Почетна » светска литература » ренесанса » „ Хамлет “ од Шекспир (раскажана)

„ Хамлет “ од Шекспир (раскажана)

Има ли на светот попозната реплика од Хамлетовата:
„To be or not to be“ (да се биде или не) — прашање е сега?

„Хамлет“ е трагедија, врвно дело на англиската и светската литература.
Темата во драмата е опседнатоста на данскиот принц Хамлет со идејата да се одмазди за смртта (убиството) на својот татко. Иако основната тема е одмаздата, во драмата се проткаени и многу други мотиви: убиството на близок човек, љубовта, приврзаноста, предавството, семејството, општеството, односите родители-деца итн.
Идејата е пронаоѓање излез од сопствената безизлезност, борбата на човекот против неправдите, лицемерието, предавството меѓу блиските и во општеството.
Композициски трагедијата е составена од пет чина, како античката трагедија, со сите пет елементи: експозиција, заплет, кулминација, перипетија и расплет.

Прочитај повеќе за Вилијам Шекспир.

 

Содржина на „Хамлет“

 

1 чин – експозиција

На почетокот од драмата се претставени ѕидините на замокот Елсинор на кој стражарите (ХОРАЦИЈ, МАРСЕЛ, БЕРНАРДО, ФРАНЦИСКО) веќе неколку ноќи забележуваат дух (призрак) кој им наликува на починатиот крал (таткото на Хамлет). Тие се вознемирени и иако се плашат, сепак се обидуваат да зборуваат со него, но тој ги одбива.

Младиот принц Хамлет, присуствува на венчавката на неговата мајка, КРАЛИЦАТА ГЕРТРУДА со неговиот чичко КЛАВДИЈ (брат на татко му). Таа венчавка Хамлет не можел да ја оправда, бидејќи ја сметал за инцест (љубовни односи меѓу блиски роднини), мајка му му станала и стрина.

Од друга страна е претставено и семејството на ПОЛОНИЈ, главниот државен секретар, неговиот син ЛАЕРТ и ќерката ОФЕЛИЈА. Таа им кажува на татка си и брата си за љубовта која ја чувствува кон ХАМЛЕТ, а и за неговата љубов кон неа која ја смета за чиста, искрена и голема. Тие ја предупредуваат да не им верува многу во празните зборови штом не се поткрепени со понуда за брак, и дека ХАМЛЕТ поради неговото кралско потекло, можеби не би можел самиот да си избере жена. Односно, неговата жена нема да ја избира само тој, туку и целата Данска.

Потоа ЛАЕРТ заминува за Франција.

Пријателите на ХАМЛЕТ (стражарите) го повикуваат да се сретне со духот на починатиот татко, кралот на Данска, кој веројатно само со него сака да разговара.

Таткото (духот) му кажува на ХАМЛЕТ дека не умрел од природна смрт, туку дека неговиот брат му ставил отров во увото додека спиел во градината, а потоа излажал дека го каснала змија. Негова цел била да се ожени со снаата и така да стане нов крал на Данска.

Ова сознание многу го потресува ХАМЛЕТ и затоа тој решава да се одмазди за убиството на својот родител. Врз ова се темели судирот на ХАМЛЕТ со омразениот нов крал КЛАВДИЈ – неговиот чичко и неверната кралица – мајка му ГЕРТРУДА.

 

2 чин – заплет

 

Заплетот започнува со неочекуваното „полудување“ на ХАМЛЕТ. Тој многу уверливо се преправа дека полудел за да може да ја дознае вистината. ХАМЛЕТ верувал во зборовите на призракот (духот), но немал никаков материјален доказ дека татко му е убиен.
Односот кон ОФЕЛИЈА сосема го менува. Се појавува пред неа распарталавен, нечист и со налудничав поглед.

Веста за променетото однесување на ХАМЛЕТ доаѓа до кралот. Тој се сомнева, па ги ангажира Розенкранц и Гилденстерн (поранешни колеги-студенти на Хамлет) да ја испитаат вистинитоста на лудилото.

ПОЛОНИЈ им докажува на кралицата и кралот дека причината за лудилото на ХАМЛЕТ е љубовта кон ОФЕЛИЈА за која сметал дека не му била возвратена.

ХАМЛЕТ затскриен зад превезот на лудилото на сите в лице им ја кажува вистината и нивните недостатоци.

Во дворецот доаѓа театарска група со која Хамлет се договара каква претстава да одиграат, а самиот додава текст за да му се вклопи во планот кој го смислил.

Прочитај повеќе за ликот на Хамлет.

 

3 чин – кулминација

 

Пред да се разрешат сите дилеми, пред почетокот на крајот, ХАМЛЕТ го кажува својот најпознат монолог:

ХАМЛЕТ

Да бидеш или да не бидеш ти —
Еве во што е прашањето сега.
Без ропот, молкум да го трпиш срамот
И сите стрели на судбата дива,
Или пак да се противставиш гневно,
Да станеш веднаш, да победиш в борба
Или да паднеш? Да умреш. Да спиеш.
Да знаеш дека ќе ја скинеш така
Нишката на безброј лишувања, маки
На ова тело. Тоа ли е целта?
Да умреш. Да сонуваш. Да спиеш.
Да гледаш сништа? Да, тука е јазлот.
Но што ќе сониш во смртниот сон
Пред ова земно одмотано клопче?
О, еве што го продолжува векот
На сите наши несреќи и беди.
Та кој би трпел подбивања, лаги
Измислени дела и заслуги лажни,
Гадости долни, преправања, хули,
И празни глави и глупи величија,
И тешка болка на презрена љубов,
Кога се може просто да се реши
Со еден замав и удар на ножот?…

 

Заплетот достигнува кулминација кога КЛАВДИЈ ја гледа претставата во која на заспаниот крал му ставаат отров во увото, исто како што тој му направил на својот брат. Му се слошува од сцената и излегува, а за ХАМЛЕТ тоа е доказ за вистинитоста на убиството.

