„Нос“ од Гогољ

Во збирката „Петроградски раскази“ (1843) од рускиот реалист Гогољ, покрај трите расказа од збирката „Арабески“ влегуваат и расказите „Нос“ и „Шинел“.

 

Нос

 

Нос е сатиричен расказ кој оди до гротеска и апсурд во прикажувањето на ликовите и ситуациите во кои се наоѓаат.

Преку детални реалистични прикази со фантастични и мистични елементи, Гогољ успева многу суптилно, силно да го критикува руското општество. Преку горчлив хумор и иронија укажува на бесмислените општествени положби, титули и воопшто на пресериозното гледање на себеси и својот статус во општеството.

 

Содржина

 

Расказот започнува со берберот Иван Јаковљевич кој во својот доручек, во средината на топлото лепче пронаоѓа нос. Носот бил на неговиот муштерија Коваљов.

Исплашен дека ќе биде обвинет и затворен тој излегува од домот за некаде незабележано да го фрли носот. По неколку обиди успева да го фрли во реката Нева. Но, забележан е од еден полицаец, пред кого го покажува својот страв и покорност. Се обидува и да го поткупи со бесплатно бричење, но во духот на сатиричната Гогољева критика, дознаваме дека него веќе неколкумина бесплатно го бричат.

 

Описот на берберот Иван Јаковљевич е ваков:

 

„Иван Јаковљевич, како и секој честит руски мајстор, беше страшна пијаница. Па иако секој ден бричеше туѓи бради, неговата сопствена беше секогаш неизбричена. Фракот на Иван Јаковљевиќ (тој никогаш не носеше капут) беше шарен, то ест беше црн, но сиот со костенливожолтеникави и сиви дамки, околувратникот му светкаше, а наместо три копчиња, му висеа само три кончиња.

Иван Јаковљевич беше голем циник, и кога колешкиот асесор Коваљов, за време на бричењето вообичаено ќе му кажеше: „Тебе, Иван Јаковљевич, рацете секогаш ти смрдат!“ – Иван Јаковљевич на тоа ќе одговореше со прашање: „А од што би можеле да ми смрдат?“ – „Не знам братче, просто ти смрдат“ ќе кажеше колешкиот асесор. А Иван Јаковљевич за да го казни, шмркнувајќи бурмут, го мачкаше со сапун по лицето, и по носот, и зад ушите, и под брадата – со еден збор, каде ќе му се присакаше.“

.

Во истовреме, кога се буди колешкиот асесор (мајорот) Коваљов, сакајќи да си ја види акната на носот, сфаќа дека нема нос. Посрамен и обезличен, покривајќи го празното место на лицето, тој се упатува во потрага по носот.

На улица го среќава својот нос како се вози во богата кочија, влегува во црква и има униформа на висок службеник. Иако е тоа неговиот нос, заради повисокиот чин Коваљов со понизност му се обраќа. Носот не го ни заслушува, си ја врши својата работа, влегува во кочијата и си заминува.

Коваљов разочаран, избегнувајќи ги сите луѓе по улиците, се упатува во полициската станица да го пријави исчезнатиот нос.

Таму не завршил работа, па отишол да објави оглас во еден весник дека е загубен нос. Службеникот на весникот не сака да го направи тоа за со таков оглас да не го наруши угледот на весникот. За да го утеши малку, му подава на Коваљов да шмркне од неговиот тутун (што секако е навреда – бидејќи Коваљов нема со што да шмркне).

Очајниот Коваљов потоа оди кај началникот на полицијата, но било време за попладневна дремка и тој го прима многу нељубезно обвинувајќи го дека да е тој во ред, носот не би му избегал.

Исцрпениот Коваљов се вратил дома и размислувал за причините за исчезнувањето на носот. Вечерта дошол полициски службеник и завиткан во парталче му го донел носот. Му објаснил дека го фатиле носот со лажен пасош и лажно име како сакал да избега.

Сега проблемот бил како да го „залепи“ носот назад на своето лице. По неуспешните обиди повикал доктор, кој исто така не успеал да ја среди работата.

Утредента, кога се разбудил, носот си бил назад на своето место.

 

Анализа

 

Неверојатното исчезнување на носот од лицето на службеникот Коваљов, неверојатната независност на овој дел од телото во заплетот на расказот, симболично ја отсликува состојбата на општеството во тоа време.

Станува јасен фактот дека статусот на една личност е многу позначаен од самата личност. Луѓето се зависни од стереотипите, моделите на однесување и нормите прифатени во општеството. Во вакво опкружување, секој апсурден предмет може да добие повеќе привилегии ако има посебен статус и тој статус станува поважен од личноста.

Така, низ призмата на фантастични инциденти, Николај Василевич Гогољ на шега укажува на многуте реални проблеми во општеството.

 

Scroll to Top