Почетна » пишување и читање » есеј » Пример за пишување писмена работа

Пример за пишување писмена работа

На темата: Социјалните мотиви во делата на македонските драматурзи меѓу двете светски војни – ќе дадеме пример за пишување писмена работа

Времето за изработка на писмената работа од 45 минути нè ограничува, па затоа мора сконцентрирано да се насочиме кон:
  1. големината на текстот (од 300 до 350 збора);
  2. одговарање на темата (да внимаваме да не ја промашиме темата и да не раскажуваме непотребно);
  3. да поставиме од 3 до 4 прашања (тези) на кои ќе одговориме;
  4. да ги заокружиме во целина. 
На пример, темата нека биде: 
Социјалните мотиви во делата на македонските драматурзи меѓу двете светски војни
Бидејќи на оваа тема има многу да се пишува, мора да се сконцентрираме само на некои аспекти – тези што ќе ги поставиме, а потоа ќе ги одбраниме. Најдобро е прво да си направиме концепт, односно во точки да си направиме насока кои ќе бидат прашањата што ќе ги обработуваме; на пример:
  1. застапеноста на овој мотив во драмите;
  2. односот на авторот (и читателот) кон сиромашните;
  3. односите меѓу богатите и сиромашните;
  4. исходот во драмите за сиромашните.
Поставените тези треба да ги зачнеме во воведот на текстот, односно на некој начин да кажеме што ќе пишуваме во разработката. Кога веќе сме си ги поставиле прашањата, лесно е тоа да го склопиме во реченици:
А. Вовед:
    Во драмите на македонските автори меѓу двете светски војни најчесто застапуван мотив е социјалниот. Симпатиите на читателот секогаш се насочени кон сиромашните, но, за жал, крајниот исход не е секогаш позитивен за нив.
И толку е доволно во воведот – кажано е дека социјалниот мотив го има секаде и каква е настроеноста на авторот и читателот, па дури е спомнат и завршетокот – дека сиромашните не поминуваат секогаш среќно.
Б. Во разработката ќе обработуваме теза по теза, со повеќе образложувања:
  1. застапеноста на мотивот – каде, како, колку и зошто?
  2. конкретни примери од драмите за односите меѓу богатите и сиромашните – што ќе ја поткрепат нашата теза дека авторот и читателот со симпатии гледаат на сиромашните;
  3. каква е судбината на сиромашните, како тие завршуваат на крајот.
Разработка:
Мотивот на сиромаштијата, најголемата мака на Македонецот е проткаена во сите драми. Во „Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски односот меѓу богатите и сиромашните е поставен така што богатиот чорбаџија е исмеан, неговиот лик е искарикиран, а сиромашните се симпатични, добри, итри, вредни. Арсо, претставникот од народот е паметниот кој сакајќи да си го зачува лозјето, успева со итрина целосно да го омаловажи „големиот“ Теодос, да му го „намести“ кумството и на крајот сепак да воспостави некаков баланс со тоа што ќе го ослободи него од сите обврски, но се ќе префрли врз неговиот син Томче. Патем, Арсо ќе успее да ја заврши среќно и недозволената љубов меѓу богатиот Томче и сиромашната Стојанка. Во драмата се среќно завршува за сиромашните, што е редок случај. Не толку убав крај има драмата „Печалбари“ од Антон Панов. Лихварот Јордан, за кого парите се се во животот го присилува сиромашниот Костадин да оди на печалба за да му го врати долгот од женачаката со Симка. Иако Костадин е вреден, чесен, работлив, со напредни идеи, човек кој смета дека со пари љубовта не се купува, дека парите не се се во животот; тој сепак настрадува заради алчноста на богатите. Умира на печалба, не успевајќи да си го види синот никогаш, не успевајќи да живее среќно со неговата љубов, во неговата земја. Сепак, во драмата на Ристо Крле „Парите се отепувачка“ проклетството на сиромаштијата доаѓа до својата кулминација. Таа доведува до невидено злосторство – убиство, и тоа на сопствениот син.
В. Завршниот дел треба да содржи сумирање на претходно кажаното, заклучок на нашите тврдења.
Завршен дел:
Односот меѓу богатите и сиромашните е мотив обработуван од многу автори и низ целата историја на човештвото. Тој, како главен мотив е застапен и во нашето творештво меѓу двете светски војни, реално прикажан, со определени симпатии кон сиромашните, но и со претставување на нивната црна судбина.
*Овој текст има 322 збора, три дела – вовед, разработка и завршен дел и при одговор на поставените тези се опфатени кратки сумирања од трите драми во врска со односот богати-сиромашни.

Учениците можат да напишат многу поубав текст од овој, но ова е само една насока, пример, за оние на коишто потешко им оди пишувањето.Напишано од Билјана Богданоска

Scroll to Top