Инспирација за создавањето на „Божестената комедија“ на Данте му дала љубовта кон Беатриче која сакал да ја овековечи, а успеал заради својата широка наобразба, животното искуство, политичките борби во кои бил директно вклучен, доброто познавање на филозофијата итн.
„Божествената комедија“ е религиозно-филозофски еп.
Композициски „Божествената комедија“ се состои од 3 дела:
„Пекол“, „Чистилиште“ и „Рај“.
Секој дел се состои од 33 песни од строфи со по 3 стиха (терцини), а заедно со воведната песна сочинуваат 100 песни.
Освен бројот 3 кој игра посебна улога како христијански симбол (Отецот, Синот и Светиот дух – светото тројство), застапен е и бројот 9 (3 х 3) во истата улога. Во сите три дела има: 9 круга во пеколот, 9 степени на усовршување во чистилиштето и 9 неба во рајот. Бројот на стихови во сите три дела е еднаков и сите завршуваат со зборот ѕвезда.
Прочитај ја анализата на Воведната песна.
Воведната песна е првата од стоте песни во епот:
Воведна песна
На средина од мојот живот земен
го изгубив јас така својот пат:
се најдов в шума сам, сред густеж темен.
А таа шума, дива, чуден кат,
зарастена во трње, в буеж сета,
сред срце раѓа спомен, страв и лад.
Погорчлива одвај е смртта клета!
Но, за блаженството што сум го пил,
ќе раскажам за сè што таму сретнав.
А како, кога патот ми се скрил,
јас не знам, ништо не можам да речам:
Од сонот мора пијан да сум бил.
Подножјето штом почнав да го сечам,
во срцето го сетив стравот сал,
и пред да почнам по рид да се влечам.
Јас кренав поглед, видов: сонце-ал
огреало во таа рана зора
врз плеќите на ридот стрмен мал.
Па здивна душа, иако бев в гора…
А стравот, што во крвта стана мраз
во ноќта, – сетив како топи кора.
И како патник што во еден час
– од бура спасен – гледа в далги бесни
со кои водел бој за својот спас, –
се запре духов мој. Врз спили тесни,
од кои демне само грозна смрт
а човек стапна, – кренав очи лесни.
Одвај од снага фрлив камен тврд
и штом на стравот крајот му го видов
– зачекорив по пуст и стрмен срт.
Сал чекор-два: одненадеж под ридот
се јави пантер: шарен, стрвост полн;
а брз, и не ме испушта од видот…
Од пред очи не се мавна тој, зол.
Ми пречеше, на патот ми се згоди.
Многупати си реков: назад в дол!
Се зореше. И сонцето се роди,
капејќи ѕвезди ко во денот прв,
во кој за првпат почна да ги води
со божја љубов, за да стигнат врв.
Тој нежен час, и она мило цвеќе,
ми влеа надеж: ѕверон, жеден крв,
не ме следи со стрвост таква веќе!
За кратко. Одеднаш во овој крај
се најде лав: ми пројде сета среќа!
Пак страв сред срце почна да се таи.
Од гладот мачен – поглед див ме сретна
и воздухот се стресе и се стаи.
„И волчица“! – Во умов мисла летна.
Исушена од злоба и од жед,
јас видов кога в очи жар и светна.
А расплакал и тој ѕвер многу свет.
Во мене поглед страшно беше впила.
Да тргнам горе смелост собрав, клет,
но ниту надеж остана, ни сила.
Ко трговец што чука глава в ѕид
(галијата ја скрши морска спила!)
се мрачи сè пред очниот му вид, –
ме стресе така ѕверон и ме столчи,
следејќи ме од оној стрмен рид
во катон кај што сонцето си молчи.
Бегајќи јас низ рид пред ѕвера три,
пред Лав, пред Пантер и пред поглед волчи,
– пред мене човек никна чии дни
изгаснале пред не знам колку века.
„Смилувај се, па кои и да си ти,
– му викнав, – призрак или човек некој!“
„Јас не сум жив, но бев. – Чув слаб глас мек, –
од Мантова, од познат род на секој,
Ломбардиец, од оној славен век
Sub Julio et Август, кога светов,
тој век, на лажни божества бил век.
Поет јас бев. Во песни јас го сплетов
на Анзис синот, којшто Илион
го напушти сред чад со срце клето.
Што се враќаш при маките со стон
и не врвиш по ридот?“ – Потем рече:
„На радост извор, причина е он“.
„Вергилиј, ти си? Оној певец вечен
од чие срце блика извор стар
од речитост!“ – И сетив: срам ме пече.
„За кој поет ти не си светлост, жар?
За мојта љубов спрема твојте стихој
– награди ме и подај рака бар!
Ги учев нив и минел живот тихо,
Па ако стилот мој и внушил сласт
– заслугата е твоја и на твојте стихој.
Ме врати, гледај, оној ѕвер тој час.
О, мудар мажу: в гради срце зајде,
ми мрзнат жили, сам во нивна власт“.
„За спас од злото диво што те снајде
– Вергилиј рече штом ме виде блед –
по друг пат тргни, таму спас ќе најдеш.
Тој ѕвер што сторил маж од тебе клет
не остава да стапнат луѓе живи,
до смрт ги гони тој во овој свет.
По жртви кутри искрат очи диви
и нова крв му мами дрско стрв
што само уште повеќе го здиви.
Со други ѕверки тој се пцука прв.
Соблазнува. Но тука ќе се стори
нов пес, од волкот што ќе локне крв.
За пари, земја нема да се бори;
се храни тој со мудрост, занес врел,
и меѓу Фелтра два свој дом ќе твори.
Ќе светне над Италија ден бел
(за која падна невина Камила,
Евријал, Низ и Турн, тој пород смел).
Тој ѕверов ќе го прогони со сила
сè дури не го врати среде Ал
од кај што завист водач прв му била.
Би било добро ти, по перо брат,
да тргнеш по мене, а не да стоиш:
ќе видиш така еден вечен кат.
Длабочини ќе минеме, во кои
ќе чуеш само очај, горчлив плач,
и кај што духот горд за злини свои
во смртта нова сега бара слач.
Не едне, ти ќе видиш, што се бори
со надеж: в оган бара светол лач!
Ќе посакаш ли да се качиш горе
– подостојна ќе дојде душа, знам,
со која ќе те пуштам таму в зори.
Јас – дотаму. Бидејќи Царот сам
не ги пушта во градот Негов тие
што со мене се. Не знам божји храм.
А Кралството во тој кат Му се крие,
палатите и власта, тронот свет…
Кој одбран е тој блаженство ќе пие!“
„Поете, – реков, – гледаш, твој сум сет!
Но, жити бога (којшто не те сака)
избави ме од злото, мене клет:
доведи ме до таа светлост јака
пред портите на Свети Петар сед
и кај што души трпат јад и мака!“
Тој тргна тихо. И јас тргнав блед.