КЛАВДИЈ станува свесен дека ХАМЛЕТ сака да се одмазди и веднаш почнува да подготвува нов заговор.
Врвна точка е моментот кога ХАМЛЕТ додека бил во собата на својата мајка забележал дека некој се крие зад завесата. Мислејќи дека е тоа КЛАВДИЈ, го прободел со меч. Но, тоа бил ПОЛОНИЈ, таткото на ОФЕЛИЈА. Во разговорот со мајка си ХАМЛЕТ ја истура сета своја горчина. Ја обвинува за прељубата, за изневерувањето на кралот, но и на него како наследник, па и на целата држава. Врз неа го фрла и гревот за убиството.

ХАМЛЕТ

Но, мајко, дојдов, со што можам да ве услужам?

КРАЛИЦАТА

Зошто го навредуваш татко ти, Хамлете?

ХАМЛЕТ

Зошто го навредивте татко ми, мајко?
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .

КРАЛИЦАТА

Дали ме помниш и знаеш ли што сум?

ХАМЛЕТ

Ве помнам добро кралицата сте вие
Во брак со брат му на вашиот маж
И моја мајка, за несреќа моја
.
КРАЛИЦАТА

Но тогаш други со тебе ќе зборат!

ХАМЛЕТ

Од ова место нема да ве пуштам.
Седнете. Ќе ставам огледало пред вас
За да го видам мајчиниот лик.

КРАЛИЦАТА

Што сакаш? Бегај! Ти убиство спремаш.
Истај се! Помош!

ПОЛОНИЈ

(зад завесата)
Еј, стражари, помош!

ХАМЛЕТ

(го вади мечот)
Ах, овде значи и стаорци сноват!
(ја прободува завесата)

ПОЛОНИЈ

(Зад завесата)
Ме уби! (Паѓа и умира)

КРАЛИЦАТА

Боже, што направи син ми.

ХАМЛЕТ

Да не е кралот? Навистина не знам.

КРАЛИЦАТА

Колку си жесток! Каков крвав злочин!

ХАМЛЕТ

Ко оној, мајко: убиј го кралот
За да се мажиш за брата му после.

 

4 чин – перипетија (пресврт)

 

Кралот КЛАВДИЈ по убиството на ПОЛОНИЈ сфаќа дека му се заканува убиство, па затоа го испраќа ХАМЛЕТ во Англија со неговите придружници, Розенкранц и Гилденстерн, да му дадат на англискиот крал писмо во кое пишува да го убијат ХАМЛЕТ. Тој знае дека КЛАВДИЈ сака да се ослободи од него, доаѓа до писмото и ја менува неговата содржина пишувајќи да се убијат придружниците. Свесен е дека мора да преземе иницијатива ако сака да го одмазди таткото и да ја задоволи правдата.
ЛАЕРТ, братот на ОФЕЛИЈА се враќа од Франција откако разбрира за смртта на татка си ПОЛОНИЈ. Тој е подготвен да се одмазди и својот гнев го насочува кон КЛАВДИЈ кој тајно и без почести го закопал ПОЛОНИЈ.
КЛАВДИЈ го искористува гневот на ЛАЕРТ и му кажува кој е убиецот за да ја пренасочи омразата и вината кон ХАМЛЕТ.
5 чин – расплет

 

ХАМЛЕТ се враќа од Англија токму кога на гробиштата се одвива тајниот погреб на ОФЕЛИЈА која се самоубила (се удавила). Тој му раскажува на својот единствен близок пријател во кој се уште има доверба, ХОРАЦИЈ, што се се случило и кои се неговите намери.
По смртта на ОФЕЛИЈА омразата на ЛАЕРТ кон ХАМЛЕТ уште повеќе расте, затоа КЛАВДИЈ лесно го наговорува да го предизвика ХАМЛЕТ на двобој. За одмаздата и смртта на ХАМЛЕТ да бидат сигурни тие се договараат мечот да го премачкаат со отров, а ако сепак ХАМЛЕТ се спаси во двобојот, КЛАВДИЈ ќе му даде пехар со вино во кое ќе стави отров.

Во двобојот ХАМЛЕТ е гребнат со отровниот меч и налутен му го одзема на ЛАЕРТ и со него го ранува. Мајката вознемирена го зема пехарот со отровното вино и се напива од него. ЛАЕРТ му кажува на ХАМЛЕТ дека иако раната му е мала, таа ќе биде доволна да го усмрти поради отровниот меч. Разгневен, ХАМЛЕТ со истиот меч го прободува КЛАВДИЈ.

Така, многу крваво завршува историјата на семејството и нивното владеење. Но, за правдата да биде целосно задоволена, последните зборови на ХАМЛЕТ се назначувањето на Фортинбрас за наследник на престолот.
(Уште таткото на Хамлет неправедно го презел престолот, па затоа сега Хамлет го враќа.)

 

6 thoughts on “„ Хамлет “ од Шекспир (раскажана)”

  1. wooooooooooooooohhhhh i mene me spasi ova posleden den pred da ja obrabotuvam xD fala mnoguuuuuuu

  2. Mногу ви благодарам..Утре имам писмена за оваа тема..

Comments are closed.

Scroll to Top