Почетна » светска литература » реализам » Николај Василевич Гогољ

Николај Василевич Гогољ

Животот на Гогољ (1809 – 1852)

 

Николај Василевич Гогољ (заедно со Пушкин) е зачетник на рускиот реализам.

Уште како гимназијалец започнал со пишување поезија, но театарот и глумата го заинтересирале уште повеќе.

По гимназијата отишол во Санкт Петербург каде се вработил како чиновник, но младоста и ведрината на неговиот дух не му дозволиле да остане на тоа работно место. Се запознал и почнал да се дружи со Пушкин и така влегува во највисоките книжевни кругови.

Почнал да предава историја во Патриотскиот институт, но таму не се покажал во најдобро светло, зашто тој во меѓувреме целосно ѝ се посветил на литературата и творештвото.

Во тоа време внесува ведрина и хумор во своите дела, како и критика на општеството.

Пишува збирки раскази и драмата „Ревизор“ која доживеала успех, но и силни критики. Заради тоа решил да ја напушти Русија и да патува по Европа, каде речиси десет години останал во Рим. Наредната година ужасно го потресла ненадејната смрт на неговиот пријател Пушкин, па западнал во некое религиозно расположение.

Го завршил и објавил романот „Мртви души“ со кој предизвикал општествени бранувања. Запаѓајќи во сѐ поголема душевна криза тој дури двапати ќе ги изгори продолженијата на романот.

До крајот на својот живот сѐ повеќе паѓал во религиозни заноси, бил на поклонение во Палестина, а починал во февруари 1852 година.

 

Творештвото на Гогољ

 

Делото на Гогољ ја започнува новата творечка епоха во историјата на руската литература. Тој прв, со јасен и вистински реалистичен метод приоѓа кон книжевно обликување на суштинските појави на современото руско општество. Тој дава уметничка и социјалнокритичка слика на општествените, политичките и моралните зла со кои се карактеризирала таа реалност.

Токму затоа, идните руски реалисти ќе речат: Сите ние излеговме од под шинелот на Гогољ“. (Мислејќи на неговиот расказ „Шинел“.)

 

Најпознати дела на Гогољ се:

„Вечери во селцето крај Диканка“ (збирка раскази) (1831–1832)

„Арабески“ (збирка раскази) (1835)

„Миргород“ (збирка раскази) (1835)

„Тарас Буљба“ (новела) (1835)

„Женидба“ (комедија) (1835)

„Ревизор“ (комедија) (1836)

„Мртви души“ (роман) (1842)

„Петроградски раскази“ (збирка раскази) (1843)

 

Во збирката „Петроградски раскази“ всушност влегуваат трите расказа од збирката „Арабески“ плус расказите „Нос“ и „Шинел“. Издавачите го прават овој склоп раскази групирајќи ги во посебна збирка според нивните фантастични мотиви.

 

Прочитај повеќе за расказот „Нос“

 

Прочитај повеќе за расказот „Шинел“

Scroll to Top