е тешко болна и мисли дека се соочува со смртта. Тогаш го повикува Каренин да бара од него прошка, сметајќи дека така полесно ќе умре. На смртната постела таа ќе ја искаже својата почит кон сопругот. Ќе каже дека е светец, дека е подобар човек од неа. Но, кога ќе оздрави, ќе ги заборави тие зборови и повторно ќе почувствува одбивност и одвратност кон него.
Потоа Вронски ќе даде оставка и таа со него три месеци ќе патува низ Европа. Понекогаш ќе се обвинува себеси дека постапила лошо, дека е лоша мајка што го оставила синот и дека заради тоа треба да страда, но таа не страда. Ужива во љубовта со Вронски.
Но, како поминува времето, Вронски сѐ почесто отсуствува од дома, а таа сѐ почесто е сама. Така кај неа расте немирот и љубомората. Почнува постојано да негодува, да бара поводи за кавга, да прави љубоморни сцени. Мометите на мир и љубов стануваат сѐ поретки. Се убедува себеси да биде разумна, да има верба во својот сакан и неговата љубов, да биде пострплива. Но, тоа се само ретки разумни моменти. Немирот и гневот се во постојан раст. Во еден момент се убедува себеси дека треба да живее, но следниот момент решението го гледа во смртта. Во еден таков момент на криза, преплавена од гнев и љубомора, одејќи на железничката станица во пресрет на Вронски, таа решава да се фрли под возот и така да заврши сѐ.
.
Дали Ана Каренина е виновна за сѐ или е жртва на лажниот морал на општеството во кое живее?
Нејзината вина може да ја пронајдеме во нејзината себичност. Таа сака да сака и да биде сакана и за љубовта жртвува сѐ. Го жртвува стабилното семејство и среќата на нејзиниот син Серјожа (за што се обвинува, но го жртвува). Себична е и кон Вронски – ја бара неговата љубов и внимание безусловно. Таа ги прекинува неговите односи со семејството, со пријателите, па и со работата, само за целосно да ѝ биде нејзе посветен. Му раѓа ќерка (Ана) на која речиси воопшто не ѝ обрнува внимание и му вели на Вронски дека нема да има други деца. Таа не сака децата да ѝ пречат во љубовта. На крајот, и нејзиното самоубиство е себично. Остава две сирачиња, го остава Вронски сам и изгубен и го остава Каренин да се грижи за бебето Ана.
Општеството е виновно зашто да се случуваше ова денес, немаше да имаме толкава драма. Разводот е секојдневна работа. Но, тогаш, во Русија, не било така. Таа не може да биде слободна и не може да си ја најде својата среќа и мир заради стегите и лажниот морал на околината.
Ана е можеби најмногу жртва на љубовта. Зашто кога за првпат ќе ја почувствува таа не знае како да се справи со чувствата , со животот, со одговорноста и едноставно ѝ се препушта, па макар таа водела во смрт.
Ликот на Левин
По своите сфаќања, размислувања, начин на живот, филозофски начела, ликот на Левин има многу автобиографски елементи (но, се разбира, Левин е креација, не е Толстој).
Преку овој лик се дадени критичките ставови за врската меѓу Ана и Вронски, изборот меѓу себичноста и добрината. Исто така, презирот кон градското благородништво, животот на село и менувањето на односот меѓу селаните и земјопоседниците, филозофијата на мирен бунт итн.
Секако и Левин е дел од приказот на семејството, и него го измачуваат љубовни страдања. Тој е вљубен во младата Кити и безмилосно одбиен од неа. Ќе вложи многу време и напор да ја заборави, да продолжи да живее, но залудно. За негова среќа, по извесно време, со помош на Облонски, при повторната средба успеваат да се помират и спојат.
Водилката на Левин е: „Секаде е убаво, но дома е најубаво“. Тој живее во својот свет на село и не сака да го напушти, туку да го подобри. Често и самиот работи заедно со селаните и на тој начин ја добива нивната почит и доверба. На крај дури тој ќе им го даде имотот на селаните и надзорниците убеден дека така ќе работат поодговорно, работејќи на своето, а не на туѓо.
Ликот на Вронски
Вронски е пријатен и добар човек, образован и интелигентен. Неговата појава зрачи со убавина, решителност и елеганција. Однесувањето му е природно, искрено, пријателско.
На почетокот тој не може да се замисли како семеен човек, но кога ќе ја сретне Ана неговото мислење се менува. Пред Ана сака да клекне, да ја следи во чекор, само за да ја гледа и слуша.
Меѓу офицерите и пријателите бил омилен, почитуван и ценет зашто другарството секогаш го ставал на прво место. Но, за врската со Ана не им дозволувал да се шегуваат, ниту на домашните им дозволувал да се обидат да го одвратат. За него оваа љубов е еднаква на животот. Ова го докажува по породувањето и болеста на Ана, кога ќе се почувствува низок и неправеден кон Каренин, но и толку вљубен и посветен што ќе се обиде да си го одземе животот. Не можел да се соочи со помислата Ана да умре, а тој да остена жив.
И двајцата оздравуваат и одат на патување низ Европа.
Вронски ја разбира Ана, ја сфаќа нејзината голема жртва, целосно ѝ е посветен, но откако ќе настапи нејзината болна љубомора тој ќе се почувствува премногу задушен. Се обидува мирно да разговара, да ги истрпи нејзините нервозни сцени, ќе се труди да не ја навреди и на крај мислејќи дека се обидел да направи сѐ, ќе почне да ја игнорира. Но, токму тоа необрнување внимание и излегувањата од инает уште повеќе ќе ја разгорат љубомората и душевната криза на Ана.
Двајцата ќе изгорат во таа љубов. Ана ќе се самоубие, а тој како некој дух, ќе се пријави како доброволец во војна од која се надева дека нема да се врати жив.
Ликот на Алексеј Каренин
Каренин е вреден, одговорен, посветен на работата, стабилен човек. Тој не ја избегнал женидбата, иако можел бидејќи бил на висока положба. Тој ѝ ги посветил сите чувства на жена си – онолку колку што бил способен. За него семејството е светост, па за да го зачува угледот на семејството подготвен е да ѝ ја прости на Ана нејзината љубовна афера. Смирено и разумно тој ѝ ги образложува на Ана последиците на нејзината афера. Секогаш е подготвен да премолчи, но кога Ана го напаѓа тој умее да ѝ врати со иста мерка. Иако делува мрачно, затворено, нечувствително, сепак не е така. Тој неколкупати сака да ѝ прости на Ана, да ја разбере, а на крајот тој ќе ја покаже целата своја топлина посвојувајќи го малото бебе Ана.
Во суштина, Каренин е несреќен човек. Тој и Ана ја направил несреќна, но не по своја волја.